Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Најскапоценото наследство што постои

Најскапоценото наследство што постои

Најскапоценото наследство што постои

КОН крајот на својот живот, остарениот апостол Јован напишал: „Јас немам поголема причина за благодарност отколку овие работи, да чујам дека моите деца и понатаму одат во вистината“ (3. Јованово 4).

Верниот апостол се осврнал на своите деца во духовна смисла. Меѓутоа, многу родители ќе ги повторат зборовите на апостолот. Тие напорно работеле на тоа да ги подигаат своите деца „во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ и сега се радуваат кога ги гледаат своите возрасни деца како „одат во вистината“ (Ефешаните 6:4). Всушност, да се поучат децата на патот кон вечен живот значи да им се даде најскапоценото наследство што постои. Тоа е така затоа што побожната оддаденост, која вклучува да се живее онака како што Јехова сака да живеат христијаните, „има ветување за сегашниот живот и за оној кој ќе дојде“ (1. Тимотеј 4:8).

Јехова, совршениот Татко, многу ги цени побожните родители кои вистински се трудат да им дадат духовно образование на своите деца. Кога поволно се оѕвиваат, децата наоѓаат голема радост во тоа што го следат вистинското обожавање заедно со своите родители. Како што созреваат, овие деца си собираат пријатни спомени од таквите искуства. Некои со радост се сеќаваат на првиот пат кога учествувале во Теократската школа за служба. * Или можеби си спомнуваат за времето кога со еден од своите родители првпат можеле да прочитаат библиски стих во службата од куќа до куќа. Како би можеле да заборават на времето кога ги слушале своите родители како им читаат од Моја книга со библиски приказни или од Да се слуша Големиот Учител? * Габриел се сеќава на нешто што многу го сакал: „Кога имав околу четири години, секој ден додека готвеше мајка ми ми пееше. Сѐ уште се сеќавам со длабоки чувства на една песна за Царството. Подоцна, таа песна ми помогна да сфатам колку е важна службата за Јехова“. Можеби и ти се сеќаваш на убавата песна на која мисли Габриел. Тоа е песната број 157 од песнарката Пејте му фалби на Јехова, со наслов „Обожавај го Јехова во младоста“.

Песната почнува: „Детската уста разнесува глас,/фалба и поздрав на Творецот наш“. Навистина, имало деца кои имале предност да се дружат со Исус, и тие веројатно го радувале со своето освежувачко, искрено однесување. Исус дури и ја употребил спремноста на малите деца да бидат поучени како пример што неговите следбеници треба да го имитираат (Матеј 18:3, 4). Според тоа, децата имаат соодветно место во обожавањето на Јехова. Всушност, зборовите на песната продолжуваат: „Бог го величаат и младите“.

Со нивното примерно однесување — дома, на училиште и на други места — многу деца му донеле чест на Бог и на своето семејство. Колкав само благослов е за нив што имаат христијански родители чија „должност е: покорни да се на Бог во сѐ“ (Второзаконие 6:7). Побожните родители заземаат став на страната на Бог, кој како љубезен Татко, ги поучува своите созданија да одат по патеката по која треба да одат. И колкав само благослов добиваат! Додека тие, од своја страна, ги поучуваат младите од своето семејство, колку само се воодушевени што имаат деца кои ги исполнуваат зборовите: „слушајте ги нив, голема радост им носите ним“ (Исаија 48:17, 18). Анхелика, која моментално служи во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Мексико, вели: „Моите родители секогаш правеа напори да ги применат на дело библиските начела. Поради тоа, моето детство беше многу убаво. Бев среќна“.

Таквите христијани се согласуваат дека вреди добро да се води грижа за духовното наследство. Можеби си младинец кој е воспитуван во семејство со вистински христијански вредности. Ако е така, истата песна поттикнува: „Млади христијани трудете се“. Ќе дојде време кога ќе треба самите да донесувате одлуки, затоа сега, додека сте млади, „доверба в Бога во сѐ имајте.⁠/​Слава не барајте во овој свет“.

Ако погрешно ја ставиш славата, или популарноста, на прво место во твојот живот, сето воспитание што си го добил ќе биде залудно и можеш да си ги уништиш изгледите за во иднина. Желбата да бидеш популарен може да те наведе да станеш невнимателен. Некои завршиле дружејќи се со оние што, иако навидум се фини, па дури и привлечни, немаат никаков интерес за христијанските мерила. Тоа е илустрирано со Тара, главниот лик претставен во видео-касетата Младите прашуваат — како можам да стекнам вистински пријатели? Како Тара, секој млад христијанин кој се дружи со оние што не го ценат вистинското обожавање, порано или подоцна ќе увиди дека лошото друштво ќе ги „расипе“ добрите навики, како што вели песната. Потребни се години работа за да се стекнат добри навики, но тие можат да бидат расипани за миг.

Мора да се признае, не е лесно да се води живот на побожен страв. Сепак, како што песната понатаму продолжува, „сети се ти на Бог во младоста,/служи му во дух и во вистина“, со што ќе поставиш цврст темел за вистински успех. И „додека растеш порадосен си“. Ќе сфатиш уште повеќе дека под љубезната грижа на Јехова ништо не може да те спречи да го правиш она што е исправно во неговите очи. На тој начин ќе станеш зрел, побожен возрасен човек. Освен тоа, ако мудро ја користиш предноста на христијанското воспитание, ќе имаш прилика „Божјето срце да го веселиш ти“. Има ли за еден човек поголема привилегија од оваа? (Пословици 27:11).

Затоа, млади, никогаш не заборавајте колку е скапоцено воспитанието од Јехова и од вашите христијански родители. Нека нивната голема љубов кон вас ве поттикне да го правите она што е угодно во очите на Јехова. Како Исус Христос и верниот млад Тимотеј, ќе ги радувате вашиот небесен Татко и вашите човечки родители. А ако некогаш и самите станете родители, веројатно ќе се сложите со Анхелика, спомната претходно, која вели: „Ако некогаш имам дете, многу ќе се трудам уште на рана возраст да всадам во неговото срце љубов кон Јехова, да направам таа љубов да биде светло што ќе го води во животот“. Секако, исправната патека што води до вечен живот е најскапоценото наследство што постои!

[Фусноти]

^ пас. 4 Овој дел од библиската образовна програма што се води во собранијата на Јеховините сведоци е достапен и за младите и за старите.

^ пас. 4 Спомнатите публикации се издадени од Јеховините сведоци.