Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Нека те води живиот Бог

Нека те води живиот Бог

Нека те води живиот Бог

„Да се обратите . . . кон живиот Бог, кој го создаде небото и земјата и морето и сѐ што е во нив“ (ДЕЛА 14:15).

1, 2. Зошто е соодветно да го признаеме Јехова како „живиот Бог“?

 ОТКАКО апостол Павле и Варнава излекувале некој човек, Павле ги уверил луѓето од Листра што го виделе тоа: „И ние сме луѓе со истите слабости како и вие, и ви ја објавуваме добрата вест да се обратите од овие суетни работи кон живиот Бог, кој го создаде небото и земјата и морето и сѐ што е во нив“ (Дела 14:15).

2 Колку само е точно тоа дека Јехова е „живиот Бог“, а не некаков безживотен идол! (Еремија 10:10; 1. Солуњаните 1:9, 10). Освен тоа што самиот тој е жив, Јехова е Изворот и на нашиот живот. „Тој самиот им дава на сите живот и здив и сѐ“ (Дела 17:25). Заинтересиран е и ние да уживаме во животот, сега и во иднина. Павле додал дека Бог „не се остави без сведоштво, правејќи добро, давајќи ви дождови од небото и плодни раздобја, полнејќи ги до ситост вашите срца со храна и веселост“ (Дела 14:17).

3. Зошто можеме да имаме доверба во водството што го дава Бог?

3 Тоа што Бог е заинтересиран за нашиот живот ни дава причина да имаме доверба во неговото водство (Псалм 147:8; Матеј 5:45). Некои можеби ќе имаат поинакво мислење ако наидат на некоја библиска заповед што не ја разбираат или што им се чини дека премногу ги ограничува. Сепак, се покажало дека е мудро да се има доверба во Јеховиното водство. Да илустрираме: Дури и ако некој Израелец не го разбирал законот со кој се забранувало да се допира мртво тело, тој имал корист ако бил послушен. Прво, со својата послушност ќе станел поблизок со живиот Бог; второ, таа ќе му помогнела да избегне болести (Левит 5:2; 11:24).

4, 5. а) Какво водство во врска со крвта дал Јехова во претхристијанската ера? б) Од каде знаеме дека Божјето водство во врска со крвта ги вклучува христијаните?

4 Слично е и со Божјето водство во врска со крвта. Тој му рекол на Ное дека луѓето не треба да јадат и да пијат крв. Потоа, Бог открил во Законот дека единствената одобрена употреба на крвта е таа да се стави на жртвеникот — за простување на гревот. Со овие заповеди Бог го поставил темелот за најважната употреба на крвта — да се спасат животи преку откупот што ќе го даде Исус (Евреите 9:14). Да, кога давал водство, Бог го имал на ум нашиот живот и нашето добро. Коментирајќи за Битие 9:4, библичарот Адам Кларк од 19 век напишал: „За оваа заповед [што му била дадена на Ное] сѐ уште строго се придржуваат христијаните на Исток . . . Според законот не се јадело крв, бидејќи тој укажувал на крвта што требало да се пролее за гревот на светот; и според Евангелието не смеело да се јаде крв затоа што на неа секогаш требало да се гледа како на нешто што ја претставува крвта која била пролеана за простување на гревовите“.

5 Овој изучувач можеби се осврнувал на главното евангелие, односно добра вест, која се сосредоточува на Исус. Еден аспект од оваа добра вест е тоа дека Бог го испратил својот Син да умре за нас — да ја пролее својата крв за да можеме да имаме вечен живот (Матеј 20:28; Јован 3:16; Римјаните 5:8, 9). Со коментарот на овој изучувач била опфатена и подоцнежната заповед следбениците на Христос да се воздржуваат од крв.

6. Какви заповеди во врска со крвта им биле дадени на христијаните, и зошто?

6 Познато ти е дека Бог им дал на Израелците стотици прописи. Кога умрел Исус, неговите ученици повеќе не биле обврзани да ги држат сите тие закони (Римјаните 7:4, 6; Колошаните 2:13, 14, 17; Евреите 8:6, 13). Меѓутоа, со текот на времето, се појавило прашање во врска со една од главните обврски — обрежувањето. Дали не-Евреите што сакале да имаат корист од Христовата крв морале да се обрежуваат, покажувајќи на тој начин дека сѐ уште се под Законот? Во 49 н.е., водечкото тело на христијаните го разгледало тоа прашање (Дела, 15. поглавје). Со помош на Божјиот дух, апостолите и старешините заклучиле дека со укинувањето на Законот престанала да важи и обврската за обрежување. Сепак, извесни Божји барања останале да важат за христијаните. Во едно писмо што им било испратено на собранијата, водечкото тело напишало: „Светиот дух и ние најдовме за сходно да не ви ставаме никакво друго бреме, освен овие неопходни работи: да се воздржувате од она што е жртвувано на идоли и од крв и од удавено и од блуд. Ако се чувате внимателно од ова, ќе ви биде добро“ (Дела 15:28, 29).

7. Колку е важно христијаните ‚да се воздржуваат од крв‘?

7 Јасно, водечкото тело сметало дека ‚воздржувањето од крв‘ имало еднаква морална важност како и воздржувањето од сексуален неморал или обожавањето идоли. Ова покажува дека забраната во врска со крвта е сериозна. Христијаните што непокајнички извршуваат идолопоклонство или сексуален неморал не можат „да го наследат Божјето царство“; „делот ќе им биде . . . втората смрт“ (1. Коринќаните 6:9, 10; Откровение 21:8; 22:15). Забележи ја следнава разлика: Непочитувањето на Божјето водство во врска со светоста на крвта може да значи вечна смрт. Покажувањето почит кон Исусовата жртва може да води до вечен живот.

8. Што покажува дека раните христијани сериозно го сфатиле Божјето водство во врска со крвта?

8 На кој начин раните христијани го разбирале и го следеле Божјето водство во врска со крвта? Сети се на коментарот на Кларк: „Според Евангелието не смеело да се јаде крв затоа што на неа секогаш требало да се гледа како на нешто што ја претставува крвта која била пролеана за простување на гревовите“. Историјата потврдува дека раните христијани сериозно ја сфаќале оваа работа. Тертулијан напишал: „Помислете на оние што со лакома жед, на некоја претстава во арената, ја земаат свежата крв на злобните криминалци . . . и ја понесуваат за да ја лекуваат својата епилепсија“. Иако паганите консумирале крв, Тертулијан рекол дека христијаните „дури немаат ни крв од животни на [своите] оброци . . . На судењата на христијаните им се нудат колбаси полнети со крв. Се разбира, веќе знаете дека законот не им го дозволува тоа“. Да, и покрај заканите со смрт, христијаните не сакале да консумираат крв. Божјето водство им било многу важно.

9. Што друго било вклучено во воздржувањето од крв освен директно да не се јаде крв?

9 Некои можеби мислат дека водечкото тело едноставно сакало да каже дека христијаните не смеат да јадат или да пијат крв директно ниту, пак, да јадат неискрвавено месо или храна во која има крв. Точно е дека тоа било првото значење на заповедта што Бог му ја дал на Ное. Исто така, и одлуката што ја донеле апостолите им кажувала на христијаните ‚да се воздржуваат од удавено‘, односно од месо во кое останала крвта (Битие 9:3, 4; Дела 21:25). Меѓутоа, раните христијани знаеле дека е вклучено нешто повеќе. Понекогаш се примала крв од медицински причини. Тертулијан забележал дека некои пагани консумирале свежа крв како лек против епилепсија. А можеби крвта се користела и на други начини за да се лекуваат болести или наводно да се подобри здравјето. Значи, да се избегнува крв за христијаните значело и да не примаат крв од „медицински“ причини. Тие задржувале таков став дури и кога со тоа бил доведен во опасност нивниот живот.

Крвта како лек

10. Кои се некои начини на кои крвта се користи во медицината, и кое прашање се наметнува?

10 Денес е вообичаено да се користи крв во медицината. Првите трансфузии биле само трансфузии на полна крв, која се земала од дарител, се складирала и потоа се давала на пациент, можеби некој ранет во битка. Со текот на времето, истражувачите научиле да ја разложуваат крвта на нејзините основни состојки. Со трансфузија на тие состојки, лекарите можеле да ја распределат донираната крв на повеќе пациенти, можеби плазма на еден ранет човек и црвени крвни клетки на друг. Натамошните истражувања покажале дека некоја состојка, како што е крвната плазма, може да се преработи за да се издвојат бројни фракции, кои можеле да им се дадат на уште повеќе пациенти. Сѐ уште се прават чекори во тој правец, и се известува за нови начини на кои можат да се користат тие фракции. Како треба христијанинот да реагира на ова? Тој е цврсто решен никогаш да не прими трансфузија на крв, но неговиот лекар го тера да прими некоја од главните состојки, можеби концентрат од еритроцити. Или, пак, терапијата можеби се состои од една мала фракција издвоена од некоја состојка. Како може еден Божји слуга да донесе одлука во врска со овие прашања, имајќи на ум дека крвта е света и дека Христовата крв спасува животи во најпотполна смисла на зборот?

11. Каков медицински оправдан став во врска со крвта долго време имале Сведоците?

11 Пред повеќе децении Јеховините сведоци јасно го изнеле својот став. На пример, тие испратиле една статија до Журналот на Американското медицинско здружение (The Journal of the American Medical Association — 27 ноември 1981; препечатена во брошурата Како може крвта да ти го спаси животот?, страници 27—29). * Во таа статија имало цитати од Битие, Левит и Дела. Таму стои: „Иако во овие стихови не се користени медицински термини, Сведоците сметаат дека тие забрануваат трансфузија на полна крв, концентрати од ЦКК [црвени крвни клетки] и плазма, како и давање на БКК [бели крвни клетки] и крвни плочки“ (ревидиран превод). Во прирачникот Emergency Care од 2001, под „Состав на крвта“, стоело: „Крвта содржи неколку состојки: плазма, црвени и бели крвни клетки и крвни плочки“. Така, во склад со медицинските факти, Сведоците одбиваат трансфузија на полна крв или на која и да е од нејзините четири главни состојки.

12. а) Кој став бил изнесен во врска со фракциите добиени од главните состојки на крвта? б) Каде можат да се најдат дополнителни информации во врска со ова?

12 Во таа медицинска статија понатаму стоело: „Според религиозното сфаќање на Сведоците не е апсолутно забрането да се користат [фракции] како што се албумин, имуноглобулини и препарати за хемофилија; секој Сведок мора сам да одлучи дали ќе ги прифати“. Од 1981 се издвоени многу фракции (ситни елементи добиени од една од четирите главни состојки) кои можат да се користат за медицински цели. Затоа, Стражарска кула од 15 јуни 2000 обезбеди корисни информации на таа тема во статијата „Прашања од читателите“. За милионите наши сегашни читатели, одговорот повторно е отпечатен на страници 29—31 од ова списание. Во него се изнесени детали и логични аргументи, но ќе видите дека она што го вели сепак е во склад со основните работи изнесени во 1981.

Улогата на твојата совест

13, 14. а) Што е совест, и каква улога игра таа кога станува збор за крвта? б) Какво водство им дал Бог на Израелците во врска со јадењето месо, но кои прашања можеби се појавиле?

13 Овие информации налагаат да ја користиме совеста. Зошто? Христијаните се согласуваат со тоа дека е потребно да се следи Божјето водство, но сепак, на некои подрачја мораат да се донесуваат лични одлуки и тогаш важна улога игра совеста. Совеста е вродена способност да се одмеруваат работите и да се донесуваат одлуки, честопати за морални прашања (Римјаните 2:14, 15). Меѓутоа, ти знаеш дека совеста се разликува од човек до човек. * Библијата спомнува дека некои имаат ‚слаба совест‘, што укажува на тоа дека други имаат јака совест (1. Коринќаните 8:12). Христијаните се разликуваат во степенот до кој напредувале во спознанието за она што го вели Бог, во тоа колку мислат на неговото гледиште и колку го применуваат кога донесуваат одлуки. Ова можеме да го илустрираме со Евреите и јадењето месо.

14 Библијата јасно кажува дека човек што е послушен на Бог нема да јаде неискрвавено месо. Тоа било толку важно што дури и во вонредна состојба, кога израелските војници јаделе неискрвавено месо, биле виновни за тежок престап, односно грев (Второзаконие 12:15, 16; 1. Самоил 14:31—35). Сепак, можеби се појавиле некои прашања. Кога некој Израелец ќе убиел овца, колку брзо требало да ја исцеди нејзината крв? Дали морал да го пресече вратот на животното за да истече крвта? Дали било потребно овцата да се обеси на задните нозе? Колку долго требало да виси? Како можел да го направи тоа со голема крава? Дури и откако ќе истечела крвта, во месото можеби ќе останело малку крв. Можел ли да го јаде тоа месо? Кој требало да одлучи за ова?

15. Како реагирале некои Евреи во врска со јадењето месо, но што барал Бог?

15 Замисли си како некој ревносен Евреин се соочува со такви прашања. Можеби си мислел дека најсигурно ќе му биде да избегнува месо што се продавало на пазар, исто како што некој друг не би јадел месо ако постоело некакво сомневање дека било жртвувано на некој идол. Други Евреи можеби јаделе месо дури откако извршиле извесни ритуали за да ја исцедат крвта * (Матеј 23:23, 24). Што мислиш ти за таквите различни реакции? Освен тоа, бидејќи Бог не барал да се постапува на таков начин, дали ќе било најдобро Евреите да испратат куп прашања до некој совет од рабини за тие да донесат одлука за секое поединечно прашање? Иако во јудаизмот настанал таков обичај, можеме да бидеме среќни што Јехова не барал од вистинските обожаватели на таков начин да донесуваат одлуки во врска со крвта. Бог дал основно водство за тоа како да се колат чистите животни и да се исцедува нивната крв, но не одел подалеку од тоа (Јован 8:32).

16. Зошто христијаните може да имаат различно гледиште за тоа дали ќе прифатат инјекција на мала фракција од некоја состојка на крвта?

16 Како што е забележано во пасуси 11 и 12, Јеховините сведоци не прифаќаат трансфузија на полна крв или на нејзините четири главни состојки — плазма, црвени крвни клетки, бели крвни клетки и крвни плочки. А што е со малите фракции добиени од некоја главна состојка, како што се серумите што содржат антитела против некоја болест или против змиски отров? (Види 30. страница, 4. пасус.) Некои заклучиле дека тие ситни фракции, всушност, повеќе не се крв и затоа не се вклучени во заповедта ‚да се воздржуваме од крв‘ (Дела 15:29; 21:25; 31. страница, 1. пасус). Тоа е нивна одговорност. На други совеста им вели да одбијат сѐ што е добиено од крв (животинска или човечка), дури и најситна фракција на само една од главните состојки. * Сепак, трети можеби ќе прифатат инјекции на протеини што се присутни во плазмата како лек против некоја болест или против змиски отров, но можеби ќе одбијат други мали фракции. Освен тоа, некои препарати добиени од една од четирите главни состојки можат да бидат толку слични на функцијата на целата состојка и да извршуваат толку животоважна улога во организмот што повеќето христијани не би сакале да ги примат.

17. а) Како може нашата совест да ни помогне кога се соочуваме со прашања во врска со крвни фракции? б) Зошто донесувањето одлуки во врска со тоа е толку сериозна работа?

17 Она што го вели Библијата во врска со совеста е од помош кога донесуваме такви одлуки. Првиот чекор е да дознаеш што вели Божјата реч и да настојуваш да ја обликуваш својата совест врз основа на тоа што го вели таа. Тоа ќе ти помогне да донесуваш одлуки во склад со Божјето водство наместо да бараш некој друг да донесе одлука за тебе (Псалм 25:4, 5). Во врска со земањето крвни фракции, некои си мислеле: ‚Ова е работа на совеста, па затоа не е важно‘. Ваквото резонирање е неисправно. Ако некоја работа е оставена на совест не значи дека не е важна. Тоа може да биде многу сериозно. Една причина е тоа што може да влијае врз личности на кои совеста им налага нешто друго од она што нам ни го налага нашата совест. Ова може да се види од советот што го дал Павле во врска со месото што можеби било принесено на некој идол и подоцна било продадено на пазар. Еден христијанин треба да мисли на тоа да не ‚ја ранува совеста која е слаба‘. Ако ги спрепне другите, би можел да го повреди ‚својот брат за кого Христос умрел‘ и да згреши против Христос. Значи, иако секој лично треба да донесе одлука во врска со спорните прашања за ситни фракции на крв, тие одлуки треба да се сфатат многу сериозно (1. Коринќаните 8:8, 11—13; 10:25—31).

18. Како може еден христијанин да не дозволи неговата совест да закорави кога донесува одлуки во врска со крвта?

18 Уште еден аспект поврзан со ова нагласува колку се сериозни одлуките во врска со крвта, а тоа е како можат да влијаат тие одлуки врз тебе лично. Ако твојата библиски школувана совест би била вознемирена доколку би примил некоја мала крвна фракција, не треба да ја игнорираш. Не треба да го задушуваш гласот на твојата совест ни само затоа што некој ти вели: „Сосема е во ред да се прими ова; многу веќе примиле“. Не заборавај, милиони луѓе денес ја игнорираат својата совест и таа закоравува и им дозволува да лажат или да прават други неисправни работи без никакво чувство на вина. Христијаните воопшто не сакаат да имаат таков став (2. Самоил 24:10; 1. Тимотеј 4:1, 2).

19. На што треба првенствено да мислиме кога донесуваме одлуки за медицински прашања во врска со крвта?

19 Некаде кон крајот на одговорот што е повторно отпечатен на страници 29—31 стои: „Дали фактот што мислењата и совесните одлуки можеби се разликуваат, значи дека ова спорно прашање не е важно? Не. Сериозно е“. Тоа е така особено затоа што се работи за твојот однос со „живиот Бог“. Тој однос е единствениот што може да води до вечен живот, на темел на спасувачката моќ на Исусовата пролеана крв. Длабоко цени ја крвта поради она што Бог го прави преку неа — спасува животи. Павле со право напишал: „Немавте надеж и бевте без Бог во светот. Но вие кои некогаш бевте далеку, сега во обединетост со Христос Исус дојдовте близу преку Христовата крв“ (Ефешаните 2:12, 13).

[Фусноти]

^ пас. 11 Издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 13 Во една прилика, Павле и четворица други христијани отишле во храмот за да се исчистат церемонијално. Законот повеќе не важел, но сепак, Павле постапил во склад со советот што го дале постарите мажи во Ерусалим (Дела 21:23—25). Сепак, некои христијани можеби сметале дека не би требало да одат во храмот ниту да поминат низ таква процедура. Совеста се разликувала од човек до човек во тоа време, а истото е случај и денес.

^ пас. 15 Во Encyclopaedia Judaica се изнесени „сложени и детални“ прописи во врска со месо подготвено според еврејски верски прописи (кошер). Тие наложуваат колку минути мора да стои месото во вода, како да се исцеди крвта на штица, каква да биде солта со која ќе се истрие и потоа колку пати да се измие во студена вода.

^ пас. 16 Сѐ почесто главната или активната состојка во некои инјекции е некој рекомбиниран (синтетички) производ што не е добиен од крв. Но, во некои случаи можеби е вклучено и мало количество од некоја крвна фракција, како што е албуминот. (Види „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 1 октомври 1994.)

Можеш ли да се сетиш?

• Какво водство во врска со крвта им дал Бог на Ное, на Израелците и на христијаните?

• Во врска со крвта, што одбиваат апсолутно Јеховините сведоци?

• Во која смисла примањето мали фракции од некоја главна состојка на крвта е препуштено на совеста, но што не значи тоа?

• Кога донесуваме одлуки, зошто треба најпрво да мислиме на нашиот однос со Бог?

[Прашања]

[Табела на страница 22]

(Види во публикацијата)

ОСНОВНО ГЛЕДИШТЕ ЗА КРВТА

ПОЛНА КРВ

НЕПРИФАТЛИВО

Црвени крвни клетки

Бели крвни клетки

Крвни плочки

Плазма

ОДЛУКА НА ХРИСТИЈАНИНОТ

Фракции од црвени крвни клетки

Фракции од бели крвни клетки

Фракции од крвни плочки

Фракции од плазма

[Слика на страница 20]

Водечкото тело дошло до заклучок дека христијаните мораат ‚да се воздржуваат од крв‘

[Слика на страница 23]

Немој да ја игнорираш твојата совест ако се соочуваш со одлука во врска со некоја крвна фракција