Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Предизвикот да се воспитуваат деца денес

Предизвикот да се воспитуваат деца денес

Предизвикот да се воспитуваат деца денес

ДОЦНА навечер, сопственикот на еден ресторан се подготвува да го затвори ресторанот и да си оди дома. Тогаш влегуваат две жени и едно дете и нарачуваат јадење. Бидејќи е многу уморен, сопственикот е во искушение да им каже дека е затворено, но одлучува да ги услужи. Додека двете жени си разговараат и јадат, детето трча низ ресторанот, расфрла колачиња на подот и ги гази со нозете. Наместо да го смири, мајката на детето се смее. Кога гостите конечно си одат, преморениот сопственик мора да го расчисти нередот.

Како што веројатно знаеш, оваа вистинска случка покажува дека во многу семејства воспитувањето на децата не оди баш најдобро. Постојат различни причини за тоа. Некои родители попустливо ги оставаат децата да си тераат по свое, сметајќи дека децата треба да се подигаат во дух на слобода. Или, бидејќи нивниот живот е многу зафатен, родителите можеби не одвојуваат време за да им обрнат на своите деца внимателна грижа и да им го дадат потребното воспитание. Некои родители сметаат дека најважното нешто е школувањето на нивното дете, затоа сѐ додека детето добива добри оценки на училиште и доколку успее да се запише на некој престижен факултет, му даваат речиси неограничена слобода.

Сепак, некои велат дека вредностите на родителите и на општеството, општо земено, треба да се преиначат. Тие образложуваат дека децата се вплеткуваат во секаков вид криминал и дека насилството на училиште од ден на ден сѐ повеќе се зголемува. Затоа, еден директор на едно основно училиште во Сеул (Република Кореја) истакнал дека приоритет треба да има воспитувањето на личноста на детето. Тој рекол: „Знаење се внесува дури откако ќе се изгради добар карактер“.

Многу родители кои сакаат нивното дете да се запише на факултет и да успее во животот се глуви за гласовите на предупредување. Ако си родител, каква личност сакаш да биде твоето дете? Дали сакаш да биде човек со чувство за морал и одговорност? Човек кој е обѕирен кон другите, кој е приспособлив и кој има позитивен дух? Ако да, те молиме, разгледај ја следната статија.