Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Таа нѐ научи да ја почитуваме нејзината религија‘

‚Таа нѐ научи да ја почитуваме нејзината религија‘

‚Таа нѐ научи да ја почитуваме нејзината религија‘

ЕДНА жена, Јеховин сведок, од покраината Ровиго (Италија), дознала дека има тумор и дека состојбата ѝ е сериозна. Откако неколкупати лежела во болница, при што замолила да ја лекуваат без трансфузија на крв, сестрите од локалната служба за нега на болни од рак ѝ помагале дома.

Цврстата вера на оваа 36⁠-годишна пациентка и нејзината спремност да соработува длабоко го воодушевиле медицинскиот персонал што ја лекувал. Кратко пред таа пациентка да почине од рак, еден медицински техничар кој ја негувал го напишал во едно медицинско списание искуството со пациентката што ја нарекол Анџела.

„Анџела е полна со живот и со волја за живот. Таа е свесна за својата состојба и за нејзината тешка болест и, како што би правел и секој од нас, бара решение, лек . . . Ние, медицинските сестри и техничари, полека-полека влеговме во нејзиниот живот. Не наидовме на отпор. Напротив, поради отвореноста на Анџела сѐ беше полесно. Беше задоволство да одиме кај неа на домашна посета, зашто знаевме дека тоа ќе биде време поминато со една искрена личност и време што ќе биде од корист за сите нас . . . Веднаш сфативме дека нејзината религија ќе биде пречка во лекувањето на нејзината болест“. Неговото мислење било такво затоа што сметал дека на Анџела треба да ѝ се даде трансфузија на крв, која таа ја одбила (Дела 15:28, 29).

„Како професионалци за здравствена нега, ѝ рековме на Анџела дека не се согласуваме со нејзината одлука, но со нејзина помош, сфативме колку многу ѝ значеше животот. Исто така, сфативме колку им беше важна нејзината религија и на неа и на нејзиното семејство. Анџела не се откажа. Не ѝ се предаде на болеста. Таа е силна. Сака да живее, да се бори и да продолжи да живее. Јасно ја изрази својата решителност, својата вера. Таа има решителност каква што ние честопати немаме, вера, која кај нас лично не е толку силна . . . Анџела нѐ научи колку е важно да се почитува нејзината религија, нешто што многу се разликува од нашата професионална етика . . . Сметаме дека она на што Анџела нѐ научи е од голема важност, зашто наидуваме на секакви луѓе, секакви околности и секакви религии, и можеме да учиме од секого и да понудиме нешто на секого со кого доаѓаме во контакт.“

Потоа статијата од списанието го сврте вниманието на Правилникот за професионална етика на медицинските сестри и техничари во Италија, прифатен во 1999, во кој се вели: „Медицинската сестра, или техничар, ги извршува своите должности земајќи ги предвид религиозните, етичките и културните вредности на личноста, како и расата и полот“. Понекогаш, можеби на лекарите и на медицинските сестри и техничари им е тешко да ги почитуваат религиозните уверувања на пациентот, и човек не може а да не ги цени оние кои се спремни да го сторат тоа.

Одлуките што Јеховините сведоци ги донесуваат во врска со нивното здравје и со медицинската нега се добро промислени. Тие сериозно гледаат на она што го кажува Библијата и, како што се гледа од случајот на Анџела, тие не се фанатици (Филипјаните 4:5). Низ целиот свет, сѐ поголем број професионалци за здравствена нега се спремни да ја почитуваат совеста на нивните пациенти кои се Сведоци.