Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Бог навистина се грижи за тебе

Бог навистина се грижи за тебе

Бог навистина се грижи за тебе

СОСЕМА е нормално да го преколнуваме Бог за помош кога ни гори под нозете. На крајот на краиштата, тој „е велик и Сѐсилен, нема мерка за Неговата мудрост“ (Псалм 147:5). Тој е во најдобра положба да ни помогне да се справиме со нашите проблеми. Освен тоа, Библијата нѐ повикува да си ги ‚излееме срцата‘ пред него (Псалм 62:8). Тогаш, зошто толку многу луѓе имаат впечаток дека Бог не одговара на нивните молитви? Дали тоа значи дека тој не се грижи?

Наместо брзоплето да го обвиниш Бог дека изгледа како да е незаинтересиран, сети се на времето кога си бил дете. Кога твоите родители не ти го задоволиле веднаш секое твое барање, дали некогаш си ги обвинил дека не те сакаат? Многу деца го прават тоа. Меѓутоа, кога си станал возрасен човек, си сфатил дека љубовта се покажува на многу начини и дека да се каже ‚да‘ на сѐ што детето бара, всушност, и не е вистински израз на љубов.

Слично на тоа, ако Јехова не одговара секогаш на нашите молитви онака како што ние сакаме, тоа не значи дека нѐ игнорира. Всушност, Бог покажува дека се грижи за нас на многу начини.

„Преку него имаме живот“

Пред сѐ, благодарение на Бог „имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:28). Тоа што ни дал живот навистина покажува дека тој со љубов се грижи за нас!

Освен тоа, Јехова ни го дава она што ни е потребно за да останеме живи. Читаме: „Ти правиш да никне трева за добитокот, и зеленчук за потребите на човекот, за да вади леб од земјата“ (Псалм 104:14). Всушност, нашиот Творец прави повеќе отколку да ни ги задоволи основните животни потреби. Тој дарежливо дава „дождови од небото и плодни раздобја, полнејќи ги до ситост [нашите] срца со храна и веселост“ (Дела 14:17).

Сепак, некои можеби се прашуваат: ‚Ако Бог толку многу нѐ сака, зошто допушта да страдаме?‘ Го знаеш ли одговорот на ова прашање?

Дали Бог е виновен?

Многу од своите страдања човекот си ги нанесува самиот. На пример, опасностите од некои многу ризични активности се добро познати. Сепак, луѓето се впуштаат во сексуален неморал, злоупотребуваат алкохол и други дроги, употребуваат тутун, учествуваат во екстремни спортови, возат пребрзо и така натаму. Ако таквото ризично однесување донесе како последица страдање, кој е виновен? Бог или оној кој постапил немудро? Божјата инспирирана реч вели: „Немојте да се залажувате: со Бог нема подигрување. Зашто, што човек сее, тоа и ќе пожнее“ (Галатите 6:7).

Освен тоа, луѓето честопати се повредуваат еден со друг. Кога некоја нација ќе објави војна, сигурно дека Бог не е виновен за страдањето кое е последица од неа. Кога некој криминалец ќе нападне некого, дали Бог е виновен ако дојде до повреда или до смрт? Се разбира дека не е! Кога некој диктатор ги угнетува, ги мачи и ги убива оние што се под негова контрола, треба ли да го обвиниме Бог? Тоа би било неразумно (Проповедник 8:9).

Меѓутоа, што е со милионите луѓе кои живеат во крајна сиромаштија или кои гладуваат? Дали Бог е виновен за тоа? Не. Нашата планета ни дава повеќе од доволно храна за да се нахранат сите (Псалм 10:2, 3; 145:16). Нееднаквото распоредување на изобилството што Бог ни го дава е тоа што доведува до широко распространетиот глад и сиромаштија. А себичноста на човекот е она што спречува да се реши тој проблем.

Основната причина

Меѓутоа, кој е виновен кога некој ќе се разболи или кога некој ќе умре од старост? Ќе се изненадиш ли кога ќе дознаеш дека Бог не е виновен ни за тоа? Бог не го создал човекот да старее и да умира.

Кога првата човечка двојка, Адам и Ева, биле сместени во градината Еден, Јехова им дал изглед вечно да живеат на рајска земја. Меѓутоа, очигледно сакал земјата да биде населена со луѓе што ќе го ценат своето наследство. Затоа, ги условил нивните изгледи за вечен живот. Адам и Ева ќе живееле во Рајот сѐ додека му останеле подложни на нивниот Творец полн со љубов (Битие 2:17; 3:2, 3, 17—23).

За жал, Адам и Ева се побуниле. Ева избрала да го послуша Сатана Ѓаволот. Тој ја излажал и, во суштина, ѝ рекол дека Бог ѝ ускратува нешто добро. Така, таа тргнала по правец на независност и се обидела да ‚биде како Бога, распознавајќи го доброто и злото‘. Адам ѝ се придружил во побуната (Битие 3:5, 6).

Кога згрешиле на овој начин, Адам и Ева покажале дека не се достојни да живеат вечно. Ги искусиле катастрофалните последици од гревот. Силата и виталноста им опаднале, и на крајот умреле (Битие 5:5). Меѓутоа, нивната побуна имала многу посериозни последици. Ние сѐ уште ги трпиме последиците од гревот на Адам и Ева. Апостол Павле напишал: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Да, поради побуната на Адам и Ева, гревот и смртта се рашириле низ целата човечка раса како некоја смртоносна болест.

Најцврстиот доказ дека Бог се грижи

Дали тоа значи дека Божјата човечка творба била трајно уништена? Не, и сега доаѓаме до најцврстиот доказ дека Бог нѐ сака. По голема цена за себе, Бог го обезбедил средството за да се откупи човештвото од гревот и од смртта. Откупната цена била совршениот живот на Исус, доброволно даден во наша корист (Римјаните 3:24). Затоа, апостол Јован напишал: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Како резултат на овој извонреден чин на љубов, повторно имаме изглед да живееме вечно. Павле им напишал на Римјаните: „Преку еден чин на оправдување дојде до тоа луѓето од сите видови да бидат прогласени праведни за живот“ (Римјаните 5:18).

Можеме да бидеме сигурни дека во времето што Бог го одредил, повеќе нема да има ни страдање ни смрт на планетата Земја. Наместо тоа, ќе преовладуваат условите што се предвидени во книгата Откровение: „Гледај, Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе престојува со нив, и тие ќе бидат негови народи. И самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:3, 4). Можеби ќе речеш: ‚Јас нема да го дочекам тоа‘. Меѓутоа, факт е дека можеби и ќе го дочекаш. Но, дури и ако умреш, Бог може да те подигне од мртвите (Јован 5:28, 29). Тоа е она што Бог го наумил за нас, и тоа е она што ќе се случи. Колку е само неточно да се каже дека Бог не се грижи за луѓето!

„Приближете му се на Бог“

Утешно е да се знае дека Бог почнал со едно долгорочно, трајно решение за проблемот на човечкото страдање. Но, што е со сегашноста? Што можеме да направиме ако ни умре некој сакан или ако ни се разболи детето? Па, сѐ уште не е време за Бог да ги отстрани болеста и смртта. Библијата укажува дека ќе мораме да почекаме уште малку за да се реши тоа. Но, Бог не нѐ оставил без помош. Ученикот Јаков рекол: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). Да, нашиот Творец нѐ повикува да имаме близок однос со него, и оние што го прават тоа секогаш ќе ја чувствуваат неговата поддршка, дури и во најтешките ситуации.

Како да му се приближиме на Бог? Пред околку три милениуми, цар Давид поставил слично прашање, велејќи: „Господи [Јехова, NW] . . . који ќе се настани во Твојата Света Гора?“ (Псалм 15:1). Давид самиот си одговорил на своето прашање кога понатаму рекол: „Оној кој оди непорочно, кој твори правда и зборува вистина од своето срце; кој не клевети со својот јазик, кој не му прави зло на ближниот“ (Псалм 15:2, 3). Со други зборови, Јехова ги прифаќа оние што го следат правецот кој Адам и Ева го отфрлиле. Тој им се приближува на оние што ја вршат неговата волја (Второзаконие 6:24, 25; 1. Јованово 5:3).

Како можеме да ја вршиме Божјата волја? Мораме да научиме што е „добро и прифатливо во очите на нашиот Спасител, Бог“ и потоа да одлучиме да постапуваме во склад со тоа (1. Тимотеј 2:3). Тоа вклучува да примаме точно спознание од Божјата реч, Библијата (Јован 17:3; 2. Тимотеј 3:16, 17). Потребно е повеќе отколку само површно да се чита Библијата. Мораме да ги имитираме Евреите од Верија од првиот век кои го чуле проповедањето на Павле. За нив читаме: „Ја примија речта со најголема горливост на умот, секојдневно испитувајќи го внимателно Писмото дали е тоа така“ (Дела 17:11).

Слично и денес, темелното проучување на Библијата ја зајакнува нашата вера во Бог и ни помага да изградиме близок однос со него (Евреите 11:6). Исто така, тоа ни помага да разбереме како точно постапува Јехова со луѓето — не само краткорочните користи туку, посебно, долгорочното добро за сите оние што се исправно наклонети.

Да разгледаме како се изразиле неколкумина христијани кои имаат близок однос со Бог. „Толку многу го сакам Јехова, и има толку многу работи за кои му благодарам“, вели 16⁠-годишната Даниел. „Тој ми дал родители полни со љубов кои искрено го сакаат него и кои ме поучуваа во склад со неговата Реч.“ Еден христијанин од Уругвај пишува: „Срцето ми се прелева од благодарност, и поттикнат сум да му благодарам на Јехова за неговата незаслужена љубезност и за неговото пријателство“. Бог ги прифаќа дури и малите. Седумгодишната Габриела вели: „Го сакам Бог најмногу од сѐ на цел свет! Си имам моја Библија. Сакам да учам за Бог и за неговиот Син“.

Денес, милиони луѓе низ целиот свет од сѐ срце се согласуваат со псалмистот кој рекол: „За мене милина е да бидам во Божја близина“ (Псалм 73:28). Ним им било помогнато да се справат со проблемите со кои се соочуваат сега, и имаат сигурна надеж да живеат засекогаш во Рајот на земјата (1. Тимотеј 4:8). Зошто не си поставиш цел да му се ‚приближиш на Бог‘? Всушност, дадено ни е уверување: „Тој не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27). Да, Бог навистина се грижи за тебе!

[Слики на страница 5]

На многу начини може да се види дека Јехова се грижи за нас

[Слика на страница 7]

Дури и малите деца можат да му се приближат на Бог

[Слики на страница 7]

Денес Јехова ни помага да истраеме. Во одредено време, тој ќе ги отстрани болеста и смртта