Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Одете и правете ученици“

„Одете и правете ученици“

„Одете и правете ученици“

„Дадена ми е сета власт на небото и на земјата. Затоа одете и правете ученици“ (МАТЕЈ 28:18, 19).

1, 2. а) Каква задача им дал Исус на своите следбеници? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во врска со Исусовите заповеди?

 БИЛО пролетен ден во Израел во 33 н.е., и Исусовите ученици биле собрани на една планина во Галилеја. Нивниот воскреснат Господ наскоро требало да се вознесе на небото, но прво сакал да им каже нешто важно. Исус имал задача за нив. Во што се состоела таа? Како ја прифатиле неговите ученици? И на кој начин таа задача се однесува и на нас денес?

2 Она што го кажал Исус е запишано во Матеј 28:18—20: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата. Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“. Исус зборувал за „сета власт“, „сите нации“, „сѐ што ви заповедав“ и „сите денови“. Неговите заповеди што ги содржат овие четири сеопфатни изрази покренуваат некои важни прашања, кои можат да се сумираат во зборовите: зошто? каде? што? и кога? Да ги разгледаме овие прашања едно по едно. *

„Дадена ми е сета власт“

3. Зошто треба да ја послушаме заповедта да правиме ученици?

3 Прво, зошто треба да ја послушаме заповедта да правиме ученици? Исус рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата. Затоа одете и правете ученици“. Зборот „затоа“ укажува на една од главните причини зошто треба да ја послушаме оваа заповед. Затоа што Исус, оној што ја дал оваа заповед, ја има „сета власт“. Што опфаќа неговата власт?

4. а) Што опфаќа Исусовата власт? б) Како треба нашето разбирање за Исусовата власт да влијае врз тоа како гледаме на заповедта да правиме ученици?

4 Исус има власт над своето собрание, а од 1914 има власт и над Божјето Царство што било воспоставено тогаш (Колошаните 1:13; Откровение 11:15). Тој е архангел и затоа располага со една небесна војска од стотици милиони ангели (1. Солуњаните 4:16; 1. Петрово 3:22; Откровение 19:14—16). Добил овластување од својот Татко да ја уништи „секоја влада и секоја власт и сила“ што се спротивставува на праведните начела (1. Коринќаните 15:24—26; Ефешаните 1:20—23). Власта на Исус не е ограничена само на живите. Тој исто така е „судија на живите и на мртвите“, и Бог му дал моќ да ги воскресне оние што спијат во смртен сон (Дела 10:42; Јован 5:26—28). Сигурно една заповед дадена од Оној што добил таква голема власт треба да ни биде од најголема важност. Затоа, со почит и спремно сме ѝ послушни на Христовата заповед ‚да одиме и да правиме ученици‘.

5. а) Како Петар ги послушал Исусовите зборови? б) До каков благослов водело тоа што Петар ги послушал упатствата на Исус?

5 Уште во почетокот на својата служба, на еден впечатлив начин Исус ги поучил своите ученици дека ќе бидат благословени ако ја признаат неговата власт и ако ги слушаат неговите заповеди. Во една прилика му рекол на Петар, кој бил рибар: „Отплови таму каде што е длабоко, па спуштете ги своите мрежи за лов“. Петар бил сигурен дека таму немало риби, па затоа му рекол на Исус: „Учителе, цела ноќ се мачевме и ништо не уловивме“. Меѓутоа, тој понизно додал: „Но на твое барање ќе ги спуштам мрежите“. Откако Петар ја послушал Христовата заповед, фатил „мноштво риби“. Вџашен, Петар „падна пред Исусовите колена, велејќи: ‚Господи, оди си од мене, бидејќи сум грешен човек‘ “. Но Исус одговорил: „Немој да се плашиш. Отсега ќе ловиш живи луѓе“ (Лука 5:1—10; Матеј 4:18). Што учиме од овој извештај?

6. а) Што илустрира извештајот за чудесниот улов на риба во врска со тоа каква послушност бара Исус? б) Како можеме да го имитираме Исус?

6 Задачата да станат „рибари на луѓе“ Исус им ја дал на Петар, на Андреј и на другите апостоли не пред, туку по ваквиот зачудувачки улов на риба (Марко 1:16, 17). Јасно, Исус не барал слепа послушност. Тој им дал на тие луѓе убедлива причина зошто да го послушаат. Исто како што послушноста на Исусовата заповед да ги спуштат мрежите водела до извонредни резултати, така и послушноста на Исусовата заповед ‚да ловат луѓе‘ ќе водела до големи благослови. Со целосна вера, апостолите го прифатиле повикот. Извештајот заклучува: „Ги доведоа чамците назад на копно, оставија сѐ и го следеа“ (Лука 5:11). Денес, додека ги охрабруваме другите да учествуваат во делото на правење ученици, ние го имитираме Исус. Не бараме од луѓето едноставно да прават што ќе им кажеме, туку им даваме убедливи причини зошто да ја послушаат Христовата заповед.

Убедливи причини и исправни мотиви

7, 8. а) Кои се некои библиски причини зошто да проповедаме за Царството и да правиме ученици? б) Кој библиски стих особено те мотивира да продолжиш со проповедничкото дело? (Види ја и фуснотата.)

7 Бидејќи ја признаваме власта на Христос, учествуваме во делото на проповедање на Царството и правење ученици. Кои други библиски причини за да го извршуваме ова дело можеме да им ги дадеме на оние што сакаме да ги поттикнеме на добри дела? Размисли за следниве изјави на неколку верни Сведоци од различни земји, и забележи како наведените стихови ги поткрепуваат нивните коментари.

8 Рој, крстен во 1951: „Кога му се предадов на Јехова, му ветив дека ќе му служам засекогаш. Сакам да си го одржам зборот“ (Псалм 50:14; Матеј 5:37). Хедер, крстена во 1962: „Кога ќе помислам на сѐ што Јехова направил за мене, сакам да му ја покажам својата благодарност со тоа што ќе му служам верно“ (Псалм 9:1, 9—11; Колошаните 3:15). Ханелоре, крстена во 1954: „Секогаш кога сме во служба, имаме поддршка од ангелите — каква чест!“ (Дела 10:30—33; Откровение 14:6, 7). Онор, крстена во 1969: „Кога ќе дојде време Јехова да суди, не сакам некој од моето соседство да може да ги обвини Јехова и неговите Сведоци за немарност и да рече: ‚Никој не ме предупреди!‘ “ (Езекиел 2:5; 3:17—19; Римјаните 10:16, 18). Клаудио, крстен во 1974: „Кога проповедаме, ние сме ‚пред Божји очи‘ и ‚во заедништво со Христос‘. Замислете си само! Додека сме во службата, го имаме друштвото на нашите најдобри Пријатели“ (2. Коринќаните 2:17). *

9. а) Што открива извештајот за уловот на Петар и другите апостоли за тоа кој е исправен мотив да му се биде послушен на Христос? б) Кој е исправниот мотив за да им бидеме послушни на Бог и на Христос денес, и зошто?

9 Извештајот за извонредниот улов на риба покажува и колку е важно да му бидеме послушни на Христос од исправен мотив — љубовта. Кога Петар рекол „оди си од мене, бидејќи сум грешен човек“, Исус не си отишол ниту, пак, го осудил Петар за некаков грев (Лука 5:8). Исус дури не му ни префрлил на Петар што го молел да си замине. Напротив, тој љубезно одговорил: „Немој да се плашиш“. Морбидниот страв не би бил исправен мотив за да му биде послушен на Христос. Наместо тоа, Исус му рекол на Петар дека тој и неговите другари ќе бидат корисни како рибари на луѓе. Ниту ние денес не се служиме со заплашување или слични негативни чувства, како што се чувствата на вина и срам, за да ги натераме другите да му бидат послушни на Христос. Јеховиното срце го радува само послушност со сета душа, која се темели на љубов кон Бог и Христос (Матеј 22:37).

„Правете ученици од луѓето од сите нации“

10. а) Кој детаљ во врска со Исусовата заповед да се прават ученици претставувал голем предизвик за неговите ученици? б) Како се оѕвале учениците на Исусовата заповед?

10 Второто прашање што се поставува во врска со Христовата заповед е ‚Каде треба да се извршува делото на правење ученици‘? Исус им рекол на своите следбеници: „Правете ученици од луѓето од сите нации“. Пред Исус да започне со својата служба, ако луѓето од нациите дошле во Израел за да му служат на Јехова, тие биле добредојдени (1. Цареви 8:41—43). Самиот Исус им проповедал главно на родени Евреи, но сега им рекол на своите следбеници да одат кај луѓето од сите нации. Всушност, подрачјето за риболов, односно проповедничкото подрачје на неговите ученици било ограничено само на едно мало „езерце“ — родените Евреи — но наскоро требало да го вклучи целото „море“ од човештвото. Иако оваа промена претставувала предизвик за учениците, тие спремно го послушале упатството на Исус. Помалку од 30 години по Исусовата смрт, апостол Павле можел да напише дека добрата вест им била проповедана не само на Евреите туку и „на сето создание што е под небото“ (Колошаните 1:23).

11. Какво проширување на ‚подрачјето за риболов‘ има од почетокот на 20 век?

11 Во поново време сме сведоци на слично проширување на подрачјето за проповедање. Во почетокот на 20 век, ‚подрачјето за риболов‘ било ограничено само на неколку земји. Сепак, Христовите следбеници во тоа време го имитирале примерот на христијаните од првиот век и ревносно го прошириле подрачјето на кое проповедале (Римјаните 15:20). Во почетокот на 1930⁠-тите, тие правеле ученици во стотина земји. Денес, ‚подрачјето за риболов‘ е проширено во 235 земји (Марко 13:10).

Од „сите јазици“

12. Каков предизвик е истакнат во пророштвото од Захарија 8:23?

12 Да се прават ученици од сите нации е предизвик не само во географски туку и во јазичен поглед. Преку пророкот Захарија, Јехова претскажал: „Во тие денови десет луѓе од народите на сите јазици ќе фаќаат за скут еден Евреин, говорејќи: ‚Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас‘ “ (Захарија 8:23). Во поголемото исполнување на ова пророштво, ‚Евреинот‘ го претставува остатокот од помазани христијани, а ‚десетте луѓе‘ го претставуваат ‚големото мноштво‘ * (Откровение 7:9, 10; Галатите 6:16). Ова големо мноштво од Христови ученици ќе го има во многу нации и, како што забележал Захарија, тие ќе зборуваат на многу јазици. Дали современата историја на Божјиот народ го потврдува тоа во врска со Исусовите ученици? Да.

13. а) Какви промени во поглед на јазикот имало кај Божјиот народ во денешно време? б) Како реагирала класата на верниот роб на сѐ поголемата потреба од духовна храна на различни јазици? (Вклучи ја и рамката „Публикации за слепите“.)

13 Во 1950, на околу 3 од секои 5 Јеховини сведоци во светот мајчин јазик им бил англискиот. До 1980 тој однос се промени на 2 од секои 5 Сведоци, а денес англискиот е мајчин јазик на само еден од секои 5 Сведоци. Како реагирала класата на верниот и разборит роб на ваквиот пресврт во поглед на јазикот? Така што почнала да обезбедува духовна храна на сѐ поголем број јазици (Матеј 24:45). На пример, во 1950 нашата литература се издавала на 90 јазици, но денес тој број е зголемен на околу 400 јазици. Дали има резултати од тоа што на луѓе од различни јазици им се обрнува зголемено внимание? Да! Просечно по 5.000 луѓе ‚од сите јазици‘ стануваат ученици на Христос секоја седмица од годината! (Откровение 7:9). Ваквиот пораст продолжува. Во некои земји во „мрежите“ се фаќа многу богат улов! (Лука 5:6; Јован 21:6).

Служба што причинува задоволство — можеш ли да учествуваш?

14. Како можеме да им помогнеме на оние на нашето подрачје што зборуваат странски јазик? (Вклучи ја и рамката „Знаковниот јазик и правењето ученици“.)

14 Во многу западни земји, приливот на имигранти го донел со себе и предизвикот да се прават ученици од луѓето од ‚секој јазик‘ во сопствената земја (Откровение 14:6). Како можеме да им помогнеме на луѓето на нашето подрачје што зборуваат друг јазик? (1. Тимотеј 2:4). Така што ќе користиме исправна рибарска опрема. Понуди им на тие луѓе литература на нивниот јазик. Ако е можно, договори се да ги посети некој Сведок што го знае нивниот јазик (Дела 22:2). Сега е полесно да се прават вакви подготовки, бидејќи многу Сведоци научиле некој друг јазик за да им помогнат на странците да станат Христови ученици. Извештаите покажуваат дека е вистинско задоволство да се помага на таков начин.

15, 16. а) Кои примери покажуваат дека е задоволство да им се помага на оние што зборуваат странски јазик? б) За кои прашања во врска со службата на подрачје на странски јазик би можеле да размислиме?

15 Да разгледаме два примера од Холандија, каде што организираното дело на проповедање на Царството се извршува на 34 јазици. Една брачна двојка Сведоци се пријавиле како доброволци да одат и да прават ученици меѓу полските имигранти. Имало толку голем одѕив што сопругот бил мотивиран да работи помалку време на световната работа за да може да има уште еден слободен ден во седмицата за да ја проучува Библијата со заинтересираните. За кратко време, оваа двојка водела преку 20 библиски студии секоја седмица. Тие забележале: „Службата многу нѐ радува“. Оние што прават ученици се особено среќни кога луѓето што ќе ги чујат библиските вистини на својот мајчин јазик се поттикнати да изразат ценење. На пример, за време на еден состанок што се одржал на виетнамски јазик, некој постар човек побарал дозвола да каже нешто. Со солзи во очите, тој им рекол на Сведоците: „Ви благодарам што се трудите да го научите мојот јазик, иако е тежок. Многу сум благодарен што на стари години учам толку прекрасни работи од Библијата“.

16 Затоа, не е ништо чудно што оние кои служат во собранија на странски јазик чувствуваат огромна радост. Една брачна двојка од Британија рекла: „Служењето на подрачје на странски јазик е едно од највозбудливите искуства што сме ги имале во текот на нашите 40 години служба за Царството“. Би можел ли да направиш некои промени во своите околности за да учествуваш во оваа возбудлива служба? Ако сѐ уште одиш на училиште, можеш ли да научиш некој странски јазик за да се подготвиш за овој вид служба? Тоа може да ти ја отвори вратата што води до еден начин на живот исполнет со задоволство и благослови (Пословици 10:22). Зошто не поразговараш за ова со твоите родители?

Да ги менуваме методите

17. Како би можеле да достигнеме повеќе луѓе на нашето собраниско подрачје?

17 Се разбира, околностите не им дозволуваат на повеќето од нас да ги фрлат своите „мрежи“ на подрачја на странски јазик. Меѓутоа, можеби на нашето собраниско подрачје ќе можеме да достигнеме повеќе луѓе отколку што достигнуваме сега. Како? Така што ќе ги менуваме нашите методи, а не нашата порака. На многу места сѐ повеќе луѓе живеат во згради со високо обезбедување. Многу други не се дома кога одиме во службата од куќа до куќа. Затоа, можеби ќе треба да ги фрлиме „мрежите“ во друго време и на други места. На тој начин го имитираме Исус. Тој наоѓал начин да разговара со луѓето во различни околности (Матеј 9:9; Лука 19:1—10; Јован 4:6—15).

18. Како се покажало ефикасно сведочењето на различни места? (Вклучи ја и рамката „Да се прават ученици од луѓето на деловно подрачје“.)

18 Во некои делови од светот, тоа што се сведочи секаде каде што можат да се најдат луѓе е важен метод на правење ученици. Искусни учители што прават ученици сѐ повеќе посветуваат внимание на сведочењето на најразлични места. Освен тоа што учествуваат во службата од куќа до куќа, сега објавителите сведочат на аеродроми, во канцеларии, во продавници, на паркиралишта, на автобуски постојки, на улица, во паркови, на плажи и на други места. Голем број новокрстени Сведоци на Хаваи првпат дошле во допир со вистината токму на такви места. Тоа што ќе ги менуваме нашите методи ни помага темелно да ја извршиме Исусовата заповед да правиме ученици (1. Коринќаните 9:22, 23).

19. Кои аспекти од налогот што ни го дал Исус ќе ги разгледаме во следната статија?

19 Задачата на Исус да се прават ученици не вклучувала само детали за тоа зошто и каде треба да го извршуваме тоа дело туку и што треба да проповедаме и до кога треба да го правиме тоа. Овие два аспекта од налогот што ни го дал Исус ќе ги разгледаме во следната статија.

[Фусноти]

^ пас. 2 Во оваа статија ќе ги разгледаме првите две прашања. За другите две ќе дискутираме во следната статија.

^ пас. 8 Натамошни причини зошто треба да проповедаме можат да се најдат во Пословици 10:5; Амос 3:8; Матеј 24:42; Марко 12:17; Римјаните 1:14, 15.

^ пас. 12 За повеќе информации во врска со исполнувањата на ова пророштво види Стражарска кула од 15 мај 2001, 12. страница, и Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво, том 2, 408. страница, издадени од Јеховините сведоци.

Се сеќаваш ли?

• Од кои причини и од кој мотив учествуваме во проповедањето на Царството и во правењето ученици?

• Во колкав обем Јеховините слуги денес го извршуваат Исусовиот налог да прават ученици од луѓето од сите нации?

• Како можеме да го смениме нашиот ‚метод на риболов‘, и зошто треба да го правиме тоа?

[Прашања]

[Рамка/слики на страница 10]

Публикации за слепите

Алберт е христијански старешина и полновремен министер што живее во Соединетите Држави. Тој е слеп. Тоа што користи библиска литература на Брајово писмо му помага да биде поделотворен во службата, како и во неговите обврски како надгледник за служба. Како ја извршува задачата што му е доделена во собранието?

„Во собранието не сме имале поделотворен надгледник за служба од Алберт“, вели Џејмс, претседавачкиот надгледник. Алберт е еден од околу 5.000⁠-те слепи лица во Соединетите Држави кои, низ годините, добивале библиски публикации на англиско и шпанско Брајово писмо. Всушност, од 1912 наваму, класата на верниот роб обезбедила повеќе од сто различни публикации на Брајово писмо. Користејќи современи методи, печатниците на Јеховините сведоци моментално произведуваат милиони страници годишно на повеќе од десет јазици и ги дистрибуираат во повеќе од 70 земји.

[Рамка/слика на страница 11]

Знаковниот јазик и правењето ученици

Илјадници Сведоци низ целиот свет, вклучувајќи и многу ревносни млади, научиле знаковен јазик за да им помогнат на глувите да станат Христови ученици. Како резултат на тоа, само во Бразил во една од изминативе години се крстија 63 глуви лица и сега таму служат 35 глуви Сведоци како полновремени евангелизатори. Во целиот свет има преку 1.200 собранија и групи на знаковен јазик. Единствената руска покраина на знаковен јазик е најголема во светот бидејќи ја опфаќа територијата на цела Русија!

[Рамка на страница 12]

Да се прават ученици од луѓето на деловно подрачје

Додека ги посетувала вработените во канцелариите каде што работеле, една сестра од Хаваи го запознала директорот на некоја превозна компанија. Иако бил зафатен, човекот се согласил да ја проучува Библијата во својата канцеларија по 30 минути седмично. Секоја среда наутро, тој им вели на вработените да не го прекинуваат со телефонски повици и потоа целосно ѝ се посветува на студијата. Друга сестра од Хаваи ја проучува Библијата еднаш седмично со сопственичката на еден чевларски дуќан. Студијата ја одржуваат на самата тезга. Кога ќе влезе некој муштерија, сестрата се трга настрана. Кога муштеријата ќе си замине, тие продолжуваат со студијата.

Сведоците дошле и до директорот и до сопственичката на дуќанот затоа што презеле иницијатива да ги фрлат своите „мрежи“ на различни места. Можеш ли да се сетиш на кои места на подрачјето на твоето собрание би можел да дојдеш до луѓе што тешко можат да се најдат дома?

[Слика на страница 12]

Би можел ли да служиш на подрачје на странски јазик?