Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Отпловија за Кипар“

„Отпловија за Кипар“

„Отпловија за Кипар“

ВАКА книгата Дела го започнува извештајот за искуствата на христијанските мисионери Павле, Варнава и Јован Марко од посетата на Кипар околу 47 н.е. (Дела 13:4). Тогаш, како и денес, Кипар се наоѓал на една многу стратешка положба во источното Средоземноморје.

Римјаните го посакувале островот, и тој паднал под нивна власт во 58 пр.н.е. Пред тоа, Кипар имал бурна историја. Бил окупиран од Феничаните, Грците, Асирците, Персијците и Египќаните. Во средниот век дошле крстоносците, Франките и Венецијанците, а по нив следеле Отоманите. Во 1914 островот го присвоиле Британците и владееле со него сѐ до неговата независност во 1960.

Денес главен извор на приходи е туризмот, но во времето на Павле Кипар бил богат со природни ресурси, коишто Римјаните ги експлоатирале за да ја полнат државната благајна на Рим. Откриен е бакар уште во раната историја на островот, и се проценува дека до крајот на римскиот период биле извадени 250.000 тони бакар. Меѓутоа, оваа индустрија уништила големи површини густа шума за топење на рудата. Многу од шумите на островот веќе биле исчезнати кога дошол Павле.

Кипар под Римјаните

Според Encyclopædia Britannica, Јулиј Цезар, а по него и Марко Антониј, му го дал Кипар на Египет. Меѓутоа, под Август тој бил вратен на Рим и со него управувал — како што многу прецизно забележува Лука, писателот на Дела — проконзул, кој директно одговарал пред Рим. Кога Павле проповедал таму, проконзул бил Сергиј Павле (Дела 13:7).

Пакс Романа, меѓународниот мир наметнат од Рим, го поттикнувал развојот на рударството и индустријата во Кипар, што довело до процут во трговијата. Дополнителен приход доаѓал од римските легии што биле таму и од аџиите кои се собирале за да ѝ оддадат чест на Афродита, божицата заштитник на островот. Како резултат на тоа, биле изградени нови патишта, пристаништа и луксузни јавни згради. Грчкиот се задржал како службен јазик, а — заедно со римскиот император — нашироко биле обожавани Афродита, Аполо и Зевс. Луѓето уживале благосостојба и богат општествен и културен живот.

Ваков бил амбиентот на кој Павле наишол додека патувал низ Кипар и ги поучувал луѓето за Христос. Меѓутоа, христијанството било пренесено во Кипар уште пред Павле да пристигне таму. Извештајот од Дела ни кажува дека по смртта на првиот христијански маченик, Стефан, некои од раните христијани избегале на Кипар (Дела 11:19). Варнава, придружникот на Павле, бил родум од Кипар и бидејќи добро го познавал островот, без сомнение му бил одличен водич на Павле на ова проповедничко патување (Дела 4:36; 13:2).

По стапките на Павле

Не е лесно да се реконструираат патувањата на Павле низ Кипар. Меѓутоа, археолозите имаат прилично добра претстава за одличниот систем на патишта од римско време. Поради географијата на островот, дури и денешните современи автопати главно ги следат истите патишта по кои веројатно оделе тие рани мисионери.

Павле, Варнава и Јован Марко отпловиле од Селевкија до пристаништето Саламис. Зошто до Саламис, кога главен град и најважно пристаниште бил Пафос? Една причина е тоа што Саламис бил сместен на источниот брег, само 200 километри од Селевкија, која се наоѓала на копното. Иако под Римјаните Пафос го заменил Саламис како главен град, Саламис останал културен, образовен и трговски центар на островот. Саламис имал прилично голема еврејска заедница и мисионерите почнале „да ја објавуваат Божјата реч во еврејските синагоги“ (Дела 13:5).

Денес, од Саламис се останати само урнатини. Сепак, археолошките откритија сведочат за некогашната слава и богатство на градот. Плоштадот, центарот на политичкиот и религиозниот живот, важи за веројатно најголемата римска агора што некогаш била ископана во средоземноморскиот регион. Неговите урнатини, кои датираат од времето на Август Цезар, откриваат детално украсени подни мозаици, вежбалници, импресивен систем на бањи, стадион и амфитеатар, раскошни гробници и голем театар со 15.000 седишта! Во близина се наоѓаат урнатините на еден величествен храм на Зевс.

Но, Зевс не можел да спречи градот да биде пустошен од земјотреси. Еден голем земјотрес во 15 пр.н.е. го срамнил со земја поголемиот дел од Саламис, иако подоцна Август повторно го изградил. Во 77 н.е. пак бил уништен од земјотрес и повторно изграден. Во четвртиот век Саламис бил разорен од низа земјотреси и никогаш повторно не ја достигнал својата поранешна слава. До средниот век, неговото пристаниште било полно со тиња и запуштено.

Како реагирале луѓето на проповедањето на Павле не е кажано. Но, Павле морал да проповеда и на други заедници. Кога си заминувале од Саламис, мисионерите требало да изберат меѓу три главни рути: една кон северниот брег, која поминувала низ киренскиот планински венец; друга кон запад низ месариската низина преку средишниот дел на островот; и трета која одела долж јужниот брег.

Традицијата вели дека Павле тргнал по третата рута. Таа поминува низ плодна обработлива земја со карактеристична црвена почва. Околу 50 километри југозападно, пред да скршне на север кон внатрешноста, оваа рута доаѓа до градот Ларнака.

„Целиот остров“

Главниот пат брзо стигнал до древниот град Ледра. Денес на ова место е изграден современиот главен град Никозија. Сите докази за тој древен град-царство како да пропаднале в земја. Но, во венецијанските ѕидини од 16 век што го опкружуваат центарот на Никозија има една прометна, тесна улица што го носи името Ледра. Не знаеме дали Павле отишол во Ледра или не. Библијата едноставно ни кажува дека го поминале „целиот остров“ (Дела 13:6). Делото The Wycliffe Historical Geography of Bible Lands вели дека „тоа веројатно значи релативно комплетна обиколка на еврејските заедници на Кипар“.

Сосема е сигурно дека Павле бил заинтересиран да им проповеда на колку што е можно повеќе луѓе на Кипар. Затоа, можеби одел по јужната рута од Ледра преку Аматус и Курион — два големи космополитски града со имашно население.

Курион бил сместен високо над морето, на карпи што се спуштаат речиси вертикално до плажите под нив. Овој величествен грчко-римски град бил погоден од истиот земјотрес што го уништил Саламис во 77 н.е. Има урнатини од еден храм посветен на Аполон, кој датира од 100 н.е. Стадионот можел да собере 6.000 гледачи. Луксузниот начин на живот на мнозина во Курион може да се види од убавите мозаици што ги украсувале подовите дури и на приватните вили.

Кон Пафос

Од Курион, живописната рута продолжува кон запад низ еден предел со лозја, при што надморската висина незабележливо се зголемува сѐ додека одеднаш патот не се спушти нагло, извивајќи се низ карпите кон плажите послани со камчиња. Според грчката митологија, токму овде морето ја родило божицата Афродита.

Афродита била најпопуларната грчка божица на Кипар и ревносно била обожавана сѐ до вториот век н.е. Центар на обожавањето на Афродита бил Пафос. Секоја пролет таму се одржувал голем празник во нејзина чест. Аџии од Мала Азија, од Египет, од Грција, па дури и од Персија, доаѓале во Пафос за празниците. Кога Кипар бил под власт на Птолемитите, Кипранците се запознале со обожавањето на фараоните. Арсинои, жената на Птолемеј II, почнала да се обожава како Афродита.

Пафос бил римскиот главен град на Кипар и седиште на проконзулот, и ја имал предноста да кова бакарни пари. И тој бил уништен од земјотресот во 15 пр.н.е. и, како и во случајот на Саламис, Август обезбедил средства за градот да се изгради повторно. Ископувањата го открија луксузниот начин на живот на богатите во Пафос во првиот век — широки градски улици, богато украсени приватни вили, музички школи, вежбалници и амфитеатар.

Тоа бил Пафос што Павле, Варнава и Јован Марко го посетиле и токму овде проконзулот Сергиј Павле — „интелигентен човек“ — ‚сесрдно барал да ја чуе Божјата реч‘ и покрај жестокото противење на гаталецот Елим. Проконзулот ‚бил вчудовиден од Јеховиното учење‘ (Дела 13:6—12).

Откако успешно ја завршиле својата проповедничка активност на Кипар, мисионерите продолжиле со своето дело во Мала Азија. Тоа прво мисионерско патување на Павле било значаен настан за ширењето на вистинското христијанство. Книгата St. Paul’s Journeys in the Greek Orient (Патувањата на Св. Павле на грчкиот Ориент) го нарекува „вистински почеток на христијанската мисија и на . . . мисионерската кариера на Павле“. Таа додава: „Сместен таму каде што се среќаваат поморските патишта што водат до Сирија, Мала Азија и Грција, Кипар изгледа бил неизбежна прва фаза на еден мисионерски потфат“. Но, тоа била само почетна фаза. Дваесет векови подоцна, христијанското мисионерско дело продолжува, и навистина може да се каже дека добрата вест за Јеховиното Царство буквално стигнала до „најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8).

[Карти на страница 20]

(Види во публикацијата)

КИПАР

НИКОЗИЈА (Ледра)

Саламис

Пафос

Курион

Аматус

Ларнака

КИРЕНСКИ ПЛ.

МЕСАРИСКА НИЗИНА

ПЛ. ТРОДОС

[Слика на страница 21]

Исполнет со свет дух, додека бил во Пафос, Павле го ослепел гаталецот Елим