‚Учете ги да држат сѐ што ви заповедав‘
‚Учете ги да држат сѐ што ви заповедав‘
„Одете и правете ученици . . . учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (МАТЕЈ 28:19, 20).
1. Каков разговор се водел помеѓу ученикот Филип и еден Етиопјанин?
ТИОПЈАНИНОТ патувал дури до Ерусалим. Таму го обожавал Богот што го сакал, Јехова. Очигледно е дека ја сакал и Божјата инспирирана реч. Додека се враќал дома во својата кола, читал примерок од списите на пророкот Исаија, и тогаш го пресретнал еден Христов ученик, Филип. Тој го прашал Етиопјанинот: „Го разбираш ли всушност тоа што го читаш?“ Човекот одговорил: „Како би можел ако некој не ме упати?“ Тогаш Филип му помогнал на овој човек што искрено го проучувал Писмото да стане Христов ученик (Дела 8:26—39).
2. а) Во кој поглед е значаен одговорот што го дал Етиопјанинот? б) Кои прашања поврзани со Христовиот налог да правиме ученици ќе ги разгледаме?
2 Значајно е што одговорил Етиопјанинот. Тој рекол: ‚Како би можел ако некој не ме упати‘. Да, тој имал потреба некој да го упати, да му го покаже патот. На свој начин, овој коментар ја илустрира важноста на едно посебно упатство што Исус го вклучил во својот налог да правиме ученици. Какво е тоа упатство? За да го најдеме одговорот, ајде да продолжиме со нашето разгледување на Исусовите зборови од Матеј, 28. поглавје. Претходната статија се сосредоточи на прашањата зошто? и каде? Сега ќе разгледаме уште две прашања поврзани со Христовата заповед да правиме ученици — што? и кога?
„Учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“
3. а) Како некој станува ученик на Исус Христос? б) Кога правиме ученици, што уште треба да ги поучиме?
3 За што мораме да ги поучуваме другите за да им помогнеме да станат ученици на Христос? Исус им заповедал на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Значи, мораме да поучуваме за она што го заповедал Христос. * Но, што да се направи за да може оној што го поучуваме за Исусовите заповеди не само да стане туку и да остане ученик? Внимателниот избор на зборови што ги користел Исус ни открива еден клучен фактор. Забележи, тој не рекол само: ‚Учете ги сѐ што ви заповедав‘. Наместо тоа, тој рекол: ‚Учете ги да држат сѐ што ви заповедав‘ (Матеј 19:17). Што вклучува тоа?
4. а) Што значи да се држи некоја заповед? б) Илустрирај како поучуваме некого да ги држи Христовите заповеди.
4 Да се држи некоја заповед значи „човек да ги усогласи своите постапки“ со некоја заповед — да послуша. Но, како поучуваме некого да држи, односно да послуша сѐ што заповедал Христос? Па, размисли за тоа како еден инструктор за возење ги поучува кандидатите за возачки испит да се придржуваат за сообраќајните правила и прописи. Инструкторот можеби ги поучува кандидатите за правилата во сообраќајот додека се во училница. Меѓутоа, за да ги научи кандидатите како да се придржуваат за тие правила, тој мора да им дава упатства додека се вклучени во сообраќајот и се трудат да го применат во пракса она што го научиле. Слично на тоа, кога ја проучуваме Библијата со луѓето, ги поучуваме за Христовите заповеди. Меѓутоа, треба да им даваме упатства на учениците и додека тие настојуваат да ги применуваат Христовите поуки во секојдневниот живот и во службата (Јован 14:15; 1. Јованово 2:3). Така, за да ја извршиме во потполност Христовата заповед да правиме ученици, потребно е да бидеме и учители и да даваме упатства. На тој начин ќе го имитираме примерот што го дале Исус и самиот Јехова (Псалм 48:14; Откровение 7:17).
5. Зошто некој што ја проучува Библијата може да се колеба да ја послуша Христовата заповед да прави ученици?
5 Да ги поучуваме другите да ги држат Исусовите заповеди вклучува и да им помагаме да ја следат заповедта да прават ученици. Некои од оние со кои ја проучуваме Библијата може да ги уплаши помислата на тоа. Дури и ако претходно биле активни членови на некоја црква на христијанскиот свет, нивните поранешни верски учители веројатно не ги поучиле да одат и да прават ученици. Некои црковни водачи отворено признаваат дека црквите на христијанскиот свет сосема потфрлиле кога станува збор за тоа да го поучат стадото да евангелизира. Коментирајќи за Исусовата заповед да се оди во светот и да им се помага на сите видови луѓе да станат ученици, библискиот изучувач Џон Р. В. Стот забележал: „Нашиот пропуст да го послушаме она што е вклучено во оваа заповед е најголемата слабост на евангелските христијани на полето на евангелизмот денес“. Тој додал: „Склони сме да ја објавуваме нашата порака од далеку. Понекогаш личиме на луѓе што им дофрлаат совети на давеници додека самите безбедно си стојат на брегот. Не се фрламе во вода за да ги спасиме. Се плашиме да не се намокриме“.
6. а) Како можеме да го имитираме примерот на Филип кога му помагаме на некој библиски студент? б) Како можеме да покажеме грижа кога некој библиски студент ќе почне да учествува во делото на проповедање?
6 Ако некој што ја проучува Библијата порано бил дел од некоја религија чии членови ‚се плашат да не се намократ‘, за него може да биде предизвик да го совлада стравот од вода, така да се каже, и да ја послуша Христовата заповед да прави ученици. Ќе му треба помош. Затоа, треба да бидеме стрпливи додека му даваме поука и упатства што ќе го продлабочат неговото разбирање и ќе го поттикнат на акција, исто како што учењата на Филип го просветлиле Етиопјанинот и го мотивирале да се крсти (Јован 16:13; Дела 8:35—38). Освен тоа, нашата желба да ги поучуваме библиските студенти да ја држат заповедта да прават ученици нѐ поттикнува да бидеме со нив и да им даваме упатства кога ги прават првите чекори во проповедањето на Царството (Проповедник 4:9, 10; Лука 6:40).
„Сѐ што ви заповедав“
7. За кои заповеди треба да ги поучиме другите додека ги учиме ‚да држат сѐ‘?
7 Ние не се ограничуваме само на тоа да ги учиме новите ученици и тие да прават ученици. Исус нѐ поучил да ги учиме другите да ‚држат сѐ што заповедал‘ тој. Во тоа сигурно се вклучени двете најголеми заповеди — да го љубиме Бог и да го љубиме ближниот (Матеј 22:37—39). Како би можел некој нов ученик да биде поучен да ги држи овие заповеди?
8. Илустрирај како некој нов ученик може да биде поучен за заповедта да покажува љубов.
8 Повторно размисли за илустрацијата во врска со кандидатот за возачки испит. Кога се пробива низ сообраќајот а инструкторот седи до него, кандидатот учи не само од тоа што го слуша својот инструктор туку и додека ги набљудува другите возачи. На пример, инструкторот може да посочи на некој возач што љубезно му дозволува на друг возач да излезе пред него; или возач што обѕирно ги исклучува долгите светла за да не ги заслепува возачите што доаѓаат од спротивната страна; или возач што спремно се нуди да му помогне на некој друг чие возило е во дефект. Од таквите примери кандидатот учи скапоцени лекции што може и самиот да ги применува додека вози. Слично на тоа, еден нов ученик што патува по патот на животот не учи само од својот учител туку и од добрите примери што ги гледа во собранието (Матеј 7:13, 14).
9. На кој начин некој нов ученик учи што значи тоа да се држи заповедта да се покажува љубов?
9 На пример, библискиот студент можеби гледа некоја самохрана мајка што вложува големи напори за да доаѓа во Салата на Царството додека со себе ги носи своите мали деца. Можеби ќе види некоја потиштена личност што верно доаѓа на состаноците и покрај тоа што се бори со депресија, некоја постара вдовица што ги вози другите постари на секој собраниски состанок или, пак, тинејџер што помага во чистењето на Салата на Царството. Библискиот студент можеби забележува некој собраниски старешина што верно предводи во службата на теренот и покрај тоа што има многу одговорности во собранието. Можеби ќе запознае Сведок што е инвалид и затоа не може да излегува од дома, но е извор на духовно охрабрување за сите што го посетуваат. Ученикот можеби гледа брачна двојка што прави драстични промени во својот живот за да се грижи за своите остарени родители. Кога гледа такви љубезни, услужливи и лојални христијани, новиот ученик учи од нивниот пример што значи тоа да се послуша Христовата заповед да се сака Бог и ближниот, а особено што значи да се сакаат соверниците (Пословици 24:32; Јован 13:35; Галатите 6:10; 1. Тимотеј 5:4, 8; 1. Петрово 5:2, 3). На тој начин, секој член на христијанското собрание може — и треба — да биде учител и да дава упатства (Матеј 5:16).
„До завршетокот на системот на работи“
10. а) До кога ќе продолжиме да правиме ученици? б) Каков пример дал Исус во врска со тоа како да ги извршиме нашите задачи?
10 До кога треба да продолжиме со делото на правење ученици? Сѐ додека трае завршетокот на системот на работи (Матеј 28:20). Дали ќе можеме да го исполниме овој аспект на Исусовиот налог? Како собрание низ целиот свет, решени сме да го сториме тоа. Во изминатите години, радосно вложувавме време, енергија и средства за да ги најдеме оние што се „исправно наклонети кон вечниот живот“ (Дела 13:48). Во моментов, Јеховините сведоци трошат во просек по повеќе од три милиони часови секој ден од годината во активноста на проповедање на Царството и правење ученици во целиот свет. Тоа го правиме затоа што го следиме Исусовиот пример. Тој рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној кој ме испрати и да го завршам неговото дело“ (Јован 4:34). Тоа е и наша искрена желба (Јован 20:21). Не сакаме само да го започнеме делото што ни е доверено; сакаме и да го завршиме (Матеј 24:13; Јован 17:4).
11. Што се случило со некои наши христијански браќа и сестри, и што треба да се запрашаме?
11 Меѓутоа, жал ни е кога ќе забележиме дека некои од нашите соверници духовно ослабеле и затоа забавиле или престанале да ја извршуваат Христовата заповед да прават ученици. Можеме ли некако да им помогнеме повторно да се поврзат со собранието и повторно да учествуваат во делото на правење ученици? (Римјаните 15:1; Евреите 12:12). Начинот на кој Исус им помогнал на своите апостоли кога привремено биле ослабнати покажува што можеме да направиме и ние денес.
Покажи дека се грижиш
12. а) Кратко пред Исусовата смрт, што направиле неговите апостоли? б) Како постапил Исус со своите апостоли и покрај тоа што покажале сериозни слабости?
12 На крајот на Исусовата служба на земјата, непосредно пред неговата смрт, апостолите ‚го напуштиле и побегнале‘. Како што претскажал Исус, тие ‚се распрснале секој во својата куќа‘ (Марко 14:50; Јован 16:32). Како постапил Исус со своите духовно ослабнати пријатели? Кратко по воскресението, Исус им рекол на некои од своите следбеници: „Не плашете се! Одете, јавете им на моите браќа да појдат во Галилеја; и таму ќе ме видат“ (Матеј 28:10). Иако апостолите покажале сериозни слабости, Исус сепак ги нарекол ‚мои браќа‘ (Матеј 12:49). Тој не се откажал од нив. На тој начин Исус покажал милосрдност и простил, исто како што е милосрден и како што простува Јехова (2. Цареви 13:23). Како можеме да го имитираме Исус?
13. Како треба да гледаме на оние што се духовно ослабени?
13 Треба да сме длабоко загрижени за оние што забавиле или престанале да учествуваат во службата. Сѐ уште се сеќаваме на делата што со љубов ги извршувале тие соверници во минатото — некои можеби и со децении (Евреите 6:10). Вистински ни недостига нивното друштво (Лука 15:4—7; 1. Солуњаните 2:17). Но, како можеме да покажеме дека се грижиме за нив?
14. Имитирајќи го Исус, како можеме да му помогнеме на некој што е духовно слаб?
14 Исус им рекол на потиштените апостоли дека треба да одат во Галилеја и дека таму ќе го видат. Всушност, Исус ги повикал да присуствуваат на еден посебен состанок (Матеј 28:10). Слично и денес, и ние ги охрабруваме оние што се духовно слаби да присуствуваат на состаноците во христијанското собрание, и можеби нема да биде доволно тоа да го направиме само еднаш. Во случајот со апостолите, повикот бил делотворен бидејќи „единаесетте ученици отидоа во Галилеја на гората што им ја определи Исус“ (Матеј 28:16). Колку само сме радосни кога послабите ќе ги прифатат и нашите срдечни покани и повторно ќе почнат да доаѓаат на христијанските состаноци! (Лука 15:6).
15. Како можеме да го следиме Исусовиот пример да ги дочекуваме слабите што доаѓаат во нашето место за обожавање?
15 Како ќе реагираме кога во Салата на Царството ќе дојде некој послаб христијанин? Па, што направил Исус кога видел дека неговите апостоли, чија вера привремено ослабнала, биле на договореното место за состанок? ‚Им пришол и им зборувал‘ (Матеј 28:18). Тој не ги гледал отстрана туку им пристапил. Замисли си само колку мора да им олеснило на апостолите кога Исус презел иницијатива! Да бидеме и ние тие што ќе преземат иницијатива и срдечно ќе ги дочекаат духовно ослабените што се обидуваат да се вратат во христијанското собрание.
16. а) Што можеме да научиме од начинот на кој Исус постапил со своите следбеници? б) Како можеме да го одразуваме Исусовото гледиште за послабите? (Види ја фуснотата.)
16 Што друго направил Исус? Прво, тој изјавил: „Дадена ми е сета власт“. Второ, им дал една задача: „Одете и правете ученици“. Трето, тој ветил: „Јас сум со вас во сите денови“. Но, дали забележа што не направил Исус? Тој не ги прекорил учениците за нивните пропусти и сомнежи (Матеј 28:17). Дали неговиот пристап бил делотворен? Да. По кратко време, апостолите повторно ‚поучувале и ја објавувале добрата вест‘ (Дела 5:42). Ако го следиме Исусовиот пример во тоа како да гледаме на послабите и како да постапуваме со нив, ќе можеме да видиме слични охрабрувачки резултати во нашето собрание * (Дела 20:35).
„Јас сум со вас во сите денови“
17, 18. Кои зајакнувачки мисли ги содржат Исусовите зборови „јас сум со вас во сите денови“?
17 Последните зборови од Исусовиот налог, „јас сум со вас во сите денови“, содржат една зајакнувачка мисла за сите оние што настојуваат да ја извршат Христовата заповед да прават ученици. Сеедно на кој начин ќе се противат непријателите на нашето дело на проповедање на Царството и сеедно со какво клеветење ќе се нафрлат врз нас, немаме причина да се плашиме. Зошто? Затоа што Исус, нашиот Водач, кој ја има „сета власт на небото и на земјата“, е со нас и нѐ поддржува!
18 Исусовото ветување „јас сум со вас во сите денови“ е извор и на голема утеха. Додека настојуваме да ја извршуваме Христовата заповед да правиме ученици, немаме само радосни туку и тажни денови (2. Летописи 6:29). Некои од нас мораат да живеат со голема болка затоа што жалат за смртта на некоја многу драга личност (Битие 23:2; Јован 11:33—36). Други се борат со староста, кога здравјето попушта и силата се намалува (Проповедник 12:1—6). Трети, пак, се соочуваат со денови кога се преплавени со чувства на депресија (1. Солуњаните 5:14). Исто така, сѐ поголем број од нас се борат со тешки економски проблеми. Сепак, и покрај таквите предизвици, успешни сме во службата затоа што Исус е со нас „во сите денови“, вклучувајќи ги и најмрачните денови од нашиот живот (Матеј 11:28—30).
19. а) Кои упатства ги содржи Исусовиот налог да правиме ученици? б) Што ни овозможува да го извршиме Христовиот налог?
19 Како што видовме во оваа и во претходната статија, Исусовиот налог да се прават ученици опфаќа многу аспекти. Исус ни кажал зошто и каде треба да ја извршуваме неговата заповед. Исто така, ни кажал што треба да поучуваме и до кога треба да го правиме тоа. Навистина, предизвик е да се исполни овој голем налог. Но, бидејќи ја имаме поддршката на Христовата власт и самиот Исус е крај нас, можеме да го извршиме! Зарем не се согласуваш со тоа?
[Фусноти]
^ пас. 3 Еден прирачник истакнува дека Исус рекол „крштавајќи ги . . . учејќи ги“, а не ‚крштавајќи ги и учејќи ги‘. Значи, заповедта да се крштава и да се поучува „не мора да означува . . . дејства што следат едно по друго“. Наместо тоа, „поучувањето е постојан процес, кој делумно се одвива пред крштавањето . . . а делумно по крштавањето“.
^ пас. 16 Натамошни информации во врска со тоа како да гледаме на послабите и како да им помогнеме можат да се најдат во Стражарска кула од 1 февруари 2003, страници 15—18.
Како би одговорил?
• Како ги учиме другите да го држат она што го заповедал Исус?
• Кои лекции може да ги научи некој нов ученик од другите во собранието?
• Што можеме да направиме за да им помогнеме на оние што ослабнале духовно?
• Каква сила и утеха црпиме од Исусовото ветување „јас сум со вас во сите денови
[Прашања]
[Слики на страница 15]
Треба да бидеме и учители и да даваме упатства
[Слики на страница 17]
Новиот ученик учи скапоцени лекции од примерот на другите