„Јеховината одредба“ не може да пропадне
„Јеховината одредба“ не може да пропадне
„Ќе ја кажам Јеховината одредба; Тој ми рече: ‚Ти си мој син . . . Побарај од мене, и ќе ти ги дадам народите во наследство‘ “ (ПСАЛМ 2:7, 8, NW).
1. Каква е разликата помеѓу Божјата намера и намерата на народите?
ЈЕХОВА БОГ има одредена намера со човештвото и со земјата. И народите имаат своја намера. Но, колку само се разликуваат тие намери! Треба и да очекуваме да биде така, бидејќи Бог вели: „[Како што] небото е високо над земјата, така Моите патишта се над вашите патишта, и Моите мисли над вашите мисли“. Божјата намера сигурно ќе се исполни, бидејќи тој понатаму вели: „Како што паѓа дожд и снег од небото непрекинато додека земјата не се напои, не се оплоди и не се зазеленее, за да му даде семе на сејачот и леб за јадење, така Словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив“ (Исаија 55:9—11).
2, 3. Што е јасно покажано во вториот псалм, но кои прашања се поставуваат?
2 Во вториот псалм јасно е покажано дека Божјата намера во врска со месијанскиот Цар ќе се исполни. Составувачот на тој псалм, цар Давид од стариот Израел, бил инспириран од Бог да претскаже дека ќе дојде едно значајно време кога народите ќе бидат во метеж. Нивните владетели ќе се кренат против Јехова Бог и против неговиот Помазаник. Меѓутоа, псалмистот во песна го рекол и следново: „Ќе ја кажам Јеховината одредба; Тој ми рече: ‚Ти си мој син . . . Побарај од мене, и ќе ти ги дадам народите во наследство‘ “ (Псалм 2:7, 8, NW).
3 Што значи „Јеховината одредба“ за нациите? Како влијае таа врз човештвото во целина? И какво значење имаат тие настани за сите богобојазливи читатели на вториот псалм?
Народите во метеж
4. Како би ги изнел накратко главните мисли од Псалм 2:1, 2?
4 Осврнувајќи се на постапките на народите и на нивните владетели, псалмистот ја почнува својата композиција пеејќи: „Зошто народите се во метеж и племињата мрморат празни работи? Царевите на земјата се креваат и владетелите се собрале како еден против Јехова и против неговиот помазаник“ (Псалм 2:1, 2, NW). *
5, 6. Кои „празни работи“ ги „мрморат“ племињата?
5 Кои „празни работи“ ги „мрморат“ денешните племиња? Наместо да го прифатат Божјиот Помазаник — Месијата, односно Христос — нациите „мрморат“, односно размислуваат за тоа како и понатаму да ја задржат својата власт. Овие зборови од вториот псалм се исполниле во првиот век н.е., кога еврејските и римските власти соработувале за да го убијат Божјиот назначен Цар, Исус Христос. Меѓутоа, главното исполнување започнало во 1914, кога Исус бил поставен за небесен Цар. Од тогаш, ниту една политичка организација или држава на земјата не го признала Божјиот устоличен Цар.
6 Што мислел псалмистот кога прашал: ‚Зошто племињата мрморат празни работи‘? Нивната намера е таа празна работа; таа е залудна и осудена на неуспех. Тие не можат да донесат мир и хармонија на земјата. Сепак, во извршувањето на своите планови одат до тој степен што му се спротивставуваат на Божјето владетелство. Всушност, тие обединето зазеле воинствен став и се собрале против Највишиот и неговиот Помазаник. Каква лудост!
Јеховиниот победоносен Цар
7. На кој начин Исусовите рани следбеници ја објасниле примената на Псалм 2:1, 2 кога се молеле?
7 Следбениците на Исус ги примениле на него зборовите од Псалм 2:1, 2. Прогонувани поради својата вера, тие се молеле: „Суверен Господи [Јехова], ти си Оној кој ги создаде небото и земјата и морето и сѐ што е во нив, и кој со помош на светиот дух преку устата на нашиот прататко Давид, својот слуга, рече: ‚Зошто се возбунтуваа нациите и народите размислуваат за ништожни работи? Царевите на земјата зазедоа став и владетелите се собраа како еден против Јехова и против неговиот помазаник‘. Исто така и Ирод [Антипа] и Понтиј Пилат со луѓето од нациите и со народите на Израел навистина се здружија во овој град против твојот свет слуга Исус, кого го помаза“ (Дела 4:24—27; Лука 23:1—12). * Да, во првиот век имало заговор против Божјиот помазан слуга, Исус. Меѓутоа, овој псалм требало да има уште едно исполнување по многу векови.
8. На кој начин Псалм 2:3 се однесува на народите денес?
8 Кога древниот Израел имал човек за цар, како што бил Давид, паганските народи и владетели се собирале против Бог и против помазаникот што тој го поставил на престолот. Но, како стојат работите денес? Народите денес не сакаат да се потчинат на она што го бараат Јехова и Месијата. Затоа, тие се прикажани како велат: „Да ги скинеме нивните окови и да го отфрлиме нивниот јарем“ (Псалм 2:3). Владетелите и народите ќе се спротивстават на какви и да било ограничувања што ќе ги постават Бог и неговиот Помазаник. Се разбира, сите напори да се скршат таквите окови и да се отфрли тој јарем ќе бидат залудни.
Јехова им се потсмева
9, 10. Зошто Јехова им се потсмева на народите?
9 Јехова не го засегаат никакви обиди од страна на државните владетели да воспостават свој сопствен суверенитет. Во вториот псалм понатаму стои: „Оној, што живее на небесата, им се смее, Господ им се потсмевнува“ (Псалм 2:4). Бог продолжува со исполнувањето на својата намера како тие владетели да не се ништо. Тој се смее на нивната дрскост и им се потсмева. Само нека се фалат со тоа што имаат намера да го направат. Во Јеховини очи тие се за потсмев. Тој се смее на нивното залудно противење.
10 На други места во своите псалми, Давид спомнува непријатели — како поединци така и нации — и во песна вели: „Господи, Боже над Воинствата, Израелев Боже! Подигни се, казни ги сите многубошци, немој да им се смилуваш на подлеците! Навечер се враќаат, вијат како кучиња и трчаат по градот. Гледај, како блуваат со устите; клеветите им се на устите и велат: ‚Кој нѐ слуша?‘ Но, Ти им се смееш, о Господи, и им се ругаш на сите незнабошци“ (Псалм 59:5—8). Јехова се смее на фалбаџиството и збрката на народите затоа што му се противат во својата лудост.
11. Што се случува кога народите се обидуваат да се спротивстават на Божјата намера?
11 Зборовите од Псалм 2 ја зајакнуваат нашата вера дека Бог може да се справи со секаков предизвик. Можеме да бидеме уверени дека тој секогаш ја исполнува својата волја и никогаш не ги напушта своите лојални слуги (Псалм 94:14). Затоа, што ќе се случи кога народите ќе се обидат да ѝ се спротивстават на Јеховината намера? Според овој псалм, Бог ‚ќе им зборува во Својот гнев‘, како со звук на некој страшен татнеж на грмотевици. Освен тоа, „во својата јарост“, тој „ќе ги збуни“ како да ги удрил некој силен гром (Псалм 2:5).
Поставен е Божјиот Цар
12. На кое устоличување се однесува Псалм 2:6?
12 Без сомнение народите се вознемирени од она што понатаму го кажува Јехова преку псалмистот. Бог изјавува: „Јас го поставив Мојот Цар над Сион, на Мојата Света Гора“ (Псалм 2:6). Гората Сион била рид во Ерусалим, каде што Давид бил поставен за цар над целиот Израел. Но, месијанскиот Цар нема да седи на престол во тој град или на некое друго место на земјата. Всушност, Јехова веќе го поставил Исус Христос како свој избран месијански Цар на небесната гора Сион (Откровение 14:1).
13. Каков сојуз склучил Јехова со својот Син?
13 Сега зборува месијанскиот Цар. Тој вели: „Ќе ја кажам Јеховината одредба: Тој [Јехова Бог, кој склучил сојуз за царство со својот Син] ми рече: ‚Ти си Мој Син, јас денес ти станав татко‘ “ (Псалм 2:7, NW). Христос се осврнал на сојузот за Царството кога на своите апостоли им рекол: „Вие сте тие кои останавте со мене во моите искушенија; и јас склучувам со вас сојуз, како што мојот Татко склучи сојуз со мене, за царство“ (Лука 22:28, 29).
14. Зошто може да се рече дека Исус има неоспорно право да царува?
14 Како што е претскажано во Псалм 2:7, Јехова го признал Исус за свој Син кога Исус се крстил и со тоа што го воскреснал во духовен живот (Марко 1:9—11; Римјаните 1:4; Евреите 1:5; 5:5). Да, Цар на небесното Царство е Божјиот единороден Син (Јован 3:16). Како потомок од лозата на цар Давид, Исус има неоспорно право да царува (2. Самоил 7:4—17; Матеј 1:6, 16). Според овој псалм, Бог му вели на својот Син: „Побарај од мене, и ќе ти ги дадам народите во наследство и краиштата на земјата во твоја сопственост“ (Псалм 2:8, NW).
15. Зошто Исус ги бара народите за свое наследство?
15 Царот — лично Божјиот Син — е на положба веднаш до Јехова. Исус е оној што во Јеховини очи бил испитан, останал лојален и е достоен за доверба. Освен тоа, како Божји Првороден, Исус е наследникот. Всушност, Исус Христос „е сликата на невидливиот Бог, првороден од сето создание“ (Колошаните 1:15). Сѐ што треба да направи е да побара, и Бог ‚му ги дава народите во наследство и земските краишта во сопственост‘. Исус го бара ова како оној чија „радост се човечките синови“ и поради неговата силна желба да ја изврши волјата на својот небесен Татко во врска со земјата и човештвото (Пословици 8:30, 31).
Јеховината одредба против народите
16, 17. Според Псалм 2:9, што ги очекува народите?
16 Бидејќи вториот псалм е во тек на исполнување сега, за време на невидливата присутност на Исус Христос, што ги очекува народите? Наскоро Царот ќе ја изврши Божјата објава: „Ќе владееш со нив [народите] со железен жезал и ќе ги скршиш како грнчарски сад“ (Псалм 2:9).
17 Жезалот на царевите од старо време бил симбол за царска власт. Некои жезли биле направени од железо, како оној што се спомнува во овој псалм. Сликовитиот начин на изразување покажува колку лесно царот Христос ќе ги уништи народите. Еден силен удар со железен жезал ќе го скрши глинениот сад на некој грнчар и ќе го разнесе на најситни парчиња.
18, 19. Што ќе треба да направат царевите на земјата за да бидат одобрени од Бог?
18 Дали државните владетели мораат да го доживеат тоа разорно кршење? Не, бидејќи псалмистот им се обраќа со овие зборови: „Вразумете се сега, вие цареви; научете се земски судии!“ (Псалм 2:10). Царевите се повикани да обрнат внимание, да се вразумат. Треба да сфатат колку се залудни нивните планови, за разлика од она што Божјето Царство ќе го стори за човештвото.
19 За да бидат одобрени од Бог, царевите на земјата ќе треба да се променат. Тие се опоменати да ‚му служат на Јехова со страв и да се радуваат со трепет‘ (Псалм 2:11). Што ќе се случи ако постапат така? Наместо да бидат во метеж, односно во збрка, тие ќе можат да се радуваат на изгледите што им ги нуди месијанскиот Цар. Ќе биде неопходно владетелите на земјата да се откажат од гордоста и вообразеноста што ги покажуваат додека владеат. Освен тоа, ќе мора неодложно да се променат и да се вразумат, односно да разберат дека на Јеховиниот суверенитет му нема рамен и дека никој не може да ѝ се спротивстави на моќта што ја имаат Бог и неговиот месијански Цар.
„Бакнете го синот“
20, 21. Што значи да се ‚бакне синот‘?
20 Сега вториот псалм упатува милостив повик до владетелите на народите. Наместо да се собираат за да се противат, тие добиваат совет: „Бакнете го синот за Тој [Јехова Бог] да не се разгневи и пропаста да не ве тргне од патот, зашто Неговата лутина лесно се распалува“ (Псалм 2:12а, NW). Кога Суверениот Господ Јехова издава одредба, треба да се послуша. Кога Бог го поставил својот Син на престол, владетелите на земјата требало да престанат да „мрморат празни работи“. Требало веднаш да го признаат Царот и да му бидат целосно послушни.
21 Зошто требало ‚да го бакнат синот‘? Кога бил составуван овој псалм, бакнувањето било израз на пријателство и служело како знак на добредојде кога доаѓале гости во нечиј дом, каде што можеле да уживаат во гостопримството на домаќинот. Бакнувањето можело да биде и чин на лојалност, односно верност (1. Самоил 10:1). Во овој стих од вториот псалм, Бог им заповеда на нациите да го бакнат, односно да му изразат добредојде на неговиот Син како помазан Цар.
22. Кое предупредување треба да го послушаат владетелите на народите?
22 Оние што одбиваат да ја признаат власта на Божјиот избран Цар го навредуваат Јехова. Тие негираат дека Јехова Бог е суверен на универзумот и дека тој има власт и способност да го избере Царот што ќе биде најдобар владетел за човештвото. Владетелите на народите ќе утврдат дека Божјиот бес ќе ги стигне ненадејно, додека се обидуваат да ги извршат своите сопствени планови. „Неговата лутина лесно се распалува“, односно пламнува брзо и незапирливо. Владетелите на народите треба со благодарност да го прифатат ова предупредување и да постапуваат во склад со него. Ако направат така, тоа за нив ќе значи живот.
23. Што уште имаат време да направат поединци?
23 Овој драматичен псалм завршува со зборовите: „Блажени се сите кои се засолнуваат при Него [Јехова]“ (Псалм 2:12б). Поединците сѐ уште имаат време да се скријат на безбедно. Тоа важи дури и за поединечни владетели што ги поддржувале плановите на народите. Тие можат да побегнат кај Јехова, кој нуди засолниште под владата на Царството. Но, мораат да дејствуваат пред да дојде времето кога месијанското Царство ќе ги столчи нациите што му се противат.
24. Како може нашиот живот да биде исполнет со задоволство дури и во овој свет оптоварен со проблеми?
24 Ако трудољубиво го проучуваме Писмото и ги применуваме неговите совети, нашиот живот може да биде поисполнет со задоволство дури и денес, во овој свет оптоварен со проблеми. Ако го применуваме советот од Писмото, ќе имаме посреќни семејни односи и ќе бидеме ослободени од многу грижи и стравови што го измачуваат овој свет. Тоа што ги следиме упатствата од Библијата ни влева доверба дека му угодуваме на Творецот. Никој друг освен Суверенот на целиот универзум не може да даде гаранција за „сегашниот живот и за оној кој ќе дојде“ откако ќе ја исчисти земјата од оние кои се противат на она што е исправно отфрлајќи ја владата на Царството (1. Тимотеј 4:8).
25. Бидејќи „Јеховината одредба“ не може да пропадне, што можеме да очекуваме да се случи во наше време?
25 „Јеховината одредба“ не може да пропадне. Како наш Творец, Бог знае што е најдобро за човештвото и ќе ја исполни својата намера да ги благослови послушните луѓе со мир, задоволство и трајна безбедност под Царството на неговиот драг Син. Во врска со нашево време, пророкот Даниел напишал: „Во времето на овие цареви Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне . . . Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). Тогаш, јасно е дека е крајно време да го ‚бакнеме Синот‘ и да му служиме на Суверениот Господ, Јехова!
[Фусноти]
^ Во почетокот, цар Давид бил ‚помазаникот‘, а „царевите на земјата“ биле филистејските владетели што собрале војски против него.
^ И други стихови од Грчките списи покажуваат дека Исус е Божјиот Помазаник што се спомнува во вториот псалм. Тоа јасно се гледа ако се спореди Псалм 2:7 со Дела 13:32, 33 и Евреите 1:5; 5:5. Види и Псалм 2:9 и Откровение 2:27.
Како би одговорил?
• Кои „празни работи“ ги „мрморат“ племињата?
• Зошто Јехова им се потсмева на народите?
• Која е Божјата одредба против народите?
• Што значи да се ‚бакне синот‘?
[Прашања]
[Слика на страница 16]
Давид пеел за победоносниот месијански Цар
[Слика на страница 17]
Владетелите и народот на Израел сковале заговор против Исус Христос
[Слика на страница 18]
Христос бил поставен за Цар на небесната гора Сион