Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кападокија — таму кај што луѓето живееле во домови издлабени од ветрот и водата

Кападокија — таму кај што луѓето живееле во домови издлабени од ветрот и водата

Кападокија — таму кај што луѓето живееле во домови издлабени од ветрот и водата

АПОСТОЛ Петар зборувал за Кападокија. Тој го упатил своето прво инспирирано писмо, делумно, до „привремените жители распрснати по . . . Кападокија“ (1. Петрово 1:1). Каква земја била Кападокија? Зошто нејзините жители живеат во домови издлабени во камен? Како дошле во контакт со христијанството?

„Одеднаш се најдовме изгубени во шума од карпести конуси и столбови“, рекол британскиот патник В. Ф. Еисворт, кој ја посетил Кападокија во 1840⁠-те. Необичниот пејзаж сѐ уште ги вчудовидува денешните посетители на овој регион во Турција. Збиени едно до друго како некои неми стражари, во кападокиските долини се наоѓаат чудни камени „статуи“. Некои изгледаат како огромни оџаци што се извишуваат 30 или повеќе метри кон небото. Други личат на огромни корнети за сладолед, на обелисци или на печурки.

Во текот на денот сонцето прекрасно ги обојува овие статуи во најразлични бои! В зори се бледо розови. На пладне добиваат боја на избледена слонова коска а на зајдисонце добиваат златеста окер боја. Како настанала оваа „шума од карпести конуси и столбови“? И зошто луѓето од овој регион ги прават своите домови во нив?

Издлабени од ветрот и водата

Кападокија се наоѓа во срцето на Анадолискиот Полуостров, кој ги спојува Азија и Европа. Да не беа тука двата вулкана, овој регион би бил висорамнина. Пред многу милениуми, нивните силни вулкански ерупции ја прекриле таа област со два вида карпи — тврд базалт и мек туф, бела карпа формирана од стврдната вулканска пепел.

Кога реките, дождовите и ветрот почнале да го нагризуваат мекиот туф, се создале клисури. Со текот на времето, некои карпи што ги сочинувале рабовите на овие клисури полека се разделиле во безбројни низи од карпести конуси дарувајќи ја земјата со скулптури што не можат да се најдат на ниедно друго место во светот. Некои од карпестите конуси заличиле на вистинско саќе. Локалните жители си длабеле соби во меката карпа и додавале уште соби како што се зголемувало семејството. Исто така, забележале дека овие домови се свежи в лето и топли в зима.

Да се живее на крстопатот на цивилизацијата

Жителите на пештерите во Кападокија веројатно би биле оставени сами на себе да не живееле на еден важен крстопат на цивилизацијата. Познатиот пат на свилата, трговски пат долг 6.500 километри кој ја поврзувал Римската Империја со Кина, поминувал низ Кападокија. Освен трговците, по овој пат минувале персиски, грчки и римски војски. Овие патници донеле нови религиозни идеи.

До вториот век пр.н.е., во Кападокија постоеле еврејски населби. И во Ерусалим во 33 н.е. биле присутни Евреи од овој регион. Биле таму за да го прослават празникот Пентекост. Така, апостол Петар им проповедал на кападокиските Евреи по излевањето на светиот дух (Дела 2:1—9). Изгледа некои се оѕвале на неговата порака и ја понеле дома својата новопронајдена вера. Затоа, Петар им се обратил на кападокиските христијани во своето прво писмо.

Меѓутоа, како што одминувале годините, врз христијаните во Кападокија почнале да влијаат паганските филозофи. Тројца влијателни кападокиски црковни водачи од четвртиот век дури и цврсто ја бранеле небиблиската доктрина за тројството. Тоа биле Григориј Нисијански, Василиј Велики и брат му Григориј од Ниса.

Василиј Велики, исто така, поттикнувал на монашки начин на живот. Скромните кападокиски домови издлабени во карпа биле погодни за аскетскиот начин на живот што тој го препорачал. Како што растела монашката заедница, во некои од поголемите конуси биле изградени цели цркви. До 13 век од карпите биле издлабени околу триста цркви. Многу од нив се сочувани до ден денес.

Иако црквите и манастирите паднале во заборав, начинот на живот на локалното население не се променил многу низ вековите. Многу пештери сѐ уште служат како домови. Ретко некои од оние што ја посетуваат Кападокија да не останат вчудовидени од тоа како нејзините досетливи жители ги претвориле природните творби во практични домови.

[Карта на страници 24 и 25]

(Види во публикацијата)

КАПАДОКИЈА

КИНА (Катај)