Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховината реч е жива — врвни точки од книгата Броеви

Јеховината реч е жива — врвни точки од книгата Броеви

Јеховината реч е жива

Јеховината реч е жива — врвни точки од книгата Броеви

ПО ИЗЛЕГУВАЊЕТО од Египет, Израелците биле организирани во нација. Набрзо потоа, можеле да влезат во Ветената земја, но не влегле. Наместо тоа, околу четири децении лутале низ „голема и страшна пустина“ (Второзаконие 8:15). Зошто? Историскиот извештај од библиската книга Броеви ни кажува што се случило. Тоа треба да ни всади во главата дека треба да му бидеме послушни на Јехова Бог и да ги почитуваме неговите претставници.

Напишана од Мојсеј во пустелијата и во Моавските Полиња, книгата Броеви опфаќа период од 38 години и 9 месеци — од 1512 пр.н.е. до 1473 пр.н.е. (Броеви 1:1; Второзаконие 1:3). Името на книгата е изведено од двата пописа на Израелците, меѓу кои поминал период од 38 години (Поглавја 1—4, 26). Извештајот е поделен на три дела. Првиот дел ги раскажува настаните што се случиле на планината Синај. Вториот го опфаќа она што се случувало додека лутале низ пустелијата. А во последниот дел се разгледани настаните во Моавските Полиња. Додека го читаш овој извештај, можеби ќе биде добро да размислиш за следниве прашања: ‚Што учам од овие настани? Има ли во оваа книга некои начела што би ми биле од корист денес?‘

НА ПЛАНИНАТА СИНАЈ

(Броеви 1:1—10:10)

Првото од двете пребројувања се случува додека Израелците сѐ уште се во подножјето на планината Синај. Вкупниот број на мажи над 20 години, освен Левитите, е 603.550. Очигледно, пописот е извршен од воени цели. Целиот логор, вклучувајќи ги жените, децата и Левитите, можеби брои над три милиони луѓе.

По пописот, Израелците добиваат упатства во врска со тоа како да се движат во формација, добиваат детали за должностите на Левитите и за службата во шаторот за обожавање, заповеди за карантин, закони во случај на љубомора и завети што ги даваат назиреите. Седмото поглавје содржи информации за приносите што ги давале племенските главатари во врска со свеченото воведување на жртвеникот, а 9. поглавје зборува за одбележувањето на Пасхата. Исто така, на заедницата ѝ се дадени упатства за поставување и растурање на логорот.

Одговорени библиски прашања:

2:1, 2 — Што биле „знаците“ околу кои триплеменските одделенија требало да логоруваат во пустелијата? Библијата не опишува што биле овие знаци. Меѓутоа, не биле сметани за свети симболи ниту, пак, им се придавало некакво религиозно значење. Знаците се користеле од практични причини — да им помогнат на луѓето да си го најдат исправното место во логорот.

5:27 — Што се мисли со тоа дека ‚родницата ќе ѝ овене‘ на жена виновна за прељуба? Изразот „родница“ овде е употребен за да укаже на репродуктивните органи. ‚Овенувањето‘ укажува на пропаѓање на овие органи, со што би било невозможно зачнување.

Поуки за нас:

6:1—7. Назиреите требало да се воздржуваат од вино и од секаков жесток пијалак, за што било потребно самоодрекување. Требало да ја остават косата да им расте долга — знак дека му се подложни на Јехова, исто како што жените требало да им бидат подложни на своите сопрузи или татковци. Назиреите требало да останат чисти така што би се држеле подалеку од секакво мртво тело, па дури и на близок роднина. Полновремените слуги денес покажуваат дух на самопожртвуваност кога станува збор за самоодрекување и подложност на Јехова и на неговите подготовки. Некои задачи можеби вклучуваат да се оди во далечна земја, поради што можеби би било тешко или невозможно да се вратат дома за погребот на некој близок член од семејството.

8:25, 26. За да бидат поставени способни мажи во левитската служба, и од обѕир кон нивната возраст, на постарите мажи им било заповедано да се пензионираат од задолжителната служба. Меѓутоа, можеле доброволно да им помагаат на другите Левити. Иако денес некој не може да се пензионира од објавител на Царството, начелото од овој закон нѐ учи на една важна поука. Ако поради поодмината старост не може да извршува одредени одговорности, еден христијанин може да учествува во друг облик на служба што е во рамките на неговите можности.

ОД ЕДНО ДО ДРУГО МЕСТО ВО ПУСТЕЛИЈАТА

(Броеви 10:11—21:35)

Кога облакот конечно се издигнува над шаторот, Израелците почнуваат еден марш кој по 38 години и еден или два месеца ќе ги одведе до пустите полиња на Моав. Би било од корист ако ја следиш нивната маршрута на 9. страница од брошурата „Види ја добрата земја“, издадена од Јеховините сведоци.

На пат кон Кадис, во пустелијата Фаран, има најмалку три случаи на приговарање. Првиот е задушен кога Јехова праќа оган што проголтува некои од луѓето. Потоа Израелците кукаат по месо и Јехова им дава потполошки. Како последица на тоа што Маријам и Арон се жалеле од Мојсеј, Маријам привремено е погодена од лепра.

Додека логоруваат во Кадис, Мојсеј испраќа 12 мажи да ја извидат Ветената земја. Се враќаат по 40 дена. Бидејќи веруваат на неповолниот извештај на десетмина од шпионите, луѓето сакаат да ги каменуваат Мојсеј, Арон и верните шпиони Исус Навин и Халев. Јехова има намера да ги удри со помор, но Мојсеј се зазема за народот и Бог објавува дека ќе талкаат низ пустелијата 40 години — сѐ додека не изумрат оние што биле пребројани во пописот.

Јехова дава дополнителни одредби. Кореј и други се побунуваат против Мојсеј и Арон, но бунтовниците се уништени со оган или се проголтани в земја. Следниот ден, целата заедница мрмори против Мојсеј и Арон. Како резултат на тоа, 14.700 луѓе умираат во помор од Јехова. За да покаже кого избрал за првосвештеник, Бог прави палката на Арон да расцвета. Потоа Јехова дава дополнителни закони во врска со одговорностите на Левитите и во врска со очистувањето на народот. Употребата на пепел од црвена јуница го предочува очистувањето преку жртвата на Исус (Евреите 9:13, 14).

Израелевите синови се враќаат во Кадис, каде што Маријам умира. Заедницата повторно се жали од Мојсеј и Арон. Која е причината? Нема вода. Бидејќи Мојсеј и Арон пропуштаат да го посветат Јеховиното име кога преку чудо обезбедуваат вода, ја губат можноста да влезат во Ветената земја. Израел излегува од Кадис, и Арон умира на планината Ор. Додека одат околу Едом, Израелците се изморуваат и зборуваат против Бог и Мојсеј. Јехова испраќа змии отровници за да ги казни. Мојсеј повторно се зазема за народот, и Бог му дава упатство да направи бронзена змија и да ја стави на столб за оние што ќе бидат каснати да погледнат во неа и да бидат излекувани. Змијата го предочува приковувањето на столб на Исус Христос за наше вечно добро (Јован 3:14, 15). Израел ги поразува аморејските цареви Сион и Ог и ги освојуваат нивните земји.

Одговорени библиски прашања:

12:1 — Зошто Маријам и Арон се жалеле од Мојсеј? Се чини дека вистинската причина зошто се жалеле била желбата на Маријам за поголема власт. Кога сопругата на Мојсеј, Сепфора, му се придружила во пустелијата, Маријам можеби се плашела дека повеќе нема да биде сметана за прва дама во логорот (Излез 18:1—5).

12:9—11 — Зошто само Маријам била погодена од лепра? Најверојатно, таа ја подбуцнала поплаката и го убедила Арон да ѝ се придружи. Арон покажал исправен став со тоа што ја признал својата грешка.

21:14, 15 — Која била книгата што е спомната овде? Библијата се осврнува на различни книги што библиските писатели ги користеле како изворен материјал (Исус Навин 10:12, 13; 1. Цареви 11:41; 14:19, 29). „Книгата на Господовите војни“ била една таква книга. Таа содржела историски извештај за војните на Јеховиниот народ.

Поуки за нас:

11:27, 29. Мојсеј ни дава одличен пример за тоа како да реагираме кога другите добиваат предности во Јеховината служба. Наместо љубоморно да ја посакува славата за себе, Мојсеј бил среќен кога Елдад и Модад почнале да пророкуваат.

12:2, 9, 10; 16:1—3, 12—14, 31—35, 41, 46—50. Јехова очекува неговите обожаватели да покажуваат почит кон авторитетот даден од Бог.

14:24. Клучот за да се спротивставиме на притисоците од светот да згрешиме е да развиеме „инаков дух“, или умствен став. Тоа мора да биде дух што е поинаков од духот на светот.

15:37—41. Уникатните реси на облеката на Израелците требало да ги потсетуваат дека тие се народ издвоен да го обожава Бог и да ги слуша неговите заповеди. Зарем не треба и ние да живееме според мерилата на Бог и да се издвојуваме како поинакви од светот?

ВО МОАВСКИТЕ ПОЛИЊА

(Броеви 22:1—36:13)

Додека Израелевите синови логоруваат во пустите моавски полиња, Моавците се преплашени од нив. Затоа, моавскиот цар Валак го најмува Валаам да ги проколне Израелците. Но, Јехова го принудува Валаам да ги благослови. Потоа се употребени Моавките и Мадијамките за да ги намамат Израелците во неморал и идолопоклонство. Како последица на тоа, Јехова уништува 24.000 престапници. Поморот конечно завршува кога Финес покажува дека не толерира никакво ривалство кон Јехова.

Вториот попис открива дека никој од мажите пребројани во првиот попис повеќе не е жив, освен Исус Навин и Халев. Исус Навин е поставен за наследник на Мојсеј. Израелците добиваат упатства за различни приноси и за давање завет. Исто така, израелскиот народ им се одмаздува на Мадијамците. Рувим, Гад и половина од племето Манасиј се населуваат источно од реката Јордан. На Израел му се дадени упатства да го премине Јордан и да ја заземе земјата. Одредени се детални граници на земјата. За наследството треба да се одлучи со ждрепка. На Левитите им се доделени 48 градови, а шест од нив треба да служат како градови за засолниште.

Одговорени библиски прашања:

22:20—22 — Зошто Јеховиниот гнев пламнал против Валаам? Јехова му рекол на пророкот Валаам да не ги проколнува Израелците (Броеви 22:12). Меѓутоа, пророкот отишол со луѓето на Валак со намера да го проколне Израел. Валаам сакал да му угоди на моавскиот цар и да добие награда од него (2. Петрово 2:15, 16; Јуда 11). Дури и кога бил принуден да го благослови, наместо да го проколне Израел, Валаам сакал да ја добие наклоноста на царот со тоа што предложил да бидат употребени жени што го обожаваат Ваал за да ги заведат Израелците (Броеви 31:15, 16). Според тоа, причината за Божјиот гнев кон Валаам била бескрупулозната алчност на пророкот.

30:6—8 — Може ли еден христијанин да ги поништи заветите на својата сопруга? Што се однесува до заветите, Јехова сега е во однос со секој од своите обожаватели поединечно. На пример, преданието на Јехова е личен завет (Галатите 6:5). Еден сопруг нема авторитет да поништи или да отповика еден таков завет. Меѓутоа, сопругата треба да избегнува да дава завети што не се во склад со Божјата реч или со нејзините должности кон нејзиниот сопруг.

Поуки за нас:

25:11. Каков само пример на ревност за Јеховиното обожавање ни оставил Финес! Зарем желбата да го зачуваме собранието чисто не треба да нѐ поттикне да ги известиме христијанските старешини доколку знаеме за некој бесрамен неморал?

35:9—29. Тоа што некој ненамерен убиец морал да го напушти својот дом и да избега во еден од градовите за заштита на одредено време нѐ учи дека животот е свет и дека мораме да го почитуваме.

35:33. Земјата онечистена со пролеаната крв на невините може да биде откупена само со крвта на оние што ја пролеваат. Колку е на место тоа што Јехова ќе ги уништи злобните пред да ја претвори земјата во рај! (Пословици 2:21, 22; Даниел 2:44).

Божјата реч врши силно влијание

Мораме да покажуваме почит кон Јехова и кон оние што се наименувани на одговорни положби меѓу неговиот народ. Книгата Броеви многу јасно го нагласува ова. Колку важна поука е тоа за да се задржи мир и единство во собранието денес!

Настаните што се раскажани во Броеви покажуваат колку лесно можат оние што ја запоставуваат својата духовност да западнат во престапи, како што се мрморење, неморал и идолопоклонство. Некои од примерите и поуките од оваа библиска книга можат да послужат како темел за точката локални потреби на Состанокот за служба во собранијата на Јеховините сведоци. Навистина, „речта Божја е жива и врши силно влијание“ во нашиот живот (Евреите 4:12).

[Слика на страници 24 и 25]

Со еден чудесен облак над шаторот, Јехова управувал со поставувањето и растурањето на израелскиот логор

[Слики на страница 26]

Јехова заслужува да му бидеме послушни и очекува да ги почитуваме неговите претставници