Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Владата на Божјето Царство денес е реалност

Владата на Божјето Царство денес е реалност

Владата на Божјето Царство денес е реалност

„Како можат да се сложат толку многу земји, со толку различни култури и со толку различен степен на развој? Се вели дека само напад од некоја друга планета ќе ја обедини човечката раса“ (The Age, австралиски весник).

НАПАД од друга планета? Без разлика дали тоа ќе ги обедини сите нации на земјата или не, библиското пророштво всушност зборува за една претстојна криза што ќе ги натера сите нации во светот да се здружат. А кризата навистина ќе дојде од страна на вонземни сили.

Цар Давид од древниот Израел пророчки зборувал за оваа ситуација во светот. Под божествена инспирација тој напишал: „Земските цареви стануваат и кнезовите се собираат против Господа и против Неговиот Помазаник: ‚Да ги скинеме нивните окови и да го отфрлиме нивниот јарем‘ “ (Псалм 2:2, 3; Дела 4:25, 26). Забележи дека владетелите на светот ќе се соберат против Јехова, Творецот на универзумот, и против неговиот помазан, или наименуван Цар, Исус Христос. Како ќе се случи тоа?

Според библиската хронологија и исполнетите пророштва, во 1914 на небото било воспоставено Божјето Царство со Исус Христос како Цар. * Во тоа време нациите во светот имале една заедничка намера. Наместо да се подложат на суверенитетот на новороденото Божје Царство, тие се впуштиле во борба за превласт — Големата војна, или Првата светска војна.

Како гледа Јехова Бог на ваквата реакција од страна на човечките владетели? „Оној што живее на небесата, им се смее, Господ им се потсмевнува. Тогаш ќе им рече во Својот гнев, и со Својата јарост ќе ги збуни“. Потоа, Јехова ќе му рече на својот Син, помазаниот Цар на Царството: „Побарај од Мене, и ќе ти ги дадам народите во наследство и земските краишта во сопственост. Ќе владееш со нив со железен жезал и ќе ги скршиш како грнчарски сад“ (Псалм 2:4, 5, 8, 9).

Овој конечен пораз над противничките нации со железен жезал ќе се случи во Армагедон, или Хар-магедон. Последната книга од Библијата, Откровение, го опишува овој возбудлив настан како „војната на големиот ден на Семоќниот Бог“, за која се собираат „царевите од целата населена земја“ (Откровение 16:14, 16). Под влијание на демоните, нациите на Земјата конечно ќе бидат обединети со една цел — да војуваат против Семоќниот Бог.

Времето кога луѓето ќе се соберат за да војуваат против суверенитетот на Бог брзо се приближува. Иронично е тоа што нивното „единство“ нема да им донесе никаква лична корист. Наместо тоа, нивните постапки ќе бидат вовед во долгоочекуваниот мир за целото човештво. Како тоа? Во таа конечна битка, Божјето Царство „ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства [во светот], а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). Божјето Царство, а не некоја човечка организација, ќе биде владата што ќе ја оствари желбата на луѓето за светски мир.

Главниот управител на Владата на Царството

Тоа е Царството за кое голем број искрени луѓе се молат, велејќи: „Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Божјето Царство не е некоја апстрактна состојба на срцето, напротив, тоа е реална влада која од своето стапување на должност на небото во 1914 има постигнато прекрасни дела. Да разгледаме некои клучни фактори што покажуваат дека Божјето Царство е реалност и дека потполно дејствува денес.

Пред сѐ, тоа има моќно и успешно извршно тело на чие чело се наоѓа устоличениот Цар, Исус Христос. Во 33 н.е. Јехова Бог го поставил Исус Христос за Глава на христијанското собрание (Ефешаните 1:22). Оттогаш Исус го спроведува своето поглаварство со што ја покажува својата способност да управува. На пример, кога Јудеа била погодена од голем глад во првиот век, христијанското собрание веднаш презело акција да им помогне на своите членови. Била организирана акција за помош, а Варнава и Савле биле испратени со помош од Антиохија (Дела 11:27—30).

Сега, кога владата на Царството веќе дејствува, можеме да очекуваме дури и повеќе од Исус Христос. Кога и да се случат несреќи — земјотреси, глад, поплави, урагани, бури или вулкански ерупции — христијанското собрание на Јеховините сведоци веднаш реагира на потребите на нивните соверници и на другите од погодените подрачја. На пример, кога во јануари и февруари 2001 Ел Салвадор беше погоден од разорни земјотреси, во сите делови на земјата беа организирани акции за помош, а групи Јеховини сведоци од Гватемала, Канада и Соединетите Држави обезбедија помош. Три од нивните места за обожавање, како и повеќе од 500 домови, за кратко време беа повторно изградени.

Поданиците на владата на Божјето Царство

Уште од воспоставувањето во 1914, Божјето небесно Царство ги собира и ги организира своите поданици од народите од целиот свет. Ова е исполнување на едно значајно пророштво што го запишал Исаија: „Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом [неговото возвишено вистинско обожавање] ќе биде поставена над сите гори . . . Кон неа ќе одат сите народи“. Пророштвото покажува дека „многу племиња“, или народи, ќе одат до таа гора за да ги прифатат Јеховините упатства и закони (Исаија 2:2, 3).

Резултат од оваа активност е најзначајното движење во современа доба — едно меѓународно братство од преку 6.000.000 христијани во повеќе од 230 земји во светот. На меѓународните конгреси на Јеховините сведоци, набљудувачите честопати се вчудовидени кога гледаат како љубовта, мирот и единството меѓу едно огромно мноштво луѓе ги надминуваат националните, културните и јазичните пречки (Дела 10:34, 35). Зарем нема да се сложиш дека за да може една влада да обедини стотици етнички групи во мир и слога мора да биде успешна и стабилна — и реална?

Божјето Царство и образованието

Секоја влада има мерила што од нејзините граѓани се очекува да ги исполнуваат, и секој што сака да живее под таа влада мора да ги исполнува тие мерила. Слично на тоа, Божјето Царство има мерила за кои мораат да се придржуваат сите што сакаат да бидат негови поданици. Меѓутоа, да се овозможи толку многу луѓе со толку различно потекло да прифатат и да следат исти мерила е навистина огромен потфат. Ова е уште еден фактор што докажува дека Божјето Царство е реално — неговата успешна образовна програма која не го достигнува и менува само умот туку и срцето.

На кој начин владата на Царството ја извршува оваа предизвикувачка задача? Со апостолскиот метод на проповедање „од куќа до куќа“ и со тоа што лично ги поучува луѓето за Божјата реч (Дела 5:42; 20:20). Колку е успешен овој облик на образование? Жак Џонсон, католички свештеник, во еден канадски неделник пишува за неговите напори да разубеди некоја жена да не проучува со Јеховините сведоци. „Бев многу збунет и сфатив дека водам изгубена битка“, рекол тој. „Увидов дека за неколку месеци овие жени, Јеховини сведоци, изградија блиско пријателство со оваа млада хендикепирана мајка која не можеше да излегува од дома. Тие се зближија со неа така што ѝ помагаа, се спријателија и изградија близок однос со неа. Таа набрзо стана активен член во нивната религија и јас не можев да сторам ништо за да го спречам тоа“. Исто како што срцето на оваа поранешна католичка било трогнато од библиската порака за којашто поучуваат Јеховините сведоци и од нивното христијанско однесување, така се трогнати и срцата на милиони луѓе низ целиот свет.

Овој облик на образование — образованието за Царството — се сосредоточува на Библијата, поддржувајќи ги нејзините вредности и мерила во врска со моралот. Таа ги поучува луѓето да се сакаат и да се почитуваат еден со друг без разлика на нивното потекло (Јован 13:34, 35). Исто така, им помага на луѓето да се оѕвијат на предупредувањето: „Престанете да се обликувате според овој систем на работи, туку преобразете се со обновувањето на својот ум за самите да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Со тоа што го оставиле својот поранешен начин на живот и среќно се подложиле на законите и начелата на владата на Царството, милиони наоѓаат мир и среќа сега и светли изгледи за иднината (Колошаните 3:9—11).

Истакнато помагало за да се постигне вакво светско единство е ова списание, Стражарска кула. Преку организираните методи за преведување и издавачка опрема на многу јазици, главните статии од Стражарска кула се издаваат симултано на 135 јазици, а преку 95 проценти од нејзините читатели низ светот во исто време можат да го читаат материјалот за проучување на својот јазик.

Еден мормонски писател направил список за најголемите мисионерски успеси надвор од неговата црква. Тој ги навел Стражарска кула и Разбудете се!, кои ги издаваат Јеховините сведоци, како најдобрите евангелизаторски списанија и рекол: „Никој не може да ги обвини Стражарска кула или Разбудете се! дека го тераат човек да биде задоволен сам со себе — напротив, тие му ја будат свеста, а ретко сум наишол на нешто такво во други религиозни публикации. Стражарска кула и Разбудете се! освежуваат со нивната содржина што се темели на факти, на добро истражени работи и на важни секојдневни теми“.

Има изобилство докази дека Божјето Царство е реалност и дека потполно дејствува. Јеховините сведоци со радост и енергично ја споделуваат „оваа добра вест за царството“ со своите ближни и ги покануваат да станат негови поданици (Матеј 24:14). Дали тоа ти изгледа привлечно? Можеш да ги имаш благословите што доаѓаат од дружењето со оние што се поучени и што се трудат да живеат според мерилата на Царството. Што е уште подобро, можеш да имаш изглед да живееш под владата на Царството во ветениот нов свет во кој „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13).

[Фуснота]

^ пас. 5 За детална дискусија види го 10. поглавје, „Божјето Царство владее“, во книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховините сведоци, страници 90—97.

[Слика на страници 4 и 5]

Во 1914 нациите се впуштиле во светска војна

[Слики на страница 6]

Доброволните акции за помош се доказ за христијанската љубов на дело

[Слика на страница 7]

Јеховините сведоци низ целиот свет секоја седмица извлекуваат корист од истата образовна програма