Издржавме со помош на Јеховината сила
Животна приказна
Издржавме со помош на Јеховината сила
РАСКАЖАЛА ЕРЖЕБЕТ ХАФНЕР
„Нема да им дозволам да те депортираат“, рече Тибор Хафнер кога слушна дека ми е наредено да ја напуштам Чехословачка. Потоа додаде: „Ако се согласуваш, ќе се оженам со тебе и ќе останеш со мене засекогаш“.
НА 29 јануари 1938, само неколку седмици по тој неочекуван предлог, се омажив за Тибор, христијанскиот брат што прв му сведочеше на моето семејство. Тоа не беше лесна одлука. Штотуку наполнив 18 години и како полновремен министер на Јеховините сведоци сакав да ги посветам моите млади години исклучително на службата за Бог. Плачев. Се молев. Дури откако се смирив сфатив дека она што Тибор ми го предложи беше повеќе отколку само љубезен гест и почувствував дека сакам да живеам со овој човек кој вистински ме сакаше.
Но, зошто ми се закануваше опасност да бидам депортирана? На крајот на краиштата, живеев во земја што се гордееше со својот демократски систем и религиозна слобода. Мислам дека сега е време да ви кажам нешто повеќе за моето потекло.
Родена сум на 26 декември 1919, од родители кои беа грчки католици во селото Шајосентпетер (Унгарија), околу 160 километри источно од Будимпешта. За жал, татко ми починал пред да се родам. Набрзо потоа, мајка ми се премажи за еден вдовец со четири деца и се преселивме во Лученец, убав град во тогашна Чехословачка. Во тоа време не беше лесно да се живее во семејство со очув и со полубраќа и полусестри. Бидејќи бев најмало од петте деца, се чувствував како тринаесетто прасе. Економската состојба беше тешка, и не бев лишена само од материјални
работи туку и од љубовта и вниманието што родителите природно би ги дале.Дали некој го знае одговорот?
Кога имав 16 години, ме мачеа сериозни прашања. Со голем интерес читав за историјата на Првата светска војна и бев запрепастена од сето тоа убивање меѓу цивилизирани нации што тврдеа дека се христијански. Освен тоа, насекаде околу мене можев да видам сѐ поголем милитаризам. Ништо од тоа не беше во склад со она што го учев во црквата во врска со љубовта кон ближниот.
Затоа, отидов кај еден римокатолички свештеник и го прашав: „Која заповед треба да нѐ обврзува како христијани — да одиме во војна и да ги убиваме нашите ближни или да ги сакаме?“ Изнервиран од моето прашање, тој ми одговори дека поучува за она што ќе му го кажат властите. Нешто слично се случи и кога посетив еден калвинистички свештеник а потоа и еден еврејски рабин. Не добив никаков одговор, само беа збунети од моето необично прашање. На крајот, отидов да се видам со еден лутерански свештеник. Тој се изнервира, но пред да си одам ми рече: „Ако навистина сакаш да дознаеш нешто за тоа, прашај ги Јеховините сведоци“.
Се обидов да ги најдам Сведоците, но без успех. Неколку дена подоцна, кога се враќав дома од работа, видов дека вратата е подотворена. Еден убав млад човек ѝ читаше нешто на мајка ми од Библијата. Ми светна во главата, ‚Тоа е тоа, овој мора да е Јеховин сведок!‘ Го поканивме внатре овој човек, Тибор Хафнер, и ги повторив моите прашања. Наместо да ми одговори што мисли тој, ми покажа што вели Библијата за обележјето на вистинските христијани, како и за времето во кое живееме (Јован 13:34, 35; 2. Тимотеј 3:1—5).
За неколку месеци, пред да наполнам 17 години, се крстив. Сметав дека секој треба да ги чуе овие скапоцени вистини што толку тешко ги најдов. Почнав да проповедам полновремено, што беше вистински предизвик во Чехословачка во доцните 1930-ти. Иако нашето дело официјално беше регистрирано, се соочивме со силно противење подбуцнато од свештенството.
Првпат вкусуваме прогонство
Еден ден, при крајот на 1937, проповедав со една христијанска сестра во едно село близу Лученец. Набрзо бевме уапсени и однесени во затвор. „Ќе умрете овде“, рече стражарот и ја тресна вратата на нашата ќелија.
До вечерта во ќелијата дојдоа уште четири други затворенички. Почнавме да ги тешиме и да им сведочиме. Тие се смирија и цела ноќ разговаравме за библиската вистина со нив.
Во шест часот наутро, стражарот ме повика да излезам од ќелијата. Ѝ реков на мојата партнерка: „Ќе се сретнеме пак во Божјето Царство“. Ја замолив, ако преживее, да му каже на моето семејство што се случило. Се помолив во себе и отидов со стражарот. Ме однесе во неговиот стан во кругот на затворот. „Имам некои прашања за тебе, девојко“, ми рече тој. „Синоќа рече дека името на Бог е Јехова. Можеш ли да ми го покажеш тоа во Библијата?“ Какво само изненадување, и колку само ми олесни! Ја донесе неговата Библија и им го покажав името Јехова нему и на жена му. Тој имаше уште многу други прашања за темите за кои во текот на ноќта разговаравме со четирите жени. Задоволен од одговорите, ја замоли жена му да направи појадок за мене и за мојата партнерка.
Неколку дена подоцна бевме пуштени, но бидејќи јас бев унгарски државјанин, еден судија одлучи дека морам да ја напуштам Чехословачка. По овој настан
Тибор Хафнер ме побара за жена. Се венчавме и се вселив во куќата на неговите родители.Прогонството се засилува
Продолживме да проповедаме како брачен пар иако Тибор беше задолжен и за многу организациски работи. Неколку дена пред унгарските војници да влезат во нашиот град, во ноември 1938, се роди нашиот син Тибор Помладиот. Во Европа, на повидок беше Втората светска војна. Еден голем дел од Чехословачка беше заземен од Унгарија, што доведе до засилено прогонство на Јеховините сведоци што живееја во анектираните области.
На 10 октомври 1942, Тибор замина за Дебрецин за да се сретне со некои браќа. Меѓутоа, овојпат не се врати. Подоцна ми кажа што се случило. Наместо браќата, на мостот каде што требало да биде средбата имало неколкумина полицајци облечени во работнички алишта. Тие ги чекале маж ми и Пал Наѓипал, кои пристигнале последни. Полицајците ги одвеле во полициската станица и со палки ги тепале по голите стапала сѐ додека не се онесвестиле од болка.
Потоа им било наредено да ги облечат чизмите и да станат. И покрај болката, биле принудени да одат до железничката станица. Полицајците донеле уште еден човек на кого главата му била толку испреврзана со завои што одвај можел да гледа. Тоа бил брат Андраш Пилинг, кој исто така дошол на средбата. Маж ми со воз бил однесен во затвор во Алаг, близу Будимпешта. Кога еден од стражарите ги видел изобличените стапала на Тибор, саркастично рекол: „Колку сурови можат да бидат некои луѓе! Немај гајле, ние ќе те излечиме“. Двајца други стражари почнале да го удираат Тибор по стапалата, а крвта прскала насекаде. По неколку минути се онесвестил.
Следниот месец, Тибор и повеќе од 60 други браќа и сестри беа изведени пред суд. Браќата Андраш Барта, Денеш Фалувеги и Јанош Конрад беа осудени на смрт со бесење. Брат Андраш Пилинг беше осуден на казна доживотен затвор, а маж ми на 12 години затвор. Кое беше нивното злосторство? Обвинителот ги обвини за велепредавство, за тоа што одбиваат воена служба, за шпионажа и за клевета против пресветата црква. Смртните казни подоцна беа преиначени во доживотен затвор.
По стапките на маж ми
Два дена откако Тибор отиде на средбата во Дебрецин, пред шест часот веќе бев будна и пеглав. Одеднаш се чу тропање на вратата. ‚Тука се‘, си помислив. Шестмина полицајци се втурнаа внатре и ме известија дека имаат дозвола за претрес. Сите во куќата беа уапсени и одведени во полициската станица, вклучувајќи го и нашиот тригодишен син. Истиот тој ден бевме префрлени во еден затвор во Петервашара (Унгарија).
Откако пристигнавме таму, добив треска и ме одделија од другите затвореници. Кога се освестив, во мојата ќелија имаше двајца војници кои се караа поради мене. „Мораме да ја убиеме! Јас ќе ја убијам!“ рече едниот. Но, другиот сакаше да ја провери мојата здравствена состојба пред да ме убијат. Ги преколнував да ме остават жива. Конечно излегоа од мојата ќелија, а јас му се заблагодарив на Јехова што ми помогна.
Стражарите имаа посебен метод на испрашување. Ми наредија да легнам свртена со лицето на земја, ми ставија чорапи во устата, ми ги врзаа рацете и нозете и ме камшикуваа додека не ме раскрварија. Престанаа дури кога еден од војниците
рече дека е преморен. Ме прашаа со кого требало да се сретне маж ми дента кога беше уапсен. Не им кажав, па така продолжија да ме тепаат три дена. Четвртиот ден ми беше дозволено да го однесам син ми кај мајка ми. По страшно студено време, го носев моето мало дете на повредениот грб и пешачев околу 13 километри до железничката станица. Од таму продолжив до дома со воз, но морав да се вратам во логорот истиот тој ден.Бев осудена на шест години затвор во Будимпешта. Кога пристигнав во затворот, дознав дека и Тибор е таму. Колку бевме среќни кога добивме дозвола да разговараме, иако само на неколку минути преку железна ограда! И двајцата ја почувствувавме љубовта на Јехова и бевме зајакнати од тие скапоцени моменти. Пред да се сретнеме повторно, и двајцата требаше да поминеме низ страшни испити, постојано избегнувајќи ја смртта за влакно.
Од еден во друг затвор
Бевме околу 80 сестри спикани во една ќелија. Копнеевме по духовна храна, но изгледаше невозможно да се внесе нешто во затворот. Би можеле ли да добиеме нешто однатре, од затворот? Еве што направивме. Јас доброволно се пријавив да ги крпам чорапите на затворските службеници. Во еден од чорапите, ставив едно ливче хартија на кое замолив да ми биде кажано под кој број е Библијата во списокот од затворската библиотека. За да не бидеме сомнителни, наведов уште две други книги.
Следниот ден, добив друг куп чорапи од службениците. Во еден од нив беше одговорот. Тогаш му ги дадов овие броеви на стражарот и го замолив за книгите. Колку само бевме радосни кога ги добивме книгите, вклучувајќи ја и Библијата! Другите книги ги менувавме секоја седмица, но ја задржавме Библијата. Кога стражарот ќе прашаше за неа, ние секогаш велевме: „Па, тоа е голема книга, и сите сакаат да ја прочитаат“. На тој начин можевме да ја читаме Библијата.
Еден ден, еден полицаец ме повика во неговата канцеларија. Изгледаше необично љубезен.
„Г-ѓо Хафнер, имам добри вести за Вас“, рече тој. „Можете да си одите дома. Можеби утре. А ако има воз, уште денес.“
„Тоа би било многу убаво“, одговорив јас.
„Се разбира“, рече тој. „Имате дете и верувам дека сакате Вие да го подигате.“ Потоа додаде: „Само потпишете го ова писмо“.
„Што е тоа?“ прашав.
„Не се секирајте за тоа“, беше упорен. „Само Вие потпишете и можете да си одите.“ Потоа ми рече: „Кога ќе стигнете дома, правете што сакате. Ама сега морате да потпишете дека повеќе не сте Јеховин сведок“.
Јас отстапив и одлучно одбив.
„Тогаш ќе умреш тука!“ луто извика тој и ме избрка.
Во мај 1943, бев префрлена во друг затвор во Будимпешта, а подоцна во селото Марианостра каде што живеевме во манастир со околу 70 калуѓерки. И покрај гладот и другите тешкотии, сакавме да ја споделиме нашата надеж со нив. Една од калуѓерките покажа вистински интерес за нашата порака и рече: „Ова се прекрасни работи. Никогаш не сум чула вакво нешто. Ве молам, кажувајте ми уште“. Ѝ кажавме за новиот свет и за прекрасниот живот таму. Додека зборувавме, дојде игуменијата. Заинтересираната калуѓерка веднаш ја одведоа, ѝ ги соблекоа алиштата и жестоко
ја истепаа со камшик. Кога се сретнавме повторно, таа нѐ преколнуваше: „Ве молам, молете го Јехова да ме спаси и да ме изведе од овде. Сакам да бидам една од вас“.Нашата следна дестинација беше еден стар затвор во Комаром, град на реката Дунав, околу 80 километри западно од Будимпешта. Условите за живот беа ужасни. Како многу други сестри, и јас се разболев од тифус, повраќав крв и многу ослабнав. Немавме никакви лекови, и мислев дека ми дошол крајот. Но, тогаш затворските чувари бараа некого што би можел да работи канцелариска работа. Сестрите ме спомнале мене. Така, ми беа дадени лекови и закрепнав.
Повторно обединета со моето семејство
Како што Советската армија се приближуваше од исток, ние бевме принудени да одиме на запад. Ќе ми треба многу време за да ги опишам сите ужаси низ кои поминавме. Неколкупати бев близу до смртта, но преживеав благодарение на заштитничката рака на Јехова. Кога заврши војната, бевме во чешкиот град Табор, оддалечен околу 80 километри од Прага. Ни требаа уште три седмици за јас и золва ми Магдалена да стигнеме до нашиот дом во Лученец, на 30 мај 1945.
Уште од далеку можев да ги видам во дворот свекрва ми и мојот мил син, Тибор. Очите ми се наполнија со солзи и извикав: „Тибике!“ Тој истрча и ми се фрли в раце. „Нема пак да заминеш, нели, мамичке?“ Тоа беше првото нешто што ми го рече, и никогаш нема да ги заборавам тие зборови.
Јехова беше милостив и со маж ми, Тибор. Од затворот во Будимпешта беше испратен во работен логор во Бор со уште околу 160 други браќа. Многупати беа на прагот на смртта, но како група беа сочувани. Тибор си дојде дома на 8 април 1945, отприлика еден месец пред мене.
По војната, сѐ уште ни требаше сила од Јехова за да ги преживееме сите испити во наредните 40 години под комунистичкото владеење во Чехословачка. Тибор повторно беше осуден на долги години затвор, а јас морав да се грижам за нашиот син без него. Откако беше пуштен, Тибор служеше како покраински надгледник. Во текот на 40-те години комунизам, ја користевме секоја прилика за да ја споделуваме нашата вера. Можевме да им помогнеме на мнозина да ја дознаат вистината. Со тоа тие станаа наши духовни деца.
Колку бевме радосни кога добивме верска слобода во 1989! Следната година, по толку долго време присуствувавме на нашиот прв конгрес во нашата земја. Кога ги видовме илјадниците наши браќа и сестри кои со децении го задржале својот интегритет, знаевме дека Јехова бил моќен извор на сила за сите нив.
Мојот драг сопруг, Тибор, почина верен на Бог на 14 октомври 1993, а јас сега живеам близу до мојот син во Жилина (Словачка). Физички немам веќе многу сила, но мојот дух е силен со моќта на Јехова. Цврсто сум уверена дека со силата од него можам да ги издржам сите испити во овој стар систем. Освен тоа, со нетрпение го чекам времето кога, поради незаслужената љубезност на Јехова, ќе можам да живеам засекогаш.
[Слика на страница 20]
Мојот син Тибор Помладиот (на 4 години), кого морав да го оставам
[Слика на страница 21]
Тибор Постариот, со други браќа во Бор
[Слика на страница 22]
Со Тибор и золва ми Магдалена, во 1947 во Брно
[Слики на страница 23]
Неколкупати бев близу до смртта, но преживеав благодарение на заштитничката рака на Јехова