Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Негувај го Христовото гледиште во врска со славата и угледот

Негувај го Христовото гледиште во врска со славата и угледот

Негувај го Христовото гледиште во врска со славата и угледот

„Кој сака да биде голем меѓу вас, мора да ви биде слуга“ (МАТЕЈ 20:26).

1. Како гледа светот на славата и угледот?

ВО БЛИЗИНА на древниот египетски град Теба (денешен Карнак), околу 500 километри јужно од Каиро, се наоѓа статуата на фараонот Аменхотеп III, висока 18 метри. Човек не може да гледа во овој огромен кип а да не се чувствува многу мал во споредба со него. Овој споменик, кој несомнено бил направен за да предизвика страхопочит кон владетелот, е симбол на тоа како во светот се гледа на славата и угледот — човек да изгледа колку што е можно поголем и поважен, а на сметка на тоа другите да се чувствуваат безначајни.

2. Каков пример им дал Исус на своите следбеници, и кои прашања треба да си ги поставиме?

2 Спореди го ова гледиште за славата и угледот со она што го поучувал Исус Христос. Иако тој им бил „Господ и Учител“ на своите следбеници, Исус ги поучил дека славата и угледот доаѓаат од тоа што ќе им се служи на другите. Последниот ден од својот живот на земјата, Исус покажал која е смислата на она што го поучувал на тој начин што им ги измил нозете на своите ученици. Каков само понизен чин на служење! (Јован 13:4, 5, 14). Да служиш или да ти служат — што ти се допаѓа повеќе? Дали Христовиот пример разгорува во тебе желба да бидеш понизен како него? Тогаш, да го разгледаме Христовото гледиште за славата и угледот наспроти гледиштето што е вообичаено во светот.

Отфрли го светското гледиште за славата и угледот

3. Кои библиски примери покажуваат каков жалосен исход имаат оние што копнеат по слава од луѓе?

3 Има многу библиски примери што покажуваат дека светското гледиште за славата и угледот води во пропаст. Помисли на влијателниот Аман, кој заземал висока положба на персискиот двор во деновите на Естира и Мардохеј. Жедта за слава му донела на Аман понижување и смрт (Естира 3:5; 6:10—12; 7:9, 10). А што е со вообразениот Навуходоносор, кој бил погоден од лудило кога бил на врвот на својата моќ? Неговата искривена претстава за славата и угледот се гледа во неговите зборови: „Не е ли тоа големиот Вавилон што јас го изградив за да ми биде царска престолнина — со силата на својата моќ, за слава на моето величество?“ (Даниел 4:30). Потоа, тука е и гордиот Ирод Агрипа I, кој ја прифатил за себе славата што не ја заслужувал наместо да му оддаде слава на Бог. Тој бил ‚изеден од црви и издивнал‘ (Дела 12:21—23). Тоа што не сфатиле како Јехова гледа на славата и угледот ги одвело сите овие луѓе во понижувачка пропаст.

4. Кој стои зад светскиот дух на гордост?

4 Сосема е на место да сакаме да го користиме својот живот на начин што ни носи чест и почит. Сепак, Ѓаволот ја искористува оваа желба поттикнувајќи дух на гордост, кој е одраз на неговите лични амбиции (Матеј 4:8, 9). Никогаш не заборавај дека тој е „богот на овој систем на работи“ и дека е решен да го шири своето размислување овде на земјата (2. Коринќаните 4:4; Ефешаните 2:2; Откровение 12:9). Бидејќи знаат кој е изворот на таквото размислување, христијаните го отфрлаат светското гледиште за славата и угледот.

5. Дали успехот, признанието и богатството се гаранција за трајно задоволство? Објасни.

5 Една идеја што ја шири Ѓаволот е дека, ако си некој и нешто во светот, ако имаш признание од луѓето и ако имаш џебови полни со пари, автоматски ќе бидеш среќен. Дали ова е точно? Дали успехот, признанието и богатството гарантираат живот полн со задоволство? Библијата нѐ предупредува да не бидеме измамени од такво размислување. Мудриот цар Соломон напишал: „Искусив дека секој напор и секој успех му прибавува на човекот завист од неговиот ближен. И тоа е суета и гонење на ветер“ (Проповедник 4:4). Многу луѓе што го посветиле животот на тоа да се пробијат во светот можат да потврдат дека овој инспириран совет од Библијата е точен. Пример за тоа е еден човек што помогнал да се конструира, направи и испроба вселенското летало со кое човекот отишол на Месечината. Тој размислувал: „Многу работев и станав стручњак во тоа што го правев. Сепак, тоа воопшто не ми помогна да најдам трајна среќа и душевен мир“. * Световното гледиште за славата и угледот, сеедно дали на полето на бизнисот, спортот или забавата, не е гаранција за трајно задоволство.

Слава и углед што се постигнуваат со служење мотивирано од љубов

6. Што покажува дека Јаков и Јован имале неисправно гледиште за славата и угледот?

6 Еден настан од животот на Исус открива што значи вистинската слава и углед. Исус и неговите апостоли оделе во Ерусалим за да ја прослават Пасхата во 33 н.е. По патот, двајца братучеди на Исус, Јаков и Јован, покажале дека имаат неисправно гледиште за славата и угледот. Преку мајка им, тие побарале од Исус: ‚Кажи да седнеме откај твојата десница и откај твојата левица, во твоето царство‘ (Матеј 20:21). Кај Евреите, да се седи откај нечија десница или левица се сметало за голема чест (1. Цареви 2:19). Јаков и Јован амбициозно се обиделе да ги приграбат највисоките места. Тие сакале да си ги обезбедат за себе тие влијателни положби. Исус знаел што мислат и ја искористил таа прилика да го исправи нивното погрешно гледиште во врска со славата и угледот.

7. Како Исус го опишал патот до вистинска христијанска слава и углед?

7 Исус знаел дека во овој горделив свет, за славен и угледен се смета оној човек што ги контролира и им заповеда на другите, и на кој му се задоволува секоја желба штом ќе посака нешто. Но, меѓу Исусовите следбеници, понизната служба е тоа по што се мери нечија слава и углед. Исус рекол: „Кој сака да биде голем меѓу вас, мора да ви биде слуга, и кој сака да биде прв меѓу вас, мора да ви биде роб“ (Матеј 20:26, 27).

8. Што значи да се биде слуга, и кои прашања би можеле да си ги поставиме?

8 Грчкиот збор што во Библијата е преведен со „слуга“ се однесува на оној што трудољубиво и упорно се напрега да им прави услуги на другите. Исус ги научил своите ученици на една важна работа: Човек не станува славен и угледен кога им заповеда на другите, туку кога им служи на другите мотивиран од љубов. Запрашај се: ‚Како ќе реагирав јас да бев на местото на Јаков или Јован? Дали ќе сфатев дека вистинска слава и углед стекнуваме кога служиме мотивирани од љубов?‘ (1. Коринќаните 13:3).

9. Каков пример дал Исус во постапките со другите?

9 Исус им покажал на своите ученици дека она што е мерило за слава и углед во светот не е мерилото за славата и угледот што го имал Христос. Тој никогаш немал надмен став кон оние на кои им служел ниту ги терал да се чувствуваат подолни од него. Секакви луѓе — мажи, жени и деца, богати, сиромашни и моќни, како и познати грешници — се чувствувале пријатно кога биле со него (Марко 10:13—16; Лука 7:37—50). Луѓето честопати се нестрпливи со оние што имаат слабости. Исус не бил таков. Иако неговите ученици понекогаш биле непромислени и се расправале, тој стрпливо ги поучувал, покажувајќи им дека е навистина понизен и со благ нарав (Захарија 9:9; Матеј 11:29; Лука 22:24—27).

10. На кој начин целиот живот на Исус претставувал несебична служба за другите?

10 Несебичниот пример што го дал овој најистакнат Божји Син покажал што навистина значат славата и угледот. Исус не дошол на земјата за да му служат туку за да им служи на другите, лекувајќи „разни болести“ и ослободувајќи ги луѓето од власта на демоните. Иако се уморувал и му требало време за да се одмори, секогаш ги ставал интересите на другите пред своите, правејќи сѐ што може за да ги утеши (Марко 1:32—34; 6:30—34; Јован 11:11, 17, 33). Љубовта го мотивирала да им дава духовна помош на луѓето, патувајќи стотици километри по правливите патишта за да ја проповеда добрата вест за Царството (Марко 1:38, 39). Без сомнение, Исус сметал дека е многу важна работа да им се служи на другите.

Имитирај ја понизноста на Христос

11. Кои особини се бараат кај браќата што се наименувани да служат како надгледници во собранието?

11 Кон крајот на 1800⁠-тите, кога се избирале мажи за да служат како патувачки претставници што ќе се грижат за потребите на Божјиот народ, било истакнато каков исправен дух треба да негуваат христијанските надгледници. Според Сионска Стражарска кула од 1 септември 1894, се барале мажи што биле „кротки — за да не се надујат . . . со понизен став, кои не сакаат да проповедаат свои работи туку Христос — кои не го истакнуваат сопственото знаење туку неговата Реч, која е едноставна и моќна“. Јасно, вистинските христијани никогаш не треба да настојуваат да добијат некоја одговорност за да ги задоволат своите лични амбиции или за да бидат на висока положба, да имаат власт или контрола над другите. Понизниот надгледник има на ум дека неговите одговорности претставуваат „извонредна работа“, а не висока положба што ќе му донесе слава (1. Тимотеј 3:1, 2). Сите старешини и слуги помошници треба да даваат сѐ од себе за да им служат понизно на другите и да предводат во светата служба, оставајќи пример што вреди да се имитира (1. Коринќаните 9:19; Галатите 5:13; 2. Тимотеј 4:5).

12. Кои прашања можат да си ги постават оние што тежнеат по предности во собранието?

12 Секој брат што тежнее по предности ќе треба да се запраша: ‚Дали барам прилики да им служам на другите или, пак, повеќе сакам да ми служат? Дали сум спремен да извршувам корисни задачи што другите не ги забележуваат веднаш?‘ На пример, некој млад човек можеби сака да држи говори во христијанското собрание, но можеби не е баш спремен да им помага на постарите. Можеби сака да се дружи со одговорните мажи во собранието, но не е баш спремен да учествува во делото на проповедање. Таквиот млад човек треба да се запраша: ‚Дали главно се сосредоточувам на оние аспекти од Божјата служба што носат признание и фалба? Дали настојувам да бидам во центарот на вниманието?‘ Сигурно не е во склад со примерот на Христос да бараме слава за себе (Јован 5:41).

13. а) Како може да влијае врз другите примерот на понизност што ќе го остави надгледникот? б) Зошто може да се рече дека за христијаните понизноста не е работа на избор?

13 Кога настојуваме да бидеме понизни како Христос, мотивирани сме да им служиме на другите. Размисли за примерот на еден зонски надгледник што дошол да провери како тече работата во една канцеларија на подружницата на Јеховините сведоци. И покрај тоа што бил многу зафатен и имал големи одговорности, овој надгледник застанал за да му помогне на некој млад брат што се мачел да ја намести машината за опшивање. „Не ми се веруваше!“, раскажал братот. „Ми рече дека работел на иста таква машина кога служел во Бетел како млад и дека се сеќава колку било тешко да се намести машината баш како што треба. Некое време работеше до мене иако имаше да заврши уште многу други важни работи. Тоа ми остави голем впечаток.“ Тој брат, кој сега е надгледник на една од канцелариите на подружниците на Јеховините сведоци, сѐ уште се сеќава на таа понизна постапка. Никогаш да не мислиме дека сме на премногу високо за да извршуваме некои ниски работи или дека сме премногу важни за да извршуваме обични задачи. Наместо тоа, треба да се опашаме со „понизност на умот“. Тоа не е работа на избор. Тоа е дел од „новата личност“ што мора да ја облече христијанинот (Филипјаните 2:3; Колошаните 3:10, 12; Римјаните 12:16).

Како да се стекне Христовото гледиште за славата и угледот

14. Како може тоа што ќе медитираме за нашиот однос со Бог и со другите луѓе да ни помогне да негуваме исправно гледиште за славата и угледот?

14 Како можеме да стекнеме исправно гледиште за славата и угледот? Еден начин е да медитираме за нашиот однос со Јехова Бог. Неговата величественост, моќ и мудрост го издигнуваат далеку над сето она што го прават ситните луѓе (Исаија 40:22). И медитирањето за нашиот однос со другите луѓе ќе ни помогне да негуваме понизност на умот. На пример, можеби сме подобри од другите на извесни полиња, но тие можеби се подобри во некои аспекти од животот што се многу поважни или, пак, нашите христијански браќа можеби имаат извесни квалитети што ние ги немаме. Всушност, многу од оние што се скапоцени во Божји очи најчесто не се забележуваат бидејќи постапуваат кротко и понизно (Пословици 3:34; Јаков 4:6).

15. На кој начин интегритетот на Божјиот народ покажува дека никој нема основа да мисли дека е над другите?

15 Искуствата на Јеховините сведоци што имале искушенија поради нивната вера добро го илустрираат ова. Многу често, оние што светот би ги сметал за обични го задржале својот интегритет кон Бог кога имале огнени испити. Медитирањето за таквите примери може да ни помогне да останеме понизни и да нѐ поучи ‚да не мислиме за себе повеќе отколку што треба да мислиме‘ (Римјаните 12:3). *

16. Како можат сите во собранието да го имитираат примерот што го дал Исус во поглед на славата и угледот?

16 Сите христијани, и млади и стари, треба да настојуваат да го негуваат Христовото гледиште за славата и угледот. Во собранието мораат да се извршат најразлични задачи. Никогаш не се навредувај кога ќе те замолат да направиш некоја работа што можеби ти изгледа ниска (1. Самоил 25:41; 2. Цареви 3:11). Родители, дали ги охрабрувате своите мали деца или тинејџери радосно да ја извршат секоја работа што ќе им се даде, сеедно дали во Салата на Царството, на некој собир или на конгресната локација? Дали гледаат како Вие извршувате ниски задачи? Еден брат, кој сега служи во светското седиште на Јеховините сведоци, живо се сеќава на примерот на неговите родители. Тој вели: „Начинот на кој ја извршуваа работата поврзана со чистењето на Салата на Царството или на некоја конгресна локација ми покажа дека го сметаат тоа за нешто важно. Честопати доброволно се пријавуваа да извршуваат задачи во корист на собранието или на братството, без оглед на тоа колку изгледаа ниски тие задачи. Тој став ми помогна спремно да прифатам каква и да е задача што треба да ја сработам овде во Бетел“.

17. На кој начин можат понизните жени да бидат благослов за собранието?

17 Во врска со тоа да ги ставаме интересите на другите пред нашите, одличен пример имаме во Естира, која станала царица на Персиската Империја во петтиот век пр.н.е. Иако живеела во палата, таа била спремна да си го ризикува животот за Божјиот народ со тоа што постапила во склад со Неговата волја (Естира 1:5, 6; 4:14—16). Без оглед на нивната финансиска состојба, христијанките денес можат да покажуваат дух како духот на Естира со тоа што ќе ги охрабруваат депримираните, ќе ги посетуваат болните, ќе учествуваат во проповедничкото дело и ќе соработуваат со старешините. Колкав само благослов се таквите понизни сестри за собранието!

Благослови ако постапуваме според Христовото гледиште за славата и угледот

18. Кои се користите од тоа што ќе постапуваме според Христовото гледиште за славата и угледот?

18 Ако задржиш гледиште за славата и угледот слично на Христовото, ќе имаш многу благослови. Тоа што несебично ќе им служиш на другите ги радува и нив и тебе (Дела 20:35). Додека спремно и горливо се трошиш за твоите браќа, ти им стануваш мил (Дела 20:37). Што е уште поважно, она што го правиш за да им биде добро на сохристијаните Јехова го смета за угодна жртва на фалба за него (Филипјаните 2:17).

19. На што треба да бидеме решени во врска со Христовото гледиште за славата и угледот?

19 Секој од нас треба да се преиспита во срцето и да се запраша: ‚Дали само на зборови ќе го негувам Христовото гледиште за славата и угледот или, пак, марливо ќе работам на тоа да го применам?‘ Јасно е што мисли Јехова за вообразените (Пословици 16:5; 1. Петрово 5:5). Нека се види во нашите постапките дека со радост го покажуваме Христовото гледиште за славата и угледот, сеедно дали во христијанското собрание, во нашето семејство или во нашите секојдневни контакти со другите луѓе — правејќи сѐ на Божја слава и фалба (1. Коринќаните 10:31).

[Фусноти]

^ пас. 5 Види го англиското издание на Стражарска кула од 1 мај 1982, страници 3—6, „Во потрага по успех“.

^ пас. 15 За примери види го англиското издание на Годишник на Јеховините сведоци за 1992, страници 181 и 182, и Стражарска кула од 1 септември 1993, страници 27—31.

Можеш ли да објасниш?

• Зошто треба да бегаме од световното гледиште за славата и угледот?

• Како Исус ја мерел славата и угледот?

• Како можат надгледниците да ја имитираат понизноста на Христос?

• Што може да ни помогне да го негуваме Христовото гледиште за славата и угледот?

[Прашања]

[Рамка на страница 17]

Кој постапува во склад со Христовото гледиште за славата и угледот?

Оној што сака да му служат или што е спремен да служи?

Оној што повеќе сака да биде во центарот на вниманието или оној што прифаќа понизни задачи?

Оној што се воздигнува или оној што ги воздигнува другите?

[Слика на страница 14]

Џиновскиот кип на фараонот Аменхотеп III

[Слика на страница 15]

Знаеш ли што водело до падот на Аман?

[Слика на страница 16]

Дали бараш прилики да им служиш на другите?