Прашања од читателите
Прашања од читателите
Што мислел Исус кога им рекол на своите ученици: „Го видов Сатана веќе паднат од небото како молња“?
Исус штотуку избрал 70 ученици и ‚ги испратил по двајца пред себе во секој град и место каде што и самиот имал намера да дојде‘. Кога 70-те ученици се вратиле, биле радосни поради успехот на нивната мисија. „Господи дури и демоните ни се покоруваат кога го користиме твоето име“, му рекле тие. Тогаш Исус им рекол: „Го видов Сатана веќе паднат од небото како молња“ (Лука 10:1, 17, 18).
На прв поглед можеби се чини дека Исус се осврнал на некој настан што веќе се случил. Но, 60 години откако Исус ги кажал горниве зборови, остарениот апостол Јован кажал нешто слично кога напишал: „Беше исфрлен долу големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена земја; беше исфрлен долу на земјата, и неговите ангели беа исфрлени со него“ (Откровение 12:9).
Кога Јован ги запишал овие зборови, Сатана сѐ уште бил на небото. Од каде знаеме? Затоа што Откровение е книга на пророштво, а не историја (Откровение 1:1). Според тоа, што се однесува до времето на Јован, Сатана сѐ уште не бил исфрлен на земјата. Всушност, доказите покажуваат дека тоа се случило дури набрзо откако Исус бил устоличен како Цар на Божјето Царство во 1914 * (Откровение 12:1—10).
Тогаш зошто Исус зборува за истерувањето на Сатана од небото како тоа веќе да се случило? Некои изучувачи велат дека Исус ги укорил своите ученици за тоа што покажале неисправна гордост. Тие сметаат дека тој, всушност, велел: ‚Извојувавте победа над демоните, но немојте да се возгордеете. Сатана се возгордеа, и тоа го водеше до пропаст‘.
Не можеме да бидеме догматични во врска со ова. Меѓутоа, изгледа поверојатно дека Исус се радувал заедно со своите ученици и дека укажал на идниот крај на Сатана. Повеќе од кој и да бил од неговите ученици, Исус бил свесен за злобното непријателство на Ѓаволот. Замисли си колку бил радосен Исус кога чул дека моќните демони им се покориле на неговите несовршени човечки ученици! Ова покорување на демоните било само претслика за идниот ден кога Исус, како архангел Михаел, ќе води војна против Сатана и ќе го исфрли од небото на Земјата.
Кога рекол дека го видел Сатана „веќе паднат“, Исус очигледно нагласил дека падот на Сатана е сигурна работа. Ова е слично на други библиски пророштва што зборуваат за идни настани во минато време. На пример, забележи како се меша употребата на минато и идно време во пророштвото во врска со Месијата во Исаија 52:13—53:12. Исус веројатно изразил уверување дека исфрлањето на Сатана од небото ќе се случи во склад со волјата на Неговиот Татко. Исус исто така бил сигурен дека во Божје време Сатана и неговите демони ќе бидат фрлени в бездна и подоцна уништени еднаш засекогаш (Римјаните 16:20; Евреите 2:14; Откровение 20:1—3, 7—10).
[Фуснота]
^ пас. 5 Види Спознание кое води до вечен живот, 10. поглавје и српското издание на Откровение — близу е неговата величествена кулминација!, 27. поглавје, издадени од Јеховините сведоци.