Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што му дава вистинска смисла на животот?

Што му дава вистинска смисла на животот?

Што му дава вистинска смисла на животот?

КОГА бил запрашан за смислата на животот, Џеси, 17⁠-годишен ученик во средно училиште, одговорил: „Забавувај се колку што можеш, додека си жив“. Сузи имала поинакво гледиште. „Јас навистина верувам дека смислата на животот е она што самиот ќе си го направиш смисла во животот“, рекла таа.

Дали некогаш си се прашувал која е смислата на животот? Дали постои една универзална смисла за целото човештво? Или, пак, Сузи е во право — дека животот во суштина е она што самите ќе си го направиме? Сеедно колку напред оди нашето општество во технолошки поглед, изгледа дека нешто во нас копнее по смисла. Повеќето од нас, во еден момент од животот се прашуваат: ‚Зошто сме тука?‘

Современата наука се бори да одговори на тоа прашање. Со каков резултат? „Нема никаква вродена, еволутивна смисла во тоа да се биде жив“, изјавил Дејвид П. Браш, професор по психологија и зоологија. Според еволуционите биолози, живите суштества имаат само една цел: да преживеат и да се размножуваат. Затоа, професор Браш наведува: „Во еден огромен универзум кој е без цел и кој не покажува никаква грижа за луѓето, должност е на човекот да му даде смисла на нашиот живот со слободните, свесни, намерни избори што ги правиме“.

Изворот на смисла и причина

Тогаш, дали тоа е сѐ во животот — секој од нас да го прави она што сака? Наместо да нѐ остави да талкаме бесцелно во универзум кој е без цел и без смисла, Библијата одамна ни открива дека сме овде со причина. Нашето постоење не е резултат на некоја космичка случајност. Како што ни е кажано, Творецот со години ја подготвувал Земјата за човекот. Ништо не било оставено на случајноста. Тој се погрижил сѐ да биде „многу добро“ (Битие 1:31; Исаија 45:18). Зошто? Затоа што Бог имал цел за човекот.

Сепак, интересно е тоа што Бог не ја предодредил иднината на секој поединец, ниту преку божествена интервенција ниту преку некаков биолошки процес. Иако врз нас влијае нашето генетско наследство, ние главно имаме контрола над нашите постапки. Сите ние имаме слобода да си го избереме патот во животот.

Иако останува на секој од нас да избере што ќе прави со својот живот, би било погрешно да го изоставиме Творецот од нашите планови. Всушност, мнозина увиделе дека вистинската смисла и цел во животот се поврзани со односот со Бог. Суштинската врска помеѓу Бог и нашата цел во животот е истакната во личното име на Бог, Јехова, кое дословно значи „Тој предизвикува да стане“ (Излез 34:5, 6). Тоа значи дека тој постепено исполнува сѐ што ветува и секогаш го остварува она што го намислил (Излез 3:14NW; Исаија 55:10, 11). Размисли за тоа. Името Јехова е гаранција за сите нас дека тој е основниот и вечниот Извор на цел што има смисла.

И самото тоа што ќе признае дека постои Творец, ќе има длабоко влијание врз нечие гледиште за животот. Деветнаесетгодишната Линет вели: „Кога ги гледам сите прекрасни работи што Јехова ги создал и целта за која се создадени, тоа ми покажува дека и јас сум создадена со причина“. Амбер додава: „Кога луѓето зборуваат за ‚непознатото‘, тоа секогаш ме потсетува дека за мене тоа, всушност, воопшто не е непознато, дека јас знам. Доказите дека Јехова постои едноставно се во работите што тој ги создал“ (Римјаните 1:20). Се разбира, да се признае дека постои Творец е една работа, но да се изгради длабок однос со него е нешто сосема друго.

Пријателство со Бог

Овде повторно може да ни помогне Библијата. Во нејзините први поглавја дадени се јасни докази дека Јехова Бог е Татко полн со љубов. На пример, тој не ги создал Адам и Ева, па да ги остави да нагаѓаат кој е тој. Напротив, редовно комуницирал со нив. Не ги оставил во Еден самите да се снајдат, а тој да си тера друга работа. Наместо тоа, им дал конкретни упатства за тоа кој е најдобриот начин на живот. Им дал задоволувачка работа и организирал постојано да се образуваат (Битие 1:26—30; 2:7—9). Зарем тоа не е она што би го очекувал од еден способен родител полн со љубов? Сега, размисли што значи сето ова. „Тоа што знам дека Јехова ја создал Земјата и нѐ направил со способност да уживаме во неговото творештво“, вели Даниела, „ми покажува дека сака да бидеме среќни.“

Освен тоа, како секој добар татко, Јехова сака сите негови деца да имаат личен однос со него. Во врска со тоа, Дела 17:27 нѐ уверува: „Тој не е далеку од никого од нас“. Дали тоа менува нешто? Амбер вели: „Тоа што го запознав Јехова ми влева доверба дека никогаш не сум сосема сама. Што и да се случи, имам на кого да се обратам“. Освен тоа, додека го запознаваш Јехова, ќе увидиш дека тој е љубезен, праведен и добар. Можеш да се потпреш на него. „Кога Јехова ми стана близок пријател“, вели Џеф, „знаев дека никој друг не е поспремен да ми се најде кога ми е потребен.“

За жал, за Јехова се кажани многу негативни работи. Го обвинуваат за голем дел од човечкото страдање и за лошото однесување на религиозните луѓе. Нему му се припишуваат некои од најлошите ужаси во човечката историја. Но, Второзаконие 32:4, 5 [NW] објаснува: „Сите негови патишта се правда . . . Тие се расипаа, не му се деца, вината е нивна“. Затоа, имаме обврска самите да ги испитаме фактите (Второзаконие 30:19, 20).

Божјата намера исполнета

Меѓутоа, што и да одлучиме, ништо не може да го спречи Бог потполно да ја изврши својата намера за Земјава и за човештвото. На крајот на краиштата, тој е Творецот. Но, која е неговата намера? Исус Христос се осврнал на неа во својата Проповед на гората кога рекол: „Среќни се оние со благ нарав, бидејќи ќе ја наследат земјата“. Подоцна, на својот апостол Јован, му ставил до знаење дека Бог одлучил „да бидат уништени оние кои ја уништуваат земјата“ (Матеј 5:5; Откровение 11:18). Бидејќи за време на создавањето бил со Бог, Исус знае дека уште од почетокот Бог имал намера една совршена човечка фамилија засекогаш да живее во рај на Земјата (Битие 1:26, 27; Јован 1:1—3). А Бог не се менува (Малахија 3:6). „Што намислив“, ни ветува Бог, „ќе се збидне и што наумив, ќе се изврши“ (Исаија 14:24).

Во наше време, Јехова веќе почнал да ги поставува темелите на една обединета заедница која не е заснована на алчност и себичност, како што е случај со поголемиот дел од светот денес, туку на љубов кон Бог и кон ближниот (Јован 13:35; Ефешаните 4:15, 16; Филипјаните 2:1—4). Тоа е доброволна заедница од напредни и силно мотивирани поединци со една задача — да ја проповедаат добрата вест за претстојното Божје Царство пред да заврши овој систем на работи (Матеј 24:14; 28:19, 20). Во преку 230 земји, повеќе од шест милиони христијани веќе обожаваат заедно во едно обединето меѓународно братство во кое владее љубов.

Дај му смисла на твојот живот

Ако бараш поголема смисла во твојот живот, треба да знаеш дека Јехова Бог сега те поканува да се дружиш со неговиот народ — неговиот „праведен народ“ (Исаија 26:2). Меѓутоа, можеби се прашуваш: ‚Каков е животот во таа христијанска заедница? Дали навистина сакам и јас да бидам дел од неа?‘ Слушни што велат некои млади луѓе:

Квентин: „Собранието ми е заштита од светот. Тоа што знам дека Јехова е дел од мојот живот ми помага да сфатам дека тој постои и дека сака да бидам среќен“.

Џеф: „Собранието е најдоброто место каде што можам да побарам охрабрување. Таму се моите браќа и сестри, кои ми ја нудат нивната поддршка и пофалба. Тие навистина ми се пошироко семејство“.

Линет: „Со ништо не може да се спореди радоста кога ќе видам како некој ја прифаќа библиската вистина и одлучува да му служи на Јехова. Тоа ми донесува големо задоволство во животот“.

Коди: „Без Јехова, животот би ми бил безвреден. Како многу други, и јас би лутал бесцелно од една работа на друга, обидувајќи се да најдам среќа, а сепак не можејќи да ја најдам. Наместо тоа, Јехова ми дал неверојатна предност да бидам во однос со него и тоа му дава смисла на мојот живот“.

Зошто и ти не направиш едно истражување? Ќе откриеш дека ако му се приближиш на твојот Творец, Јехова Бог, ќе најдеш вистинска смисла во животот.

[Слики на страница 31]

Односот со Бог му дава смисла на нашиот живот

[Извор на слика на страница 29]

Фотографија на НАСА