Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Богатството на морето“

„Богатството на морето“

Раскошот на Јеховиното творештво

„Богатството на морето“

НА ЗАЈДИСОНЦЕ, благо ветре го бранува морето, а брановите нежно го заплискуваат брегот. Смирувачкиот звук на брановите е навистина привлечен за мнозина што доаѓаат на плажата за да се одморат и да најдат малку мир. *

Долги предели со вакви плажи порабуваат илјадници километри крајбрежја низ целата Земја. Оваа променлива гранична линија помеѓу песокот и водата ги означува границите на власта на морето. Така го создал тоа Творецот. Зборувајќи за себе, Бог изјавил дека тој „му ја ставил песокта на морето за граница“. Понатаму вели: „Се накрева, но е немоќно, брановите му бучат, но нема да поминат“ (Еремија 5:22; Јов 38:8; Псалм 33:7).

Нашата планета навистина е водена планета, како ниедна друга во сончевиот систем. Повеќе од 70 проценти од земјината топка се покриени со вода. Кога Јехова ја подготвувал земјата за на неа да живеат луѓе, одредил: „Нека се соберат на едно место водите под небото, и нека се покаже копно“. И токму ‚така биднало‘. Извештајот продолжува: „Бог го нарече копното земја, а собраните води мориња. И Бог виде дека е добро“ (Битие 1:9, 10). Што се постигнува со тоа што има океани?

На голем број значајни начини, водата од океаните била наменета да го одржува животот. На пример, водата има способност да складира топлина. На тој начин, океаните се како голем резервоар за топлина и го ублажуваат ледениот зимски студ.

Водата има и друга способност да го одржува животот. Повеќе од која и да е друга течност, таа може лесно да ги раствора другите супстанции. Бидејќи животните процеси се одвиваат со помош на хемиски реакции, неопходно е присуство на вода за да се растворат супстанциите и да се соединат нивните молекули. Многу од хемиските состојки што ги има во живото ткиво содржат вода. Книгата The Sea (Море) забележува: „На сите облици на живот им е потребна вода — која во основа мора да дојде од океаните, дури и за растенијата и за животните што живеат на копното“.

Океаните на Земјата играат важна улога и во прочистувањето на атмосферата. Планктоните во океаните го впиваат јаглеродниот диоксид и ослободуваат кислород. Според еден истражувач „секоја година 70 проценти од дополнителниот кислород во атмосферата доаѓа од планктоните во морето“.

Од океаните се добиваат и природни лекови за некои болести. Некои екстракти од риби со векови се користат како лек. Рибиното масло се користи веќе долго време. Во поново време, се користат хемиски супстанции од риби и други морски суштества при лекувањето на астмата и во борбата против вируси и рак.

Направени се напори да се процени економската вредност на користите што доаѓаат од океаните. Иако не е возможно да се дојде до точен заклучок, истражувачите процениле дека речиси две третини од вредноста на услугите на глобалниот екосистем доаѓаат од океаните. Ова го потврдува фактот дека морињата биле создадени со цел — да го поткрепуваат и да го одржуваат животот. Колку добро одговара ова на она што Библијата го нарекува „богатството на морето“! (Второзаконие 33:19).

Јехова е прославен како Голем Конструктор и Создател на ова богатство. Неемија бил поттикнат да го слави со следниве зборови: „Ти си Единствен, Господи! И го создаде небото . . . морињата и сѐ што е во нив. Ти го оживуваш сѐ тоа“ (Неемија 9:6).

[Фуснота]

^ пас. 3 Види го Календар на Јеховините сведоци за 2004, септември/октомври.

[Рамка/слики на страница 9]

Вода, ветар и бранови

Водата и ветрот создаваат огромни бранови кои со заглушувачки татнеж се разбиваат од карпестите гребени, како овие во Калифорнија (Соединетите Држави). Брановите отсекогаш биле чудесен дел од океаните, прикажувајќи ја нивната зачудувачка моќ. Тие се и извонреден потсетник за величествената моќ на Творецот. Јехова е оној кој „гази по високите морски бранови“. „Со силата Своја го бранува морето и со разумот Свој го поразува беснеењето негово“ (Јов 9:8NW; 26:12, ПСП). Навистина, „појак од шумот на многуте води, посилен од морските бранови: силен е Господ во висините“ (Псалм 93:4).

Песочни скулптури

Морскиот брег одвреме-навреме станува позадина на импресивни скулптури од песок, како дините што се гледаат овде на брегот на Намибија (јужна Африка). Ветрот е главната сила што му дава карактеристичен облик на песокот. Иако некои дини можат да изгледаат само како мали ритчиња, други можат да достигнат височина од 400 метри. Таквите големи количини песок ни помагаат да го разбереме библискиот израз „песок на морскиот брег“. Тој се користи за да се означи нешто што не може да се изброи, нешто тешко за мерење (Битие 22:17). Стоиме со страхопочит пред Творецот, кој создал такви генијални песочни бедеми против налетите на разбрануваното море.

[Слика на страница 9]

Брег на зајдисонце, заливот Бијафра (Камерун)