Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мелници од кои ни доаѓа лебот

Мелници од кои ни доаѓа лебот

Мелници од кои ни доаѓа лебот

ЗА НЕГО се вели дека е „основната храна“, „најважната храна“, „вечната главна потпора и поткрепа на човекот од памтивек“. Да, уште од древни времиња, лебот бил основна храна. Всушност, една од најнеопходните потреби на човекот е да набави храна за секој ден.

Основната состојка на лебот е брашното, или грубо меленото брашно, што се добива со мелење на житарици. Значи, мелењето е древна вештина. Без практичноста на машинеријата, колку ли само тешка задача било да се претворат зрната во брашно! Во библиски времиња, звукот на рачната мелница се поврзувал со нормални, мирни услови, а кога не се слушал тој звук, со состојба на пустош (Еремија 25:10, 11).

Што сѐ се користело во мелничарството низ вековите? Кои се некои методи и направи што се користеле за тоа? И од какви мелници ни доаѓа лебот денес?

Зошто се потребни мелници?

На првата човечка двојка, Адам и Ева, Јехова ѝ рекол: „Еве, ви ги давам сите треви, што се осеменуваат, по целата земја, и секое плодоносно дрво, што го носи своето семе во себе: нека ви биде за храна“ (Битие 1:29). Меѓу храната што Јехова Бог им ја дал на луѓето било и семето од стебленцата на житариците. Овој извор на храна бил неопходен за опстанокот на човекот зашто сите житарици — вклучувајќи ги и пченицата, јачменот, ‘ржта, овесот, оризот, просото, шеќерната трска и пченката — содржат скробни јаглеродни хидрати коишто телото може да ги претвори во неговото главно гориво — гликоза.

Меѓутоа, човекот не е способен да ги преработи целите, сурови житарици. За луѓето, тие се полесни за јадење кога се претворени во брашно и потоа зготвени. Наједноставни начини да се претвори некоја количина на жито во брашно се тоа да се столчи во аван, да се изгмечи помеѓу два камена или со комбинација на овие два начина.

Мелници на човечки погон

Статуетките од древни египетски гробници ја прикажуваат употребата на еден стар тип рачна мелница за жито во облик на седло. Оваа мелница се состоела од два камена — еден малку вдлабнат и кос камен бил долу, а еден помал одозгора. Работникот — обично жена — клечел на колена зад оваа направа и го држел горниот камен со двете раце. Потоа ја префрлал целата тежина од горниот дел од телото на него и го движел горниот камен напред-назад врз долниот камен, гмечејќи ги зрната меѓу двата камена. Колку едноставна, но ефикасна направа!

Меѓутоа, часовите поминати на колена си го правеле своето. Да се турка горниот камен до крајот на мелницата и да се повлече назад значело постојан напор за грбот, рацете, бедрата, колената и прстите на нозете на работникот. По проучувањето на неправилностите во коските на некои скелети од древна Сирија, палеонтолозите дошле до заклучок дека ракувањето со слични рачни мелници довело кај младите жени до повреди што се добиваат при повторливо напрегање — вдлабнатини на чашката на коленото, оштетување на последниот грбен пршлен и тежок остеоартритис на палецот на ногата. Во древниот Египет, изгледа дека ракувањето со рачна мелница било работа на робинките, односно слугинките (Излез 11:5). * Некои изучувачи сметаат дека кога излегле од Египет, Израелците со себе понеле токму мелница во облик на седло.

Меѓу подоцнежните подобрувања во направите за мелење бил и жлебот што бил направен на двата камена за да се зголеми ефикасноста. Тоа што почнал да се користи отвор во вид на инка на горниот камен му овозможувало на оној што ракувал со мелницата да става зрна во отворот, кои автоматски паѓале помеѓу камењата. Во четвртиот или петтиот век пр.н.е., во Грција била направена едноставна машина за мелење. Една хоризонтална рачка, или лост, на едниот крај поставена на оска, била прицврстена за горниот камен. Кога се движел слободниот крај од овој лост напред-назад во краток лак, горниот камен со хранилката се триел од долниот камен.

Сите мелници што досега беа спомнати имале сериозни ограничувања. Зависеле од движења напред-назад, што ниедно животно не можело да биде истренирано да ги прави. Затоа, овие мелници зависеле од човечка сила. Потоа дошла нова технологија — ротационата мелница. Сега можеле да се користат животни.

Ротационите мелници ја олеснуваат работата

Најверојатно, ротационите мелници биле измислени во средоземноморскиот регион околу вториот век пр.н.е. Во првиот век н.е. на Евреите во Палестина им била позната таквата мелница зашто Исус зборувал за „воденичен камен како оној што го врти магарето“ (Марко 9:42).

Мелниците што биле придвижувани од животни се користеле во Рим и во поголемиот дел од Римското Царство. Многу такви мелници сѐ уште стојат во Помпеја. Тие се состојат од тежок горен камен во облик на песочен часовник кој служел како хранилка и конусен долен камен. Како што горниот камен се вртел врз долниот, зрната жито се ставале меѓу двата камена и се мелеле. Големината на сегашните горни камења од овој вид варира помеѓу 45 и 90 сантиметри во пречник. Овие мелници биле високи и до 180 сантиметри.

Не е јасно дали полесните ротациони мелници се развиле од мелниците придвижувани од животни или обратно. Како и да е, предноста на ротационата рачна мелница била во тоа што била пренослива и лесна за користење. Се состоела од два кружни камена чиј пречник можеби бил од 30 до 60 сантиметри. Горната површина на долниот камен била малку испакната а долната површина од горниот камен малку вдлабната за да одговара на испакнатиот долен камен. На средината на горниот камен имало прицврстено оска и се вртел со дрвена рачка. Обично две жени седеле една наспроти друга, со едната рака на рачката за да го вртат горниот камен (Лука 17:35). Со слободната рака, едната жена ставала по малку жито во хранилката на горниот камен, а другата жена го собирала брашното кое течело од рабовите на мелницата во тепсија или во платно што било послано под мелницата. Овој вид мелница ги задоволувал потребите на војниците, морнарите или на малите домаќинства што живееле далеку од населбите каде што имало мелници.

Мелници на вода или на ветар

Околу 27 н.е., римскиот инженер Витрувиј дал опис на една воденица од неговото време. Водата што течела ги туркала перките на вертикалното тркало кое било прицврстено на една хоризонтална оска, вртејќи го тркалото. Запчениците го пренесувале движењето до една вертикална осовина. Осовината, пак, го движела големиот горен воденичен камен.

Какво било производството на воденицата во споредба со другите мелници? Се проценува дека рачните мелници мелеле помалку од 10 килограми жито на час, а најдобрите мелници придвижувани од животни до 50 килограми. Од друга страна, пак, воденицата на Витрувиј можела да сомеле од 150 до 200 килограми на час. Со безброј промени и подобрувања, мелничарите со векови продолжиле да го користат основниот принцип што го опишал Витрувиј.

Водата не била единствениот извор на природна енергија што се користел за работа на мелничките камења. Ако воденичното тркало се замени со крилата на ветерницата, ќе се постигне истата цел. Ветерниците почнале да се користат во Европа веројатно во 12 век н.е. и во голема мера се користеле за мелење жито во Белгија, Германија, Холандија и на други места. Тие се користеле сѐ додека поради мелниците на пареа и на друг вид енергија, сите други извори на енергија не станале застарени.

„Лебот наш за овој ден“

И покрај напредокот, во некои делови од светот многу методи на мелење од минатото се задржале до ден-денес. Аванот и толчникот сѐ уште се користат во некои делови на Африка и Океанија. Во Мексико и Централна Америка, за мелење на пченка за тортиљи се користат рачните мелници во облик на седло. А на некои места сѐ уште се користат голем број воденици и ветерници.

Меѓутоа, најголемиот дел од брашното за правење леб во развиените земји денес се произведува во потполно механизирани и комплетно автоматизирани ротациони мелници. Додека поминуваат низ неколку последователни процеси на мелење помеѓу два челични цилиндра со рапава површина што се движат со различна брзина, зрната од житото постепено се мелат во брашно. Овој систем овозможува да се произведуваат различни типови брашно по ниска цена.

Секако, да се добие брашно за храна повеќе не е макотрпна работа како што некогаш било. Сепак, да му бидеме благодарни на нашиот Творец што ни дал жито и досетливост да го претвориме тоа жито во „лебот наш за овој ден“ (Матеј 6:11).

[Фуснота]

^ пас. 10 Во библиски времиња, заробените непријатели, како Самсон и други Израелци, биле ставани да работат на мелници (Судии 16:21; Плач Еремиин 5:13). Слободните жени мелеле жито за своите домаќинства (Јов 31:10).

[Слика на страница 23]

Египетска рачна мелница во облик на седло

[Извор на слика]

Soprintendenza Archeologica per la Toscana, Firenze

[Слика на страница 23]

За да се добие масло, маслинките се гмечеле во мелници што ги придвижувале животни

[Извор на слика на страница 22]

Од Self-Pronouncing Edition of the Holy Bible, која ги содржи преводите King James и the Revised version