Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Молете се вака“

„Молете се вака“

„Молете се вака“

ГИ ЗНАЕШ ЛИ зборовите од молитвата Оченаш? Тоа е пример-молитвата за која поучувал Исус Христос. Во својата позната Проповед на гората, тој рекол: „Туку, молете се вака“ (Матеј 6:9). Бидејќи ја вовел Исус, таа честопати е наречена Господова молитва, но исто така е позната и како Оченаш (латински, Paternoster).

Милиони луѓе ширум светот ја знаат молитвата Оченаш напамет и често ја повторуваат, можеби и секој ден. Во последниве години, оваа молитва често била рецитирана во училишта и на некои јавни настани. Зошто луѓето толку многу ја ценат молитвата Оченаш?

Кипријан, теолог што живеел во 3 век н.е., напишал: „Која друга молитва може да биде подуховна од онаа што ни ја дал Христос? . . Која молитва до Таткото може да биде повистинита од онаа што ни ја кажал Синот, кој самиот е Вистина?“ (Јован 14:6).

Во својата катехеза, римокатоличката црква ја смета Оченаш за „фундаментална христијанска молитва“. The World Book Encyclopedia го признава важното место што го зазема оваа молитва во сите религии на христијанскиот свет, нарекувајќи ја една од „основните изјави на христијанската вера“.

Сепак, мора да се признае и тоа дека многу од оние што ја рецитираат молитвата Оченаш, всушност, не ја разбираат во потполност. „Ако потекнуваш од каква и да било христијанска средина, ти најверојатно можеш да ја кажеш Оченаш како од пушка, во еден здив“, вели канадскиот весник Ottawa Citizen, „но можеби ќе ти биде тешко да ја кажеш полека и со разбирање.“

Дали е навистина важно да ги разбираме молитвите што му ги упатуваме на Бог? Зошто Исус ни ја дал молитвата Оченаш? Какво значење има таа за тебе? Ајде да ги разгледаме овие прашања.