Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Молитвата Оченаш — какво значење има таа за тебе

Молитвата Оченаш — какво значење има таа за тебе

Молитвата Оченаш — какво значење има таа за тебе

МОЛИТВАТА Оченаш, која ја дал Исус Христос во Проповедта на гората, се наоѓа во Библијата во Матеј, 6. поглавје, стихови 9 до 13. Веднаш пред да ја каже оваа молитва, Исус рекол: „Кога се молите, не кажувајте секогаш одново едни исти работи, како што прават луѓето од нациите, зашто тие мислат дека ќе бидат услишени затоа што користат многу зборови“ (Матеј 6:7).

Од ова јасно може да се види дека Исус немал намера молитвата Оченаш да се рецитира од збор до збор. Точно, подоцна ја повторил оваа молитва во корист на други слушатели (Лука 11:2—4). Но, зборовите од молитвата не се потполно исти во евангелските извештаи на Матеј и на Лука. Освен тоа, кога Исус и неговите ученици се молеле во други прилики, не се држеле стриктно баш за истите зборови од неговата пример-молитва.

Зошто молитвата Оченаш е запишана во Библијата? Преку неа Исус нѐ учи како можат нашите молитви да бидат прифатливи за Бог. Исто така, во оваа молитва наоѓаме одговор на некои од основните животни прашања. Затоа, да го разгледаме еден по еден секој дел од молитвата Оченаш.

Кое е Божјето име?

„Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое“ (Матеј 6:9). Овие воведни зборови од пример-молитвата ни помагаат да му се приближиме на Бог обраќајќи му се со „Татко наш“. Како што едно дете природно има наклоност кон родителот кој го сака и го разбира, така и ние можеме да му пристапиме на нашиот небесен Татко со доверба дека тој сака да нѐ слушне. „Ти ја послушуваш молитвата“, пеел цар Давид, „секое тело доаѓа при тебе“ (Псалм 65:2).

Исус нѐ учи да молиме да се свети Божјето име. Но, кое е Божјето име? Библијата го дава одговорот со следниве зборови: „Господ е Бог Саваот; Јехова е името Негово“ (Осија 12:5ПСП). Дали си имал прилика да го прочиташ името Јехова во Библијата?

Всушност, Божјето име, Јехова, се појавува околу 7.000 пати во древните библиски ракописи. Меѓутоа, некои преведувачи отишле дотаму што го отстраниле името од своите верзии на Библијата. Затоа, со право молиме нашиот Творец да го посвети своето име (Езекиел 36:23). Еден начин на кој можеме да постапиме во склад со таквата молитва е да го користиме името Јехова кога му се молиме на Бог.

Патриција била воспитувана како католик и многу добро ја знаела молитвата Оченаш. Како реагирала кога една жена, Јеховин сведок, ѝ го покажала Божјето име во Библијата? „Не можев да верувам!“, извикнала. „Ја зедов мојата Библија, и видов дека името стои и таму. Потоа жената ми го покажа Матеј 6:9, 10 и ми објасни дека Божјето име е поврзано со молитвата Оченаш. Бев многу возбудена и ја замолив да ја проучува Библијата со мене.“

Да се врши Божјата волја на земјата

„Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Како ќе се исполни овој дел од пример-молитвата на Исус? Многу луѓе го замислуваат небото како место на мир и спокојство. Писмото вели дека небото е „возвишено живеалиште“ на Јехова, „свето и прекрасно“ (Исаија 63:15NW). Тогаш, не е ни чудо што молиме Божјата волја да се врши на земјата „како на небото“! Но, дали некогаш ќе биде така?

Јеховиниот пророк Даниел претскажал: „Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние [земски] царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). Ова небесно Царство, или влада, наскоро ќе преземе акција за да воспостави глобален мир под едно праведно владеење (2. Петрово 3:13).

Тоа што молиме да дојде Божјето Царство и да се врши Божјата волја на земјата е израз на вера што никогаш нема да води до разочарување. Христијанскиот апостол Јован напишал: „Чув еден силен глас од престолот како вели: ‚Гледај, Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе престојува со нив, и тие ќе бидат негови народи. И самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа‘ “. Потоа Јован додал: „И Оној кој седи на престолот рече: . . . ‚Напиши, зашто овие зборови се верни и вистинити‘ “ (Откровение 21:3—5).

Молитвата и нашите физички потреби

Со она што го кажал во пример-молитвата, Исус покажал дека кога се молиме најважни треба да ни бидат Божјето име и неговата волја. Сепак, пример-молитвата продолжува и со лични барања што му ги кажуваме на Јехова на исправен начин.

Првото од овие барања е: „Дај ни го денес лебот наш за овој ден“ (Матеј 6:11). Ова не е барање за материјално богатство. Исус нѐ охрабрил да се молиме за „нашиот леб за овој ден според дневната потреба“ (Лука 11:3). Во склад со молитвата Оченаш, ако го сакаме Бог и ако сме му послушни, можеме да молиме со вера дека тој ќе ни го даде она што ни е потребно за секој ден.

Од претерана загриженост околу економските проблеми би можеле да ги занемариме нашите духовни потреби и на тој начин да пропуштиме да го правиме она што Бог го очекува од нас. Но, ако го ставиме обожавањето на Бог на прво место во животот, можеме да бидеме сигурни дека тој ќе нѐ услиши кога го молиме за материјалните потреби, како што се храна и облека. Исус рекол: Продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:26—33). Не е лесно да ја бараме Божјата праведност со оглед на тоа што сите сме грешни и имаме потреба од простување (Римјаните 5:12). Молитвата Оченаш ја вклучува и таа работа.

Нашите молитви и простувањето

„Прости ни ги долговите, како што и ние им простивме на нашите должници“ (Матеј 6:12). Во молитвата Оченаш што ја запишал Лука, наместо „долгови“ стои „гревови“ (Лука 11:4). Дали Јехова Бог навистина ќе ги прости нашите гревови?

Иако цар Давид од древниот Израел направил тешки гревови, се покајал и со доверба се молел: „Зашто Ти си, Господи, добар и проштаваш со задоволство, полн си со љубов кон сите, кои Те повикуваат“ (Псалм 86:5). Колку само утешна мисла! Нашиот небесен Татко ги ‚проштава со задоволство‘ гревовите на оние што покајнички го повикуваат. Исто како што и еден долг може потполно да се прости, така и Јехова Бог може потполно да ни ги прости гревовите.

Меѓутоа, Исус спомнал еден услов: За Бог да ни прости нам, ние мораме да им простуваме на другите (Матеј 6:14, 15). Иако тројцата пријатели на Јов лошо постапиле со него, тој им простил па дури и се молел за нив (Јов 42:10). Ако им простуваме на оние што ни грешат, ќе му угодиме на Бог и ќе извлечеме корист од неговата милост.

Спремноста на Бог да ги сослуша нашите молби треба да нѐ поттикне да бараме тој да нѐ одобри. А можеме да бараме да нѐ одобри и покрај тоа што сме несовршени (Матеј 26:41). И во овој поглед Јехова може да ни помогне, како што покажал Исус заклучувајќи ја пример-молитвата со едно многу важно барање.

Помош да постапуваме исправно

„Не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од злобниот“ (Матеј 6:13). Јехова не нѐ препушта на искушенија и не нѐ наведува на грев. Неговата Реч вели: „Бог не може да се искушува со зли работи ниту, пак, самиот тој некого искушува“ (Јаков 1:13). Бог дозволува да бидеме искушани, но тој може да нѐ избави од Големиот Искушувач — „злобниот“, кој е познат како Сатана Ѓаволот.

Апостол Петар ги поттикнал сохристијаните: „Бидете трезвени, будно пазете. Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав, барајќи некого да проголта“ (1. Петрово 5:8). Сатана дури го искушувал и совршениот човек Исус Христос! Која му била целта на Ѓаволот? Да го одвлече Исус од вистинското обожавање на Јехова Бог (Матеј 4:1—11). Ако се трудиш да му служиш на Бог, тогаш целта на Сатана е и тебе да те проголта!

Преку светот што е под негова контрола, Ѓаволот може да нѐ искушува да правиме работи што Бог не ги одобрува (1. Јованово 5:19). Затоа е многу важно редовно да бараме помош од Бог, а посебно ако постојано се соочуваме со едно исто искушение. Исто така, ако го обожаваме Јехова според она што го вели неговата инспирирана Реч, Библијата, тој ќе нѐ избави така што ќе ни помогне да му се спротивставиме на Ѓаволот. „Бог е верен“, вели Библијата, „и нема да дозволи да бидете искушани повеќе од она што можете да го носите“ (1. Коринќаните 10:13).

Неопходна е вера во Бог

Колку само охрабрува сознанието дека нашиот небесен Татко е заинтересиран за секого од нас! Тој дури го пратил својот Син, Исус Христос, да нѐ научи како да се молиме. Сигурно ова нѐ тера да сакаме да му угодиме на Јехова Бог. Како можеме да го правиме тоа?

Библијата вели: „Без вера е невозможно да му се угоди [на Бог], зашто оној кој му пристапува . . . мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Како може да стекнеме таква вера? „Верата доаѓа од она што се слуша“, вели Библијата (Римјаните 10:17). Јеховините сведоци со задоволство зборуваат за библиски работи со сите оние што копнеат да му служат на Бог со вистинска вера.

Се надеваме дека ова разгледување на молитвата Оченаш ти помогна уште подобро да го разбереш нејзиното значење. Можеш да ја зајакнеш својата вера ако и понатаму продолжиш да стекнуваш спознание за Јехова и за наградите што им ги ветил на „оние кои сесрдно го бараат“. Учи и понатаму за него и за неговите намери за да можеш засекогаш да имаш близок однос со твојот небесен Татко! (Јован 17:3).

[Истакната мисла на страница 5]

„Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое. Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата. Дај ни го денес лебот наш за овој ден; и прости ни ги долговите, како што и ние им простивме на нашите должници. И не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од злобниот“ (Матеј 6:9—13)

[Слика на страница 7]

Јехова ги задоволува потребите на оние што го сакаат

[Слика на страница 7]

Бог исто така ни помага да му се спротивставиме на Ѓаволот

[Слика на страница 7]

Ако ние, како и Јов, им простуваме на оние што ни грешат, можеме да извлечеме корист од Божјата милост