Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Облечете ја потполната воена опрема од Бог“

„Облечете ја потполната воена опрема од Бог“

Облечете ја потполната воена опрема од Бог“

„Облечете ја потполната воена опрема од Бог за да можете цврсто да стоите против Ѓаволовите сплетки“ (ЕФЕШАНИТЕ 6:11).

1, 2. Опиши ја со свои зборови воената опрема што христијаните треба да ја облечат.

ВО ПРВИОТ век н.е. Рим бил во зенитот на својата моќ. Силата на римските легии му овозможила да го контролира поголемиот дел од тогаш познатиот свет. Еден историчар ја опишал таа војска како „најуспешната воена организација во историјата“. Римската професионална војска била составена од добро дисциплинирани војници кои биле подложувани на строга обука, но нивниот успех како ефикасна воена сила зависел и од нивната воена опрема. Апостол Павле ја употребил воената опрема што ја имал еден римски војник за да ја илустрира духовната опрема што им е потребна на христијаните за успешно да се борат против Ѓаволот.

2 Оваа духовна воена опрема е опишана во Ефешаните 6:14—17. Павле напишал: „Стојте цврсто, со бедрата опашани со вистината, и имајќи го на себе градниот оклоп на праведноста, и нозете обуени во опремата на добрата вест на мирот. Пред сѐ, земете го големиот штит на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите огнени стрели на злобниот. Примете го и шлемот на спасението, и мечот на духот, односно Божјата реч“. Буквално гледано, воената опрема што ја опишал Павле му давала прилично голема заштита на еден римски војник. Исто така, војникот ракувал и со меч, неговото главно оружје во борбата гради в гради.

3. Зошто треба да бидеме послушни на упатствата од Исус Христос и да го следиме неговиот пример?

3 Освен опремата и обуката, успехот на римската војска зависел и од послушноста на војниците кон нивниот заповедник. Слично на тоа, христијаните мораат да му бидат послушни на Исус Христос, кого Библијата го опишува како „заповедник на народите“ (Исаија 55:4). Тој е и „глава на собранието“ (Ефешаните 5:23). Исус ни дава упатства во врска со нашата духовна борба и е совршен пример за тоа како се носи духовната воена опрема (1. Петрово 2:21). Бидејќи да се има личност како Христовата е тесно поврзано со духовната воена опрема, Писмото нѐ советува да ‚се вооружиме‘ со умствената настроеност на Христос (1. Петрово 4:1). Затоа, додека го анализираме секој дел од нашата духовна опрема, ќе го користиме примерот на Исус за да ја покажеме нејзината важност и делотворност.

Да се заштитат бедрата, градите и стапалата

4. За што служел појасот во опремата на еден војник, и што илустрира тој?

4 Бедра опашани со вистината. Во библиски времиња, војниците носеле кожен ремен, или појас, широк од 5 до 15 сантиметри. Некои преведувачи предлагаат дека овој стих треба да гласи, „со вистината како ремен цврсто стегнат околу твојата половина“. Ременот му помагал на војникот да си ги заштити бедрата и бил практично место на кое можел да си го закачи мечот. Кога војникот ќе си ги опашел бедрата, се спремал за битка. Павле го употребил војничкиот ремен за да илустрира колкаво влијание треба да има библиската вистина во нашиот живот. Тој треба да биде цврсто обвиткан околу нас, така да се каже, за да живееме во склад со вистината и да можеме да ја браниме во секоја прилика (Псалм 43:3; 1. Петрово 3:15). За таа цел, треба марливо да ја проучуваме Библијата и да размислуваме за нејзината содржина. Исус го носел Божјиот закон ‚длабоко во срцето‘ (Псалм 40:8). Затоа, кога противниците го испитувале, можел да одговори цитирајќи го Писмото напамет (Матеј 19:3—6; 22:23—32).

5. Објасни како може да ни помогне библискиот совет во време на испит или искушение.

5 Кога ѝ дозволуваме да нѐ води, библиската вистина може да нѐ заштити од погрешно расудување и може да ни помогне да донесуваме мудри одлуки. Во време на искушение или испит, упатствата од Библијата ќе ја зајакнат нашата решеност да го правиме она што е исправно. Тоа е како да го гледаме нашиот голем Учител, Јехова, и како да го слушаме словото зад нас како зборува: „Тоа е патот, одете по него“ (Исаија 30:20, 21).

6. Зошто на нашето фигуративно срце му треба заштита, и како може праведноста успешно да го заштити?

6 Граден оклоп на праведноста. Градниот оклоп на војникот штител еден многу важен орган, срцето. На нашето фигуративно срце — личноста што сме однатре — му е потребна посебна заштита зашто е склоно кон зло (Битие 8:21NW). Затоа мораме да ги учиме и да ги сакаме Јеховините праведни мерила (Псалм 119:97, 105). Нашата љубов кон праведноста нѐ тера да го отфрлиме начинот на којшто размислува светот кој ги игнорира или ги разводнува јасните упатства од Јехова. Освен тоа, кога го сакаме она што е исправно и го мразиме она што е погрешно, нема да живееме на начин со кој би си го упропастиле животот (Псалм 119:99—101; Амос 5:15). Исус е пример во овој поглед зашто за него Библијата вели: „Ти ја љубеше праведноста и го мразеше беззаконието“ (Евреите 1:9). *

7. Зошто на еден римски војник му требале добри обувки, и што илустрира тоа?

7 Нозе обуени во опремата на добрата вест на мирот. Римските војници морале да имаат добри обувки или издржливи сандали зашто за време на воените походи честопати марширале по 30 километри секој ден носејќи на себе околу 27 килограми воена опрема. Павле пригодно ги употребил обувките за да ја претстави нашата спремност да ја проповедаме пораката за Царството на секого што ќе слуша. Ова е важно зашто како инаку луѓето би го запознале Јехова ако не сме спремни и желни да им проповедаме? (Римјаните 10:13—15).

8. Како можеме да го имитираме примерот на Исус како проповедник на добрата вест?

8 Која била најважната активност во животот на Исус? На римскиот управител Понтиј Пилат, тој му рекол: ‚Јас дојдов на светот за да сведочам за вистината‘. Исус проповедал секаде каде што ќе наишол на некој спремен да слуша и толку многу ја сакал својата служба што ја ставал пред своите физички потреби (Јован 4:5—34; 18:37). Ако и ние, како Исус, желно сакаме да ја објавуваме добрата вест, ќе најдеме многу прилики за да им ја кажеме на другите. А и тоа што ќе бидеме потполно зафатени со нашата служба ќе ни помогне да останеме духовно јаки (Дела 18:5).

Штитот, шлемот и мечот

9. Каква заштита му давал големиот штит на еден римски војник?

9 Големиот штит на верата. Грчкиот збор преведен со „голем штит“ укажува на штит што бил доволно голем за да го покрие поголемиот дел од телото. Тој давал заштита од ‚огнените стрели‘ кои се спомнати во Ефешаните 6:16. Во библиски времиња, војниците користеле стрели направени од шуплива трска на кои имало мало железно сатче кое можело да се наполни со запалива нафта. Еден изучувач ги опишува овие стрели како „едно од најопасните оружја на древното војување“. Доколку војникот немал голем штит за да се заштити од таквите стрели, можел да биде сериозно повреден, па дури и убиен.

10, 11. а) Какви „огнени стрели“ од Сатана би можеле да ни ја поткопаат верата? б) На кој начин примерот на Исус покажува колку е важно да имаме вера во време на испит?

10 Кои „огнени стрели“ ги користи Сатана за да ни ја поткопа верата? Може да поттикне прогонство или противење во семејството, на работа или на училиште. Исто така, желбата да се има повеќе материјални работи и мамката на неморалот биле духовно разорни во некои случаи. За да се заштитиме од таквите опасности, ‚пред сѐ, [мораме] да го земеме големиот штит на верата‘. Верата ја стекнуваме кога учиме за Јехова, кога редовно разговараме со него во молитва и кога увидуваме како нѐ заштитува и како нѐ благословува (Исус Навин 23:14; Лука 17:5; Римјаните 10:17).

11 Кога бил на земјата, Исус покажал колку е важно да имаме вера во критични времиња. Тој имал апсолутна доверба во одлуките на неговиот Татко и бил среќен да ја врши Божјата волја (Матеј 26:42, 53, 54; Јован 6:38). Дури и кога минувал низ големи маки во градината Гетсиманија, Исус му рекол на својот Татко: „Не како јас што сакам, туку како ти што сакаш“ (Матеј 26:39). Исус никогаш не изгубил од вид колку е важно да го задржи интегритетот и да го израдува својот Татко (Пословици 27:11). Ако имаме слична доверба во Јехова, нема да дозволиме критиките или противењето да ни ја ослабнат верата. Спротивно на тоа, ако се потпираме на Бог, ако покажуваме љубов кон него и ако ги држиме неговите заповеди, нашата вера ќе биде зајакната (Псалм 19:7—11; 1. Јованово 5:3). Никакви материјални награди и никакво моментално телесно задоволство не можат да се споредат со благословите што Јехова ги подготвува за оние што го сакаат (Пословици 10:22).

12. Кој важен дел од нас го заштитува фигуративниот шлем, и зошто е неопходна таква заштита?

12 Шлемот на спасението. Шлемот ги заштитувал главата и мозокот — седиштето на интелектот — на војникот. Нашата христијанска надеж е споредена со шлем зашто го заштитува нашиот ум (1. Солуњаните 5:8). Иако преку точното спознание од Божјата реч сме го промениле начинот на размислување, сѐ уште сме слаби, несовршени луѓе. Нашиот ум може лесно да се извалка. Целите на овој систем на работи можат да ни го одвлечат вниманието, па дури и да го заземат местото на надежта што ни ја дава Бог (Римјаните 7:18; 12:2). Ѓаволот неуспешно се обидел да му го одвлече вниманието на Исус така што му ги понудил „сите царства на светот и нивната слава“ (Матеј 4:8). Но, Исус одлучно ја одбил понудата, и за него Павле рекол: „Поради радоста што беше поставена пред него [Исус], тој претрпе маченички столб, презирајќи го срамот, и седна откај десницата на Божјиот престол“ (Евреите 12:2).

13. Како можеме да задржиме доверба во надежта што е пред нас?

13 Довербата, како онаа што ја имал Исус, не доаѓа автоматски. Ако го полниме умот со желбите и целите на овој систем на работи наместо да се сосредоточиме на надежта што е пред нас, нашата вера во Божјите ветувања ќе ослабне. Со текот на времето би можеле сосем да ја изгубиме нашата надеж. Од друга страна, пак, ако редовно размислуваме за Божјите ветувања, и понатаму ќе се радуваме во надежта што е пред нас (Римјаните 12:12).

14, 15. а) Што е нашиот фигуративен меч, и како можеме да го користиме? б) Илустрирај како може да ни помогне мечот на духот да се спротивставиме на искушенијата.

14 Мечот на духот. Божјата реч, или порака, запишана во Библијата е како моќен меч со две сечила што може од корен да ги исече религиозните лаги и да им помогне на луѓето со искрени срца да најдат духовна слобода (Јован 8:32; Евреите 4:12). Исто така, овој духовен меч може да нѐ одбрани кога сме нападнати од искушенија или од отпадници кои се обидуваат да ни ја уништат верата (2. Коринќаните 10:4, 5). Колку само сме благодарни што ‚целото Писмо е инспирирано од Бог и целосно нѐ опремува за секое добро дело‘! (2. Тимотеј 3:16, 17).

15 Кога Сатана го искушувал во пустелијата, Исус делотворно го користел мечот на духот за да се бори против лажно резонирање и лукави искушенија. На секое искушение од Сатана, тој одговарал: „Напишано е“ (Матеј 4:1—11). Давид, Јеховин сведок од Шпанија, исто така увидел дека Библијата му помогнала да ги совлада искушенијата. Кога имал 19 години, една привлечна млада жена што работела во истата компанија за чистење му предложила да „се забавуваат“. Давид го одбил нејзиното додворување и го замолил шефот ако може да му даде да работи на друго место за да не се повтори истото. „Се сетив на примерот на Јосиф“, рекол Давид. „Тој го отфрлил неморалот и веднаш избегал. И јас го направив истото“ (Битие 39:10—12).

16. Објасни зошто треба да вежбаме за ‚исправно да ракуваме со речта на вистината‘.

16 Исус го користел мечот на духот и за да им помогне на другите да избегаат од власта на Сатана. „Она што го научувам не е мое“, рекол Исус, „туку му припаѓа на оној кој ме испрати“ (Јован 7:16). За да го имитираме вештото поучување на Исус, потребна ни е обука. Во врска со римските војници, еврејскиот историчар Јосиф напишал: „Секој војник вежба секој ден, и тоа со голема марливост, исто како во време на војна, и затоа толку лесно го поднесуваат заморот на битките“. Во нашата духовна војна, ние треба да ја користиме Библијата. Освен тоа, мораме ‚да даваме сѐ од себе да се покажеме како одобрени пред Бог, како работници кои немаат од што да се срамат, кои исправно ракуваат со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15). Колкаво само задоволство ни причинува кога ја користиме Библијата за да одговориме на искрените прашањата на некое заинтересирано лице!

Моли се во секоја прилика

17, 18. а) Каква улога има молитвата за да му се спротивставиме на Сатана? б) Дај пример за да покажеш колку е вредна молитвата.

17 Откако ја разработува потполната воена опрема, Павле дава уште еден важен совет. Кога му се спротивставуваат на Сатана, христијаните треба да користат „секаков облик на молитва и преколнување“. Колку често? ‚Молете се во духот во секоја прилика‘, напишал Павле (Ефешаните 6:18). Кога се соочуваме со искушенија, испити или обесхрабрување, молитвата може многу да нѐ зајакне (Матеј 26:41). Исус „со силни извици и солзи принесуваше преколнувања а и молби до Оној кој можеше да го спаси од смртта, и беше поволно услишен поради својот побожен страв“ (Евреите 5:7).

18 Милагрос, која повеќе од 15 години се грижи за својот сопруг кој боледува од хронична болест, вели: „Кога се чувствувам обесхрабрена, му се обраќам на Јехова во молитва. Никој не може да ми помогне повеќе од него. Точно, има моменти кога чувствувам дека не можам да издржам повеќе. Но, откако ќе му се помолам на Јехова, секогаш одново чувствувам дека силата ми се обновува и се чувствувам подобро“.

19, 20. Што ни треба за да извојуваме победа во борбата против Сатана?

19 Ѓаволот знае дека времето му е кратко и ги засилува напорите да нѐ совлада (Откровение 12:12, 17). Мораме да му се спротивставиме на овој силен непријател и ‚да ја водиме добрата борба на верата‘ (1. Тимотеј 6:12). За ова е потребна сила која ја надминува нормалната (2. Коринќаните 4:7). Исто така, потребна ни е и помошта од Божјиот свет дух и затоа треба да се молиме за него. Исус рекол: „Ако вие, иако сте зли, знаете како да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото на небото ќе им даде свет дух на оние кои го молат!“ (Лука 11:13).

20 Јасно е дека мораме да ја облечеме потполната воена опрема што ја дава Јехова. За да ја носиме оваа духовна воена опрема, треба да развиваме побожни особини, како што се вера и праведност. Треба да ја сакаме вистината како да сме препашани со неа, да бидеме спремни да ја шириме добрата вест во секоја прилика и секогаш да ја имаме на ум надежта што е пред нас. Мораме да научиме вешто да ракуваме со мечот на духот. Со тоа што ќе ја облечеме потполната воена опрема од Бог, ќе можеме да извојуваме победа во борбата со злите духовни сили и ќе можеме навистина да му донесеме слава на Јеховиното свето име (Римјаните 8:37—39).

[Фуснота]

^ пас. 6 Во пророштвото на Исаија, и самиот Јехова е опишан дека ја носи „праведноста како оклоп“. Затоа, од собраниските надгледници бара да спроведуваат правда и да постапуваат праведно (Исаија 59:14, 15, 17).

Како ќе одговориш?

• Кој ни дава најдобар пример како се носи духовната опрема, и зошто треба внимателно да го разгледаме неговиот пример?

• Како можеме да си ги заштитиме умот и фигуративното срце?

• Како можеме да станеме вешти во ракувањето со мечот на духот?

• Зошто треба да се молиме во секоја прилика?

[Прашања]

[Слики на страница 17]

Марливото проучување на Библијата може да нѐ мотивира да ја објавуваме добрата вест во секоја прилика

[Слики на страница 18]

Нашата сигурна надеж ни помага да се соочиме со испитите

[Слики на страница 19]

Го користиш ли „мечот на духот“ во службата?