Поглед врз богатствата на Честер Бити
Поглед врз богатствата на Честер Бити
„БОГАТА со блага од толку многу изгубени цивилизации . . . со заслепувачки убави минијатури и слики.“ Вака ја опишал Библиотеката на Честер Бити во Даблин (Ирска) поранешниот кустос Р. Џ. Хејс. Таа е дом на една огромна колекција бесценети антиквитети, извонредни уметнички дела и ретки книги и ракописи со речиси непроценлива вредност. Но, кој бил Честер Бити? И какви богатства собрал?
Алфред Честер Бити, роден во 1875 во Њујорк (САД), бил со шкотско, ирско и англиско потекло. На 32 години веќе имал стекнато големо богатство како рударски инженер и консултант. Во текот на целиот свој живот го користел своето прилично големо богатство за да собира работи што се убави и со извонредна вредност. Во 1968, кога на 92 години умрел, Бити му ја оставил својата комплетна колекција на народот на Ирска.
Што собрал?
Колекциите на Бити се обемни и разнолики. Само околу 1 процент од нив се изложуваат во исто време. Собрал ретки и скапоцени предмети од многу различни периоди и култури што опфаќале илјадници години — од средновековна и ренесансна Европа, како и од бројни азиски и африкански земји. На пример, неговата колекција на извонредно убави јапонски дрворези се смета за една од најубавите во светот.
Сосем спротивна на делата на ликовната уметност е една интересна колекција на преку сто вавилонски и сумерски глинени плочки испишани со древно клинесто писмо. Луѓето што живееле во Месопотамија пред повеќе од 4.000 години пишувале подробни детали за својот живот на влажни глинени плочки, кои потоа ги печеле. Многу такви плочки останале до нашево време и ни даваат јасен доказ за тоа колку древна уметност е пишувањето.
Фасцинираност од книги
Изгледа дека Честер Бити го интересирала уметноста на правењето убави книги. Собрал илјадници световни и религиозни книги, меѓу кои и некои детално украсени примероци на Коранот. Тој бил, како што вели еден писател, „обземен од математичките пропорции на арапското писмо . . . а неговото чувство за боја било заскокоткано од украсувањето на калиграфијата со златни и сребрени тенки листови и со други минерали во живи бои“.
Честер Бити бил фасциниран од жадот, исто како што биле и некои кинески императори во претходните векови. Тие го сметале финиот жад за најскапоцен од сите минерали, многу повреден од златото. Овие владетели нарачувале вешти мајстори да ги претворат блоковите од жад во мазни, тенки листови. Потоа надарени уметници ги полнеле овие листови од жад со нежно калиграфско писмо и со илустрации изрезбани во злато, создавајќи некои од најубавите книги што некогаш биле направени. Колекцијата со вакви книги на Бити е позната во целиот свет.
Бесценети ракописи на Библијата
За љубителите на Библијата, најголемото богатство на Честер Бити е неговата огромна колекција на древни и средновековни ракописи на Библијата. Прекрасно украсените
ракописи ги одразуваат стрпливоста и уметноста на писарите што ги препишувале на рака. Печатените книги ги покажуваат вештината и мајсторството на раните книговесци и печатари. На пример, во 1479 во Нирнберг, Антон Кобергер, кој живеел отприлика во исто време со Јоханес Гутенберг и кој е опишан како „еден од најважните и најактивните рани печатари“, ја отпечатил Biblia Latina.Еден исклучителен експонат во библиотеката на Честер Бити е еден ракопис на пергамент напишан од Ефрем, сириски изучувач, од почетокот на четвртиот век. Ефрем во голема мера цитира од едно дело од вториот век со наслов Diatessaron. Во него писателот Татијан ги соединил четирите евангелски извештаи за животот на Исус Христос во една складна приказна. Подоцна писателите се осврнувале на Diatessaron, но не останал ни еден примерок од него. Некои изучувачи од 19 век дури и се сомневале дека воопшто постоел. Меѓутоа, во 1956 Бити го открил коментарот на Ефрем за Diatessaron од Татијан — откритие што уште повеќе ги потврдило постоечките докази за автентичноста и вистинитоста на Библијата.
Бесценета ризница од папирусни ракописи
Бити собрал и голем број папирусни ракописи, како религиозни така и световни. Повеќе од 50 папирусни кодекси датираат од пред четвртиот век н.е. Некои од овие папируси биле спасени од големи купови со папирус — главно ѓубришта со стара хартија — што лежеле така со векови во египетската пустина. Многу папирусни документи биле прилично испокинати на парчиња кога биле понудени на продажба. Трговците доаѓале со картонски кутии полни со парченца од папирус. „Оние што сакале да купат едноставно ќе бркнеле во кутијата и ќе го избереле најголемото парче на кое имало најмногу текст“, вели Чарлс Хортон, кустос во Western Collections при Библиотеката на Честер Бити.
„Најсензационалното откритие“ на Бити, вели Хортон, се состои од скапоцени кодекси на Библијата во кои „спаѓаат некои од најраните познати примероци на Христијанскиот нов и стар завет“. Трговците што знаеле колку се вредни кодексите, можно е да ги кинеле за да продаваат различни делови на различни купувачи. Меѓутоа, Бити можел да го купи најголемиот дел од нив. Колку навистина се значајни овие кодекси? Сер Фредерик Кенјон го опишува нивното откритие како „најважното“ откритие по Синајскиот кодекс што Тишендорф го открил во 1844.
Кодексите датираат помеѓу вториот и четвртиот век н.е. Меѓу книгите од Хебрејските списи во грчкиот превод на Септуагинтата има два примерока од Битие. Тие се посебно вредни, вели Кенјон, „зашто книгата [Битие] речиси целата фали во Ватиканскиот и Синајскиот кодекс“, ракописи на пергамент од четвртиот век. Три кодекси содржат книги од Грчките христијански списи. Во едниот ги има поголемиот дел од четирите евангелија и голем дел од книгата Дела. Вториот кодекс, со дополнителни страници што Бити ги набавил подоцна, има речиси комплетен примерок на писмата на апостол Павле, вклучувајќи го и писмото до Евреите. Третиот кодекс содржи околу една третина од книгата Откровение. Според Кенјон, овие папируси „даваат цврст опиплив доказ за темелот — кој веќе и онака беше многу цврст — на нашата
доверба во текстот на Новиот завет што го имаме сега“.Библиските папируси на Честер Бити покажуваат дека христијаните доста рано, веројатно пред крајот на првиот век н.е., почнале да користат кодекс, или книга со страници, наместо гломазните свитоци. Папирусите покажуваат и дека кога немале доволно материјали за пишување, препишувачите честопати користеле стари користени папирусни листови. На пример, еден коптски ракопис со дел од евангелието на Јован е напишан „на она што изгледа дека била училишна вежбанка на која имало грчка математика“.
Овие папирусни документи не се заслепувачки убави, но се бесценети. Тие се видлива, опиплива врска со самите почетоци на христијанството. „Овде, пред вашите очи“, вели Чарлс Хортон, „можете да видите какви книги користеле некои од најраните христијански заедници — книги што тие многу ги ценеле“ (Пословици 2:4, 5). Ако имаш прилика да испиташ некои од овие богатства во Библиотеката Честер Бити, нема да се разочараш.
[Слика на страница 31]
Јапонски дрворез од Катсушика Хокусаи
[Слика на страница 31]
Biblia Latina била меѓу првите печатени примероци на Библијата
[Слика на страница 31]
Коментарот на Ефрем за Diatessaron на Татијан уште повеќе ја потврдува автентичноста на Библијата
[Слика на страница 31]
Chester Beatty P45, најстариот кодекс на светот, содржи поголем дел од четирите евангелија и голем дел од книгата Дела во еден том
[Извор на слика на страница 29]
Репродуцирано со љубезна дозвола на The Trustees of the Chester Beatty Library, Dublin
[Извор на слика на страница 31]
Сите слики: Репродуцирани со љубезна дозвола на The Trustees of the Chester Beatty Library, Dublin