Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Извлечи корист така што ќе се стремиш кон духовни вредности

Извлечи корист така што ќе се стремиш кон духовни вредности

Извлечи корист така што ќе се стремиш кон духовни вредности

„Кој ги сака сребрениците, никогаш ги нема достатно, кој го сака богатството, никогаш не му се доста приходите“ (Проповедник 5:9).

ПРЕКУМЕРНАТА работа може да предизвика стрес, а стресот може да води до здравствени проблеми, кои понекогаш завршуваат и со смрт. Во многу земји, разводот води до распад на семејствата. Многу често, причина за ваквите трагедии е прекумерната загриженост за материјалните работи. Наместо да ужива во она што го има, човекот што е преокупиран со стекнување на материјални добра секогаш посакува да има уште повеќе, не водејќи притоа сметка колку скапо може да го чини тоа. Една книга за самопомош наведува: „Девизата ‚да не бидам подолу од комшијата‘ станала омилено национално хоби — иако комшијата, кој е фанатик за работа, само што не добил срцев удар, а има 43 години“.

Желбата за материјални работи може да стане незаситна и може да му ја одземе на човек сета радост што би ја чувствувал кога не би имал таква желба. Оваа човечка слабост ја злоупотребува една моќна сила — рекламната индустрија! Телевизиските програми вријат од реклами кои постојано те тераат да купиш работи што веројатно не ти се ни потребни и можеби не можеш ни да си ги дозволиш. Сето ова може да нанесе голема штета.

Незаситното задоволување на сопствените желби може да има незабележливо, но разорно влијание врз нас — и во физички и во морален поглед. На пример, мудриот цар Соломон забележал: „Кроткото срце е живот за телото“ (Пословици 14:30ПСП). За разлика од ова, преголемото напрегање, загриженоста и притисокот да се трупа материјално богатство можат да ни го уништат здравјето и среќата. Освен тоа, кога во животот ни се најважни материјалните работи, тогаш страдаат и нашите односи со другите луѓе. А штом ќе се влоши семејниот и друштвениот живот на еден човек, се влошува и квалитетот на неговиот живот воопшто.

Духовните вредности се далеку подобри

Со векови порано, апостол Павле опоменал: „Престанете да се обликувате според овој систем на работи“ (Римјаните 12:2). Светот си ги сака оние што ги прифаќаат неговите вредности (Јован 15:19). Тој апелира на нашите сетила за вид, допир, вкус, мирис и слух — да, се обидува да нѐ убеди да водиме материјалистички живот. Акцентот го става на „желбата на очите“, со цел да нѐ наведе да трчаме по материјална добивка (1. Јованово 2:15—17).

Но, постојат вредности што ја надвишуваат вредноста на парите, угледот и материјалното богатство. Пред многу векови, цар Соломон насобрал сѐ што светот можел да понуди во материјален поглед. Изградил куќи и имал градини, овоштарници, слуги, добиток, пејачи и пејачки, и многу злато и сребро. Соломон стекнал поголемо богатство од сите други што биле пред него. Не е доволно само да се каже дека бил богат. Соломон имал практично сѐ што човек воопшто можел да посака. Сепак, кога се свртел да види што постигнал, рекол: „Сѐ е тоа суета и гониветер!“ (Проповедник 2:1—11).

Благодарение на извонредната мудрост што му била дадена, Соломон знаел дека стремежот кон духовни вредности носи далеку поголемо задоволство. Тој напишал: „Да го чуеме завршниот збор за сѐ: ‚Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сѐ за човекот‘ “ (Проповедник 12:13).

Уште поголема вредност од златото и среброто има богатството што се наоѓа на страниците на Божјата реч, Библијата (Пословици 16:16). Како скапоцени камења, длабоките вистини во неа чекаат да ги откриеш. Дали ќе ги побараш и ќе ги ископаш? (Пословици 2:1—6). Нашиот Творец, Изворот на вистинските вредности, те охрабрува да го сториш тоа, и тој ќе ти помогне. Како?

Преку својата Реч, преку својот дух и преку својата организација Јехова дава вистини кои се слични на скапоцени камења (Псалм 1:1—3; Исаија 48:17, 18; Матеј 24:45—47; 1. Коринќаните 2:10). Ако ги испитуваш овие ретки бесценети камења, ќе имаш прилика мудро да го избереш најдобриот и најзадоволувачки начин на живот. И тоа нема да биде тешко бидејќи Јехова, нашиот Творец, знае што ни е потребно за навистина да бидеме среќни.

Библијата ги застапува највисоките вредности

Добрите препораки, или совети, што се наоѓаат во Библијата се и практични и не можат да се споредат со ништо друго. Моралните мерила што таа ги застапува се ненадминливи. Нејзините совети се секогаш корисни. Таа го положила испитот на времето. Некои примери за добри совети од Библијата се: да се работи напорно, да се биде чесен, мудро да се користат парите и да не се биде мрзлив (Пословици 6:6—8; 20:23; 31:16).

Во склад со ова, Исус рекол: „Престанете да си собирате блага на земјата, каде што молецот и ’рѓата ги нагризуваат, и каде што крадци провалуваат и крадат. Напротив, собирајте си блага на небото, каде што ниту молец ниту ’рѓа ги нагризуваат и каде што крадци не провалуваат и не крадат“ (Матеј 6:19, 20).

Овој навремен совет важи и денес исто како што важел и пред 2.000 години. Наместо избезумено да трчаме по материјални богатства, можеме уште сега да имаме корист ако се трудиме да водиме еден повозвишен начин на живот. Клучот е да си собираме духовни богатства, кои водат до живот исполнет со вистинска среќа и задоволство. Како можеме да го правиме ова? Така што ќе ја читаме Божјата реч, Библијата, и ќе го применуваме она за кое поучува таа.

Духовните вредности носат награди

Ако исправно ги применуваме, од духовните вредности имаме физичка, емоционална и духовна корист. Исто како што озонската обвивка високо над Земјата нѐ штити од штетните сончеви зраци, така добрите морални начела помагаат да се заштитиме со тоа што ни ги разоткриваат опасните ефекти на материјализмот. Христијанскиот апостол Павле напишал: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст. Зашто љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи, и тежнеејќи по оваа љубов некои биле одвлечени од верата и се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:9, 10).

Љубовта кон парите ги мами луѓето да трагаат по уште поголемо богатство, статус и моќ. Честопати, за да ги постигнат овие цели, користат подмолни и нечесни методи. Трката по материјални работи му ги одзема на човекот времето, силата и способностите. Може дури да му го украде и мирниот сон (Проповедник 5:11). Трчањето по материјални работи сигурно ќе го задуши и духовниот напредок. Најголемиот човек што некогаш живеел, Исус Христос, јасно покажал кој пат е подобар: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Тој знаел дека духовните богатства ќе донесат трајни награди и дека се многу, многу поважни од минливите материјални користи (Лука 12:13—31).

Дали навистина е така?

„Родителите се трудеа да ме убедат дека од духовните вредности нема практична корист“, си спомнува Грег. „Но, поради тоа што се стремам кон духовни цели стекнав неопислив душевен мир, затоа што не сум под стресот кој го предизвикува трката по богатство.“

Духовните вредности исто така помагаат да се градат подобри односи со другите. Вистинските пријатели сакаат да бидат со тебе бидејќи ти си тоа што си, а не поради она што го имаш. Библијата советува: „Дружи се со мудрите и ќе станеш мудар“ (Пословици 13:20). Освен тоа, едно успешно семејство се гради врз мудрост и љубов, а не врз материјални поседи (Ефешаните 5:22—6:4).

Вредностите не се нешто со кое се раѓаме. Мора да ги учиме или од луѓето околу нас или од некој повозвишен извор. Токму затоа, поуката што се добива од Библијата може да го преобрази целиот наш став кон материјалните работи. „Ова ми помогна уште еднаш да ги преиспитам вредностите од кои се раководев, и научив да бидам задоволен со основните работи“, вели Дон, поранешен банкар.

Стреми се кон трајни духовни богатства

Духовните вредности ставаат акцент на долгорочните награди, а не на краткорочното задоволство. Павле напишал: „Она што се гледа [материјалното] е привремено, а она што не се гледа [духовното] е вечно“ (2. Коринќаните 4:18). Точно е дека со материјални работи можат да се задоволат моменталните желби, но од алчноста нема трајна корист. Духовните вредности се вечни (Пословици 11:4; 1. Коринќаните 6:9, 10).

Библијата го осудува материјализмот, кој е толку раширен денес. Таа нѐ учи како да го контролираме себичниот апетит — така што ќе задржиме едноставно око, око што е сосредоточено на поважните работи, то ест на духовните богатства (Филипјаните 1:10). Ѝ го разоткрива вистинското лице на алчноста — дека таа, всушност, е обожавање на самиот себе. Додека го применуваме она што го учиме од Божјата реч, чувствуваме поголема среќа. Нашите мисли се свртуваат од земање кон давање. Каков само силен поттик да го замениме задоволувањето на сопствените желби со духовни вредности!

Мора да се признае, парите можат во извесна мера да служат како заштита (Проповедник 7:12). Но, Библијата реалистично вели: „Твоите пари ќе ги снема за миг, како да им пораснале крилја и одлетале како орел“ (Пословици 23:5, Today’s English Version). Луѓето жртвувале многу на олтарот на материјализмот — здравјето, семејствата, па дури и чистата совест — и резултатите биле катастрофални. Од друга страна, духовноста ги задоволува нашите најважни потреби — потребата од љубов, од смисловен живот и потребата да го обожаваме Јехова, Богот кој многу нѐ сака. Таа исто така го покажува патот до вечен живот како совршени луѓе на рајска Земја — надеж што Бог ни ја дава.

Наскоро, сонот на луѓето за благосостојба потполно ќе се оствари во Божјиот нов свет (Псалм 145:16). Тогаш целата Земја ќе „се исполни со знаење за Господа“ (Исаија 11:9). Духовните вредности ќе доживеат процут. Материјализмот и лузните од него потполно ќе исчезнат (2. Петрово 3:13). Тогаш работите што придонесуваат животот да биде бескрајно повреден за живеење — совршеното здравје, задоволувачката работа, здравиот одмор, срдечните семејни односи и трајното пријателство со Бог — засекогаш ќе му донесат на човештвото вистинска среќа.

[Рамка/слика на страница 6]

Троши ги парите мудро!

Одреди што ти е потребно. Исус нѐ поучил да се молиме: „Дај ни го нашиот леб за овој ден според дневната потреба“ (Лука 11:3). Не дозволувај она што денес ти е само желба, утре да ти стане потреба. Не заборавај дека животот не ти зависи од она што го поседуваш (Лука 12:16—21).

Планирај си го буџетот. Не купувај без план. Библијата вели: „Мислите на трудољубивите се стремат кон изобилие, а секој што пребрзува трпи немаштија“ (Пословици 21:5ПСП). Исус ги советувал своите слушатели да го пресметаат трошокот пред да се впуштат во некој финансиски проект (Лука 14:28—30).

Не задолжувај се непотребно. Секаде каде што е можно, заштеди пари за да можеш да купуваш наместо да земаш работи на кредит. Поговорката вели вака: „Должникот е слуга на позајмувачот“ (Пословици 22:7). Ако покажуваш самосовладување и купуваш во рамките на својот буџет, можеш успешно да испланираш да купиш дури и поголеми работи.

Немој да трошиш без потреба. Води сметка за она што веќе го поседуваш за

да ти трае подолго — така ќе избегнеш непотребни трошоци. Исус покажал исправна грижа за она што го имал (Јован 6:10—13).

Важните работи нека ти бидат на прво место. Мудриот човек ќе ‚си откупува време‘ за да оствари многу поважни цели (Ефешаните 5:15, 16).

[Рамка/слика на страница 7]

Да се учи од искуство — има и подобар начин

Од личното искуство — и добро и лошо — можеме да извлечеме скапоцени поуки. Но, дали е вистина дека искуството е најдобриот учител, како што вели една изрека? Не, има еден многу подобар извор на водство. Псалмистот го идентификувал овој извор кога во молитва рекол: „Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека“ (Псалм 119:105).

Зошто е многу подобро да се учи од Божјите поуки отколку од личното искуство? Една причина е тоа што кога се учи само од искуство — од обиди и грешки — тоа може ем скапо да чини ем да биде болно. А тоа не е неопходно. „О, да внимаваше на Моите заповеди“, му рекол Бог на древниот Израел. „Твојот мир ќе беше како река, а твојата правда како морски бранови!“ (Исаија 48:18).

Една причина зошто Божјата реч се истакнува како извор на поуки е тоа што таа го содржи најстариот и најточниот извештај за искуствата на луѓето. Веројатно сфаќаш дека е подобро безболно да учиме од успесите и неуспесите на другите отколку да ги повторуваме нивните грешки (1. Коринќаните 10:6—11). Што е уште поважно, во Библијата Бог ни дава извонредни закони и водечки начела на кои можеме потполно да се потпреме. „Законот Јеховин е совршен . . . Опомената на Јехова е веродостојна, му дава мудрост на неискусниот“ (Псалм 19:7NW). Се разбира, да се учи од мудроста на нашиот Творец кој е полн со љубов е најдобриот начин што постои.

[Слики на страница 4]

Светот сака да го прифатиш неговиот материјалистички начин на живот

[Слика на страница 5]

Богатството што се наоѓа во Библијата има уште поголема вредност од златото и од среброто