Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој е „вистинскиот Бог и живот вечен“?

Кој е „вистинскиот Бог и живот вечен“?

Кој е „вистинскиот Бог и живот вечен“?

ЈЕХОВА, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, е вистинскиот Бог. Тој е Творецот, оној што им дава вечен живот на оние што го сакаат. Мнозина од оние што ја читаат и веруваат во Библијата вака би одговориле на прашањето што е поставено во насловот. Навистина, и самиот Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).

Сепак, голем број од оние што одат в црква поинаку ги толкуваат овие зборови. Зборовите од насловот се од 1. Јованово 5:20, каде што делумно се вели: „Ние сме во обединетост со вистинскиот преку неговиот Син Исус Христос. Тоа е Вистинскиот Бог и живот вечен“.

Оние што веруваат во доктрината за тројство сметаат дека показната заменка „тоа“ (хоутос) се однесува на лицето што е спомнато веднаш пред неа, Исус Христос. Тие тврдат дека Исус е „вистинскиот Бог и вечен живот“. Меѓутоа, ова толкување не е во склад со остатокот од Писмото. И многу авторитетни изучувачи не го прифаќаат ова тринитаријанско мислење. Изучувачот Б. Ф. Весткот од универзитетот во Кембриџ напишал: „Најлогично е дека [заменката хоутос] не укажува на подметот што е најблизу до неа туку на подметот што е доминантен во умот на апостолот“. Според тоа, апостол Јован мислел на Таткото на Исус. Германскиот теолог Ерих Хаупт напишал: „Мора да се одреди дали [хоутос] од следната реченица се однесува на подметот што стои веднаш пред неа . . . или на подалечниот збор, Бог . . . Изгледа дека во склад со заклучното предупредување од опасноста од идоли повеќе одговара овој стих да се сфати како сведоштво за единствениот вистински Бог отколку како доказ дека Христос е Бог“.

Дури и книгата A Grammatical Analysis of the Greek New Testament, издадена од Папскиот библиски институт од Рим, вели: „[Хоутос]: како градација на [стиховите] 18—20, речиси сигурно се однесува на реалниот, вистинскиот Бог, кој е спротивен на паганизмот (ст. 21)“.

Честопати хоутос, кој обично се преведува со „тоа“, „тој“, „ова“ или „овој“, не се однесува на подметот на фразата што стои веднаш пред него. И други стихови го покажуваат ова. Во 2. Јованово 7, истиот апостол и писател на првото писмо напишал: „Многу измамници излегоа во светот, луѓе кои не признаваат дека Исус Христос дошол во тело. Тоа [хоутос] е измамникот и антихристот“. Не е можно заменката овде да се однесува на најблискиот збор — Исус. Очигледно, „тоа“ се однесува на оние што се одрекле од Исус. Тие заедно се „измамникот и антихристот“.

Во своето евангелие, апостол Јован напишал: „Андреј, братот на Симон Петар, беше еден од двајцата кои слушнаа што рече Јован и кои го следеа Исус. Тој [хоутос] најпрво го најде својот брат Симон“ (Јован 1:40, 41). Очигледно е дека „тој“ не се однесува на последното лице што е спомнато туку на Андреј. Во 1. Јованово 2:22, апостолот на сличен начин ја користи истата оваа заменка.

И Лука ја користи оваа заменка на сличен начин, како што се гледа од Дела 4:10, 11: „Во името на Исус Христос Назареќанецот, кого вие го приковавте а кого Бог го подигна од мртвите, преку него овој човек стои овде здрав пред вас. Ова [хоутос] е ‚каменот што вие градителите го сметавте за безвреден, а кој стана глава од аголот‘ “. Очигледно, заменката „ова“ не се однесува на човекот што бил излекуван, иако тој е спомнат веднаш пред хоутос. Јасно, „ова“ од 11. стих се однесува на Исус Христос Назареќанецот, кој е „камен-темелникот“ врз кого е основано христијанското собрание (Ефешаните 2:20; 1. Петрово 2:4—8).

Ова се гледа и од Дела 7:18, 19: ‚Над Египет стана друг цар, кој не знаеше за Јосиф. Овој [хоутос] користеше државничка лукавост против нашиот род‘. „Овој“ кој ги угнетувал Евреите не бил Јосиф туку фараонот, царот на Египет.

Ваквите стихови ја потврдуваат забелешката на грчкиот изучувач Даниел Валас, кој вели дека за грчките показни заменки, „она што можеби во контекстот е најблизу до нив, не мора да биде и најблизу до она што го имал авторот на ум“.

„Вистинскиот“

Како што напишал апостол Јован, „вистинскиот“ е Јехова, Таткото на Исус Христос. Тој е единствениот вистински Бог, Творецот. Апостол Павле признал: „За нас, всушност, има еден Бог, Таткото, од кого е сѐ“ (1. Коринќаните 8:6; Исаија 42:8). Друг доказ дека Јехова е „вистинскиот“ на кого се укажува во 1. Јованово 5:20 е тоа што тој е Изворот на вистина. Псалмистот му се обратил на Јехова со „Боже на вистината“ зашто Тој е верен во сѐ што прави и не може да лаже (Псалм 31:5; Излез 34:6; Тит 1:2). Осврнувајќи се на својот небесен Татко, Синот рекол: „Твојата реч е вистина“. А за своите сопствени учења Исус рекол: „Она што го научувам не е мое, туку му припаѓа на оној кој ме испрати“ (Јован 7:16; 17:17).

Јехова е и „живот вечен“. Тој е Изворот на живот, Тој е оној што го дава како незаслужен дар преку Христос (Псалм 36:9; Римјаните 6:23). Значајно е тоа што апостол Павле рекол дека Бог „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Бог го наградил својот Син така што го подигнал од мртвите, а Таткото ќе им ја даде наградата вечен живот на оние што Му служат со сето свое срце (Дела 26:23; 2. Коринќаните 1:9).

Според тоа, што можеме да заклучиме? Дека само Јехова, и никој друг, е „вистинскиот Бог и вечен живот“. Само тој е достоен да прими исклучително обожавање од оние што ги создал (Откровение 4:11).