Лојални и непоколебливи — тогаш и сега
Лојални и непоколебливи — тогаш и сега
Во јужниот дел на Полска, близу до границата со Словачка и со Чешката Република, има еден мал град што се вика Висла. Иако можеби никогаш не си чул за Висла, таа има историја што веројатно ќе им биде интересна на вистинските христијани. Тоа е историја обележана со пат на интегритет и ревност за Јеховиното обожавање. Како?
ВИСЛА е сместена во прекрасен планински предел, каде што природата се покажува во спектакуларен раскош. Брзи реки и два потока се влеваат во реката Вистула, која се извива низ планините прекриени со шуми и низ долините. Поради добродушното локално население и единствената локална клима, Висла е познат медицински центар, летувалиште и зимско одморалиште.
Изгледа дека првата населба со ова име била основана во 1590-те. Била изградена пилана и набрзо планинските чистинки си добиле свои жители кои одгледувале овци и стока и ја обработувале земјата. Но, овие скромни луѓе биле зафатени од вител на религиозни промени. Регионот бил силно погоден од религиозните реформи што ги започнал Мартин Лутер и, според авторот Анджеј Отчек, лутеранството станало „државна религија во 1545“. Но, Триесетгодишната војна и контрареформацијата што следеле потоа драстично ја смениле ситуацијата. „Во 1654 сите цркви биле одземени од протестантите, нивните служби биле забранети, а Библијата и другите религиозни книги биле конфискувани“, продолжува Отчек. Сепак, поголемиот дел од локалното население останале лутерани.
Првото семе на библиската вистина
За среќа, претстоела една поважна религиозна реформација. Во 1928, двајца ревносни Библиски студенти, како што тогаш се викале Јеховините сведоци, го
посеале првото семе на библиската вистина. Следната година, Јан Гомола пристигнал во Висла со фонограф на кој пуштал снимени библиски говори. Потоа се преселил во соседната долина каде што нашол еден внимателен слушател — Анджеј Рашка, низок, набиен горјанин со приемливо срце. Рашка веднаш ја зел својата Библија за да го провери она што било кажано во говорите на фонографот. Потоа извикал: „Брате, конечно ја најдов вистината! Барам одговори уште од времето кога бев во рововите во Првата светска војна!“Исполнет со одушевеност, Рашка го одвел Гомола да ги запознае неговите пријатели Јиржи и Анджеј Пилх, кои веднаш се оѕвале на пораката за Царството. Анджеј Тирна, кој ја дознал библиската вистина во Франција, им помогнал на овие мажи да го продлабочат спознанието за Божјата порака. Набрзо се крстиле. За да ѝ помогнат на оваа мала група Библиски студенти во Висла, браќата од соседните градови ја посетувале во средината на 1930-те. Резултатите биле извонредни.
Имало впечатлив прилив на нови заинтересирани лица. Локалните лутерански семејства имале навика дома да си ја читаат Библијата. Затоа, кога виделе уверливи библиски докази во врска со доктрината за пеколен оган и за тројството, мнозина можеле да препознаат што е вистина а што лага. Многу семејства одлучиле да се откажат од лажните религиозни учења. Така, собранието во Висла растело и во 1939 стигнало до околу 140 членови. Но, изненадува тоа што повеќето од возрасните во собранието не биле крстени. „Тоа не значеше дека тие некрстени објавители не се способни да заземат став за Јехова“, вели Хелена, еден од тие рани Сведоци. Таа додава: „Тие го докажаа својот интегритет во испитите на верата со кои набрзо се соочија“.
Што е со децата? Тие виделе дека нивните родители ја нашле вистината. Франчишек Бранц раскажува: „Кога татко ми сфати дека ја нашол вистината, почна да ја всадува во мене и во брат ми. Јас имав осум а брат ми десет години. Татко ми ќе ни поставеше едноставни прашања, како: ‚Кој е Бог и како се вика? Што знаете за Исус Христос?‘ Требаше да ги напишеме одговорите на лист хартија и да ги поткрепиме со библиски стихови“. Еден друг сведок вели: „Бидејќи моите родители спремно се оѕваа на пораката за Царството и ја напуштија Лутеранската црква во 1940, на училиште трпев противење и тепање. Благодарен сум им на моите родители што ги всадија во мене библиските начела. Тоа беше решавачкиот фактор што ми помогна да ги пребродам тие тешки времиња“.
Вера под испит
Кога избила Втората светска војна и кога нацистите ја окупирале таа област, биле решени да ги истребат Јеховините сведоци. Во почетокот возрасните — особено татковците — биле наговарани да потпишат еден список во кој велат дека се Германци за да добијат извесни предности. Сведоците одбиле да им дадат поддршка на нацистите. Многу браќа и заинтересирани лица што биле способни за војска се соочиле со една дилема: Можеле да одат во војска, или можеле да останат строго неутрални, но да бидат сурово казнети. „Да одбиеш воена служба значеше да бидеш испратен во концентрационен логор, обично во Аушвиц“, објаснува Анджеј Шалбот, кого Гестапо го уапсил во 1943. „Сѐ уште не бев крстен, но го знаев уверувањето што Исус го дал во Матеј 10:28, 29. Знаев дека ако умрам заради мојата вера во Јехова, тој ќе може да ме врати во живот.“
Во почетокот на 1942, нацистите уапсиле 17 браќа од Висла. За три месеци, 15-мина од нив умреле во Аушвиц. Како влијаело ова врз Сведоците што останале во Висла? Наместо да ги натера да ја остават својата вера, ова ги охрабрило непоколебливо да се држат за Јехова! Во текот на наредните шест месеци, бројот на објавителите во Висла двојно се зголемил. Набрзо имало уште апсења. Вкупно 83 браќа, заинтересирани лица и деца биле зафатени од разорната сила на Хитлер. Педесет и три од нив биле одведени во концентрациони логори (главно во Аушвиц) или на принудна работа во рудници и каменоломи во Полска, Германија и Бохемија.
Лојални и непоколебливи
Во Аушвиц нацистите се обиделе да ги заведат Сведоците со можноста веднаш да бидат ослободени. Еден есесовец му рекол на еден брат: „Само потпиши еден документ со кој се откажуваш од Библиските студенти и ќе те ослободиме, па ќе можеш да си одиш дома“. Таа понуда ја добил неколкупати, но братот не ја погазил својата верност на Јехова. Како последица на тоа, претрпел тепање, исмејување и ропска работа во Аушвиц и во Мителбау-Дора, во Германија. Токму пред ослободувањето, овој брат за влакно избегнал смрт при бомбардирањето на логорот каде што бил затворен.
Павел Шалбот, Сведок кој неодамна почина, еднаш рекол: „За време на испитувањето луѓето од Гестапо по стопати ќе ме прашаа зошто одбивам да стапам во германската војска и да речам ‚хајл Хитлер‘ “. Откако им го објаснил библискиот темел за неговата христијанска неутралност, бил осуден да работи во фабрика за воена опрема. „Јасно, не можев совесно да прифатам таква работа, затоа ме пратија да работам во рудник.“ Сепак, останал верен.
Оние што не биле затворени — жените и децата — им праќале пакети со храна на оние што биле во Аушвиц. „Летото собиравме боровинки во шумата, а потоа ги трампавме за пченица“, вели еден брат што тогаш бил дете. „Сестрите печеа кифли и ги топеа во сало. Потоа им ги праќавме кифлите во мали количини на затворените соверници.“
Вкупно 53 возрасни Сведоци од Висла биле испратени во концентрациони логори
и на принудна работа. Триесет и осум умреле.Доаѓа помлада генерација
И децата на Јеховините сведоци биле погодени од репресивните мерки на нацистите. Некои, заедно со своите мајки, биле испратени во привремени логори во Бохемија. Други, пак, биле одземени од родителите и испратени во озлогласениот детски логор во Лоѓ.
„Во првата пратка за Лоѓ“, се сеќаваат тројца од нив, „Германците одведоа десетмина од нас, на возраст од пет до девет години. Се храбревме еден со друг така што се молевме и разговаравме за библиски теми. Не беше лесно да се издржи“. Во 1945, сите тие деца се вратиле дома. Биле живи, но исцрпени и истрауматизирани. Сепак, ништо не можело да го скрши нивниот интегритет.
Што се случило потоа?
Како што Втората светска војна се приближувала кон крајот, Сведоците од Висла сѐ уште биле цврсти во верата и спремни да продолжат со својата проповедничка активност со ревност и одлучност. Групи составени од браќа ги посетувале луѓето што живееле оддалечени од Висла и по 40 километри, проповедајќи и дистрибуирајќи библиска литература. „Набрзо имаше три активни собранија во нашиот град“, вели Јан Кржок. Меѓутоа, верската слобода не траеше долго.
Комунистичката влада, која ја замени нацистичката, ја забрани активноста на Јеховините сведоци во Полска во 1950. Затоа, локалните браќа мораа да бидат снаодливи во својата служба. Понекогаш ги посетуваа луѓето во нивните домови со изговор дека сакаат да купат стока или жито. Христијанските состаноци обично се одржуваа навечер во мали групи. Сепак, агентите за безбедност успеаја да уапсат мнозина обожаватели на Јехова, обвинувајќи ги дека работат за некоја странска разузнавачка служба — сосема неосновано обвинение. Некои полицајци саркастично му се заканиле на Павел Пилх: „Хитлер не ве скрши, но ние ќе ве скршиме“. Сепак, тој му останал лојален на Јехова, иако пет години бил во затвор. Кога неколкумина млади Сведоци одбиле да потпишат социјалистички политички документ, биле избркани од училиште или отпуштени од работа.
Јехова продолжи со нив
Во 1989 се смени политичката клима и Јеховините сведоци беа законски признати во Полска. Непоколебливите обожаватели на Јехова во Висла ја забрзаа својата активност, што се одрази на бројот на пионери, или полновремени министри. Околу 100 браќа и сестри од оваа област стапија во полновремена служба. Затоа не е ни чудо што градот го доби прекарот „фабрика за пионери“.
Во врска со поддршката што Бог им ја давал на своите слуги во минатото, Библијата вели: „Ако не беше Господ со нас, кога се кренаа луѓето против нас, ќе нѐ проголтаа живи“ (Псалм 124:2, 3). Во наше време, и покрај големата апатија и неморалните светски трендови кај повеќето луѓе, обожавателите на Јехова во Висла се трудат да го задржат својот интегритет и богато се благословени. Неколку генерации Сведоци од таа област можат да ја потврдат вистинитоста на изјавата на апостол Павле: „Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас?“ (Римјаните 8:31).
[Слика на страница 26]
Емилија Кржок била испратена со своите деца Хелена, Емилија и Јан во привремен логор во Бохемија
[Слика на страница 26]
Кога одбил воена служба, Павел Шалбот бил испратен да работи во рудник
[Слика на страница 27]
Кога браќата биле испратени и умреле во Аушвиц, делото не престанало да расте во Висла
[Слика на страница 28]
Павел Пилх и Јан Полок биле одведени во детски логор во Лоѓ
[Извор на слика на страница 25]
Бобинки и цвеќиња: © R.M. Kosinscy/www.kosinscy.pl