Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Помини ја земјата“

„Помини ја земјата“

„Помини ја земјата“

„Помини ја земјата надолж и нашироко“ (БИТИЕ 13:17).

1. Кое интересно упатство му го дал Бог на Авраам?

САКАШ ЛИ да патуваш во природа, можеби да одиш на патување со автомобил за време на викендите? Други повеќе сакаат да патуваат со велосипед за да вежбаат и поопуштено да уживаат во глетката. Трети, пак, одлучуваат да одат на излет за да ја запознаат околината и на раат да уживаат во неа. Таквите екскурзии обично се временски ограничени. Но, замисли си како мора да се чувствувал Авраам кога Бог му рекол: „Стани! Помини ја земјата надолж и нашироко, зашто тебе ќе ти ја дадам“ (Битие 13:17).

2. Каде отишол Авраам откако излегол од Египет?

2 Да го разгледаме контекстот на овие зборови. Авраам, заедно со својата сопруга и со некои други, престојувал во Египет. Битие 13. поглавје ни кажува дека излегле од Египет и ги преместиле своите стада во „Негев“. Потоа Авраам ‚одел од место до место, од јужната страна [Негев, NW] до Ветил‘. Кога се појавил проблем меѓу неговите пастири и пастирите на внук му Лот и кога станало очигледно дека ќе треба да најдат различни пасишта, Авраам великодушно му дал на Лот прв да избира. Лот ја избрал „Јорданската Долина“, долина бујна „како некаква Господова градина“, и со текот на времето се населил во Содом. Бог му рекол на Авраам: „Подигни ги своите очи, од местото каде си, и погледај кон север, југ, исток и запад“. Веројатно од некоја височинка покрај Ветил, Авраам можел да види и други делови од земјата. Сепак, го очекувало и нешто друго. Бог го повикал да ‚ја помине земјата‘ и да се запознае со нејзините карактеристики и региони.

3. Зошто може да биде тешко да си ги претставиме патувањата на Авраам?

3 Без разлика на тоа во колкава мера се запознал со земјата пред да стигне до Хеврон, Авраам сигурно ја познавал Ветената земја многу подобро отколку повеќето од нас. Размисли за местата што се спомнати во овој извештај — Негев, Ветил, Јорданската Долина, Содом и Хеврон. Дали ти е тешко да си претставиш каде биле овие места? За мнозина тоа е предизвик, зашто малкумина од Јеховиниот народ ги посетиле местата за коишто читаат во Библијата, пропатувајќи ја земјата надолж и нашироко. Сепак, имаме причина да бидеме вистински заинтересирани за да ги знаеме библиските места. Зошто?

4, 5. а) На кој начин Пословици 18:15 се однесува на знаењето и разбирањето на библиските земји? б) Што илустрира 2. поглавје од Софонија?

4 Божјата реч вели: „Разумното срце придобива знаење, и увото на мудрите бара знаење“ (Пословици 18:15). Има многу теми за кои човек би можел да стекне знаење, но сепак точното спознание кое е поврзано со Јехова Бог и со неговите постапки е од првенствена важност. Се разбира, за тоа многу е важно она што го читаме во Библијата (2. Тимотеј 3:16). Меѓутоа, забележи дека е вклучен и разумот, односно разбирањето. Тоа е способност да се увиди сржта на некоја работа, да се разбере или да се сфати поврзаноста меѓу деловите и целината. Ова важи и за фактите во врска со местата спомнати во Библијата. На пример, поголемиот дел од нас знаеме каде е Египет, но колку ја разбираме забелешката дека Авраам отишол од Египет во „Негев“, потоа во Ветил, и потоа во Хеврон? Разбираш ли каде биле овие места и како биле поврзани?

5 Или можеби си следел распоред за читање на Библијата во кој било вклучено и 2. поглавје од Софонија. Таму читаше имиња на градови, луѓе и земји. Газа, Аскалон, Азот, Акрон, Содом и Нинивија, како и Ханаан, Моав, Амон и Асирија — сите овие места се спомнати во тоа едно поглавје. Успеа ли да си ги претставиш тие места во коишто живееле вистински луѓе, луѓе што биле вклучени во исполнувањето на Божјето пророштво?

6. Зошто некои христијани увиделе дека картите се многу вредни? (Види ја рамката.)

6 Мнозина од оние што ја проучуваат Божјата реч извлекле голема корист од тоа што разгледуваат карти на библиските земји. Тие не го прават тоа затоа што многу ги интересираат карти туку затоа што сфаќаат дека со тоа што ќе користат карти можат да си го зголемат спознанието за Божјата реч. Исто така, картите можат да им помогнат подобро да разберат, да увидат на кој начин фактите што веќе ги знаат се поврзани со други информации. Додека разгледуваме некои примери, веројатно и твојата благодарност кон Јехова ќе се зголеми и ќе стекнеш подлабок увид во извештаите од неговата Реч. (Види ја рамката на 14. страница.)

Вреди да се знаат растојанијата

7, 8. а) Каква зачудувачка работа направил Самсон во врска со Газа? б) Кои информации можат да го зголемат значењето на подвигот на Самсон? в) Како може да ни помогне тоа што ќе го знаеме и ќе го разбереме извештајот за Самсон?

7 Во Судии 16:2, читаме дека судијата Самсон бил во Газа. Името Газа често се спомнува во денешните вести, па можеби затоа имаш некаква претстава за тоа каде бил Самсон — на филистејска територија близу до брегот на Средоземното Море. [11] Сега забележи што вели Судии 16:3: „Самсон лежеше само до полноќ, а на полноќ стана, ја грабна градската врата со двата довратника, ги истрга заедно со лостот, ги стави на раменици и ги однесе на врвот на гората што е спроти Хеврон и ги положи таму“.

8 Вратата и довратниците на една тврдина како Газа, без сомнение, биле големи и тешки. Замисли си да ги носиш! Самсон ги носел, но каде ги однел, и какво патување било тоа? Па, Газа се наоѓа на брегот, на височина на морското ниво. [15] Меѓутоа, Хеврон е на исток, на надморска височина од 900 метри — вистинско искачување! Не можеме да одредиме каде точно се наоѓала „гората што е спроти Хеврон“, но градот е околу 60 километри од Газа — и тоа по угорница! Кога знаеме за колкаво растојание станува збор, подвигот на Самсон добива ново значење, зарем не? Но, да не заборавиме зошто можел Самсон да прави такви дела — ‚Господовиот Дух почнал да дејствува во него‘ (Судии 14:6, 19; 15:14). Како христијани, денес ние не очекуваме Божјиот дух да ни даде некаква необична физичка сила. Сепак, истиот тој моќен дух може да направи подобро да ги сфатиме длабоките духовни работи и да нѐ зајакне во согласност со нашиот внатрешен човек (1. Коринќаните 2:10—16; 13:8; Ефешаните 3:16; Колошаните 1:9, 10). Да, кога го разбираме извештајот за Самсон, гледаме дека со него се истакнува фактот дека Божјиот дух може да ни помогне.

9, 10. а) Што вклучувала победата на Гедеон над Мадијамците? б) Како може овој извештај да добие поголема смисла од тоа што ќе ја знаеме географијата што е спомната во него?

9 Победата на Гедеон над Мадијамците е уште еден извештај што ги става растојанијата во преден план. Повеќето читатели на Библијата знаат дека судијата Гедеон и неговата чета од 300 мажи ја поразиле коалицијата од 135.000 освојувачи — Мадијамци, Амаликци и други што биле улогорени во Езраелската долина, близу до ридот Море. [18] Луѓето на Гедеон трубеле во рогови, кршеле врчви за да ги покажат своите факели и извикувале: „За Господа и за Гедеона!“ Тоа ги збунило и ги уплашило непријателите, затоа почнале да се убиваат еден со друг (Судии 6:33; 7:1—22). Дали тоа било сѐ, една брза акција во темнината на ноќта? Читај понатаму во 7. и 8. поглавје од Судии. Ќе видиш дека Гедеон продолжил со нападот. Од многуте места што се спомнати, некои денес не можат да се поврзат со познати локации, и затоа можеби ги нема на библиските карти. Но, доволен број од нив се познати, па затоа можеме да ги следиме постапките на Гедеон.

10 Гедеон ги гонел преостанатите од коалицијата покрај Вет-Асет и потоа на југ до Авел-Меолскиот Брег, близу до Јордан (Судии 7:22—25). Извештајот вели: „Гедеон дојде до Јордан, го помина, но тој и трите стотини луѓе, со него, беа изнемоштени и гладни [но продолжија со потерата, NW]“. Кога го преминале Јордан, Израелците ги гонеле непријателите на југ до Сокхот и Фануил, во близина на Јавок, потоа по ридовите до Јогвеја (близу до денешен Аман во Јордан). Тоа биле околу 80 километри потера и борба. Гедеон заробил и убил два мадијамски цара; потоа се вратил во својот град, Офра, близу до местото каде што започнала борбата (Судии 8:4—12, 21—27). Очигледно, подвигот на Гедеон бил повеќе отколку само неколку минути трубење во рогови, мавтање со факели и викање. И размисли само колку ова му дава тежина на она што било кажано за мажите од вера: „Ќе ми недостига време ако почнам да раскажувам за Гедеон [и други кои] од состојба на слабост беа направени силни, станаа смели во војна“ (Евреите 11:32—34). И христијаните можат физички да се уморат, но зарем не е од пресудна важност да продолжиме да ја вршиме Божјата волја? (2. Коринќаните 4:1, 16; Галатите 6:9).

Како размислуваат и реагираат луѓето?

11. Какво патување било направено пред и откако Израелците стигнале до Кадис?

11 Некои можеби ги разгледуваат библиските карти за да најдат некои места, но мислиш ли дека картите можат да ни дадат увид и во размислувањето на луѓето? Да ги земеме за пример Израелците што се движеле од планината Синај кон Ветената земја. Застанувајќи на неколку места по пат, конечно стигнале до Кадис (или Кадис-Варниј). [9] Во Второзаконие 1:2 ова е опишано како 11⁠-дневно патување, растојание од околу 270 километри. Од таму Мојсеј испратил 12 шпиони во Ветената земја (Броеви 10:12, 33; 11:34, 35; 12:16; 13:1—3, 25, 26). Шпионите отишле на север преку Негев, веројатно поминале откај Вирсавеа, па откај Хеврон и стигнале до северните граници на Ветената земја (Броеви 13:21—24). Поради тоа што го прифатиле лошиот извештај на десеттемина шпиони, Израелците морале 40 години да талкаат низ пустелијата (Броеви 14:1—34). Што открива ова за нивната вера и спремноста да му веруваат на Јехова? (Второзаконие 1:19—33; Псалм 78:22, 32—43; Јуда 5).

12. Што можеме да заклучиме за верата на Израелците, и зошто треба да размислуваме за тоа?

12 Да го разгледаме ова од географска гледна точка. Да покажеле вера и да го послушале советот на Исус Навин и на Халев, зарем ќе требало Израелците да патуваат толку многу за да стигнат во Ветената земја? Кадис бил на околу 16 километри од Вир-Лахај-Рои, кадешто живееле Исак и Ревека. [gl 7] Тоа било помалку од 95 километри од Вирсавеа, град што се наоѓал на јужната граница од Ветената земја (Битие 24:62; 25:11; 2. Самоил 3:10). Бидејќи го поминале патот од Египет до планината Синај и потоа уште 270 километри до Кадис, биле, така да се каже, на прагот на Ветената земја. Во нашиот случај, ние сме на прагот на ветениот земен Рај. Која е поуката за нас? Апостол Павле ја поврзал ситуацијата на Израелците со овој совет: „Затоа, да дадеме сѐ од себе за да влеземе во таа починка, за некој да не падне по истиот образец на непослушност“ (Евреите 3:16—4:11).

13, 14. а) Во која ситуација Гаваонците презеле еден решавачки чекор? б) Што открива ставот на Гаваонците, и каква поука треба да извлечеме од ова?

13 Еден поинаков став — доверба дека Бог ќе ја изврши својата волја — се гледа од библискиот случај со Гаваонците. Откако Исус Навин ги внел Израелците преку Јордан во земјата што Бог му ја ветил на семејството на Авраам, дошло време да се истераат Ханаанците (Второзаконие 7:1—3). Тука биле вклучени и Гаваонците. Израелците ги поразиле Ерихон и Гај и биле улогорени во близина на Галгал. Гаваонците не сакале да загинат како проклети Ханаанци, па затоа испратиле свои претставници кај Исус Навин во Галгал. Се преправале дека не се од територијата на Ханаанците за да можат да склучат пријателски договор со Евреите.

14 Нивните претставници рекле: „Доаѓаме од далечна земја“ (Исус Навин 9:3—9). Нивната облека и храната што ја имале навидум потврдувале дека се од далеку, но Гаваон, всушност, бил на само 30 километри од Галгал. [gl 19] Убедени, Исус Навин и главатарите склучиле пријателски договор со Гаваон и со околните градови што биле поврзани со Гаваон. Дали итрината на Гаваонците била само средство за да се избегне погубување? Напротив, таа ја одразувала нивната желба да ја имаат милоста на израелскиот Бог. Јехова одобрил Гаваонците ‚да сечат дрва и да носат вода за заедницата и за Господовиот жртвеник‘ (Исус Навин 9:11—27). Гаваонците и понатаму покажувале спремност да извршуваат скромни задачи во Јеховината служба. Веројатно некои од нив биле меѓу Нетинејците што се вратиле од Вавилон и што служеле во повторно изградениот храм (Езра 2:1, 2, 43—54; 8:20). Можеме да го имитираме нивниот став така што ќе се трудиме да задржиме мир со Бог и ќе бидеме спремни да вршиме дури и скромни задачи во неговата служба.

Да дадеме сѐ од себе

15. Зошто треба да нѐ интересира географијата од Христијанските грчки списи?

15 Географијата на библиските земји игра улога и во извештаите во Христијанските грчки списи, како што се патувањата и службата на Исус и на апостол Павле (Марко 1:38; 7:24, 31; 10:1; Лука 8:1; 13:22; 2. Коринќаните 11:25, 26). Обиди се да си ги замислиш патувањата што се вклучени во следниве извештаи.

16. На кој начин христијаните од Верија покажале ценење за Павле?

16 На своето второ патување (виолетова линија на картата), Павле пристигнал во Филипи, во денешна Грција. [gl 33] Таму сведочел, бил затворен, потоа пуштен и заминал за Солун (Дела 16:6—17:1). Кога Евреите предизикале немири, браќата од Солун го поттикнале Павле да оди во Верија, која била оддалечена околу 65 километри. Павле имал успешна служба во Верија, но Евреите дошле и го подбуцнале народот. Затоа, ‚браќата веднаш го испратиле Павле да оди сѐ до морето‘, а ‚оние кои го придружувале Павле, го одвеле сѐ до Атина‘ (Дела 17:5—15). Изгледа дека некои нови преобратеници биле спремни да пешачат 40 километри до Егејското Море, да платат за да се качат на бродот и да пловат околу 500 километри. Таквото патување би можело да биде ризично, но браќата ги прифатиле ризиците и на тој начин поминале повеќе време со овој патувачки претставник на Бог.

17. Што можеме подобро да сфатиме кога знаеме колкаво е растојанието помеѓу Милет и Ефес?

17 На своето трето патување (зелена линија на картата), Павле пристигнал во пристаништето во Милет. Ги повикал постарите мажи од собранието во Ефес, оддалечен околу 50 километри. Замисли си, тие старешини оставиле сѐ друго за да одат кај Павле. Додека пешачеле, веројатно возбудено си разговарале за претстојната средба. Откако се сретнале со Павле и го чуле како се моли, ‚настанал прилично голем плач, и му паднале на вратот на Павле и нежно го бакнувале‘. Потоа ‚го испратиле до бродот‘ за Ерусалим (Дела 20:14—38). На пат назад кон Ефес имале многу за што да размислуваат и да разговараат. Зарем не остава на тебе силен впечаток ценењето што го покажале со тоа што пропешачиле толкава далечина за да бидат со еден патувачки слуга што можел да ги поучи и да ги охрабри? Увидуваш ли од ова нешто што би можел да го примениш во својот живот и во начинот на размислување?

Учи за таа земја и за она што лежи пред нас

18. Што можеме да бидеме решени да правиме во врска со библиските локации?

18 Претходниве примери покажуваат колку вреди да ја запознаеме земјата што Бог им ја дал на Израелците и која е во средиштето на многу библиски извештаи. (И, можеме да си ги прошириме видиците така што ќе научиме нешто повеќе за околните земји што се спомнуваат во библиските извештаи.) Кога си го зголемуваме знаењето и разбирањето, особено за Ветената земја, да имаме на ум едно основно барање што Израелците морале да го исполнат за да влезат и да уживаат во земјата на „млеко и мед“. Требало да имаат страв од Јехова и да ги држат неговите заповеди (Второзаконие 6:1, 2; 27:3).

19. Кои два раја заслужуваат постојано да ги имаме на ум?

19 Слично на нив, и ние денес треба да го дадеме нашиот дел, да имаме страв од Јехова и да се држиме за неговите патишта. На тој начин ќе придонесеме да се подобри и да се разубави духовниот рај што сега постои во светското христијанско собрание. Постојано ќе расте нашето спознание за неговите карактеристики и благослови. А знаеме дека тоа не е сѐ, нѐ очекува и нешто друго. Исус Навин ги водел Израелците преку Јордан во една плодна земја што можела да ги задоволи нивните потреби. Ние сега имаме добра причина со доверба да го очекуваме дословниот Рај, добрата земја што лежи пред нас.

Се сеќаваш ли?

• Зошто треба да сакаме да си го зголемиме спознанието и разбирањето за библиските земји?

• Кој географски детаљ што беше разгледан во оваа статија ти беше посебно поучен?

• Која поука ти стана многу појасна откако дозна повеќе за географијата што е спомната во некои случаи?

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 14]

„Види ја добрата земја“

На конгресите во 2003 и 2004, Јеховините сведоци беа радосни што ја добија брошурата „Види ја добрата земја“. Оваа нова публикација што е достапна на 80 јазици е полна со карти и табели во боја на кои се прикажани различни области од библискиот свет, особено Ветената земја во текот на различни периоди.

Придружната статија укажува на конкретни карти, давајќи го бројот на страниците напишан со масни бројки, како на пример [15]. Ако ја имаш оваа нова брошура, потроши малку време за да се запознаеш со посебните карактеристики што можат да ти помогнат да го зголемиш своето спознание и разбирање на Божјата реч.

1) Многу од картите имаат легенда или рамка во која се дадени објаснувања за посебните симболи или ознаки на картата [18]. 2) Повеќето карти имаат размер во милји и километри што ти помага да сфатиш за колкава големина или растојание станува збор [26]. 3) Обично една стрелка покажува на север, што ти овозможува да се ориентираш [gl 19]. 4) Честопати картите се во боја за да се видат возвишувањата [12]. 5) На рабовите на картата може да има букви/бројки за да можеш да си создадеш слика на мрежа, која може да ја користиш за да ги најдеш градовите или имињата [gl 23]. 6) На индексот со имиња на местата, што е на две страници [34, 35], можеш да го видиш бројот на страница напишан со масни бројки, по кој честопати е наведено во кој дел од мрежата се наоѓа некоја локација, како на пример Д2. Откако неколкупати ќе ги користиш овие карактеристики на брошурата, ќе се зачудиш од колку голема важност се тие за да го прошириш своето знаење и да го продлабочиш своето разбирање на Библијата.

[Табела/карта на страници 16 и 17]

КАРТА НА ПРИРОДНИТЕ РЕГИОНИ

(Види во публикацијата)

А. Брегот на Големото Море

Б. Долините западно од Јордан

1. Долината Асир

2. Крајбрежниот појас на Дор

3. Саронските пасишта

4. Филистејска Долина

5. Централна источно-западна долина

а. Долината Мегидон

б. Низинската долина Езраел

В. Планините западно од Јордан

1. Галилејски ридови

2. Кармилски ридови

3. Самариски ридови

4. Шефел (ниски ридови)

5. Ридест предел на Јуда

6. Пустелијата во Јуда

7. Негев

8. Фаранска пустелија

Г. Араба (Раседна долина)

1. Басен Хула

2. Подрачјето на Галилејското Море

3. Долината на Јордан

4. Солено Море (Мртво Море)

5. Араба (јужно од Соленото Море)

Д. Планини/висорамнини источно од Јордан

1. Васан

2. Галад

3. Амон и Моав

4. Планинска висорамнина Едом

Ѓ. Ливански планини

[Карта]

Планината Ермон

Морија

Авел-Меолски Брег

Сокхот

Јогвеја

Ветил

Галгал

Гаваон

Ерусалим

Хеврон

Газа

Вирсавеа

Содом?

Кадис

[Карта/слика на страница 15]

(Види во публикацијата)

ХАНААН

Мегидон

ГАЛАД

Дотан

Сихем

Ветил (Луз)

Гај

Ерусалим (Салим)

Витлеем (Еуфрат)

Мамра

Хеврон (Махпела)

Герар

Вирсавеа

Содом?

НЕГЕВ

Ровот?

Морија

Солено Море

Јордан

[Слика]

Авраам ја пропатувал земјата

[Карта на страница 18]

(Види во публикацијата)

Троада

САМОТРАКИ

Неапол

Филипи

Амфипол

Солун

Берија

Атина

Коринт

Ефес

Милет

РОДОС