Прашања од читателите
Прашања од читателите
Дали, кога ги поучил своите следбеници ‚да позајмуваат без камата, не надевајќи се на ништо за возврат‘, Исус мислел дека не треба да ја бараат ни главнината?
Зборовите на Исус запишани во Лука 6:35 ќе се разберат најдобро кога ќе се земе предвид Мојсеевиот закон. Во него Бог им заповедал на Израелците да им даваат заеми без камата на другите Израелци кои финансиски биле сиромашни и на кои им требала помош (Излез 22:25; Левит 25:35—37; Матеј 5:42). Тоа не биле заеми со комерцијална намена, за деловни зделки. Напротив, таквите заеми без камата требало да ја олеснат сиромаштијата или неволјата. На крајот на краиштата, би било крајно бесчувствително да се заработува од економската неволја на ближниот. Сепак, оној што го давал заемот имал право да си ја поврати главнината, а понекогаш се замал и залог (покритие за заемот) (Второзаконие 15:7, 8, NW).
Иако се придржувал за Законот, Исус му дал уште поширока примена кога рекол дека оној што дава помош не треба да се надева „на ништо за возврат“. Како Израелците, понекогаш и христијаните доживуваат економски неволји или други околности поради кои би западнале во сиромаштија, во беда. Ако некој христијански брат што е во таква очајна ситуација побара финансиска помош, зарем не би било љубезно да му помогнеме? Да, искрената љубов ќе го поттикне сохристијанинот да сака да му помогне на братот кој, не по своја вина, западнал во сериозни финансиски проблеми (Пословици 3:27). Можеби ќе можеме да му подариме нешто на тој сиромашен брат, иако можеби износот ќе биде помал од она што некој би го дал како заем (Псалм 37:21).
Во првиот век н.е., апостол Павле и Варнава имале задача да ги однесат доброволните прилози од христијаните во Мала Азија до нивните браќа во Јудеа затоа што имало глад (Дела 11:28—30). На сличен начин и денес, кога ќе погоди некоја несреќа, христијаните честопати им праќаат дарови на своите сиромашни браќа. Со тоа им даваат и убаво сведоштво на другите (Матеј 5:16). Се разбира, треба да се земат предвид и ставот и ситуацијата на оној што бара помош. Зошто е сиромашен? Значајни се зборовите на Павле: „Ако некој не сака да работи, нека и не јаде“ (2. Солуњаните 3:10).
Ако некој брат што бара заем не е во очајна ситуација туку сака само привремена помош за да застане на нозе по некоја финансиска неволја, може да биде сосем на место да му се даде заем без камата. Во такви околности, не би се косело со зборовите на Исус од Лука 6:35 да се даде заем со намера целосно да биде отплатен. Треба да се направи писмен договор, а оној што го зема заемот треба да направи сѐ за да го отплати според условите од договорот. Да, христијанската љубов треба да го поттикне оној што го зема заемот да го отплати, исто како што го поттикнала оној што го дал заемот да го даде.
Тој што размислува да даде заем (или да даде дар) треба да ја земе предвид ситуацијата во своето семејство. На пример, дали со тоа би ја загрозил својата способност да се грижи за потребите на членовите на своето семејство, нешто за што Библијата вели дека е приоритет? (2. Коринќаните 8:12; 1. Тимотеј 5:8). Сепак, христијаните треба да бараат прилики да си покажуваат љубов еден на друг, и тоа на практични начини што се во склад со библиските начела (Јаков 1:27; 1. Јованово 3:18; 4:7—11).