Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Врвни точки од книгата Исус Навин

Врвни точки од книгата Исус Навин

Јеховината реч е жива

Врвни точки од книгата Исус Навин

УЛОГОРЕНИ на Моавските рамници во 1473 пр.н.е., Израелците сигурно се одушевени што ги слушаат следниве зборови: „Пригответе си храна, зашто по три дни ќе преминете преку Јордан, за да ја примите во сопственост земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство“ (Исус Навин 1:11). Нивното четириесетгодишно престојување во пустелијата требало да заврши.

По нешто повеќе од две децении, водачот Исус Навин стои во срцето на земјата Ханаан и на старешините на Израел им објавува: „Видете, ви ги разделив вам со ждрепка во наследство на вашите племиња сите народи што останаа, и сите оние народи што ги истребив од Јордан до Големото Море на запад. Господ, вашиот Бог, само ќе ги гони пред вас и ќе ги истера од пред вас, и ќе ја завладеете нивната земја, како што ви вети Господ, вашиот Бог“ (Исус Навин 23:4, 5).

Книгата Исус Навин, која тој ја напишал во 1450 пр.н.е., е возбудлив историски извештај за она што се случило во текот на тие 22 години. Додека стоиме на прагот на ветениот нов свет, нашата ситуација може да се спореди со онаа на синовите на Израел, кои биле спремни да ја заземат Ветената земја. Затоа, со голем интерес, да ја разгледаме книгата Исус Навин (Евреите 4:12).

НА „ПУСТИНСКАТА РАМНИЦА КАЈ ЕРИХОН“

(Исус Навин 1:1—5:15)

Замисли си само каква задача добива Исус Навин кога Јехова му вели: „Мојот слуга Мојсеј почина; затоа сега стани, помини преку тој Јордан, ти и сиот тој народ, во земјата што им ја давам на Израелевите синови“! (Исус Навин 1:2). Исус Навин требало да води нација од неколку милиони луѓе во Ветената земја. Како подготовка на тоа, тој испраќа двајца извидници во Ерихон — градот што требало прв да биде освоен. Во тој град живее блудницата Рава, која веќе имала чуено за моќните дела што Јехова ги извршил во корист на својот народ. Таа ги заштитува и им помага на извидниците а тие, пак, ѝ даваат ветување дека ќе ѝ биде зачуван животот.

Откако се враќаат извидниците, Исус Навин и народот се подготвени на акција и да го преминат Јордан. Иако во фаза кога е прелеана, реката не претставува препрека за нив, бидејќи Јехова предизвикува водите што се во спротивен правец од течението да се кренат како насип и ги остава водите во правец на течението да се празнат во Мртвото море. Откако го преминуваат Јордан, Израелците се улогоруваат кај Галгал, во близината на Ерихон. По четири дена, вечерта на 14⁠-иот ден од авив, тие ја прославуваат Пасхата во пустинските рамници на Ерихон (Исус Навин 5:10). Следниот ден, почнуваат да јадат од некои од плодовите што ги раѓа земјата, и престануваат да добиваат мана. Во тоа време, Исус Навин ги обрежува сите машки родени во пустелијата.

Одговорени библиски прашања:

2:​4, 5— Зошто Рава ги измамува луѓето на царот, кои ги бараат извидниците? Рава ги заштитува извидниците по цена на својот живот затоа што таа развила вера во Јехова. Според тоа, таа не е обврзана да им открие каде се наоѓаат извидниците на луѓе што сакаат да му наштетат на Божјиот народ (Матеј 7:6; 21:23—27; Јован 7:3—10). Всушност, Рава била „прогласена за праведна со дела“, во кои спаѓало и тоа што погрешно ги упатила пратениците на царот (Јаков 2:24—26).

5:​14, 15— Кој е „кнезот на Јеховината војска (NW)“? Кнезот што доаѓа да го зајакне Исус Навин додека започнува освојувањето на Ветената земја најверојатно не е никој друг освен „Речта“ — Исус Христос во своето претчовечко постоење (Јован 1:1; Даниел 10:13). Колку само нѐ зајакнува уверувањето дека прославениот Исус Христос е со Божјиот народ денес кога тој е вклучен во духовна војна!

Поуки за нас:

1:​7—9. За да успееме во она што сакаме да го постигнеме на духовен план битни се секојдневното читање на Библијата, редовното размислување за она што стои во неа и применувањето во пракса на она што го учиме.

1:​11. Исус Навин ги замолува луѓето да приготват храна а не мрзливо да чекаат Бог да им ја обезбеди. Исусовата опомена да престанеме да се грижиме за основните потреби за живот, како и неговото ветување дека „сите овие други работи ќе ви се додадат“, не значат дека не треба да преземеме никакви мерки за да се издржуваме (Матеј 6:25, 33).

2:​4—13. Откако слушнала за Јеховините големи дела и откако сфатила дека се работи за судбоносен момент, Рава одлучува да ги поддржува неговите обожаватели. Ако ја проучуваш Библијата извесно време и сфаќаш дека живееме во „последните денови“, зарем не треба да одлучиш да му служиш на Бог? (2. Тимотеј 3:1)

3:​15. Бидејќи извештајот на извидниците што биле испратени во Ерихон е поволен, Исус Навин дејствува бргу, без да чека водите на Јордан да се повлечат. Кога станува збор за дела во кои е вклучено вистинското обожавање, мораме да постапуваме храбро наместо да одложуваме додека околностите не изгледаат посоодветни.

4:​4—8, 20—24. Дванаесетте камења земени од речното корито на Јордан требало да служат за спомен на Израелците. Делата на избавување што Јехова ги прави за својот современ народ од неговите непријатели исто така служат за спомен дека тој е со него.

ОСВОЈУВАЊЕТО ПРОДОЛЖУВА

(Исус Навин 6:1—12:24)

Градот Ерихон е „силно утврден и затворен . . . Никој не излегуваше ниту некој влегуваше“ (Исус Навин 6:1). Како ќе се заземе градот? Јехова му ја дава на Исус Навин стратегијата. Ѕидовите набргу се срушени и градот е уништен. Само Рава и нејзините домашни се спасени.

Следното освојување е царскиот град Гај. Извидниците испратени таму известуваат дека градот има малку жители и затоа не се потребни многу луѓе за да се порази. Меѓутоа, околу 3.000 војници што се испратени да го нападнат градот бегаат од луѓето на Гај. Зошто? Јехова не е со Израелците. Ахан од племето на Јуда згрешил додека го напаѓале Ерихон. Откако ја исправа работата, Исус Навин го напаѓа Гај. Бидејќи еднаш веќе ги поразил Израелците, царот на Гај е нестрплив да се бори со нив. Но, Исус Навин користи стратегија што ја искористува прекумерната самодоверба на луѓето во Гај и го зазема градот.

Гаваон е ‚голем град — поголем од Гај, и сите негови жители се храбри луѓе‘ (Исус Навин 10:2, ПСП). Меѓутоа, откако слушнале за успехот на Израел против Ерихон и Гај, луѓето на Гаваон го измамуваат Исус Навин за да склучи со нив сојуз за мир. Околните народи гледаат на тоа изневерување како на закана за нив. Пет од нивните цареви формираат сојуз и го напаѓаат Гаваон. Израел ги спасува Гаваонците и потполно ги поразува напаѓачите. Другите освојувања на Израел под водството на Исус Навин ги вклучуваат градовите на југ и на запад, како и поразот на коалицијата цареви на север. Вкупниот број цареви што биле поразени западно од Јордан изнесува 31.

Одговорени библиски прашања:

10:13— Како е можен таков феномен? „Има ли нешто невозможно за Господа“, Творецот на небото и на Земјата? (Битие 18:14) Ако сака, Јехова може да управува со движењето на Земјата така, што Сонцето и Месечината би изгледале неподвижни за еден набљудувач од Земјата. Или може да допушти движењето на Земјата и на Месечината да се одвива без пречки, а да ги прекршува зраците од Сонцето и од Месечината на таков начин, што светлината од овие две светлосни тела продолжува да свети. Како и да е, „немаше таков ден ни порано ни после“ во човечката историја (Исус Навин 10:14).

10:13 (NW)​ — Што е книгата Јашар? Книгата е повторно спомната во 2. Самоил 1:18, (NW) во врска со една поема наречена „Лак“ — песна на тага за Цар Саул од Израел и неговиот син Јонатан. Книгата веројатно била збирка на песни и поеми со епски или историски теми и најверојатно била добро позната меѓу Евреите.

Поуки за нас:

6:​26; 9:​22, 23. Клетвата што ја изрекол Исус Навин кога бил уништен Ерихон се исполнила по околу 500 години (1. Цареви 16:34). Клетвата на Ное над својот внук Ханаан се обистинува кога Гаваонците стануваат работници (Битие 9:25, 26). Јеховината реч секогаш се обистинува.

7:​20—​25. Некои може да сметаат дека во случајот на Ахан не станува збор за вистинска кражба, туку само за ситен престап, можеби расудувајќи дека таа не им донела штета на другите. Тие можеби гледаат на сличен начин на малите кражби и на ситните престапи против Божјиот закон. Но, во нашата решеност да се спротивставиме на притисоците од противзаконските и неморалните постапки ние треба да бидеме како Исус Навин.

9:​15, 26, 27. Мораме сериозно да ги сфаќаме договорите што ќе ги склучиме и да си стоиме на зборот.

ИСУС НАВИН ЈА ПРЕЗЕМА СВОЈАТА ПОСЛЕДНА ЗНАЧАЈНА ЗАДАЧА

(Исус Навин 13:1—24:33)

Сега веќе во поодминати години — близу 90 — Исус Навин почнува да ја дели земјата. Навистина огромна задача! Племињата на Рувим и на Гад и половина од племето на Манасија веќе го добиле своето наследство источно од Јордан. Останатите племиња сега добиваат наследство на западната страна, со влечење ждрепка.

Поставен е шаторот за обожавање во Шило, на подрачјето на Ефраим. Халев го добива градот Хеврон, а Исус Навин го добива Тамнат-Сарај. Левитите добиваат 48 градови, вклучувајќи ги и 6⁠-те градови прибежишта. На враќање назад кон нивното наследство источно од Јордан, воините на Рувим, на Гад и на половината племе на Манасија поставуваат жртвеник што е „голем на изглед“ (Исус Навин 22:10ПСП). Племињата западно од Јордан гледаат на тоа како на отпадничка постапка, и за малку не избувнува меѓуплеменска војна, но со добра комуникација се спречува пролевањето крв.

Откако извесно време живее во Тамнат-Сарај, Исус Навин ги собира старешините, поглаварите, судиите и управителите на Израел и ги поттикнува да бидат храбри и да му останат верни на Јехова. Подоцна, Исус Навин ги собира сите племиња на Израел во Сихем. Таму уште еднаш се навраќа на Јеховините постапки од времето на Авраам па натаму, и уште еднаш ги поттикнува ‚да се бојат од Господа и да Му служат совршено и верно!‘ Трогнат, народот одговора: „Ќе Му служиме на Господ, својот Бог, и ќе го слушаме Неговиот глас“ (Исус Навин 24:14, 15, 24). По сето ова, Исус Навин умира, на 110 години.

Одговорени библиски прашања:

13:1— Дали тоа не противречи на она што е наведено во Исус Навин 11:23? Не, затоа што освојувањето на Ветената земја се состоело од два аспекта: националната војна, во која биле поразени 31 цар на земјата Ханаан, со што била скршена силата на Ханаанците, и целосното заземање на земјата преку племенски и индивидуални дејствувања (Исус Навин 17:14—18; 18:3). Иако синовите на Израел не успеале во потполност да ги истераат Ханаанците од нивната средина, преживеаните не претставувале вистинска закана за безбедноста на Израел (Исус Навин 16:10; 17:12). Исус Навин 21:44, (NW) наведува: „Јехова им даде и мир на сите нивни граници“.

24:2— Дали татко му на Авраам, Тара, бил обожавател на идоли? Во почетокот, Тара не бил обожавател на Јехова Бог. Најверојатно го обожавал богот-месечина по име Син — популарно божество во Ур. Според еврејската традиција, Тара можеби дури и правел идоли. Меѓутоа, кога по наредба на Бог Авраам го напушта Ур, Тара оди со него во Харан (Битие 11:31).

Поуки за нас:

14:10—​13. Иако имал 85 години, Халев ја бара тешката задача да се расчисти регионот на Хеврон. Подрачјето е заземено од Енакимци — луѓе со необична големина. Со Јеховина помош, овој искусен воин успева, и Хеврон станува град прибежиште (Исус Навин 15:13—19; 21:11—13). Примерот на Халев нѐ охрабрува да не ги избегнуваме тешките теократски задачи.

22:​9—​12, 21—​33. Мораме да бидеме внимателни за да избегнеме погрешно да ги судиме мотивите на другите.

‚Ниедно ветување нема да остане неисполнето‘

Во длабока старост, Исус Навин им вели на одговорните мажи во Израел: „Ниедно од овие ветувања, кои ви ги даде Господ, вашиот Бог, нема да остане неисполнето“ (Исус Навин 23:14). На каков живописен начин го илустрира тоа историскиот извештај на Исус Навин!

„Сѐ што беше напишано порано, напишано беше за наша поука“, напишал апостол Павле, „за преку својата истрајност и преку утехата од Писмото да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Можеме да бидеме сигурни дека нашата надеж во Божјите ветувања не е ставена на погрешно место. Ниту едно ветување нема да остане неисполнето; сите ќе се обистинат.

[Карта на страница 10]

(Види во публикацијата)

Земјата што била освоена под водството на Исус Навин

ВАСАН

ГАЛАД

АРАБА

НЕГЕВ

Река Јордан

Солено Море

Долина Јавок

Долина Арнон

Асор

Мадон

Лашарон

Симрон

Јокнеам

Дор

Мегид

Кадис

Танах

Ефер

Терса

Афек

Тафуј

Ветил

Гај

Галгал

Гезер

Ерихон

Ерусалим

Макид

Јармут

Одолам

Ливна

Лахис

Еглон

Хеврон

Давир

Арад

[Слика на страница 9]

Знаеш ли зошто блудницата Рава била прогласена за праведна?

[Слика на страница 10]

Исус Навин го поттикнувал Израел да ‚се бои од Господа и да Му служи‘.

[Слика на страница 12]

Кражбата на Ахан не е ситен престап — довела до сериозни последици

[Слика на страница 12]

„Со вера паднаа ѕидините на Ерихон“ (Евреите 11:30).