„Извонредно добар“ превод
„Извонредно добар“ превод
СПОРЕД една проценка, помеѓу 1952 и 1990 биле објавени дури 55 нови англиски преводи на Христијанските грчки списи. Изборот на зборови на преведувачите значи дека нема два исти превода. За да ја утврди веродостојноста на преводите, Џејсон БеДун, вонреден професор по религиозни студии при Универзитетот на Северна Аризона во Флагстаф (Аризона, САД), ја испитал и ја споредил точноста на осум водечки преводи, меѓу кои и Превод Нов свет на Светото писмо, издаден од Јеховините сведоци. Каков бил резултатот?
Иако имал критики за некои од решенијата на преведувачите, БеДун го нарекол Превод Нов свет „извонредно добар“ превод, „далеку подобар“ и „подоследен“ отколку некои од другите преводи што ги испитал. Сѐ на сѐ, заклучил БеДун, Превод Нов свет „е еден од најточните англиски преводи на Новиот завет што моментално се на располагање“ и „најточниот од преводите што ги споредил“ (Truth in Translation: Accuracy and Bias in English Translations of the New Testament — Вистина во преведувањето: точност и пристрасност во англиските преводи на Новиот завет).
БеДун забележал и дека многу преведувачи попуштаат на притисокот „да го толкуваат или да го дополнат она што го кажува Библијата за да одговара на она што им треба на современите читатели и што сакаат таа да го каже“. Од друга страна, пак, Превод Нов свет е поинаков, забележува БеДун, затоа што „НС се одликува со голема точност како буквален, внимателен превод на оригиналните изрази на писателите на Новиот завет“.
Како што Одборот за преводот Нов свет на Библијата признава во предговорот на своето дело, да се преведува Светото писмо од оригиналните на современи јазици е „многу одговорна работа“. Одборот понатаму вели: „Преведувачите на ова дело, кои се плашат од и го сакаат Божествениот Автор на Светото писмо, се чувствуваат посебно одговорни пред него да ги пренесат неговите мисли и објави колку што е можно поточно“.
Откако првпат беше издаден во 1961, Превод Нов свет на Светото писмо беше преведен на 32 јазика, плус две изданија на Брајово писмо. Христијанските грчки списи на Превод Нов свет, или „Новиот завет“, се достапни на уште 18 јазици, плус едно издание на Брајово писмо. Те повикуваме да ја прочиташ Божјата реч на овој современ и „извонредно добар“ превод, можеби на твојот јазик.