Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Зошто воскреснатиот Исус му рекол на Тома да го допре, а претходно ја спречил Марија Магдалена да го стори истото?

Некои постари преводи на Библијата оставаат впечаток дека Исус ѝ рекол на Марија Магдалена да не го допира. На пример, преводот Свето писмо — издание на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, зборовите на Исус ги преведува: „Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец“ (Јован 20:17). Меѓутоа, оригиналниот грчки глагол, којшто обично се преведува со „допира“, значи „се држи за, цврсто држи, зграпчува, стиска, стега“. Логично, Исус немал ништо против тоа Марија Магдалена само да го допре, зашто кратко потоа им дозволил на другите жени што биле крај гробот да го ‚фатат за нозете‘ (Матеј 28:9).

Многу преводи на современ јазик, како што се Превод Нов свет, Радосна вест и Стандарден превод, ни помагаат да го сфатиме вистинското значење на Исусовите зборови затоа што ги преведуваат: „Престани да се држиш за мене“. Зошто Исус би ѝ го рекол тоа на Марија Магдалена, која му била близок придружник? (Лука 8:1—3).

Веројатно, Марија Магдалена се плашела дека Исус ќе си замине и ќе се вознесе на небото. Поттикната од силна желба да биде со својот Господар, цврсто се држела за Исус и не го пуштала. За да ја увери дека нема да си замине, Исус ѝ рекол на Марија да престане да се држи за него и да оди да им ја каже на неговите ученици веста за неговото воскресение (Јован 20:17).

Разговорот помеѓу Исус и Тома бил поинаков. Кога Исус им се појавил на некои ученици, Тома не бил таму. Подоцна, Тома изјавил дека се сомнева во врска со воскресението на Исус и рекол дека нема да поверува сѐ додека не ги види белезите на Исус од клинците и додека не ја стави раката во раната на Исус од копјето. Осум дена подоцна, Исус повторно им се појавил на учениците. Овојпат, Тома бил таму и Исус му рекол да му ги допре раните (Јован 20:24—27).

Според тоа, во случајот на Марија Магдалена, Исус имал работа со личност што имала погрешна желба да го спречи да замине; во случајот на Тома, Исус му помогнал на човек што имал сомненија. И во двата случаја, Исус имал добри причини зошто постапил така како што постапил.