Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Уверена дека Јехова со љубов се грижи за нас

Уверена дека Јехова со љубов се грижи за нас

Животна приказна

Уверена дека Јехова со љубов се грижи за нас

РАСКАЖАЛ АНА ДЕНЦ ТУРПИН

„Ти си едно големо ‚ЗОШТО‘!“ извика мајка ми со насмевка. Како девојче, ги бомбардирав родителите со прашања. Но мајка ми и татко ми никогаш не ме прекоруваа поради мојата детска љубопитност. Напротив, тие ме научија да расудувам и да си ги донесувам одлуките на темел на библиски школувана совест. Колку само вредно се покажа тоа школување! Еден ден, кога имав 14 години, нацистите ме оттргнаа од саканите родители и никогаш повеќе не ги видов.

ТАТКО МИ, Оскар Денц, и мајка ми, Ана Марија, живееја во Лерах, германски град во близина на швајцарската граница. Кога биле млади, биле активни во политиката, и луѓето во околината ги знаеле и ги почитувале. Но, кратко откако се венчале во 1922 година, моите родители го смениле своето гледиште за политиката и своите цели во животот. Мајка ми почнала да ја проучува Библијата со Библиските студенти, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци, и била одушевена кога дознала дека Божјето царство ќе донесе мир на Земјата. Татко ми наскоро ѝ се придружил на мајка ми во проучувањето, и почнале да присуствуваат на состаноците на Библиските студенти. Татко ми дури ѝ поклонил на мајка ми една книга за проучување на Библијата, Харфа Божја, за Божиќ таа година. Јас, нивното единствено дете, сум се родила на 25 март, 1923 година.

Во себе носам многу мили спомени од нашиот фамилијарен живот — нашето пешачење на лето во тивката Црна Шума и поуките на мајка ми за водење домаќинство! Сѐ уште си ја замислувам како стои во кујната и ја поучува својата мала готвачка. Што е најважно, родителите ме научија да го сакам Јехова Бог и да имам доверба во него.

Нашето собрание се состоеше од околу 40 марливи проповедници на Царството. Родителите ми беа посебно надарени да создаваат прилики да зборуваат за Царството. Поради нивните поранешни активности во заедницата, тие се чувствуваа слободни со другите, и луѓето добро ги примаа. Кога наполнив седум години, и јас сакав да проповедам од врата до врата. Првиот ден кога мојата придружничка ми даде малку литература, ми покажа една куќа и едноставно ми рече: „Оди и види дали ќе сакаат да го земат ова“. Во 1931, присуствувавме на еден конгрес на библиските проучувачи во Базел, Швајцарија. Таму се крстија моите родители.

Од метеж до тиранија

Германија се наоѓаше во голем метеж во тоа време, и различни политички фракции жестоко се судруваа по улиците. Една ноќ, ме разбудија викотници од куќата на комшиите. Двајца тинејџери си го убија братот со вила затоа што не се согласувале со неговите политички гледишта. Исто така, значително се зголеми непријателството кон Евреите. На училиште, едно девојче мораше да стои само во ќошот само затоа што беше Еврејка. Многу ми беше жал за неа, а не знаев дека наскоро и самата ќе дознаев што значи да си отфрлен.

На 30 јануари 1933, Адолф Хитлер стана канцелар на Германија. Застанати на оддалеченост од околу две улици, гледавме додека нацистите победоносно го подигнаа знамето со кукастиот крст над градското собрание. На училиште, нашиот ентузијастичен учител нѐ учеше да го кажуваме поздравот „Хајл Хитлер!“ Му го кажав тоа на татко ми попладнето. Тој се вознемири. „Не ми се допаѓа тоа“, рече. „ ,Хајл‘ значи спасение. Ако речеме: ‚Хајл Хитлер‘, тоа би значело дека спасението му го припишуваме нему, а не на Јехова. Мислам дека не е исправно, но ти самата одлучи што треба да правиш“.

Соучениците почнаа да постапуваат со мене како да сум изгнаник затоа што решив да не го правам Хитлеровиот поздрав. Некои момчиња дури и ме тепаа кога учителите не гледаа. На крајот ме оставија на мира, но дури и моите другари ми кажаа дека нивните татковци им забраниле да си играат со мене. Бев премногу опасна за нив.

Два месеци откако нацистите ја презедоа власта во Германија, ги забранија Јеховините сведоци, како опасност за Државата. Приватните војници на нацистичката војска ја затворија канцеларијата во Магдебург и ги забранија нашите состаноци. Но, бидејќи живеевме близу до границата, татко ми доби дозвола да ја преминуваме границата и да одиме во Базел, каде што присуствувавме на состаноците во недела. Тој честопати велеше дека би сакал нашите браќа во Германија да добиваат таква духовна храна за да им помогне да се соочат со иднината со храброст.

Ризични прошетки

По затворањето на канцеларијата во Магдебург, еден поранешен член на персоналот, Јулиус Рифел, дојде во Лерах, својот роден град, за да го организира тајното проповедничко дело. Татко ми веднаш се понуди да помага. Нѐ седна мајка ми и мене и ни објасни дека тој се согласил да помага да се носи библиска литература од Швајцарија во Германија. Рече дека ќе биде крајно опасно и дека би можел во секое време да биде уапсен. Не сакаше ние да се чувствуваме под притисок да се вклучиме бидејќи би било ризично и за нас. Мајка ми веднаш рече: „Јас сум со тебе“. Двајцата ме погледнаа мене, а јас реков: „И јас сум со тебе!“

Мајка ми сплете едно ќесе колку едно списание Стражарска кула. Ја потпикнуваше литературата во еден отвор на едната страна од ќесето, а потоа отворот го затвораше со плетење. Направи тајни џебови во облеката на татко ми и два мидери во кои јас и таа можевме дискретно да носиме мали помошни средства за проучување на Библијата. Секој пат кога ќе успеевме да го донесеме дома своето тајно богатство, ќе издивневме со олеснување и ќе му се заблагодаревме на Јехова. Литературата ја криевме на нашиот таван.

Во почетокот нацистите воопшто не се сомневаа во нас. Ниту нѐ прашуваа нешто ниту ни го претресуваа домот. Сепак, одлучивме да користиме шифра за да ги предупредиме нашите духовни браќа во случај на неволја — 4711, името на една позната колонска вода. Ако станеше опасно да се дојде до куќата, ние ќе ги предупредевме — користејќи го тој број на некој начин. Татко ми исто така им кажа да ги погледнуваат прозорците од нашата дневна соба пред да влезат во зградата. Ако беше отворен левиот прозорец, тоа значеше дека нешто не е во ред, и дека треба да се држат настрана.

Во 1936 и 1937, Гестапо спроведе масовни апсења и стави илјадници Сведоци во затвор и во концентрациони логори, каде што претрпеа најсурово и садистичко постапување. Канцеларијата на подружницата во Берн (Швајцарија) почна да собира извештаи, вклучувајќи и извештаи што беа шверцувани од логорите, за една книга наречена Kreuzzug gegen das Christentum (Движење против христијанството), јавна осуда на злосторствата на нацистите. Ја презедовме опасната работа да ги пренесуваме тајните извештаи преку границата до Базел. Кога нацистите би нѐ фатиле со тие забранети документи, веднаш би биле ставени в затвор. Плачев кога читав за мачењето што го претрпуваа нашите браќа. Сепак, не се плашев. Имав доверба дека Јехова и моите родители, моите најдобри пријатели, ќе се грижат за мене.

Завршив училиште на 14 годишна возраст и имав канцелариска работа во една продавница за железарија. Обично нашите курирски патувања беа во сабота попладне или во недела, кога татко ми не беше на работа. Во просек, одевме секоја втора седмица. Изгледавме како секоја друга фамилија што оди на прошетка за викенд, и стражарите на граница не нѐ застанаа ниту се обидоа да нѐ претресат скоро четири години,— сѐ до еден ден во февруари, 1938 година.

Откриени!

Никогаш нема да го заборавам изразот на лицето од татко ми кога пристигнавме на нашето место во близината на Базел каде што ја земавме литературата и го видовме големиот куп литература што нѐ очекуваше. Затоа што едно друго семејство курири беше уапсено, ние имавме додатни книги за носење. На граница, еден цариник нѐ гледаше сомнително и нареди да нѐ претресат. Кога ги најде книгите, со пушки вперени во нас нѐ натера да маршираме до полициските автомобили што чекаа. Додека полицајците нѐ возеа, татко ми ми ја стегна раката и ми шепна: „Немој да бидеш предавник. Немој никого да предадеш!“ „Нема“, го уверив јас. Кога стигнавме во Лерах, ми го зедоа милиот татко. Последен пат го видов додека затворската врата се затвораше зад него.

Четири часа, четворица мажи од Гестапо ме испрашуваа, барајќи од мене да им ги кажам имињата и адресите на другите Сведоци. Кога одбив, еден полицаец збесна и ми се закани: „Ние имаме и други методи за да те натераме да прозбориш!“ Ништо не разоткрив. Потоа мене и мајка ми нѐ вратија во нашата куќа, која за првпат ја претресоа. Ја зедоа мајка ми во притвор а мене ме испратија во домот на тетка ми и ѝ дадоа старателство над мене, не сфаќајќи дека и таа беше Сведок. Иако ми беше дозволено да одам на работа, четворица мажи од Гестапо седеа паркирани пред куќата за да го надгледуваат секое мое движење, додека еден полицаец стражареше на тротоарот.

По неколку дена, околу пладне излегов од куќата и видов како една млада сестра вози на својот велосипед кон мене. Додека се приближуваше, видов дека сакаше да ми фрли парче хартија. Само што го фатив, се завртев за да видам дали Гестапо виде што направив. На мое изненадување, во истиот момент, сите се смееја со главите наназад!

Писменцето на сестрата ми даде упатство точно на пладне да одам во домот на нејзините родители. Но бидејќи Гестапо ме набљудуваше, како можев да ризикувам да ги вовлечам и нејзините родители? Погледнав во четворицата агенти на Гестапо во автомобилот, а потоа во полицаецот што парадираше горе долу по улицата. Не знаев што да правам, и горливо му се молев на Јехова за помош. Ненадејно, полицаецот отиде до автомобилот на Гестапо и зборуваше нешто со мажите. Потоа се качи во нивниот автомобил, и заминаа!

Во тој момент, од зад аголот се појави тетка ми. Веќе беше попладне. Таа го прочита писменцето и сметаше дека треба да одиме во домот според упатството, претпоставувајќи дека браќата организирале да ме однесат во Швајцарија. Кога пристигнавме, семејството ме запозна со еден човек кого не го познавав, Хајнрих Рајф. Тој ми рече дека се радува што сум побегнала на сигурно и дека е дојден за да ми помогне да побегнам во Швајцарија. За половина час требаше да се сретнеме во една шума.

Животот во изгнанство

Се сретнав со брат Рајф со солзи по лицето, со тажно срце при помислата дека ги оставам родителите. Сѐ се случи многу брзо. По неколку мачни моменти, се измешавме во група туристи и безбедно ја преминавме швајцарската граница.

Кога пристигнав во канцеларијата на подружницата во Берн, дознав дека браќата таму го испланирале моето бегство. Тие љубезно ми дадоа место каде што можев да престојувам. Работев во кујната, во што многу уживав. Но колку само беше тежок животот во изгнанство, не знаејќи што ќе се случи со моите родители, и двајцата осудени на затвор од две години! Понекогаш, тагата и тегобната загриженост потполно ме обземаа, и се заклучував во бањата за да плачам. Но можев редовно да се допишувам со родителите, и тие ме храбреа да останам лојална.

Поттикната од примерот на вера на родителите, му го предадов мојот живот на Јехова и се крстив на 25 јули 1938. По една година во Бетел, отидов да работам во Шанелаз, една фарма која швајцарската подружница ја купи за да обезбеди храна за бетелската фамилија и за да ги смести браќата што бегаа од прогонствата.

Кога во 1940 им истекоа затворските казни на родителите, нацистите им понудија слобода ако се откажат од верата. Тие останаа цврсти и потоа беа испратени во концентрациони логори, татко ми во Дахау а мајка ми во Равенсбрук. Во зимата 1941, мајка ми и други жени Сведоци во логорот одбиле да работат за војската. Како казна, ги натерале да стојат на студот 3 дена и 3 ноќи, а потоа ги заклучиле во темни ќелии и 40 дена не им давале скоро ништо за јадење. Потоа ги удирале. Мајка ми умрела на 31 јануари 1942, три седмици по едно брутално тепање.

Татко ми беше префрлен од Дахау во Матхаузен во Австрија. Во тој логор нацистите систематски ги убивале затворениците со гладување и измачувачка физичка работа. Но, шест месеци откако умре мајка ми, нацистите го убија татко ми со една поинаква метода — медицински експерименти. Логорските лекари ги инфицираа човечките заморчиња со туберкулоза. Потоа, затворениците добиваа смртоносна инјекција во срцето. Официјалниот извештај наведува дека татко ми умрел „од слаб мускул на срцето“. Имаше 43 години. Јас дознав за бруталните убиства дури по неколку месеци. Спомените на моите сакани родители сѐ уште ми ги насолзуваат очите. Сепак, и тогаш како и сега, ме утешува помислата дека мајка ми и татко ми, кои имаа надеж за небесен живот, се безбедни во Јеховини раце.

По Втората светска војна, имав предност да присуствувам во 11. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower во Њујорк. Колку бев радосна што пет месеци бев задлабочена во проучување на Писмото! По дипломирањето во 1948 година, бев испратена во Швајцарија да служам како мисионер. Кратко потоа, се запознав со Џејмс Л. Турпин, еден верен брат кој дипломираше на петтиот клас на Гилеад. Кога во Турција беше поставена првата канцеларија на подружницата, тој служеше како нејзин надгледник. Се венчавме во март 1951, и набрзо потоа дознавме дека ќе станеме родители! Се преселивме во Соединетите Држави и во декември ја пречекавме на свет нашата ќеркичка, Марлен.

Низ годините, Џим и јас наоѓавме голема радост во нашата служба за Царството. Со радост се сеќавам на една ученичка на Библијата, една млада Кинеска по име Пени, која многу сакаше да ја проучува Библијата. Таа се крсти и подоцна се омажи за Гај Пирс, кој сега служи во Водечкото тело на Јеховините сведоци. Таквите мили личности помогнаа да се исполни празнината предизвикана поради загубата на моите родители.

Во почетокот на 2004 година, браќата во Лерах, родниот град на моите родители, изградија нова Сала на Царството на улицата Стих. Во знак на признание на она што Јеховините сведоци го направија, градскиот совет одлучи да ја преименува улицата во Denzstraße (улица Денц) во чест на моите родители. Локалниот весник, Badische Zeitung, под наслов „Во спомен на убиената двојка Денц: Ново име на улица“, наведе дека моите родители „биле убиени во концентрационен логор во текот на Третиот Рајх поради својата вера“. За мене, таа постапка од страна на градскиот совет беше неочекувана, но многу пријатна промена на настаните.

Татко ми велеше дека треба однапред да планираме како Армагедон да нема да дојде за време на нашиот живот но да го живееме животот како да ќе дојде утре — скапоцен совет што секогаш се трудев да го применувам. Не е секогаш лесно да се држат во рамнотежа стрпливоста и желното исчекување, особено кога разорното дејство на староста сега ме држи затворена дома. Сепак, никогаш не се посомневав во Јеховиното ветување до сите негови верни слуги: „Надевај се на Господа со сето свое срце . . . Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Пословици 3:5, 6).

[Рамка/слика на страница 29]

СКАПОЦЕНИ ЗБОРОВИ ОД МИНАТОТО

Една жена од едно село на извесна оддалеченост го посетила Лерах во 1980⁠-тите. Тогаш, жителите на градот ги носеле оние предмети што не ги сакале до едно јавно место каде што други можеле да ги разгледуваат и да си земат што сакаат. Оваа жена си нашла една кутија со прибор за шиење и си ја зела дома. Подоцна, на дното од кутијата нашла некои фотографии од една млада девојка и писма напишани на хартија во концентрационен логор. Жената многу се заинтересирала за писмата и се прашувала за идентитетот на малото девојче со плетенки.

Еден ден во 2000 година, жената видела статија во весник за една историска изложба во Лерах. Статијата ја опишувала историјата на Јеховините сведоци во текот на нацистичките години, во која било вклучено и нашето семејство. Имало слики од мене како тинејџерка. Кога ја видела сличноста, жената стапила во контакт со новинарката и ѝ кажала за писмата — сѐ на сѐ 42! По неколку седмици, писмата ги имав в раце. Во нив, напишани со ракописот на моите родители, се наоѓаа нивните постојани препрашувања за мене упатени до тетка ми. Нивната грижа за мене полна со љубов никогаш не престанала. Чудо е што тие писма преживеаја и што повторно се појавија по повеќе од 60 години!

[Слики на страница 25]

Нашето среќно семејство беше разделено кога Хитлер дојде на власт

[Извор на слика]

Хитлер: U.S. Army photo

[Слики на страница 26]

1. Канцеларијата во Магдебург

2. Гестапо уапси илјадници Сведоци

[Слика на страница 28]

Јас и Џим најдовме голема радост во нашата служба за Царството