Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога староста ќе стане „венец на слава“

Кога староста ќе стане „венец на слава“

„Мојата помош е од Јехова“

Кога староста ќе стане „венец на слава“

„НАЈДОБРИОТ живот што постои“, рекла 101⁠-годишната Мјуриел. „Вистинска предност!“ се зборовите на 70⁠-годишниот Теодорос. „Немаше подобар начин на којшто можев да го поминам животот“, рекла Марија на 73 години. Сите тие го поминале целиот свој живот во службата за Јехова Бог.

Има многу вакви постари лица меѓу активните обожаватели на Јехова низ целиот свет. И покрај поодминатата старост, грижите околу здравјето и други неповолни околности, тие сѐ уште му служат на Бог со цела душа. Во христијанското собрание, таквите верни постари лица се почитувани примери за побожна оддаденост. Јехова многу ја цени службата на постарите, иако можеби се ограничени поради нивните околности * (2. Коринќаните 8:12).

Книгата Псалми дава една убава забелешка во врска со тоа каков квалитет на животот можат да очекуваат верните постари лица. Тие можат да бидат како едно старо и убаво дрво што продолжува да дава плод. Во врска со верните постари лица псалмистот пеел: „Тие и во староста донесуваат плодови: сочни и свежи“ (Псалм 92:14).

Некои можеби се плашат дека другите ќе ги отфрлат и ќе ги игнорираат кога, со староста, ќе почне да им се намалува виталноста. Давид го преколнувал Бог: „Не ме отфрлај на старост: не ме оставај, кога ќе ми се намали силата“ (Псалм 71:9). Од што зависи дали некој ќе венее или ќе цвета во староста? Од праведноста што Бог нѐ поучува да ја покажуваме. „Праведникот цвета како палма“, пеел псалмистот (Псалм 92:12).

Оние чијшто живот е исполнет со верна служба за Бог веројатно ќе донесуваат добар плод и кога ќе остарат. Всушност, голем дел од семето што го посеале во својот живот или во животот на другите никнува, созрева и дава изобилен род (Галатите 6:7⁠-10; Колошаните 1:10). Се разбира, луѓето што си го потрошиле животот на себични стремежи со кои ги игнорираат Божјите патишта обично немаат многу со што да се пофалат кога ќе остарат.

Праведноста како украс на староста е нагласена и во библиската книга Пословици. Таму читаме: „Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата“ (Пословици 16:31). Да, правдата открива внатрешна убавина. Да се оди по патот на правдата во текот на еден долг живот, донесува почит (Левит 19:32). Кога, покрај белата коса, некој е и мудар и доблесен, тоа му донесува чест (Јов 12:12).

На Јехова му се допаѓа чесен живот поминат во неговата служба. Библијата вели: „Јас [Јехова] ќе останам ист до вашата старост, ќе ве потпирам до вашето побелување. Тоа го правев; ќе ве носам и натаму, ќе ви помагам, ќе ве избавувам“ (Исаија 46:4). Колку е утешно да знаеме дека нашиот небесен Татко што нѐ сака ветува дека ќе ги поткрепува и ќе ги поддржува оние што му се лојални кога ќе остарат (Псалм 48:14).

Бидејќи животот поминат во верна служба на Јехова е убав во негови очи, зарем тоа не ја заслужува и почитта од другите? Одразувајќи го гледиштето на Бог, многу ги цениме постарите соверници (1. Тимотеј 5:1, 2). Затоа, да бараме практични начини на кои ќе ја покажеме нашата христијанска љубов кога се грижиме за нивните потреби.

На патот на праведноста подоцна во животот

„Животот стои врз патеката на правдата“, нѐ уверува Соломон (Пословици 12:28). Староста не спречува некого да тргне на овој пат подоцна во животот. На пример, еден 99⁠-годишен човек од Молдавија ја посветил својата младост на тоа да ги унапредува комунистичките идеали. Бил горд што лично разговарал со познати комунистички лидери, како што е В. И. Ленин. Меѓутоа, кога паднал комунизмот, овој остарен човек ги изгубил смислата и правецот во животот. Но, кога Јеховините сведоци му покажале дека Божјето Царство е единственото вистинско решение за проблемите на човештвото, ја прифатил библиската вистина и почнал ревносно да ја проучува Библијата. Само смртта го спречила да стане крстен слуга на Јехова.

Кога ги дознала Божјите морални барања, една 81⁠-годишна жена од Унгарија сфатила дека треба да се венча со човекот со којшто живеела веќе неколку години. Жената собрала сила и на својот партнер му го објаснила своето гледиште што се темели на Библијата. На нејзино големо изненадување и радост, тој се сложил да се венча со неа. Откако си ја озакониле врската, оваа жена брзо напредувала во духовен поглед. Осум месеци откако почнала да ја проучува Библијата, станала некрстен објавител, а набрзо и се крстила. Навистина е точно дека праведноста може да ги украси постарите со вистинска убавина!

Да, верните постари христијани можат да бидат сигурни дека Бог се интересира за нив. Јехова нема да ги напушти оние што му остануваат лојални. Напротив, тој им ветува дека ќе ги води, ќе им помага и ќе ги поткрепува дури и во староста. А тие ги потврдуваат зборовите на псалмистот: „Мојата помош е од Јехова“ (Псалм 121:2NW).

[Фуснота]

^ пас. 4 Види во Календар на Јеховините сведоци за 2005, јануари/февруари.

[Истакната мисла на страница 9]

„Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата“

(ПОСЛОВИЦИ 16:31).

[Рамка на страница 8]

ЈЕХОВА СЕ ГРИЖИ ЗА СВОИТЕ ПОСТАРИ СЛУГИ

„Стани пред седа глава; почитувај го лицето на старецот“ (Левит 19:32).

„Јас ќе останам ист до вашата старост, ќе ве потпирам до вашето побелување“ (Исаија 46:4).