Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој ти ја крои судбината?

Кој ти ја крои судбината?

Кој ти ја крои судбината?

„ЧОВЕКОТ нема ништо поголема способност да господари со својата судбина отколку едно обично животно“, пишува еволуционистот Џон Греј. Од друга страна, пак, авторот Шмули Ботеак го тврди сосем спротивното во својата книга An Intelligent Person’s Guide to Judaism (Водич до јудаизмот за интелигентни лица). Тој вели: „Човекот не е животно и затоа секогаш е господар над својата судбина“.

Мнозина се сложуваат со Греј и сметаат дека со судбината на човечкото семејство управуваат слепите сили на природата. Други, пак, сметаат дека човекот е Божја творба надарена со способност да има контрола над својата сопствена иднина.

Некои мислат дека со нивната иднина управуваат моќни човечки сили. Авторот Рој Ведерфорд вели дека „повеќето луѓе во светот — а особено повеќето од жените во минатото — немаат . . . моќ или контрола над своите животи од многу очигледни причини, имено, поради угнетувањето и искористувањето од човек“ (The Implications of Determinism — Што значи детерминизмот). Мнозина сонувале за среќна иднина, но политичките и воените сили кои меѓусебно се натпреварувале им го оневозможиле тоа.

Некои други луѓе во минатото се чувствувале беспомошни бидејќи мислеле дека со нивната судбина управуваат натприродни сили. „Древните Грци“, вели Ботеак, „биле опседнати од идејата дека нема никаква надеж затоа што човекот не може да ѝ избегне на однапред одредената судбина.“ Тие сметале дека судбината на секој човек ја одредуваат каприциозни божици. Верувале дека овие божици одредувале кога некој ќе умре и точно колку неволји и маки ќе мора да претрпи низ целиот свој живот.

Ова гледиште, дека со судбината на човекот управува некоја натприродна сила, е вообичаено и денес. На пример, многу луѓе веруваат во касмет, или судбина. Тие велат дека Бог однапред го одредил исходот на сите постапки на поединецот како и времето на неговата смрт. Тука е и доктрината на предодреденост, која го застапува гледиштето дека Семоќниот Бог „однапред го утврдил крајниот спас или проклетство на секое човечко суштество“. Мнозина што се декларираат како христијани цврсто се држат за ова учење.

Што мислиш ти? Дали твојата судбина веќе била утврдена од сили над кои ти немаш апсолутно никаква контрола? Или, пак, има вистина во зборовите на англискиот драмски писател Вилијам Шекспир, кој напишал: „Луѓето понекогаш се господари над својата судба“? Да видиме што вели Библијата во врска со ова.