Можеш ли сам да си ја кроиш судбината?
Можеш ли сам да си ја кроиш судбината?
ДАЛИ некој однапред ни ја одредил конечната судбина? Дали одлуките што ги донесуваме во животот немаат никакво влијание врз нашата иднина?
Да речеме дека човекот си е господар над својата судбина. Може ли, во тој случај, едно лице да биде предодредено да врши некоја конкретна задача или да зазема извесна одговорна положба? И како би можел Бог да ја исполни својата волја за Земјата ако луѓето би имале слобода да си ја кројат судбината? Библијата дава задоволувачки одговори на овие прашања.
Предодреденост и слободна волја — дали и двете идеи се точни?
Размисли за тоа какви нѐ создал Јехова Бог. „Тој го создаде [човекот] во Божјиот лик; ги создаде машко и женско“, вели Библијата (Битие 1:27). Бидејќи Бог нѐ создал слични на него, можеме да ги одразуваме неговите особини како што се љубов, правда, мудрост и моќ. Освен тоа, Бог ни го дал и дарот на слободна волја, односно слободата на избор. Ова нѐ издвојува од сите негови земни творби. Ние можеме да избереме дали ќе го следиме Божјето морално водство или не. Затоа пророкот Мојсеј можел да рече: „Ги земам денес за сведоци против вас небото и земјата дека пред вас ставам: живот и смрт, благослов и проклетство. И така, избери го животот, љубејќи Го Господа, својот Бог, за да живееш ти и твоето потомство“ (Второзаконие 30:19, 20).
Но, дарот на слобода на изборот не значи апсолутна слобода. Со тој дар не сме ослободени од физичките и моралните закони што Бог ги дал, за да има стабилност и мир во универзумот. Овие закони биле поставени за наше добро и ако ги прекршиме на каков и да е начин, последиците можат да бидат сериозни. Помисли само што ќе се случи ако решиме да го игнорираме законот за гравитација и скокнеме од некоја висока зграда! (Слободата на избор исто така ни наметнува една одговорност што ја немаат суштествата на кои не им е дадена ваква слобода. Писателот Корлис Ламонт прашува: „Како можеме да кажеме дека луѓето имаат морална одговорност и да ги казнуваме кога ќе направат нешто лошо, ако прифатиме . . . дека нивните одлуки и постапки се предодредени?“ Се разбира, не можеме. Животните што се водени од инстинкт не сносат морална одговорност за она што го прават ниту, пак, од компјутерите се очекува да бидат одговорни за функциите што биле програмирани да ги вршат. Значи, слободата на избор ни наметнува една тешка одговорност — ние ќе положиме сметка за она што го правиме.
Колку само би било неправедно и без љубов ако уште пред да се родиме Јехова Бог би предодредил како ќе постапуваме во животот и потоа би нѐ повикал на одговорност за нашите постапки! Но, тој не направил така бидејќи „Бог е љубов“ и „сите негови патишта се правда“ (1. Јованово 4:8; Второзаконие 32:4, NW). Бидејќи ни дал слобода на избор, не е можно да ‚одредил од вечни времиња за кого ќе има спас а за кого проклетство‘, како што тврдат оние што веруваат во идејата за предодреденост. Ако има слобода на избор, тогаш не може да има предодреденост.
Библијата јасно покажува дека одлуките што ги донесуваме ќе ја променат нашата иднина. На пример, Бог ги повикува престапниците со зборовите: „Одвратете се, ве молам, секој од својот зол пат и од своите зли дела . . . па нема да ви нанесам неволја“ (Еремија 25:5, 6, NW). Овој повик би немал смисла ако Бог веќе ја одредил судбината на секој поединец. Освен тоа, Божјата реч вели: „Затоа, покајте се и обратете се за да ви се избришат гревовите, па да дојдат раздобја на освежување од лицето на Јехова“ (Дела 3:19). Зошто Јехова воопшто би ги молел луѓето да се покаат и да се обратат ако однапред знае дека не можат да сторат апсолутно ништо за да ја променат својата судбина?
Писмото кажува дека некои се повикани од Бог да владеат како цареви на небото со Исус Христос (Матеј 22:14; Лука 12:32). Сепак, Библијата вели дека ќе ја изгубат таа чест ако не истраат до крајот (Откровение 2:10). Зошто Бог воопшто би ги повикувал ако веќе одредил дека нема да бидат меѓу избраните? Размисли и за она што им го рекол апостол Павле на своите соверници. Тој напишал: „Ако намерно практикуваме грев откако сме го примиле точното спознание на вистината, повеќе не преостанува никаква жртва за гревови“ (Евреите 10:26). Ова предупредување би било бескорисно ако Бог веќе однапред им ја одредил судбината. Сепак, зарем Бог не предодредил барем некои лица да владеат со Исус Христос?
Предодредени — поединци или група?
„[Бог] нѐ благословил со секој духовен благослов на небесните места во обединетост со Христос“, напишал апостол Павле, „токму како што нѐ избра во обединетост со него пред основањето на светот . . . Зашто тој однапред нѐ одреди за да нѐ усвои преку Исус Христос како синови за себе“ (Ефешаните 1:3-5). Што предодредил Бог, и што значи да се биде избран „пред основањето на светот“?
Во овие стихови се вели дека Бог избрал некои од потомците на првиот човек, Адам, да владеат со Христос на небесата (Римјаните 8:14-17, 28-30; Откровение 5:9, 10). Но, претпоставката дека Јехова Бог со илјадници години однапред одредил кои конкретни поединци ќе ја имаат оваа предност не се поклопува со фактот дека луѓето се обдарени со слобода на избор. Бог одредил една група, или класа на луѓе, а не ги одредил поединците во таа група.
Да илустрираме: Една влада решила да основа некоја посебна служба. Владата однапред одредила кои ќе бидат функциите и овластувањата на таа служба, како и бројот на нејзиниот персонал. Конечно, по извесно време откако била основана, службата почнала да функционира, а нејзините членови дале писмена изјава во која стоело: „Пред неколку години, владата утврди што треба да работиме. Сега ќе започнеме со таа работа“. Дали ти би заклучил дека неколку години пред тоа владата сигурно веќе имала одредено кои ќе бидат поединечните членови на таа служба? Сигурно не. На сличен начин, Јехова одредил да основа една посебна служба која требало да ги отстрани последиците од Адамовиот грев. Тој ја предодредил класата на луѓе што ќе служат во таа служба — а не конкретните поединци. Тие требало да бидат избрани подоцна, а одлуките што би ги донеле во животот би влијаеле врз тоа дали на крајот ќе бидат одобрени или не.
На кој свет мислел Павле кога рекол: „[Бог] нѐ избра во обединетост со него пред основањето на светот“? Светот за кој Павле зборува овде не е светот што настанал кога Бог ги создал Адам и Ева. Тој свет бил ‚многу добар‘ — во него немало апсолутно никаков грев ни распадливост (Битие 1:31). Затоа и не му требало „ослободување“ од грев (Ефешаните 1:7).
Павле овде го имал на ум светот што почнал да постои откако Адам и Ева се побуниле во Еден — свет кој многу се разликувал од оној што Бог имал намера да го создаде во почетокот. Овој свет настанал кога се родиле децата на Адам и Ева. Се состоел од луѓе што биле отуѓени од Бог и што биле робови на гревот и распадливоста. Луѓето од тој свет, за разлика од намерните грешници Адам и Ева, можеле да бидат откупени (Римјаните 5:12; 8:18-21).
Јехова Бог можел во истиот момент да се справи со ситуацијата до која дошло поради побуната во Еден. Веднаш штом се јавила потребата, тој предодредил да основа една посебна служба — месијанското Царство во рацете на Исус Христос — што тој ќе ја употреби за да го откупи човештвото од гревот наследен од Адам (Матеј 6:10). Бог го сторил ова пред бунтовниците Адам и Ева да родат деца, то ест „пред создавањето на светот“ што се состоел од луѓе кои можеле да се откупат.
На луѓето обично им треба план за дејствување за да го остварат она што го сакаат. Предодреденоста се поврзува со идејата дека Бог мора да има детален план за
универзумот во кој сѐ е предодредено. „На многу филозофи“, пишува Рој Ведерфорд во својата книга, „им се чинело дека од еден таков Величествен Бог не може да се очекува ништо друго освен детален план за сите настани.“ Дали Бог навистина има потреба однапред да го одреди во детали секој настан?Бидејќи има неограничена моќ и неспоредлива мудрост, Јехова е способен да се справи со кој и да било итен или непредвиден случај до кој може да дојде додека неговите суштества постапуваат според она што им го налага нивната слободна волја (Исаија 40:25, 26; Римјаните 11:33). Тоа може да го стори веднаш и без претходно детално да планира. За разлика од грешните луѓе кои имаат ограничени способности, на Семоќниот Бог не му треба детален, конкретен план во кој однапред би ја запишал судбината на секој поединец на Земјата (Пословици 19:21). Во голем број преводи на Библијата, во Ефешаните 3:11 стои дека Бог има ‚вечна намера‘, а не однапред утврден план.
Како можеш ти да влијаеш врз твојата иднина
Бог има намера со Земјата и таа намера е однапред одредена. Откровение 21:3, 4 вели: „Гледај, Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе престојува со нив, и тие ќе бидат негови народи. И самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“. Да, оваа Земја ќе стане рај, како што била намерата на Јехова уште во почетокот (Битие 1:27, 28). Прашањето е: Дали ти ќе бидеш во него? Тоа зависи од одлуките што ги донесуваш сега. Јехова не ја предодредил твојата судбина.
Откупната жртва на Божјиот Син, Исус Христос, му овозможува на секој што практикува вера во него да добие вечен живот (Јован 3:16, 17; Дела 10:34, 35). „Кој практикува вера во Синот, има вечен живот“, вели Библијата. „Кој не го слуша Синот, нема да види живот“ (Јован 3:36). Ти можеш да избереш живот со тоа што ќе учиш за Бог, за неговиот Син и за неговата волја од Библијата и така што ќе го применуваш она што го учиш. Оној што постапува во склад со вистинската мудрост која е запишана во Божјата реч има гаранција дека ќе ‚остане безгрижен и [ќе] живее спокојно без страв од зло‘ (Пословици 1:20, 33).
[Слики на страница 5]
За разлика од животните, луѓето сносат морална одговорност за своите постапки
[Извор на слика]
Орел: Фотографија: Cortesía de GREFA