Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова секогаш го прави она што е праведно

Јехова секогаш го прави она што е праведно

Јехова секогаш го прави она што е праведно

„Праведен Си, Господи [Јехова, NW], на сите Твои патишта“ (ПСАЛМ 145:17).

1. Како реагираш кога некој ќе донесе погрешен заклучок за тебе, и која лекција можеме да ја научиме кога ќе се случи нешто такво?

 ДАЛИ некој некогаш донел погрешен заклучок за тебе, можеби сомневајќи се во твоите постапки или мотиви, без да ги знае сите факти? Ако е така, сигурно си се почувствувал повреден — што е сосем разбирливо. Од ова можеме да научиме една важна лекција: Мудро е да не избрзуваме со заклучоци кога не ја знаеме целата приказна.

2, 3. Како реагираат некои на библиските извештаи што не содржат доволно детали за да дадат одговор на секое прашање, но што сепак ни кажува Библијата за Јехова?

2 Добро е да ја имаме оваа лекција на ум кога донесуваме заклучоци за Јехова Бог. Зошто? Затоа што во Библијата има некои извештаи што на прв поглед можат да нѐ збунат. Овие извештаи — можеби за постапките на некои Божји обожаватели или за некои одлуки на Бог во минатото — можеби не содржат доволно детали што ќе дадат одговор на сите наши прашања. За жал, некои приговараат поради ваквите извештаи, па дури и се сомневаат дека Бог е праведен. Сепак, Библијата ни кажува дека Јехова ‚е праведен на сите свои патишта‘ (Псалм 145:17). Исто така, неговата Реч нѐ уверува дека тој „не прави зло“ (Јов 34:12; Псалм 37:28). Тогаш, замисли си како мора да се чувствува кога другите донесуваат погрешни заклучоци за него!

3 Да разгледаме пет причини зошто треба да ги прифатиме Јеховините одлуки. Потоа, имајќи ги овие причини на ум, ќе разгледаме два библиски извештаја што на некои можеби им е тешко да ги разберат.

Зошто да ги прифатиме Јеховините одлуки?

4. Зошто треба да бидеме понизни кога размислуваме за постапките на Бог? Илустрирај.

4 Прво, затоа што Јехова ги знае сите факти што се вклучени а ние не ги знаеме, треба да бидеме понизни кога размислуваме за неговите постапки. Да илустрираме: Замисли си дека еден судија, за којшто добро се знае дека секогаш донесува непристрасни одлуки, изрекол пресуда во некој судски случај. Што ќе помислиш за некој што, без да ги знае сите факти или без да ги разбира законите што се вклучени, ја критикува одлуката на судијата? Би било неразумно некој да донесе суд за некоја работа без да ги има сите информации (Пословици 18:13). Колку понеразумно е луѓето да го критикуваат „Судијата на целиот свет“! (Битие 18:25).

5. Што не треба да заборавиме кога читаме библиски извештаи за тоа каков суд донел Бог за некои поединци?

5 Втора причина зошто треба да ги прифатиме одлуките на Бог е тоа што, за разлика од луѓето, тој може да го чита срцето (1. Самоил 16:7). Неговата Реч вели: „Јас, Господ, ги истражувам срцата и ги испитувам бубрезите, за да му дадам секому според неговото поведение, според плодот на неговите раце“ (Еремија 17:10). Затоа, кога читаме библиски извештаи за тоа каков суд донел Бог за некои поединци, да не заборавиме дека неговите очи гледаат сѐ и дека тој ги зема предвид скриените мисли, мотиви и намери што не се запишани во неговата Реч (1. Летописи 28:9).

6, 7. а) Како покажал Јехова дека се придржува за своите праведни мерила дури и кога тоа скапо го чини? б) Што треба да имаме на ум ако прочитаме нешто од Библијата што нѐ наведува да се посомневаме дека Бог постапил праведно?

6 Забележи која е третата причина зошто треба да ги прифатиме Јеховините одлуки: Тој се придржува за своите праведни мерила дури и кога тоа скапо го чини. Да разгледаме еден пример. Со тоа што го дал својот Син како откупнина за да го избави послушното човештво од гревот и смртта, Јехова ги задоволил своите праведни мерила (Римјаните 5:18, 19). Сепак, тоа што гледал како неговиот сакан Син страда и умира на маченички столб, сигурно му ја нанело на Јехова најголемата болка што може да се замисли. Што ни кажува ова за Бог? Во врска со ‚откупнината што ја платил Христос Исус‘, Библијата вели: „Тоа беше за да ја изложи [Божјата] праведност“ (Римјаните 3:24⁠-26). Еден друг превод на Римјаните 3:25 гласи: „Тоа покажа дека Бог секогаш го прави она што е праведно“ (New Century Version). Да, степенот до којшто Јехова бил спремен да оди за да ја обезбеди откупнината покажува дека тој многу го цени „она што е праведно“.

7 Затоа, ако прочитаме нешто од Библијата што наведува некои да се сомневаат дали Бог постапил праведно или не, треба да го имаме на ум ова: Затоа што е лојален на своите мерила за праведност и правда, Јехова не го поштедил ниту сопствениот Син од болна смрт. Зарем би ги прекршил тие мерила во други работи? Факт е дека Јехова никогаш не ги прекршува своите праведни мерила. Според тоа, имаме многу причини да бидеме сигурни дека тој секогаш го прави она што е праведно (Јов 37:23).

8. Зошто не би било логично луѓето да помислат дека на Јехова му фалат правда и праведност?

8 Да ја разгледаме четвртата причина зошто треба да ги прифатиме Јеховините одлуки: Јехова го создал човекот според својот лик (Битие 1:27). Според тоа, на луѓето им се дадени особини какви што има Бог, меѓу кои и чувството за правда и праведност. Не би било логично, судејќи според нашето чувство за правда и праведност, да помислиме дека истите овие особини му фалат на Бог. Ако нѐ збунува некој конкретен извештај од Библијата, не треба да заборавиме дека, поради нашиот наследен грев, нашето чувство за правда и праведност е несовршено. Јехова Бог, по чијшто лик сме создадени, е совршен во правдата и праведноста (Второзаконие 32:4). Би било апсурдно дури и да помислиме дека луѓето можат да бидат поправедни од Бог! (Римјаните 3:4, 5; 9:14).

9, 10. Зошто Јехова не е обврзан да ги објасни или да ги оправда своите постапки пред луѓето?

9 Петта причина зошто треба да ги прифатиме Јеховините одлуки е фактот што тој е „Сѐвишен на целата земја“ (Псалм 83:18). Како таков, тој не е обврзан да ги објасни или да ги оправда своите дела пред луѓето. Тој е Големиот Грнчар, а ние сме како глина што е обликувана во садови со коишто тој може да постапува како што сака (Римјаните 9:19⁠-21). Кои сме ние — производ на неговите раце — да се сомневаме во неговите одлуки или постапки? Кога патријархот Јов погрешно ги разбрал Неговите постапки со човештвото, Јехова го исправил прашувајќи го: „Зар сакаш да го изгазиш и Мојот суд, да Ме обвиниш, за да се оправдаш себеси?“ Кога сфатил дека зборувал неразумно, Јов подоцна се покајал (Јов 40:8; 42:6). Никогаш да не ја направиме истата грешка — да му наоѓаме маани на Бог!

10 Очигледно имаме добри причини да веруваме дека Јехова секогаш го прави она што е праведно. Сега, кога имаме ваков темел што ни помага да ги разбереме Јеховините постапки, да разгледаме два библиски извештаја што за некои луѓе се збунувачки. Во првиот извештај станува збор за постапките на еден Божји обожавател, а во вториот за една пресуда што ја извршил самиот Бог.

Зошто Лот ѝ ги понудил своите ќерки на една разбеснета толпа?

11, 12. а) Раскажи што се случило кога Бог испратил два материјализирани ангела во Содом. б) Какви прашања им надоаѓаат на некои во врска со овој извештај?

11 Во 19. поглавје од книгата Битие го наоѓаме извештајот за она што се случило кога Бог испратил двајца материјализирани ангела во Содом. Лот инсистирал тие да престојуваат кај него. Меѓутоа, таа вечер, една толпа мажи од градот ја опколиле куќата и барале посетителите да им бидат изнесени затоа што имале неморални намери со нив. Лот се обидел да ја вразуми толпата, но без успех. Сакајќи да ги заштити своите гости, рекол: „Браќа . . . ве молам, не правете го тоа зло! Еве, имам две ќерки, до кои маж уште не се допрел: ќе ви ги изведам нив, па правете со нив што сакате; само на овие луѓе не им правете ништо, зашто дојдоа под сенката на мојот покрив“. Толпата не сакала ни да чуе и речиси ја скршила вратата. На крајот, ангелите ги ослепеле мажите во споулавената толпа (Битие 19:1⁠-11).

12 Не е чудно што на некои им надоаѓаат разни прашања во врска со овој извештај. Тие се прашуваат: ‚Како можел Лот да се обиде да ги заштити своите гости со тоа што ѝ ги понудил своите ќерки на една толпа распалена од страст? Зарем не постапил неисправно, па дури и кукавички?‘ Со оглед на овој извештај, зошто Бог би го инспирирал Петар да го нарече Лот „праведник“? Зарем Бог ја одобрил постапката на Лот? (2. Петрово 2:7, 8). Да ја разгледаме логично оваа работа за да не донесеме погрешен заклучок.

13, 14. а) Што треба да се забележи во врска со библискиот извештај за постапките на Лот? б) Што покажува дека Лот не постапил кукавички?

13 Како за почеток, треба да се забележи дека, наместо да ги одобрува или да ги осудува постапките на Лот, Библијата едноставно кажува што се случило. Исто така, Библијата не ни кажува како размислувал Лот или што го натерало да постапи онака како што постапил. Кога ќе се врати при ‚воскресението . . . на праведните‘, можеби ќе ни ги каже деталите (Дела 24:15).

14 Тешко може да се каже дека Лот бил кукавица. Се нашол во една тешка ситуација. Со тоа што рекол дека посетителите ‚дошле под сенката‘ на неговиот покрив, покажал дека се чувствува должен да ги заштити и засолни. Но, тоа не било лесно. Еврејскиот историчар Јосиф известува дека Содомците биле „неправедни со луѓето и немале почит кон Бог . . . Ги мразеле туѓинците и вршеле разни содомски постапки врз самите себе“. Сепак, Лот не се повлекол пред таа толпа полна со омраза. Напротив, излегол и разговарал со разбеснетите луѓе. Дури и ‚ја затворил вратата зад себе‘ (Битие 19:6).

15. Зошто може да се рече дека Лот најверојатно постапил со вера?

15 ,Сепак‘ ,можеби некои ќе речат, ‚зошто Лот ѝ ги понудил своите ќерки на толпата?‘ Наместо да си претпоставиш дека имал лоши мотиви, зошто не земеш предвид некои можности? Пред сѐ, Лот најверојатно постапил со вера. Како тоа? Несомнено, Лот бил свесен за тоа како Јехова ја заштитил Сара, сопругата на неговиот чичко Авраам. Сети се дека, затоа што Сара била многу убава, Авраам ѝ рекол да каже дека ѝ е брат, плашејќи се дека некој би можел да го убие за да си ја земе Сара за себе. * Подоцна, Сара била одведена кај фараонот. Но, Јехова интервенирал и го спречил фараонот да ја обесчести (Битие 12:11⁠-20). Можно е Лот да верувал дека и неговите ќерки би можеле да бидат заштитени на сличен начин. Значајно е тоа што, преку своите ангели, Јехова навистина интервенирал, и младите жени биле безбедни.

16, 17. а) На кој начин можеби Лот се обидел да ги шокира или да ги збуни мажите од Содом? б) Сеедно кои биле аргументите на Лот, во што можеме да бидеме сигурни?

16 Да разгледаме една друга можност. Можно е и дека Лот се обидел да ги шокира или да ги збуни луѓето. Можеби верувал дека толпата нема да ги сака неговите ќерки затоа што Содомците биле хомосексуалци (Јуда 7). Освен тоа, младите жени биле свршени со мажи од градот, па можно е во толпата да имало и некои роднини, пријатели или деловни соработници на неговите идни зетови (Битие 19:14). Лот можеби се надевал дека, поради таквата поврзаност, некои од толпата ќе застанат во одбрана на неговите ќерки. Кога толпата би била разединета, ни оддалеку не би била толку опасна. *

17 Сеедно кои биле аргументите и мотивите на Лот, можеме да бидеме сигурни во едно: Бидејќи Јехова секогаш го прави она што е праведно, мора да имал добра причина зошто го сметал Лот за „праведник“. А судејќи според постапките на споулавената толпа од Содомци, може ли некој да се сомнева дека Јехова сосем оправдано извршил суд над жителите на тој злобен град? (Битие 19:23⁠-25).

Зошто Јехова го погубил Уза?

18. а) Што се случило кога Давид се обидел да го пренесе Ковчегот во Ерусалим? б) Кое прашање може да го покрене овој извештај?

18 Некои можеби ги збунува еден друг извештај во кој станува збор за обидот на Давид да го пренесе ковчегот на сојузот во Ерусалим. Ковчегот бил поставен на една кола што ја воделе Уза и брат му. Библијата вели: „Кога дојдоа до Нахоновото Гумно, Уза посегна со раката по Божјиот Ковчег, за да го придржи, зашто воловите за малку не го превртија. Но Господ се разгневи на Уза: Бог го удри на место заради тој престап, така што умре таму, покрај Божјиот Ковчег“. Неколку месеци подоцна, вториот обид бил успешен и Ковчегот бил пренесен онака како што Бог пропишал — ковчегот го носеле на рамења Левитите од семејството на Каат (2. Самоил 6:6, 7; Броеви 4:15; 7:9; 1. Летописи 15:1⁠-14). Некои можеби ќе прашаат: ‚Зошто Јехова реагирал толку остро? Уза само се обидел да го спаси Ковчегот‘. За да не донесеме погрешен заклучок, добро ќе биде да разгледаме некои детали што ќе ни помогнат да сфатиме како стојат работите.

19. Зошто е невозможно Јехова да постапи неправедно?

19 Не смееме да заборавиме дека е невозможно Јехова да постапи неправедно (Јов 34:10). Би било бесчувствително тој да направи такво нешто, а од проучувањето на Библијата како целина знаеме дека „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Освен тоа, Светото писмо ни кажува дека „правдата и справедливоста се основа на [Божјиот] престол“ (Псалм 89:14). Тогаш, како воопшто би можел Јехова да постапи неправедно? Кога би постапил така, би си ја поткопал основата, или темелот, на своето право да владее.

20. Од кои причини Уза требало да биде свесен за прописите во врска со Ковчегот?

20 Да не заборавиме, Уза требало да знае што вели Законот. Ковчегот бил поврзан со Јеховината присутност. Во Законот било точно наведено дека неовластени лица не смеат да го допираат Ковчегот и било дадено јасно предупредување дека оној што ќе го прекрши тоа ќе биде казнет со смрт (Броеви 4:18⁠-20; 7:89). Затоа, пренесувањето на светиот ковчег не било задача што требало да се сфати површно. Очигледно Уза бил Левит (иако не бил свештеник), па затоа требало да го познава Законот. Освен тоа, со години пред тоа Ковчегот бил пренесен во куќата на татко му и се чувал таму (1. Самоил 6:20⁠-7:1). Таму останал околу 70 години, сѐ додека Давид не решил да го премести. Значи, Уза веројатно уште од дете бил свесен за законите во врска со Ковчегот.

21. Зошто во случајот на Уза е важно да не заборавиме дека Јехова ги гледа мотивите што се во срцето?

21 Како што беше спомнато претходно, Јехова може да го чита срцето. Бидејќи неговата Реч ја нарекува постапката на Уза „престап“, можеби Јехова видел некој себичен мотив што не е конкретно наведен во извештајот. Дали можеби Уза бил дрзок човек, склон да ги пречекорува пропишаните ограничувања? (Пословици 11:2). Дали поради тоа што јавно ја предводел поворката со Ковчегот што неговото семејство тајно го чувало се надул со вообразеност? (Пословици 8:13). Зарем Уза до толку немал вера што мислел дека Јеховината рака е прекратка да го придржи ковчегот што ја симболизирал Неговата присутност? Сеедно за што се работело, можеме да бидеме сигурни дека Јехова го направил она што е исправно. Тој веројатно видел нешто во срцето на Уза што го натерало да изврши брз суд (Пословици 21:2).

Добра причина за доверба

22. Како се гледа Јеховината мудрост во тоа што неговата Реч понекогаш испушта одредени детали?

22 Неспоредливата мудрост на Јехова се гледа во тоа што неговата Реч понекогаш испушта одредени детали. На тој начин, Јехова ни дава прилика да покажеме дека имаме доверба во него. Од ова што го разгледавме, зарем не е јасно дека имаме добри причини да ги прифатиме Јеховините одлуки? Да, кога ја проучуваме Божјата реч со искрено срце и без предрасуди, дознаваме за Јехова дури и повеќе од она што е потребно за да се увериме дека тој секогаш го прави она што е праведно. Затоа, ако поради некој библиски извештај ни надојдат прашања на коишто не можеме веднаш да најдеме јасни одговори, да имаме потполна доверба дека Јехова го направил исправното.

23. Каква доверба можеме да имаме во врска со постапките на Јехова во иднина?

23 Слична доверба можеме да имаме и во врска со постапките на Јехова во иднина. Значи, можеме да бидеме сигурни дека, кога ќе дојде да изврши суд во претстојната голема неволја, нема да ‚го погуби невиниот со виновниот‘ (Битие 18:23). Неговата љубов кон праведноста и кон правдата никогаш нема да му дозволи да го направи тоа. Исто така, можеме да имаме потполна доверба дека, во претстојниот нов свет, тој ќе ги задоволи сите наши потреби на најдобриот можен начин (Псалм 145:16).

[Фусноти]

^ пас. 15 Стравот на Авраам бил основан, зашто еден древен папирус зборува за еден фараон чијшто луѓе грабнале една убава жена и ѝ го убиле мажот.

^ пас. 16 За дополнителни забелешки, види го англиското издание на Стражарска кула од 1 декември 1979, 31. страница.

Се сеќаваш ли?

• Од кои причини треба да ги прифатиме одлуките на Јехова?

• Што може да ни помогне да не донесеме погрешен заклучок во врска со тоа што Лот ѝ ги понудил своите ќерки на разбеснетата толпа?

• Кои фактори можат да ни помогнат да разбереме зошто Јехова го погубил Уза?

• Каква доверба можеме да имаме во врска со постапките на Јехова во иднина?

[Прашања]