‚Да се најде еден бисер од голема вредност‘
‚Да се најде еден бисер од голема вредност‘
„Небесното царство е целта кон која луѓето се пробиваат, и го зграпчуваат оние кои се пробиваат напред“ (МАТЕЈ 11:12).
1, 2. а) Која ретка карактеристика ја опишал Исус во една од неговите параболи за Царството? б) Што рекол Исус во параболата за бисерот од голема вредност?
ИМА ли нешто што го цениш толку многу што би дал или би жртвувал сѐ што имаш за да го добиеш? Иако луѓето ќе речат дека се посветени на остварувањето на некоја цел — пари, слава, моќ или положба — ретко дека некој наоѓа нешто толку пожелно што е спремен да се откаже од сѐ за да го добие. Исус Христос укажал на оваа ретка карактеристика која заслужува восхит во една од своите многу параболи за Божјето Царство што нѐ поттикнуваат да размислиме.
2 Тоа е параболата, или споредбата, за бисерот од голема вредност што им ја кажал на своите ученици додека бил насамо со нив. Еве што рекол: „Царството небесно е како патувачки трговец кој бара убави бисери. Откако најде еден бисер од голема вредност, отиде и веднаш продаде сѐ што имаше и го купи“ (Матеј 13:36, 45, 46). Каква поука сакал Исус да извлечат неговите ученици од оваа споредба? И како нам ни користат зборовите на Исус?
Високата вредност на бисерите
3. Зошто убавите бисери биле толку вредни во древни времиња?
3 Уште од древни времиња, бисерите биле ценети како украс. Еден автор забележува дека, според римскиот изучувач Плиниј Постариот, бисерите го заземале „највисокото место меѓу сите вредни работи“. За разлика од златото, од среброто и од многу скапоцени камења, бисерите се производ на живи суштества. Добро е познато дека кога нешто — на пример, мало парченце камен — ќе ги надразни, одредени видови школки го обвиткуваат со слоеви од една материја што ја лачат а се вика седеф, и го претвораат во блескав бисер. Во древни времиња, најубавите бисери се собирале главно од Црвеното Море, Персискиот Залив и Индискиот Океан — далеку од Израел. Сигурно од оваа причина Исус зборувал за „патувачки трговец кој бара убави бисери“. За да се најдат вистински вредни бисери, бил потребен голем напор.
4. Која е главната поука од параболата на Исус за патувачкиот трговец?
4 Иако убавите бисери уште од дамнешни времиња биле многу скапи, очигледно дека главната поука од параболата на Исус не се однесува на нивната парична вредност. Во оваа парабола Исус не го споредил Божјето Царство едноставно со еден бисер од голема вредност; вниманието го свртел на еден „патувачки трговец кој бара убави бисери“ и на тоа како реагирал овој трговец кога нашол еден таков бисер. За разлика од еден обичен дуќанџија, патувачкиот трговец, или продавач, би можел да се нарече стручњак во занаетот, некој што имал остро око или осет да ги запази естетските одлики и финесите што го прават еден бисер вистинска реткост. Кога би видел вистински бисер, тој веднаш би го препознал и не би бил измамен од бисерите што се со послаб квалитет или што се фалсификат.
5, 6. а) Што е особено вредно да се забележи во врска со трговецот од параболата на Исус? б) Што открива за патувачкиот трговец параболата за скриеното благо?
5 Има уште нешто во врска со овој трговец што вреди да се забележи. Еден обичен трговец можеби прво ќе пресмета колку би добил за тој бисер на пазарот за да одреди дали, откако ќе го плати, ќе има профит од него. Исто така, можеби ќе размисли дали има побарувачка на такви бисери за да може веднаш да го продаде. Со други зборови, ќе сака брзо да си ја поврати инвестицијата, а не само да го поседува бисерот. Но, не било така и со трговецот од параболата на Исус. Него не го интересирале парите или материјалната добивка. Всушност, тој бил спремен да жртвува ‚сѐ што имал‘ — можеби сите лични работи и имотот — за да дојде до она што го бара.
6 Она што го направил овој човек од параболата на Исус за повеќето трговци веројатно не било мудро. Еден остроумен трговец не би ни помислил да се впушти во еден таков ризичен потфат. Но, трговецот од параболата на Исус поинаку ги вреднувал работите. За него, наградата не била финансиската добивка, туку радоста и задоволството што поседува нешто од ненадминлива вредност. Ова е јасно истакнато во една слична споредба што ја кажал Исус. Тој рекол: „Небесното царство е како благо скриено во нива, кое човек го нашол и го скрил; па од радост оди и продава сѐ што има и ја купува таа нива“ (Матеј 13:44). Да, радоста што го нашол и го поседувал благото била доволна за човекот да се откаже од сѐ што имал. Има ли и денес такви поединци? Постои ли благо за кое вреди да се направи таква жртва?
Оние што ја ценеле големата вредност
7. Како покажал Исус дека многу ја цени големата вредност на Царството?
7 Кога ја кажал оваа парабола, Исус зборувал за „небесното царство“. Тој дефинитивно ја ценел големата вредност на Царството. Извештаите од евангелијата даваат цврсти докази за тоа. Откако се крстил во 29 од н.е., Исус ‚почнал да проповеда и да вели: „Покајте се, зашто се приближи небесното царство“ ‘. Три и пол години тој ги учел мноштвата за Царството. Ја пропатувал земјата надолж и попреку, „од град до град и од село до село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето Царство“ (Матеј 4:17; Лука 8:1).
8. Што направил Исус за да покаже што ќе постигне Царството?
8 Исус покажал што ќе постигне Божјето Царство и со тоа што правел голем број чуда низ целата земја — лекувал болни, хранел гладни, ги покорувал природните сили, па дури и воскреснувал мртви (Матеј 14:14-21; Марко 4:37-39; Лука 7:11-17). На крајот, докажал дека им е лојален на Бог и на Царството со тоа што го дал својот живот и умрел како маченик на маченички столб. Исто како што патувачкиот трговец доброволно се откажал од сѐ што имал за ‚бисерот од голема вредност‘, така и Исус живеел и умрел за Царството (Јован 18:37).
9.Која ретка особина можела да се види кај раните ученици на Исус?
9 Исус не само што го сконцентрирал својот живот на Царството, туку и собрал една мала група следбеници. И тие биле луѓе што многу ја ценеле големата вредност на Царството. Меѓу нив бил Андреј, кој најпрво му бил ученик на Јован Крстител. Кога чул дека Јован потврдил дека Исус е „Божјето Јагне“, Андреј и уште еден ученик на Јован, најверојатно еден од Зеведеевите синови по име Јован, веднаш биле привлечени кон Исус и станале верници. Но, тоа не било сѐ. Андреј веднаш отишол кај својот брат Симон и му рекол: „Го најдовме Месијата“. Набрзо потоа, и Симон (кој станал познат како Кифа, или Петар), како и Филип и неговиот пријател Натанаел, веднаш увиделе дека Исус е Месијата. Всушност, Натанаел бил поттикнат да му рече на Исус: „Ти си Синот Божји, ти си Цар на Израел“ (Јован 1:35-49).
Покренати на акција
10. Како реагирале учениците кога, некое време по нивната прва средба, Исус дошол и ги повикал?
10 Возбудата што ја почувствувале Андреј, Петар, Јован и другите кога го пронашле Месијата може да се спореди со возбудата што ја почувствувал патувачкиот трговец кога го нашол бисерот од голема вредност. Што да направат сега? Евангелијата не ни кажуваат многу за тоа што направиле веднаш по оваа прва средба со Исус. Изгледа дека повеќето од нив му се вратиле на својот вообичаен живот. Меѓутоа, по период од шест месеци до една година, Исус повторно ги сретнал Андреј, Петар, Јован и братот на Јован, Јаков, додека ловеле риби на Галилејското Море. * Кога ги видел, Исус им рекол: „Елате по мене, и ќе ве направам рибари на луѓе“. Како реагирале тие? За Петар и Андреј извештајот на Матеј вели: „Веднаш ги оставија мрежите и го следеа“. А за Јаков и Јован читаме: „Веднаш го оставија чамецот и татка си и го следеа“. Извештајот на Лука додава дека ‚оставиле сѐ и го следеле‘ (Матеј 4:18-22; Лука 5:1-11).
11. Која е веројатно причината што учениците брзо реагирале на Исусовиот повик?
11 Дали брзата реакција на учениците била само една избрзано донесена одлука? Не! Иако по првата средба со Исус се вратиле на својот семеен бизнис како рибари, нема сомнение дека она што го виделе и што го чуле во таа прилика им оставило длабок впечаток во срцето и мислите. Поминала речиси цела година и тоа им дало доволно време да размислуваат за тие работи. Сега дошол моментот да донесат одлука. Дали ќе бидат како патувачкиот трговец кој толку бил погоден кога го нашол бесценетиот бисер што, како што опишал Исус, ‚отишол и веднаш‘ направил сѐ што морал за да го купи тој бисер? Да. Она што го виделе и чуле ги покренало на акција. Сфатиле дека дошло време да направат нешто. Затоа, како што ни кажува извештајот, без двоумење се откажале од сѐ и станале следбеници на Исус.
12, 13. а) Како реагирале мнозина што го чуле Исус? б) Што рекол Исус за своите верни ученици, и што значат тие зборови?
12 Колку се разликуваат овие верни лица од некои други спомнати подоцна во евангелијата! Бројот на оние што Исус ги излекувал или ги нахранил бил голем, но тие едноставно си продолжиле со своите секојдневни работи (Лука 17:17, 18; Јован 6:26). Некои дури и си наоѓале изговори кога Исус ги повикал да му станат следбеници (Лука 9:59-62). Во остра спротивност на нив, за своите верни ученици Исус подоцна рекол: „Од дните на Јован Крстител сѐ досега небесното царство е целта кон која луѓето се пробиваат, и го зграпчуваат оние кои се пробиваат напред“ (Матеј 11:12).
13 Што значат изразите „се пробиваат“ и „се пробиваат напред“? Во врска со грчкиот глагол од којшто се изведени, Вајновиот толковен речник на зборови од Стариот и Новиот завет (Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words) вели: „Глаголот укажува на енергичен труд“. А во врска со овој стих, библискиот изучувач Хајнрих Мајер вели: „Вака е опишан горливиот, незадржлив напор и борбата за Месијанското Царство што се приближува . . . Толку е горлив и енергичен (веќе не е тивок и воздржан) интересот за царството“. Како патувачкиот трговец, овие малкумина поединци брзо увиделе што е навистина скапоцено и доброволно се откажале од сѐ заради Царството (Матеј 19:27, 28; Филипјаните 3:8).
И други се придружиле во потрагата
14. Како ги подготвил Исус апостолите за делото на проповедање за Царството, и со каков резултат?
14 Додека Исус и понатаму ја извршувал својата служба, обучил и им помогнал и на други да го бараат Царството. Прво избрал 12-мина од своите ученици и ги одредил за апостоли, или луѓе испратени од него. Им дал детални упатства за тоа како да ја извршуваат службата, а ги предупредил и за предизвиците и неволјите што ги чекаат (Матеј 10:1-42; Лука 6:12-16). Следните две години го придружувале Исус на неговите проповеднички патувања низ земјата и развиле близок однос со него. Ги чуле неговите изјави, со свои очи ги виделе неговите моќни дела и го виделе неговиот личен пример (Матеј 13:16, 17). Несомнено, сето ова имало длабоко влијание врз нив, толку длабоко што, како и патувачкиот трговец, ревносно и со цело срце го барале Царството.
15. Како што рекол Исус, која била вистинската причина за неговите следбеници да се радуваат?
15 Освен 12-те апостоли, Исус ‚одредил седумдесетмина други и ги испратил по двајца пред себе во секој град и место каде што и самиот имал намера да оди‘. Исто така, им кажал за испитите и неволјите што ги чекаат и ги поучил да им кажуваат на луѓето: „Ви се приближи Божјето царство“ (Лука 10:1-12). Кога 70-темина се вратиле, биле пресреќни и му дале ваков извештај на Исус: „Господи, дури и демоните ни се покоруваат кога го користиме твоето име“. Но, Исус им открил, што можеби нив ги изненадило, дека затоа што се ревносни за Царството, ги очекува уште поголема радост. Тој им рекол: „Не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата“ (Лука 10:17, 20).
16, 17. а) Што им рекол Исус на своите верни апостоли последната вечер кога бил со нив? б) Каква радост и уверување им донеле на апостолите Исусовите зборови?
16 На крајот, вечерта на 14 нисан 33 од н.е., кога за последен пат бил со апостолите, Исус го воспоставил она што подоцна станало познато како Господовата вечера и им заповедал да го одбележуваат тој настан. Во текот на вечерта, Исус им рекол на 11-темина што останале со него: „Вие сте тие кои останавте со мене во моите искушенија; и јас склучувам со вас сојуз, како што мојот Татко склучи сојуз со мене, за царство, да јадете и да пиете на мојата маса во моето царство, и да седите на престоли за да им судите на дванаесетте Израелови племиња“ (Лука 22:19, 20, 28-30).
17 Колку мора да се исполниле со радост срцата на апостолите кога ги чуле овие зборови од Исус! Им била понудена највисоката чест и привилегија што некој човек би можел да ја има (Матеј 7:13, 14; 1. Петрово 2:9). Како патувачкиот трговец, и тие се откажале од многу за да го следат Исус во потрагата по Царството. Сега биле уверени дека жртвите што ги направиле не биле залудни.
18. Кој друг, освен 11-те апостоли, на крајот ќе има корист од Царството?
18 Апостолите што биле со Исус таа вечер не биле единствените што требало да имаат корист од Царството. Јеховината волја е 144.000 да бидат земени во сојузот за Царството како совладетели со Исус Христос во славното небесно Царство. Освен тоа, апостол Јован во визија видел ‚големо мноштво, коешто ниеден човек не може да го изброи . . . како стои пред престолот и пред Јагнето . . . велејќи: „Спасението му го должиме на нашиот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето“ ‘. Тоа се земните поданици на Царството * (Откровение 7:9, 10; 14:1, 4).
19, 20. а) Каква шанса имаат луѓето од сите нации? б) Кое прашање ќе биде разгледано во наредната статија?
19 Кратко пред да се вознесе на небото, Исус им заповедал на своите верни следбеници: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 28:19, 20). На тој начин, луѓе од сите нации ќе можат да станат ученици на Исус Христос. И тие желно ќе го посакуваат Царството — сеедно дали очекуваат награда на небото или на Земјата — како што и патувачкиот трговец го посакувал убавиот бисер.
20 Зборовите на Исус укажуваат дека делото на правење ученици ќе продолжи да се одвива сѐ до „завршетокот на системот на работи“. Дали и во наше време сѐ уште има поединци кои, како патувачкиот трговец, се спремни да се откажат од сѐ за да го бараат Божјето Царство? Ова прашање ќе биде разгледано во наредната статија.
[Фусноти]
^ пас. 10 Јован, Зеведеевиот син, можеби го следел Исус и лично видел некои од работите што тој ги направил по оваа прва средба, што му овозможило да ги запише толку живописно во своето евангелие (Јован, поглавја 2—5). Сепак, тој уште некое време продолжил со семејниот бизнис како рибар пред Исус да го повика.
^ пас. 18 Повеќе детали се опфатени во 10. поглавје од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховините сведоци.
Можеш ли да објасниш?
• Која е главната поука од параболата за патувачкиот трговец?
• Како покажал Исус дека многу ја цени големата вредност на Царството?
• Што ги навело Андреј, Петар, Јован и другите веднаш да регираат кога Исус ги повикал?
• Која прекрасна шанса ја имаат луѓето од сите нации?
[Прашања]
[Слика на страница 10]
‚Оставиле сѐ и го следеле Исус‘
[Слика на страница 12]
Пред да се вознесе на небото, Исус им заповедал на своите следбеници да прават ученици