Како денес се бара „бисер од голема вредност“
Како денес се бара „бисер од голема вредност“
„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво“ (МАТЕЈ 24:14).
1, 2. а) Што мислеле за Божјето Царство Евреите во времето на Исус? б) Што направил Исус за да пренесе исправно разбирање за Царството, и со каков резултат?
БОЖЈЕТО Царство било главна тема на разговор меѓу Евреите кога Исус дошол на Земјата (Матеј 3:1, 2; 4:23-25; Јован 1:49). Меѓутоа, во почетокот, на повеќето од нив не им било сосем јасно колкава власт и моќ ќе има тоа царство; ниту, пак, разбрале дека тоа ќе биде небесна влада (Јован 3:1-5). Дури и некои што станале следбеници на Исус не сфатиле потполно што е Божјето Царство или што мораат тие да прават за да станат совладетели на Христос (Матеј 20:20-22; Лука 19:11; Дела 1:6).
2 Како што минувало времето, Исус стрпливо ги научил своите ученици на многу работи, за што ја искористил и параболата за бисерот од голема вредност што беше разгледана во претходната статија, со која им покажал колку е важно да вложуваат напори додека го бараат небесното Царство (Матеј 6:33; 13:45, 46; Лука 13:23, 24). Ова мора длабоко да ги трогнало зашто наскоро станале неуморни и храбри објавители на добрата вест за Царството до оддалечените делови на Земјата, за што обилно сведоштво дава книгата Дела (Дела 1:8; Колошаните 1:23).
3. Што кажал Исус за Царството во врска со нашето време?
3 А како е денес? На милиони им се кажува кои се благословите од земниот рај под Царството. Во своето големо пророштво за „завршетокот на системот на работи“, Исус конкретно рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:3, 14; Марко 13:10). Исто така, објаснил дека со оваа огромна задача треба да се продолжи и покрај тешки препреки и предизвици, па дури и прогонство. Сепак, ги уверил: „Кој ќе истрае до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:9-13). За сето ова се потребни самопожртвуваноста и посветеноста што ги имал патувачкиот трговец во параболата на Исус. Има ли денес поединци што покажуваат таква вера и ревност додека го бараат Царството?
Радоста кога ќе се пронајде вистината
4. Како влијае вистината за Царството врз луѓето денес?
4 Трговецот од параболата на Исус многу се израдувал кога го нашол она што сметал дека е „бисер од голема вредност“. Таа радост го поттикнала да направи сѐ што е во негова моќ за да дојде до тој бисер (Евреите 12:1). Денес, вистината за Бог и за неговото Царство на сличен начин ги привлекува и ги мотивира луѓето. Ова нѐ потсетува на една изјава на брат А. Х. Мекмилан, кој пишувал за својата потрага по Бог и Неговата намера за човештвото во книгата Маршот на верата (Faith on the March). Тој рекол: „Она што јас го најдов, сѐ уште го наоѓаат илјадници луѓе секоја година. И тоа се луѓе како што сме јас и ти, зашто доаѓаат од секоја националност, раса, општествен слој и возраст. Вистината не ги дели луѓето. Таа привлекува секакви луѓе“.
5. Кои добри резултати ги гледаме од извештајот за 2004 службена година?
5 Вистинитоста на овие зборови се гледа од тоа што секоја година стотици илјади поединци со искрени срца се поттикнати од добрата вест за Божјето Царство да му го предадат својот живот на Јехова и да ја вршат неговата волја. Исклучок не е ни 2004 службена година, која траеше од септември 2003 до август 2004. Во овие 12 месеци, 262.416 луѓе јавно го симболизираа своето предание на Јехова со крштавање во вода. Ова се одвиваше во 235 земји, во коишто Јеховините сведоци секоја седмица водат 6.085.387 домашни библиски студии за да им помогнат на луѓе од сите општествени слоеви и од многу нации, племиња и јазици да ја примат животодавната вистина од Божјата реч (Откровение 7:9).
6. Која е причината за постојаниот напредок низ годините?
6 Што го овозможи сето ова? Нема сомнение дека Јехова ги привлекува кон себе лицата што се исправно наклонети (Јован 6:65; Дела 13:48). Меѓутоа, не треба да се потценуваат ни несебичниот дух и неуморните напори на оние што даваат сѐ од себе за да го бараат Царството. Кога имал 79 години, брат Мекмилан напишал: „Уште откако првпат ги дознав ветувањата што се дадени за болното човештво што е на умирање, па сѐ досега мојата надеж во она што го открива пораката на Библијата не се намали. Уште тогаш решив да дознаам повеќе за тоа што го учи Библијата за да можам да им помогнам и на други кои, како мене, го бараат спознанието за Семоќниот Бог, Јехова, и за неговите добри намери со човештвото“.
7. Кое искуство е пример за радоста и ревноста на оние што ќе ја пронајдат библиската вистина?
7 Оваа горливост се гледа и меѓу Јеховините слуги денес. Да ја земеме за пример Даниела од Виена (Австрија). Таа рекла: „Уште како дете, Бог ми беше најдобриот пријател. Отсекогаш сакав да го дознаам неговото име зашто за мене ‚Бог‘ беше нешто толку безлично. Но, морав да чекам до мојата 17-та година, кога Јеховините сведоци ми дојдоа на врата. Тие ми објаснија сѐ што сакав да знам за Бог. Конечно ја пронајдов вистината, и таа беше прекрасна! Бев толку возбудена што почнав да им проповедам на сите“. Набрзо, поради нејзиниот одушевен пристап, соучениците почнале да ја исмејуваат. „За мене тоа беше како да гледам како се исполнува библиското пророштво“, продолжува Даниела, „зашто дознав дека Исус им рекол на своите следбеници дека ќе бидат мразени и прогонувани поради неговото име. Бев толку среќна и восхитена.“ Кратко потоа, Даниела му го предала својот живот на Јехова, се крстила и почнала да работи на својата цел да стане мисионер. Откако се омажила, Даниела и нејзиниот сопруг Хелмут почнале да проповедаат меѓу африканското, кинеското, филипинското и индиското население во Виена. Сега тие служат како мисионери во југозападна Африка.
Тие не се откажуваат
8. На кој начин мнозина покажуваат дека го сакаат Бог и дека се лојални на неговото Царството, за што се богато наградени?
8 Навистина, мисионерската служба е еден начин на којшто Јеховиниот народ денес покажува дека го сака Бог и дека е лојален на неговото Царство. Како трговецот од параболата на Исус, оние што стапуваат во оваа служба спремни се да патуваат до далечни места заради Царството. Се разбира, овие мисионери не патуваат за да ја пронајдат добрата вест за Царството; тие им ја носат таа вест на луѓето што живеат во најоддалечените краеви на Земјата и ги поучуваат и им помагаат да станат ученици на Исус Христос (Матеј 28:19, 20). Во многу земји мораат да поднесуваат големи неволји. Но, нивната истрајност е богато наградена.
9, 10. Какви возбудливи искуства имаат мисионерите во далечните земји, како што е Централноафриканската Република?
9 На пример, минатата година на Меморијалот на Христовата смрт во Централноафриканската Република имаше 16.184 присутни, што е околу седумпати повеќе од бројот на објавители на Царството во таа земја. Бидејќи во многу делови од земјата нема струја, луѓето обично ги извршуваат своите секојдневни работи надвор, под сенката на некое дрво. Затоа, нормално е и мисионерите да го извршуваат своето дело на истиот начин — да водат библиски студии надвор, под сенката на некое дрво. Надвор не само што е посветло и посвежо, туку си има и една друга предност. Луѓето по природа ја сакаат Библијата и таму е нормално да се зборува за религиозни теми како што во други култури е нормално да се зборува за спорт или за времето. Честопати некој минувач ќе забележи што се случува и едноставно ќе се приклучи на студијата.
10 Така, кога еден мисионер водел библиска студија на отворено, еден млад човек што живеел од другата страна на улицата дошол и рекол дека, бидејќи никој не го посетил него, мисионерот треба да дојде и да ја проучува Библијата и со него. Се разбира, мисионерот со задоволство прифатил и сега младиот човек брзо напредува. Во таа земја, полицајците честопати ги застануваат Сведоците на улиците, не за да им врачат некоја судска покана или за да ги казнат, туку за да им ги побараат најновите изданија на Стражарска кула и Разбудете се! или за да им се заблагодарат за некоја статија што особено им се допаднала.
11. И покрај испитите, што мислат долгогодишните мисионери за својата служба?
11 Мнозина од оние што започнале со мисионерска служба пред 40 или 50 години сѐ уште верно служат на подрачјето. Тоа е прекрасен пример за вера и истрајност за сите нас! Во изминативе 42 години, еден брачен пар бил во мисионерска служба во три различни земји. Сопругот вели: „Имаше проблеми. На пример, 35 години се боревме со маларијата. Сепак, никогаш не зажаливме што решивме да бидеме мисионери“. Неговата сопруга додава: „Секогаш има толку многу за што можеме да бидеме благодарни. Службата на теренот е вистинско уживање, и многу е лесно да се започнат библиски студии. Кога гледаме како оние со коишто проучуваме доаѓаат на состаноците и се запознаваат меѓу себе, секојпат изгледа како да се собрало заедно цело едно семејство“.
Тие ‚ги сметаат сите работи за загуба‘
12. Како се покажува вистинско ценење за вредноста на Царството?
12 Кога патувачкиот трговец нашол еден бисер од голема вредност, ‚отишол и веднаш продал сѐ што имал и го купил‘ (Матеј 13:46). Ваквата спремност човек да се откаже од сѐ што можеби смета за вредно е карактеристична за оние што вистински ја ценат вредноста на Царството. Како еден од оние што ќе учествуваат во царската слава на Христос, апостол Павле рекол: „Јас навистина и ги сметам сите работи за загуба поради ненадминливата вредност на спознанието за Христос Исус, мојот Господ. Поради него ја прифатив загубата на сите работи и ги сметам за куп смет за да го добијам Христос“ (Филипјаните 3:8).
13. Како еден човек од Чешката Република ја покажал својата љубов кон Царството?
13 На сличен начин, мнозина денес се спремни да направат големи промени во својот живот за да ги добијат благословите на Царството. На пример, во октомври 2003, во рацете на еден 60-годишен директор на училиште во Република Чешка дошла книгата наменета за проучување на Библијата со наслов Спознание кое води до вечен живот. Откако ја прочитал, веднаш ги побарал Јеховините сведоци во неговата околина за да ја проучува Библијата со нив. Добро напредувал духовно и набрзо почнал да оди на сите состаноци. Но, што се случило со неговите планови да се кандидира за градоначалник и да се вклучи во трката за избор на сенатор? Решил да се вклучи во една поинаква трка — трката за живот, како објавител на Царството. Тој рекол: „Можев да им оставам многу библиска литература на моите ученици“. Го симболизирал своето предание на Јехова со крштавање во вода на еден конгрес во јули 2004.
14. а) На што ги поттикнала добрата вест за Царството милиони луѓе? б) Кои отрезнувачки прашања треба да си ги постави секој од нас?
14 Милиони други луѓе од целиот свет слично реагираат на добрата вест за Царството. Тие излегле од злобниот свет, ја соблекле старата личност, го оставиле своето поранешно друштво и се откажале од своите цели во светот (Јован 15:19; Ефешаните 4:22-24; Јаков 4:4; 1. Јованово 2:15-17). Зошто го прават сето тоа? Затоа што ги ценат благословите на Божјето Царство повеќе од сѐ она што сегашниов систем на работи може да го понуди. Дали и ти го мислиш истото за добрата вест за Царството? Дали таа те поттикнува да ги направиш потребните промени за да го ускладиш својот живот, своите вредности и своите цели со она што Јехова го очекува од нас? Ако го направиш тоа, ќе имаш богати благослови сега и во иднина.
Жетвата е при крај
15. Што било проречено дека ќе прави Божјиот народ во последните денови?
15 Псалмистот напишал: „Твојот народ спремно ќе се понуди во денот кога ќе ја поведеш во војна својата воена сила“. Меѓу оние што се понудиле се и „чета од млади луѓе што се како капки роса“ и „голема војска“ од ‚жени што ја објавуваат добрата вест‘ (Псалм 68:11; 110:3, обата NW). Каков е резултатот од трудољубивоста и самопожртвуваноста на Јеховиниот народ — мажи и жени, млади и стари — во овие последни денови?
16. Дај пример за тоа што прават Божјите слуги за да им помогнат на другите да дознаат за Царството.
16 Една пионерка, или полновремена објавителка на Царството во Индија се прашувала како да им се помогне на повеќе од два милиона глуви луѓе во таа земја да дознаат за Царството (Исаија 35:5). Решила да се запише на курс по знаковен јазик во Бангалор. Таму можела да им ја каже надежта за Царството на голем број глуви лица, и биле формирани групи за проучување на Библијата. За неколку седмици, повеќе од десетина луѓе почнале да доаѓаат на состаноците во Салата на Царството. Подоцна, на една свадба, оваа пионерка сретнала еден млад човек од Калкута кој имал многу прашања и вистински сакал да дознае нешто повеќе за Јехова. Меѓутоа, имало еден проблем. Овој млад човек морал да се врати во Калкута, оддалечена околу 1.600 километри, за да оди на колеџ, а таму немало Сведоци што знаеле знаковен јазик. По многу напор, го убедил татко му да му дозволи да студира во Бангалор за да може да продолжи да ја проучува Библијата. Добро напредувал духовно и по околу една година му го предал својот живот на Јехова. Тој, пак, ја проучувал Библијата со голем број глуви лица, меѓу кои и еден другар од детството. Канцеларијата на подружницата во Индија сега прави планови пионери да научат знаковен јазик за да помогнат на тоа подрачје.
17. Раскажи нешто што особено те охрабрува од извештајот за 2004 службена година од 19 до 22 страница.
17 Од 19 до 22 страница во ова списание се наоѓа извештајот за активноста на Јеховините сведоци на подрачјето низ целиот свет во текот на 2004 службена година. Одвој си малку време за да го разгледаш и види ги доказите дека Јеховиниот народ по целата Земја е внимателно сконцентриран на тоа да бара „бисер од голема вредност“ денес.
Продолжи ‚да го бараш најнапред царството‘
18. Кои информации не ги вклучил Исус во параболата за патувачкиот трговец, и зошто?
18 Ако повторно се навратиме на параболата на Исус за патувачкиот трговец, ќе видиме дека Исус не рекол ништо за тоа од што ќе живеел трговецот откако продал сѐ што имал. Реално гледано, некои можеби ќе прашаат: ‚Како ќе обезбеди трговецот храна, облека и покрив над главата кога веќе нема никакви средства? Од каква корист ќе му биде бисерот?‘ Од човечка гледна точка, овие прашања би биле на место. Но, зарем Исус не ги поттикнал своите ученици: „Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“? (Матеј 6:31-33). Главната поента на параболата е дека треба да се покаже сесрдна оддаденост на Бог и ревност за Царството. Која е поуката за нас?
19. Која важна поука можеме да ја научиме од параболата на Исус за бисерот од голема вредност?
19 Сеедно дали неодамна сме ја дознале прекрасната добра вест или, пак, веќе со децении го бараме Царството и им кажуваме на другите за неговите благослови, тоа мора и понатаму да биде во центарот на нашите интереси и на нашето внимание. Ова се тешки времиња, но имаме добри причини да веруваме дека она што го бараме е вистинското нешто и не може да се спореди со ништо друго — како бисерот што го нашол трговецот. Настаните во светот и исполнетите библиски пророштва даваат убедлив доказ дека живееме во „завршетокот на системот на работи“ (Матеј 24:3). Како патувачкиот трговец, да покажуваме и ние сесрдна ревност за Божјето Царство и да се радуваме на предноста да ја објавуваме добрата вест (Псалм 9:1, 2).
Се сеќаваш ли?
• Што придонело низ годините да има пораст меѓу вистинските обожаватели?
• Каков дух се гледа кај оние што служат како мисионери?
• Какви промени направиле поединци поради добрата вест за Царството?
• Која скапоцена поука можеме да ја научиме од параболата на Исус за бисерот од голема вредност?
[Прашања]
[Табела на страници 19-22]
ИЗВЕШТЕЈ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗА 2004 СЛУЖБЕНА ГОДИНА
(Види во публикацијата)
[Слика на страница 14]
„Вистината . . . привлекува секакви луѓе“ (А. Х. Мекмилан)
[Слика на страница 15]
Даниела и Хелмут проповедале на подрачјето на странски јазик во Виена
[Слики на страници 16 и 17]
Како патувачкиот трговец, и денешните мисионери се богато благословени
[Слика на страница 17]
„Твојот народ спремно ќе се понуди“