Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Берлебуршката Библија

Берлебуршката Библија

Берлебуршката Библија

ПИЕТИЗМОТ бил религиозно движење што се развило во склоп на Германската лутеранска црква во 17 и 18 век. Некои следбеници на ова движење биле исмејувани, па дури и прогонувани поради нивната вера. Неколкумина учени пиетисти нашле прибежиште во Берлебург, околу 150 километри северно од Франкфурт на Мајна. Еден локален благородник, грофот Казимир фон Витгенштајн Берлебург, кој многу ја ценел религијата, им дал азил. Присуството на овие проповедници и изучувачи во Берлебург довело до еден нов превод на Библијата, денес познат како Берлебуршка Библија. Како настанал тој превод?

Еден од оние што побарале азил бил Јохан Хауг, кој бил принуден да го напушти својот дом во Стразбур поради нетрпеливоста на тамошните теолози. Хауг бил добро образован изучувач и талентиран лингвист. Им рекол на другите изучувачи во Берлебург дека имал голема желба „да направи комплетен, чист превод на Библијата, да го коригира преводот на Лутер, од збор до збор да го пренесе значењето на Божјата реч и нејзиниот дух“ (Die Geschichte der Berlenburger Bibel — Историја на Берлебуршката Библија). Целта била да се направи Библија која ќе содржи белешки и коментари со објаснувања, и која ќе биде разбирлива за обичниот човек. Хауг побарал поддршка од учените луѓе од другите европски земји и работел на тој проект 20 години. Берлебуршката Библија почнала да се издава во 1726. Поради опширните коментари, била отпечатена во осум тома.

Берлебуршката Библија дефинитивно има некои интересни одлики. На пример, во Излез 6:2, 3 стои: „Пак Бог му проговори на Мојсеј и му рече: Јас сум ГОСПОД! Им се појавив на Авраам/на Исак и на Јаков/како семоќен Бог: но моето име ЈЕХОВА не им го открив“. Еден коментар објаснува: „Името ЈЕХОВА . . . име издвоено од другите/или/објавено име“. Личното име на Бог, Јехова, се појавува и во коментарите за Излез 3:15 и Излез 34:6.

Така, Берлебуршката Библија станала една од многуте германски Библии што го користат името Јехова во главниот текст, во фуснотите или во коментарите. Еден посовремен превод што му ја оддава должната чест на Божјето име е Преводот Нов свет на Светото Писмо, издаден од Јеховините сведоци.