Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали се рамниш со другите?

Дали се рамниш со другите?

Дали се рамниш со другите?

КОЈ од нас не сретнал некој што изгледа поубаво од нас, што е попопуларен, ги сфаќа работите побрзо или добива подобри оценки на училиште? Можеби другите имаат подобро здравје или работа што повеќе ги исполнува, поуспешни се или изгледа дека имаат повеќе пријатели. Можеби имаат повеќе работи, повеќе пари, понова кола или можеби изгледаат посреќни. Кога ги гледаме овие работи, дали се рамниме со другите? Дали е неизбежно да се споредуваш со нив? Зошто еден христијанин можеби ќе гледа да не го прави тоа? И како можеме да бидеме задоволни без да се споредуваме со некој друг?

Зошто и кога можеби се споредуваме

Едно мислење зошто можеби луѓето се споредуваат со другите е дека тоа им помага да си ја задржат или да си ја зголемат самопочитта. На луѓето честопати им е многу мило кога ќе дознаат дека и тие се успешни како и другите што се слични на нив. Друго мислење е дека споредбите се обид да се намали несигурноста во себе што ја имаме, да сфатиме за што сме способни и кои се нашите граници. Гледаме што постигнале другите. Ако тие во многу работи се слични на нас и постигнале извесни цели, можеби сметаме дека и ние можеме да постигнеме слични цели.

Споредбите најчесто се прават меѓу луѓе што се слични — што се од ист пол, на слична возраст и од сличен општествен слој и кои се познаваат еден со друг. Помала е веројатноста дека ќе се споредуваме со некој ако сметаме дека разликата е голема. Со други зборови, мала е веројатноста дека една просечна тинејџерка ќе се споредува со некоја манекенка, а не со другите на училиште. А мала е и веројатноста дека манекенката ќе се споредува со тинејџерката.

За кои работи се споредуваме со другите? Секоја работа или особина што ја имаме и што во заедницата се смета за вредна — на пример, интелигенција, убавина, богатство, облека — може да биде основа за споредување. Но, склони сме да се споредуваме за работи што нѐ интересираат. На пример, најверојатно нема да му завидуваме на некој наш познаник што има голема колекција на поштенски марки, освен ако не сме посебно заинтересирани за собирање поштенски марки.

Споредбите изнесуваат на видело најразлични реакции, од задоволство до депресија, од восхит и желба за имитирање до внатрешен немир и непријателство. Некои од овие емоции се штетни и не се во склад со христијанските особини.

Ривалски споредби

Мнозина што се трудат да бидат „победници“ во споредбите покажуваат натпреварувачки дух. Тие сакаат да бидат подобри од другите и не се задоволни сѐ додека не сметаат дека се подобри. Не е пријатно да си со такви лица. Пријателствата со нив се напнати, односите се затегнати. На таквите луѓе не само што им фали понизност, туку и обично не го следат библискиот совет да ги сакаат своите ближни, зашто нивниот став лесно може да разбуди кај другите чувства на пониска вредност и пониженост (Матеј 18:1–5; Јован 13:34, 35).

Кога правиш некој да се чувствува како „губитник“, ти на некој начин го повредуваш. Според една писателка, „нашите маани ни паѓаат уште потешко кога изгледа дека луѓето што се во иста ситуација како нас ги стекнале работите што ние ги посакуваме“. На тој начин, натпреварувачкиот дух предизвикува да чувствуваме завист, огорченост и нетрпеливост кон некого поради она што го поседува, затоа што е успешен, има добра положба, углед, предности и така натаму. Ова води до уште поголемо ривалство — тоа е магичен круг. Библијата го осудува ‚предизвикувањето натпреварување‘ (Галатите 5:26).

Со тоа што ги понижуваат достигнувањата на ривалите, завидливите луѓе се обидуваат да си ја сочуваат својата ранета самопочит. Таквите реакции можеби изгледаат безначајни, но ако не се признаат и не се спречат, можат да доведат до пакосни злодела. Разгледај два библиски извештаја во кои зависта играла улога.

Додека живеел меѓу Филистејците, Исак бил благословен со ‚стада со овци и говеда, добил и многу слуги, така што Филистејците му завиделе‘. Каква била нивната реакција? Ги затрупале кладенците што ги ископал татко му Авраам, а нивниот цар му рекол на Исак да си оди од нивната земја (Битие 26:1–3, 12–16). Нивната завист била пакосна и штетна. Повеќе не можеле да го поднесат тоа што Исак напредувал меѓу нив.

Со векови подоцна, Давид се истакнал на бојното поле. Жените во Израел ги славеле неговите подвизи и пееле: „Саул погуби илјади, Давид десетици илјади“. Иако и тој бил пофален, Саул сметал дека тоа споредување го понижува и му се разгорела завист во срцето. Оттогаш почнал да го мрази Давид. Набрзо го направил првиот од неколкуте обиди да го убие Давид. Зависта може да роди толку голема злоба! (1. Самоил 18:6–11).

Затоа, ако кога се рамниме со другите — со нивните подвизи и предности — во нас се раѓаат чувства слични на завист или ривалство, да се пазиме! Тоа се негативни чувства, чувства што не се во склад со начинот на којшто размислува Бог. Но, пред да видиме како да се спротивставиме на ваквите ставови, да разгледаме нешто друго што нѐ тера да се споредуваме со другите.

Оцени се и биди задоволен со оценката

‚Дали сум интелигентен, привлечен, способен, во добра физичка форма, авторитативен, мил? И во која мера?‘ Ретко се случува да застанеме пред огледалото и да си поставиме вакви прашања. Сепак, според една писателка, „индиректно, ваквите прашања честопати ни прелетуваат низ глава и несвесно изнудуваат одговори што ќе нѐ задоволат во помала или во поголема мера“. Еден човек што не е сигурен колку може да постигне можеби ќе размислува за овие работи без каква и да било намера да се натпреварува или без и трошка завист. Тој едноставно се оценува себеси. Нема ништо погрешно во тоа. Но, исправниот начин да го сториме тоа не е така што ќе се споредуваме со другите.

Ние имаме различни способности, зависно од различни фактори. Секогаш ќе има некои на коишто изгледа дека им оди подобро. Затоа, наместо да ги гледаме завидливо, треба да ги процениме нашите постапки според Божјите праведни мерила, кои ни даваат сигурно мерило за тоа што е добро а што лошо. Јехова е заинтересиран за секој од нас како личност. Тој не нѐ споредува со никого. Апостол Павле нѐ советува: „Секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг“ (Галатите 6:4).

Борба против зависта

Бидејќи сите луѓе се несовршени, можеби ќе треба силно и подолго време да се бориме против зависта. Едно е да знаеме дека Библијата вели: „Предводете во искажувањето чест еден на друг“, ама друго е да го правиме тоа. Павле признал дека има склоност кон грев. За да се бори со таа слабост, морал да го ‚бие своето тело и да го води како роб‘ (Римјаните 12:10; 1. Коринќаните 9:27). За нас, тоа можеби ќе значи дека ќе треба да се спротивставиме на сопернички мисли и да ги замениме со позитивни. Треба да се молиме и да бараме од Јехова да ни помогне ‚да не мислиме за себе повеќе отколку што треба да мислиме‘ (Римјаните 12:3).

Ќе ни помогнат и проучувањето на Библијата и размислувањето за прочитаното. На пример, размислувај за идниот Рај што Бог го ветува. Тогаш сите ќе имаат мир, добро здравје, изобилство храна, удобни домови и задоволувачка работа (Псалм 46:8, 9; 72:7, 8, 16; Исаија 65:21–23). Ќе чувствува ли некој потреба да се натпреварува со некого? Тешко. Ќе нема причина за тоа. Точно, Јехова не ни ги кажал сите детали за тоа каков ќе биде животот тогаш, но логично е да претпоставиме дека сите ќе можат да го прават она што ги интересира и да ги научат вештините што ги привлекуваат. Некој можеби ќе проучува астрономија, друг, пак, ќе дизајнира убави ткаенини. Зошто едниот би му завидувал на другиот? Активностите на нашите пријатели ќе ни бидат потстрек, а не причина за огорченост. Таквите чувства ќе бидат минато.

Ако посакуваме таков живот, зарем не треба да се трудиме да имаме ваков став уште денес? Ние веќе уживаме во еден духовен рај во кој нема многу од проблемите што ги има во светот околу нас. Бидејќи во Божјиот нов свет нема да има натпреварувачки дух, навистина имаме причина да го избегнуваме уште сега.

Дали тоа значи дека е погрешно да се споредуваме со другите? Или понекогаш тоа може да биде на место?

Споредби што се на место

Многу споредби довеле до огорчени или потиштени реакции, но не мора секогаш да биде така. Забележи што нѐ посоветувал апостол Павле во врска со ова: „Бидете имитатори на оние кои преку вера и стрпливост ги наследуваат ветувањата“ (Евреите 6:12). Тоа што ќе се трудиме да имаме особини како особините на верните слуги на Јехова од древни времиња може да роди плод. Точно, тоа можеби ќе значи и дека ќе се споредуваме со некого. Сепак, тоа може да ни помогне да видиме примери на коишто можеме да се угледаме и подрачја на коишто треба да се подобриме.

Размисли за Јонатан. Во извесна смисла, тој и имал причина да биде завидлив. Како најстар син на израелскиот цар Саул, Јонатан можеби едно време очекувал дека тој ќе стане цар, но Јехова избрал еден човек што бил 30 години помлад од него, младиот Давид. Наместо да собира во себе лутина, Јонатан се истакнал по тоа што му бил несебичен пријател на Давид и го поддржувал како цар одреден од Јехова. Јонатан бил вистински духовен човек (1. Самоил 19:1–4). За разлика од татко му, кој го гледал Давид како соперник, Јонатан увидел дека Јехова ги води работите и се подложил на Неговата волја; не се споредувал со Давид и не се прашувал: „Зошто Давид а не јас?“

Меѓу сохристијаните никогаш не треба да се чувствуваме загрозени, како другите да се обидуваат да нѐ засенат или да ни го преземат местото. Соперништвото не прилега. За зрелите христијани карактеристични се соработката, единството и љубовта, а не натпреварувањето. „Љубовта е најголемиот непријател на зависта“, вели социологот Франческо Алберони. „Ако сакаме некого, му го сакаме доброто, и среќни сме кога е успешен и среќен.“ Затоа, ако некој друг во христијанското собрание е избран за извесна задача, ќе покажеме љубов со тоа што ќе бидеме задоволни со тој избор. Таков бил Јонатан. Како него, ќе бидеме благословени ако ги поддржуваме оние што верно служат на одговорни положби во Јеховината организација.

Сосем е на место да се восхитуваме на прекрасниот пример на сохристијаните. Ако во урамнотежена мера се споредуваме со нив, ќе бидеме поттикнати и ние да ја имитираме нивната вера (Евреите 13:7). Но, ако не сме претпазливи, желбата да ги имитираме може да премине во натпревар. Ако се почувствуваме засенети од некој на кого му се восхитуваме и се обидуваме да го оцрниме или го критикуваме, имитирањето може да се спушти на ниво на завист.

Ниеден несовршен човек не е идеален пример. Затоа, Библијата вели: „Станете имитатори на Бог, како љубени деца“. Исто така, „Христос страдаше за вас, оставајќи ви пример, за тесно да ги следите неговите стапки“ (Ефешаните 5:1, 2; 1. Петрово 2:21). Особините што ги имаат Јехова и Исус — нивната љубов, срдечност, соживување и понизност — треба да бидат она што ќе се трудиме да го имитираме. Треба да одвоиме време за да видиме дали се рамниме со нивните особини, намери и начинот на кој тие ги вршат работите. Таквото споредување може да ни го подобри животот, да ни даде сигурно водство, стабилност и сигурност, и може да ни помогне да дојдеме до растот што го имаат зрелите христијани и христијанки (Ефешаните 4:13). Ако се концентрираме на тоа да дадеме сѐ од себе за да го следиме нивниот совршен пример, секако помалку ќе бидеме склони да се споредуваме со другите.

[Слика на страници 28 и 29]

Цар Саул почнал да му завидува на Давид

[Слика на страница 31]

Јонатан никогаш не гледал на младиот Давид како на соперник