Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да го зачуваме нашиот христијански идентитет

Да го зачуваме нашиот христијански идентитет

Да го зачуваме нашиот христијански идентитет

„ ,Вие сте Ми сведоци‘, слово е Господово“ (ИСАИЈА 43:10).

1. Какви луѓе привлекува Јехова кон себе?

 КОГА ќе отидеш во Салата на Царството, погледни добро околу себе. Кого ќе видиш на ова место за обожавање? Можеби ќе видиш искрени млади луѓе што внимателно ја впиваат мудроста од Библијата (Псалм 148:12, 13). Веројатно ќе видиш и семејни поглавари што се трудат да му угодат на Бог иако живеат во свет што го поткопува семејниот живот. Можеби ќе видиш и мили постари лица што цврсто живеат во склад со своето предание на Јехова и покрај болките што им ги носи староста (Пословици 16:31). Сите тие многу го сакаат Јехова. И, тој сметал дека е на место да воспостави однос со нив. „Никој не може да дојде кај мене“, потврдил и Божјиот Син, „ако не го привлече Таткото кој ме испрати“ (Јован 6:37, 44, 65).

2, 3. Зошто може да биде тешко јасно да задржиме на ум кои сме и што сме како христијани?

2 Зарем не сме пресреќни што сме дел од еден народ што Јехова го одобрува и го благословува? Сепак, во овие „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ не е лесно јасно да задржиме на ум кои сме и што сме како христијани (2. Тимотеј 3:1). Ова особено е случај со младите што се воспитани во христијанско семејство. „Иако одев на христијанските состаноци“, признава еден таков млад човек, „немав јасни духовни цели и, искрено кажано, немав некоја конкретна желба да му служам на Јехова.“

3 На некои, иако искрено сакаат да му служат на Јехова, можеби вниманието им го одвлекуваат притисокот од врсниците, влијанието на светот и грешните желби. Кога сме изложени на голем притисок, тоа може постепено да нѐ наведе да заборавиме дека сме христијани. На пример, мнозина во светот денес сметаат дека библиските морални мерила се застарени и нереалистични во нашиот современ свет (1. Петрово 4:4). Некои сметаат дека не е толку важно да го обожаваш Бог онака како што тој ни заповеда (Јован 4:24). Во своето писмо до Ефешаните, Павле зборува дека светот има ‚дух‘, или доминантен став (Ефешаните 2:2). Тој дух ги притиска луѓето и тие да размислуваат онака како што размислува ова општество што не го познава Јехова.

4. Како нагласил Исус дека не смееме да го изгубиме она што јасно нѐ идентификува како христијани?

4 Меѓутоа, како предадени слуги на Јехова, нам ни е јасно дека за секого од нас — и млад и стар — би било погубно ако го изгуби својот христијански идентитет. Исправно гледиште за христијанскиот идентитет може да се темели само на Јеховините мерила и на она што тој го очекува од нас. На крајот на краиштата, ние сме создадени по неговиот лик (Битие 1:26; Михеј 6:8). Библијата го споредува она што јасно нѐ идентификува како христијани со горни облеки што сите можат да ги видат. За нашево време Исус предупредил: „Гледај, доаѓам како крадец. Среќен е оној кој останува буден и ги чува своите горни облеки, за да не оди гол и да не му го видат срамот“ a (Откровение 16:15). Не сакаме да ги оставиме нашите христијански особини и норми на однесување и да му дозволиме на сатановиот свет да нѐ обликува. Кога би се случило тоа, би ги изгубиле овие „горни облеки“. Таквата ситуација би била за жалење и за срам.

5, 6. Зошто е важна духовната стабилност?

5 Кога некој е сосем свесен кој е и што е како христијанин, тоа може многу да влијае врз тоа во кој правец ќе оди неговиот живот. Зошто? Кога еден обожавател на Јехова не би бил на чисто кој е и што е, би можел да го изгуби вниманието и да остане без конкретен правец или цели. Библијата постојано предупредува дека таквата неодлучност е опасна. „Оној кој се сомнева“, опоменал ученикот Јаков, „е како морски бран кого ветрот го носи и тера ваму-таму. Всушност, тој човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Јехова; тој е неодлучен човек, неутврден на сите свои патишта“ (Јаков 1:6–8; Ефешаните 4:14; Евреите 13:9).

6 Како можеме да си го зачуваме нашиот христијански идентитет? Што може да ни помогне да бидеме уште посвесни колкава предност имаме што сме обожаватели на Највишиот? Те молиме, разгледај ги следниве работи.

Цврсто утврди кој си и што си како христијанин

7. Зошто е полезно да го молиме Јехова да нѐ испита?

7 Постојано зајакнувај го својот однос со Јехова. Најскапоценото нешто што еден христијанин може да го има е неговиот личен однос со Бог (Псалм 25:14; Пословици 3:32). Ако почнат да ни надоаѓаат вознемирувачки прашања во врска со тоа кои сме и што сме како христијани, време е подетално да го преиспитаме квалитетот и длабочината на овој однос. Псалмистот исправно се молел: „Испитај ме, Господи, и искушај ме, испитај ми ги бубрезите и срцето“ (Псалм 26:2). Зошто е важно ваквото испитување? Зашто ние самите не можеме веродостојно да ги процениме нашите најдлабоки мотиви и склоности. Само Јехова има способност да ја сфати нашата внатрешна личност — нашите мотиви, мисли и чувства (Еремија 17:9, 10).

8. а) Како можат да ни користат испитите од Јехова? б) Како ти било помогнато да напредуваш како христијанин?

8 Кога го молиме Јехова да нѐ испита, го молиме да ни направи една проверка. Можеби тој ќе дозволи да се случат некои ситуации за да се откријат нашите вистински мотиви и состојбата на нашето срце (Евреите 4:12, 13; Јаков 1:22–25). Треба спремно да ги прифатиме таквите испити зашто тие ни даваат прилика да покажеме дека вистински сме му лојални на Јехова. Таквите испити можат да покажат дали сме „потполни и здрави во секој поглед, без никаков недостаток“ (Јаков 1:2–4). И додека траат тие испити, можеме да растеме духовно (Ефешаните 4:22–24).

9. Дали е оставено на избор да се уверуваме во библиската вистина? Објасни.

9 Уверувај се во библиската вистина. Нашата свесност дека сме слуги на Јехова може да ослабне ако не се темели цврсто на спознанието од Библијата (Филипјаните 1:9, 10). Секој христијанин — и млад и стар — треба самиот да се увери дека она во што верува е навистина вистината од Библијата. Павле ги поттикнал своите соверници: „Уверувајте се во сите работи; држете се цврсто за она што е добро“ (1. Солуњаните 5:21). Младите христијани од богобојазливо семејство мораат да сфатат дека не можат да бидат христијани само затоа што нивните родители се. Давид го поттикнал својот син Соломон да го ‚познае Бога, својот Татко, и да Му служи со сето срце“ (1. Летописи 28:9). За младиот Соломон не би било доволно само да гледа како татко му си ја изградува верата во Јехова. Тој самиот морал да го запознае Јехова, а тоа и го сторил. Тој го преколнувал Бог: „Дај ми сега мудрост и знаење за да можам да управувам со овој народ“ (2. Летописи 1:10).

10. Зошто нема ништо погрешно во тоа да поставуваме искрени прашања со исправен мотив?

10 Цврстата вера се темели на спознание. „Верата доаѓа од она што се слуша“, рекол Павле (Римјаните 10:17). Што мислел со ова? Мислел дека со тоа што ќе се храниме од Божјата реч ќе ја зајакнеме нашата вера и доверба во Јехова, во неговите ветувања и во неговата организација. Кога поставуваме искрени прашања за Библијата, можеме да дојдеме до охрабрувачки одговори. Освен тоа, во Римјаните 12:2 го наоѓаме советот на Павле: „Самите да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“. Но, како можеме да го постигнеме тоа? Така што ќе го стекнуваме „точното спознание на вистината“ (Тит 1:1). Јеховиниот дух може да ни помогне да ги сфатиме дури и тешките теми (1. Коринќаните 2:11, 12). Треба да го молиме Бог да ни помогне кога ни е тешко да сфатиме нешто (Псалм 119:10, 11, 27). Јехова сака да ја разбереме неговата Реч, да веруваме во неа и да ѝ бидеме послушни. Тој се радува на искрените прашања што ги поставуваме со исправни мотиви.

Биди решен да му угодиш на Бог

11. а) Која природна желба може да нѐ фати во стапица? б) Како можеме да собереме храброст за да не попуштиме под притисокот од околината?

11 Труди се да му угодиш на Бог, а не на луѓето. Сосем е природно нашиот идентитет делумно да биде одреден од некоја група на која ѝ припаѓаме. Секому му требаат пријатели, и убаво ни е кога сме дел од некоја група. За време на адолесценцијата — како и подоцна во животот — притисокот од околината може да биде многу силен и да создаде желба очајнички да ги имитираме другите или да им се допаднеме. Но, пријателите и другите околу нас не ни го мислат секогаш најдоброто. Понекогаш тие само сакаат соучесник кога прават нешто лошо (Пословици 1:11–19). Кога еден христијанин ќе подлегне на негативниот притисок од околината, обично се обидува да скрие кој е и што е тој (Псалм 26:4). „Не имитирајте го однесувањето на светот околу вас“, предупредил апостол Павле (Римјаните 12:2The Jerusalem Bible). Јехова ни ја дава внатрешната сила што ни е потребна за да го победиме секој надворешен притисок да бидеме како другите (Евреите 13:6).

12. Кое начело и кој пример може да нѐ зајакне да останеме цврсти кога се работи за нашата доверба во Бог?

12 Кога надворешниот притисок се заканува да нѐ натера да заборавиме кои сме и што сме како христијани, добро е да запамтиме дека нашата лојалност кон Бог е далеку поважна отколку јавното мнение или трендовите. Зборовите од Излез 23:2 ни служат како сигурно начело: „Не се поведувај по мноштвото, за да правиш зло“. Кога повеќето Израелци мислеле дека Јехова не е способен да си ги исполни ветувањата, Халев одлучно одбил да го следи мнозинството. Тој бил уверен дека може да им верува на Божјите ветувања и бил богато награден за ваквиот негов став (Броеви 13:30; Исус Навин 14:6–11). Дали и ти, како него, си спремен да се спротивставиш на притисокот од јавното мнение за да си го зачуваш односот со Бог?

13. Зошто е мудро јасно да ставиме на знаење дека сме христијани?

13 Јасно стави на знаење дека си христијанин. Изреката дека нападот е најдобрата одбрана важи и кога го браниме нашиот христијански идентитет. Кога нивните напори да ја вршат волјата на Јехова во деновите на Езра наишле на пречки, верните Израелци рекле: „Ние сме слуги на Бога на небото и земјата“ (Езра 5:11). Ако врз нас влијаат реакциите и критиките на непријателски расположените луѓе, може да се случи да се стаписаме од страв. Ако се трудиме да му угодиме на секого, нема веќе да бидеме толку делотворни. Затоа, не дозволувај да бидеш заплашен. Секогаш е добро јасно да им дадеш на другите на знаење дека си Јеховин сведок. Со почит, но сепак цврсто, можеш да им ги објасниш на другите твоите морални принципи, твоите верувања и твојот став како христијанин. Дај им на другите на знаење дека си решен да се придржуваш за високите Јеховини морални мерила. Нека им биде јасно дека нема ценкање со твојата беспрекорност како христијанин. Покажи дека си горд на своите морални мерила (Псалм 64:10). Тоа што ќе се издвојуваш како непоколеблив христијанин може да те зајакне, да те заштити, па дури и да поттикне некои да се распрашаат повеќе за Јехова и за неговиот народ.

14. Треба ли да се обесхрабриме од исмејувањето или од противењето? Објасни.

14 Да, некои можеби ќе те исмејуваат или ќе ти се противат (Јуда 18). Ако другите не реагираат поволно на твоите обиди да им ги објасниш своите морални принципи, не се обесхрабрувај (Езекиел 3:7, 8). Колку и да си упорен, никогаш нема да ги убедиш луѓето што не сакаат да бидат убедени. Сети се на фараонот. Ниедна неволја, ниедно чудо — дури ни тоа што го изгубил својот првороден син — не можеле да го убедат дека Мојсеј зборува од името на Јехова. Затоа, не дозволувај стравот од луѓе да те стаписа. Довербата и верата во Бог можат да ни помогнат да го совладаме стравот (Пословици 3:5, 6; 29:25).

Учи од минатото, гради за иднината

15, 16. а) Кое е нашето духовно наследство? б) Каква корист можеме да извлечеме ако размислуваме за нашето духовно наследство, користејќи ја Божјата реч?

15 Цени го своето духовно наследство. Користејќи ја Божјата реч, христијаните ќе извлечат корист ако размислуваат за своето богато духовно наследство. Ова наследство ја вклучува вистината од Јеховината реч, надежта за вечен живот и честа да го претставуваме Бог како објавители на добрата вест. Можеш ли да видиш кое е твоето место меѓу неговите Сведоци, таа привилегирана група луѓе на кои им е доделено животоспасувачкото дело да го објавуваат Царството? Не заборавај, самиот Јехова потврдува: „Вие сте Ми сведоци“ (Исаија 43:10).

16 Можеш да си поставиш прашања како: ‚Колку ми е вредно ова духовно наследство? Го ценам ли доволно за да го ставам вршењето на Божјата волја на прво место во мојот живот? Дали го ценам доволно за да ме зајакне да се спротивставам на кое и да било искушение што може да ме наведе да го прокоцкам ова наследство?‘ Исто така, нашето духовно наследство може да ни влее силно чувство на духовна сигурност каква што може да има само во Јеховината организација (Псалм 91:1, 2). Тоа што ќе ги испитуваме извонредните настани од современата историја на Јеховината организација може цврсто да ни вреже во умот дека никој и ништо не може да го истреби Јеховиниот народ од Земјата (Исаија 54:17; Еремија 1:19).

17. Освен што ќе се потпреме на нашето духовно наследство, што уште е потребно?

17 Се разбира, не можеме да се потпреме само на нашето духовно наследство. Секој од нас мора да си стекне близок однос со Бог. Откако напорно работел да ја изгради верата на христијаните во Филипи, Павле им напишал: „Затоа, љубени мои, како што секогаш бевте послушни, не само за време на мојата присутност туку уште повеќе сега за време на мојата отсутност, продолжете да работите на своето спасение со страв и трепет“ (Филипјаните 2:12). Не можеме да се потпреме на некој друг за да се спасиме.

18. Како можат христијанските активности да придонесат за да бидеме посвесни кои сме и што сме како христијани?

18 Внеси се во христијанските активности. Се вели дека „работата го обликува човекот“. Денес на христијаните им е доделено едно многу важно дело — да ја проповедаат добрата вест за воспоставеното Божје Царство. Павле изјавил: „Поради тоа што, всушност, сум апостол на нациите, јас ја славам својата служба“ (Римјаните 11:13). Нашето проповедничко дело нѐ издвојува од светот, а тоа што учествуваме во него многу придонесува за да бидеме посвесни кои сме и што сме како христијани. Тоа што ќе се внесеме и во други теократски активности, како што се христијанските состаноци, програмите за изградба на места за обожавање, напорите да им се помогне на оние на кои тоа им е потребно и слично, може да го продлабочи нашето чувство за тоа кои сме и што сме како христијани (Галатите 6:9, 10; Евреите 10:23, 24).

Јасно ни е кои сме и имаме вистински благослови

19, 20. а) Кои користи ти лично ги имаш од тоа што си христијанин? б) Што го дава темелот за тоа кои сме ние навистина?

19 Размисли за момент колку многу благослови и предности имаме затоа што сме вистински христијани. Ја имаме предноста лично Јехова да нѐ признае. Пророкот Малахија рекол: „Кога разговараат оние, кои се плашат од Бога, Господ внимава, ги слуша и тоа се запишува пред Него во Спомен книгата во полза на оние, кои се бојат од Господа и кои Го почитуваат Неговото Име“ (Малахија 3:16). Бог нѐ смета за свои пријатели (Јаков 2:23). Нашиот живот е разубавен затоа што имаме јасно чувство за цел, длабока смисла и здрави, продуктивни цели. И, дадена ни е надежта за вечна иднина (Псалм 37:9).

20 Не заборавај дека кој си ти навистина и која е твојата вредност се одредуваат по тоа како те проценува Бог, а не по тоа што мислат другите за тебе. Другите можеби ќе судат за нас според некомпетентни човечки мерила. Но, тоа што Бог нѐ сака и лично е заинтересиран за нас го дава вистинскиот темел за нашата вредност — ние му припаѓаме нему (Матеј 10:29–31). Од наша страна, пак, нашата љубов кон Бог може да нѐ направи сосем свесни за тоа кои сме и што сме и да ни даде јасно водство во животот. „Ако некој го љуби Бога, него Бог го познава“ (1. Коринќаните 8:3).

[Фуснота]

a Овие зборови можеби укажуваат на должностите што ги имал службеникот на храмското брдо во Ерусалим. Во текот на ноќните стражи, поминувал низ храмот за да види дали левитските стражари се будни или, пак, заспале на работното место. Секој стражар што ќе бил најден како спие бил удиран со стап, а можно било и да му бидат изгорени горните облеки како срамна казна.

Се сеќаваш ли?

• Зошто е важно христијаните да си го зачуваат својот духовен идентитет?

• Како можеме цврсто да утврдиме кои сме и што сме како христијани?

• Кога ќе се соочиме со прашањето кому да угодиме, кои фактори можат да ни помогнат да донесеме исправна одлука?

• Како тоа што ќе бидеме сосем свесни кои сме може да ја обликува нашата иднина како христијани?

[Прашања]

[Слики на страница 21]

Со тоа што ќе се внесеме во христијанските активности ќе бидеме посвесни кои сме и што сме како христијани