Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Дали Давид, човек што му бил мил на Бог, постапувал сурово со своите заробеници, како што некои заклучуваат од 2. Самоил 12:31 и 1. Летописи 20:3?

Не. Давид едноставно ги осудил амонските заробеници на принудна работа. Постапките на Давид се погрешно сфатени поради начинот на којшто некои библиски преводи ги преведуваат овие стихови.

Опишувајќи како се постапувало со Амонците, тие библиски преводи го претставуваат Давид како суров варварин. На пример, според преводот Свето писмо — издание на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, 2. Самоил 12:31 (или 2. Царства 12:31) гласи: „Народот, што беше во него, го изведе и го пренесе преку пили, преку железни гребла, преку железни секири и го фрли во печка за печење тули. Така постапи тој со сите амонитски градови“. Извештајот од 1. Летописи 20:3 (или 1. Паралипоменон 20:3) е преведен слично.

Меѓутоа, како што забележал библискиот изучувач Семјуел Ролс Драјвер, суровоста „ни најмалку не е во склад со она што го знаеме за личноста и карактерот на Давид“. Затоа, еден коментар во The Anchor Bible вели: „Давид организирал работни екипи составени од затвореници за економски да ги експлоатира освоените територии, што изгледа дека било стандардна постапка меѓу победничките цареви“. Споделувајќи го ова мислење, Адам Кларк коментира: „Според тоа, значењето е дека Тој ги направил луѓето робови и ги ставил да работат со пили, да прават железни гребла или да копаат руда . . . и да сечат дрвја, и да прават тули. Сечењето луѓе на делови, удирањето, касапењето и распарчувањето човечки суштества не наоѓаат место во овој стих ниту, пак, се својствени за однесувањето на Давид со Амонците“.

Пренесувајќи го ова поточно разбирање, разни современи преводи сосем јасно кажуваат дека Давид не треба да биде обвинет за нечовечно однесување. a Забележи го преводот во New English Translation (2003): „Ги одведе луѓето од градот и ги подложи на принудна работа со пили, железни копачи и железни секири, и ги стави да работат на печките за тули. Таква беше неговата политика со сите амонски градови“ (2. Самоил 12:31). „Ги зеде жителите на градот и ги принуди да работат со пили, железни копачи и секири. Давид го направи ова со сите градови на Амонците“ (1. Летописи 20:3). И Преводот Нов свет е во склад со најновите разбирања на изучувачите: „Народот што беше во него го изведе и го постави да работи со пили за камен, со остри железни алатки, со железни секири и да изработува тули“ (2. Самоил 12:31). „Народот што беше во него го изведе и го постави да работи со пили за камен, со остри железни алатки, со секири. Така постапи со сите градови на синовите на Амон“ (1. Летописи 20:3).

Давид не ги подложил поразените Амонци на ѕверска тортура ниту на грозни масакри. Тој не ги имитирал садистичките и брутални воени обичаи од неговото време.

[Фуснота]

a Ако се смени една буква, хебрејскиот текст може да гласи „ги стави врз пилите“ или „ги исече на парчиња“. Освен тоа, зборот „печка за тули“ може да значи и „калап за тули“. Таквиот калап би бил претесен за некој да биде ставен во него.