Битки со зборови — зошто толку болат?
Битки со зборови — зошто толку болат?
„Од каде војни и од каде борби меѓу вас?“ (ЈАКОВ 4:1).
БИБЛИСКИОТ писател Јаков не им го поставил ова прашање на војниците во римските легии што воделе освојувачки војни ниту, пак, имал цел да дознае зошто сикариите (екстремистичка група на еврејски зелоти од првиот век н.е.) воделе герилски војни. Јаков всушност зборувал за расправии кои можеле да се водат дури и меѓу само две лица. Зошто ги нарекол така? Затоа што и битките меѓу поединци се исто толку разорни колку и вистинските војни. Да разгледаме неколку извештаи од Библијата.
Синовите на патријархот Јаков толку многу го мразеле својот брат Јосиф, што го продале во ропство (Битие 37:4-28). Подоцна, Саул, царот на Израел, се обидел да го убие Давид. Зошто? Затоа што му завидувал (1. Самоил 18:7-11; 23:14, 15). Во првиот век, две христијанки по име Еводија и Синтихија со своите расправии го нарушиле мирот на целото собрание (Филипјаните 4:2).
Во нешто поблиското минато, ако двајца имале некоја меѓусебна расправија, знаеле да ја расчистат со двобој — било со мечеви или со пиштоли. Во најголем број случаи, едниот од учесниците во двобојот или паѓал мртов или останувал осакатен за цел живот. Денес, пак, главното оружје на оние што се во лоши односи им се острите, зајадливи зборови. Иако во овие вербални битки можеби нема да ‚капне крв‘, тие ќе предизвикаат повредени чувства, а можат да извалкаат и нечие добро име. Во овие „војни“ најчесто страдаат невините.
Да видиме, на пример, што се случи пред неколку години во Англија. Еден англикански свештеник обвини друг свештеник дека ги злоупотребува финансиите на црквата. Нивната караница стана јавна тајна, а парохијата во која служеа се подели на фракции. Некои од верниците не сакаа да седат на службите што ги одржуваше свештеникот од спротивставената фракција. Овие свештеници гледаа со таков силен презир еден на друг што, кога присуствуваа на црковните служби, секој од нив се однесуваше како другиот да не постои. Како капак на сета расправија,
свештеникот што прв ги покрена обвиненијата и самиот беше обвинет за сексуален неморал.Надбискупот од Кантербери јавно им се обрати на двајцата свештеници, нарекувајќи ја нивната караница „рак-рана“ и „скандал што го обесчестува името на нашиот Господ“. Во 1997, едниот од нив се согласи да се пензионира. Другиот не сакаше да мрдне од својата положба на свештено лице сѐ до моментот кога мораше законски да замине во пензија. Сепак, остана на таа функција до последен момент и се пензионира точно на својот 70-ти роденден, на 7 август 2001. The Church of England Newspaper спомна дека на тој датум се слави денот на „Свети“ Виктрициј. Кој бил „Свети“ Виктрициј? Тоа бил еден бискуп што живеел во четвртиот век, кој наводно бил камшикуван затоа што одбил да се бори како војник. Во врска со дијаметрално спротивниот став на „Свети“ Виктрициј и свештеникот што се пензионира, весникот го даде следниов коментар: [Овој свештеник] со ништо не покажа дека одбива да се бори со својот соперник“.
Овие свештеници немаше да се повредат еден со друг, а немаше да повредат и други, доколку го применеа советот од Римјаните 12:17, 18: „Никому не враќајте зло за зло. Грижете се за она што е извонредно во очите на сите луѓе. Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“.
А како стојат работите со тебе? Ако некој те навреди, дали огорченоста ќе те натера да го изрешеташ со зборови или, пак, избегнуваш да бидеш груб и оставаш простор да се смирите? Ако ти навредиш некого, дали го избегнуваш со надеж дека со текот на времето ќе ја заборави навредата, или, пак, си спремен веднаш да се извиниш? Без разлика дали бараш прошка или си оној што треба да прости, за твое добро е да дадеш сѐ од себе за да се реши несогласувањето. Како што ќе видиме од следната статија, библиските совети можат да ни помогнат да расчистиме дури и долгогодишни несогласувања.