Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Бракот може да биде успешен во денешниов свет

Бракот може да биде успешен во денешниов свет

Бракот може да биде успешен во денешниов свет

„Облечете се во љубов зашто таа е совршена врска на единство“ (КОЛОШАНИТЕ 3:14).

1, 2. а) Кој факт за христијанското собрание охрабрува? б) Што е успешен брак?

КОГА ќе го погледнеме христијанското собрание, зарем не нѐ радува тоа што гледаме толку многу брачни двојки што останале лојални еден на друг 10, 20, 30, или дури и повеќе години? Тие останале со своите брачни другари и во добро и во лошо (Битие 2:24).

2 Повеќето би признале дека нивниот брак не бил без проблеми. Една набљудувачка напишала: „Среќните бракови не се бракови без грижи. Минуваат и низ добри и низ лоши времиња . . . Но, некако . . . овие луѓе останале во брак и покрај [немирот] што го носи современото живеење“. Успешните брачни двојки научиле како да излезат на крај со неизбежните бури и кризи што се резултат на притисоците во животот, особено ако имаат деца. Искуството ги научило овие брачни двојки дека вистинската љубов „никогаш не затајува“ (1. Коринќаните 13:8).

3. Што покажува статистиката за бракот и разводот, и на кои прашања наведува тоа?

3 Спротивно на тоа, милиони бракови доживеале бродолом. Еден извештај вели: „Се очекува дека половина од браковите во САД денес ќе завршат со развод. А половина од овие [разводи] ќе се случат во првите 7,8 години од бракот . . . Од 75⁠-те проценти што се премажуваат или преженуваат, 60 проценти повторно ќе се разведат“. Промени има дури и во земјите во кои претходно стапката на развод беше релативно ниска. На пример, во Јапонија во последниве години стапката на развод порасна речиси двојно. Кои се некои од притисоците што довеле до оваа ситуација, притисоци што понекогаш се појавуваат дури и во христијанското собрание? Што е потребно за да се има успешен брак и покрај напорите на Сатана да го поткопа ова уредување?

Стапици што треба да се избегнуваат

4. Кои се некои фактори што можат да го поткопаат бракот?

4 Божјата реч ни помага да сфатиме кои фактори можат да поткопаат еден брак. Да ги разгледаме, на пример, зборовите на апостол Павле во врска со тоа какви ќе бидат условите во овие последни денови: „Во последните денови ќе настанат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај. Зашто луѓето ќе бидат себељубиви, љубители на пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор, клеветници, без самосовладување, свирепи, без љубов кон доброта, предавници, своеглави, надуени од гордост, љубители на уживања наместо љубители на Бог, кои имаат облик на побожна оддаденост, но се покажале лажни во поглед на нејзината сила; од таквите одвратувај се“ (2. Тимотеј 3:1–5).

5. Зошто ‚себељубивиот‘ го загрозува својот брак, и кој е библискиот совет во врска со ова?

5 Кога ги анализираме зборовите на Павле, гледаме дека многу од работите што ги навел можат да доведат до нарушување на брачните односи. На пример, оние што се „себељубиви“ се себични и немаат обѕир кон другите. Сопрузите или сопругите што се сакаат само себеси сакаат да биде само по нивно. Тие не се флексибилни, крути се. Зарем ваквиот став ќе придонесе еден брак да биде среќен? Ни најмалку. Апостол Павле мудро ги посоветувал христијаните, вклучувајќи ги и брачните двојки: ‚[Не треба да] правите ништо од кавгаџиство ниту од егоизам, туку со понизност на умот сметајте ги другите за подобри од себе, гледајќи со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите‘ (Филипјаните 2:3, 4).

6. Како може љубовта кон парите да ја поткопа брачната врска?

6 Љубовта кон парите може да доведе до раскол помеѓу сопругот и сопругата. Павле предупредил: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст. Зашто љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи, и тежнеејќи по оваа љубов некои биле одвлечени од верата и се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:9, 10). За жал, во многу бракови денес ова што го рекол Павле се обистинило. Трагајќи по богатство, многу сопружници ги занемаруваат потребите на својот брачен другар, меѓу кои и основната потреба од емоционална поддршка и постојано, срдечно друштво.

7. Во некои случаи, кое однесување довело до неверност во бракот?

7 Павле рекол и дека во овие последни денови некои ќе бидат „нелојални, без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор“. Брачниот завет е свечено ветување од коешто резултатот треба да биде трајна врска, а не изневерување (Малахија 2:14–16). Меѓутоа, некои го насочиле своето романтично внимание кон лице со коешто не се во брак. Една сопруга што има 30⁠-тина години и којашто сопругот ја напуштил објаснува дека уште пред да ја остави бил премногу близок, премногу срдечен со другите жени. Не сфатил дека таквото однесување не му доликува на еден оженет човек. Била длабоко повредена кога го видела тоа и се обидела на тактичен начин да го предупреди дека оди по лизгав пат. Сепак, тој извршил прељуба. Иако му биле дадени љубезни предупредувања, овој брачен другар што направил престап не сакал да обрне внимание на нив. Главечки влетал во стапицата (Пословици 6:27–29).

8. Што може да доведе до прељуба?

8 Библијата толку јасно нѐ предупредува во врска со прељубата! „Неразумен е оној, кој се впушта со прељубница, својата душа ја губи кој прави така“ (Пословици 6:32). Обично, прељубата не е нешто што доаѓа спонтано, импулсивно. Како што истакнал библискиот писател Јаков, до грев каков што е прељубата доаѓа дури откако ќе се роди и ќе се негува мисла за тоа (Јаков 1:14, 15). Сопружникот што размислува за тоа полека-полека престанува да му биде лојален на својот брачен другар на кого му ветил дека ќе му биде верен до смрт. Исус рекол: „Сте чуле дека било речено: ‚Не врши прељуба‘. А јас ви велам дека секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:27, 28).

9. Кој мудар совет се наоѓа во Пословици 5:18–20?

9 Затоа, мудро е и лојално е да се постапува онака како што сме охрабрени во книгата Пословици: „Нека е благословен твојот извор, и радувај се со жената на својата младост, нека ти е како мила срна и љубезлива кошута; нека те напојуваат нејзините гради во секое време, и нејзината љубов те восхитува непрекратно! Па зошто сине мој би се занесувал по туѓа жена и би ги прегрнувал градите на туѓинката?“ (Пословици 5:18–20).

Не влетувај избрзано во брак

10. Зошто е мудро да се одвои време за да се запознае идниот брачен другар?

10 Кога една двојка избрзано ќе стапи во брак, може да се појават проблеми. Можеби се премногу млади или неискусни. Или, можеби не си дале доволно време да се запознаат — што сакаат а што не сакаат, какви цели имаат во животот, од какво семејство потекнуваат. Мудро е да се биде трпелив, да се одвои доволно време за да се запознае лицето што можеби ќе ти стане брачен другар. Размисли за Јаков, синот на Исак. Морал седум години да работи за својот иден тест пред да му биде дозволено да се ожени со Рахила. Бил спремен да го направи тоа затоа што неговите чувства се темелеле на вистинска љубов, а не само на физичка привлечност (Битие 29:20–30).

11. а) На што е спој брачната врска? б) Зошто е важно во бракот мудро да се користи јазикот?

11 Бракот е повеќе отколку само романтична врска. Брачната врска спојува две личности што имаат различно семејно потекло, различни карактери и емоционална конституција, а честопати се и со различно образование. Понекогаш, тоа е спој на две култури, па дури и на два јазика. И, ако ништо друго, спојува двајца поединци што можат за многу работи да имаат различни мислења. Овие двајца поединци се сосем реален составен дел од една брачна врска. Тие можат или постојано да критикуваат и да се жалат или срдечно да охрабруваат и да изградуваат. Да, со нашите зборови можеме или да го повредиме или да го излечиме нашиот брачен другар. Неконтролираните зборови можат да стават вистински притисок врз бракот (Пословици 12:18; 15:1, 2; 16:24; 21:9; 31:26).

12, 13. На какво реалистично гледиште за бракот сме охрабрени?

12 Затоа, мудро е да одвоиме време за вистински да го запознаеме лицето што можеби ќе ни стане брачен другар. Една христијанка што подолго е во брак рекла: „Кога го набљудуваш можниот брачен партнер, размисли за можеби десет основни работи што би сакала да ги видиш во тој човек. Ако видиш само седум, запрашај се: ‚Дали сум спремна да прогледам низ прсти за трите што ги нема? Можам ли секој ден да ги толерирам тие недостатоци?‘ Ако се сомневаш, повлечи се малку и размисли повторно“. Се разбира, мораш да бидеш реалистичен. Ако сакаш да стапиш во брак, биди свесен дека никогаш нема да најдеш совршен брачен другар. Ама, биди свесен дека и лицето со кое ќе стапиш во брак не нашло совршен партнер! (Лука 6:41).

13 Бракот вклучува жртви. Павле го истакнал ова кога рекол: „Сакам да сте без тегобна загриженост. Неоженетиот тегобно се грижи за Господовите работи, како да го стекне одобрението на Господ. А оженетиот тегобно се грижи за работите на светот, како да го стекне одобрението на својата жена, и тој е поделен. Понатаму, немажената жена и девицата тегобно се грижи за Господовите работи, за да биде света и во своето тело и во својот дух. Меѓутоа, мажената жена тегобно се грижи за работите од светот, како да го стекне одобрението на својот маж“ (1. Коринќаните 7:32–34).

Зошто некои бракови пропаѓаат

14, 15. Што може да придонесе да ослабне брачната врска?

14 Една христијанка неодамна ја поминала траумата што ја носи разводот кога, по 12 години брак, сопругот ја оставил и започнал врска со друга жена. Дали забележала некои предупредувачки сигнали пред да дојде до распадот? Таа објаснува: „Тој дојде до таква состојба што повеќе не се молеше. Си наоѓаше слаби изговори да не доаѓа на христијанските состаноци и да не оди да проповеда. Велеше дека е или премногу зафатен или премногу уморен за да поминува време со мене. Не разговараше со мене. Се отуѓивме во духовен поглед. Штета. Тоа повеќе не беше истиот човек за кого се омажив“.

15 И други кажуваат дека забележале слични знаци, меѓу кои и занемарување на личното проучување на Библијата, на молитвата или на христијанските состаноци. Со други зборови, многу поединци што на крајот ги напуштиле своите брачни другари дозволиле да ослабне нивниот однос со Јехова. Како резултат, ги изгубиле духовните работи од вид. За нив Јехова повеќе не бил жив Бог. Ветениот праведен нов свет повеќе не им бил реалност. Во некои случаи, неверниот брачен другар ослабнал духовно уште пред да стапи во вонбрачна врска (Евреите 10:38, 39; 11:6; 2. Петрово 3:13, 14).

16. Што го зајакнува бракот?

16 Спротивно на тоа, една брачна двојка што е многу среќна знае дека нивниот брак е успешен поради цврстите духовни врски што постојат меѓу нив. Се молат заедно и проучуваат заедно. Сопругот вели: „Ја читаме Библијата заедно. Одиме во служба заедно. Уживаме да ги правиме работите заедно“. Поуката е јасна: Ако се задржи добар однос со Јехова, тоа многу ќе придонесе за стабилноста на еден брак.

Биди реалистичен и комуницирај

17. а) Кои две работи придонесуваат за успехот на еден брак? б) Како ја опишува Павле христијанската љубов?

17 Уште две други работи придонесуваат еден брак да биде успешен: христијанската љубов и комуникацијата. Кога двајца се заљубени, склони се да си ги игнорираат мааните еден на друг. Можеби ќе се земат со преголеми очекувања, кои можеби се темелат на она што го прочитале во љубовните романи или што го виделе во филмовите. Меѓутоа, на крајот ќе мораат да се соочат со реалноста. Тогаш, ситните маани или навиките што по малку ги нервираат можат да станат голем проблем. Ако се случи нешто такво, христијаните треба да ги покажат плодовите на духот, од кои еден е љубовта (Галатите 5:22, 23). Навистина, љубовта има многу голема моќ — не романтичната љубов, туку христијанската љубов. Павле ја опишал оваа христијанска љубов кога рекол: „Љубовта е долготрпелива и љубезна . . . не ги бара сопствените интереси, не се раздразнува. Не ја става во сметка штетата . . . Сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи“ (1. Коринќаните 13:4–7). Очигледно, вистинската љубов ги толерира човечките слабости. Таа е реалистична и не очекува совршенство (Пословици 10:12).

18. Како може комуникацијата да ја зајакне врската?

18 Исто така, многу е важна и комуникацијата. Сеедно колку години се во брак, сопружниците треба да разговараат еден со друг и вистински да слушаат што има да каже секој од нив. Еден сопруг вели: „Отворено си ги искажуваме чувствата, но на пријателски начин“. Искуството го учи еден сопруг или една сопруга како да го чуе она што е кажано, но и она што не е кажано. Со други зборови, како што годините одминуваат, двајца што се во среќен брак учат да ги прочитаат неизговорените мисли или неискажаните чувства. Некои сопруги велат дека нивните сопрузи не ги слушаат вистински. Некои сопрузи се жалат дека нивните сопруги изгледа сакаат да разговараат во најнезгодно време. Комуникацијата вклучува сочувство и разбирање. Делотворната комуникација им користи и на сопругот и на сопругата (Јаков 1:19).

19. а) Зошто може да биде тешко да се извиниш? б) Што ќе нѐ поттикне да се извиниме?

19 Комуникацијата понекогаш вклучува и извинување. Тоа не е секогаш лесно. Потребна е понизност за да се признаат грешките. Сепак, тоа толку многу му помага на еден брак! Едно искрено извинување може да отстрани нешто што би било причина за расправии во иднина и да го подготви патот за вистинско простување и решавање на проблемот. Павле рекол: „Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг, ако некој има причина за поплака против друг. Токму како што Јехова доброволно ви прости вам, така правете и вие. Но, освен сево ова, облечете се во љубов зашто таа е совршена врска на единство“ (Колошаните 3:13, 14).

20. Како треба еден христијанин да се однесува со својот брачен другар насамо и во друштво?

20 Важна за бракот е и заемната поддршка. Еден сопруг и една сопруга што се христијани треба да можат да си веруваат еден на друг, да се потпираат еден на друг. Ниеден од нив не треба да го потценува другиот или на некој друг начин да ја поткопува самодовербата на другиот. Со љубов го пофалуваме нашиот брачен другар; не го критикуваме остро (Пословици 31:28б). Се разбира дека не сакаме да го понижуваме така што ќе кажуваме глупави и непромислени шеги за него (Колошаните 4:6). Таквата заемна поддршка се зајакнува кога двајцата редовно си покажуваат дека се сакаат. Еден допир или еден мал збор на љубов може да каже: „Сѐ уште те сакам. Среќен сум што си со мене“. Ова се некои фактори што можат да влијаат на една врска и што можат да помогнат бракот да биде успешен во денешниов свет. Има и други фактори и во следната статија ќе бидат изнесени дополнителни упатства од Библијата за тоа како да се има успешен брак. *

[Фуснота]

^ пас. 20 За подетални информации, види ја публикацијата Тајната на семејната среќа, издадена од Јеховините сведоци.

Можеш ли да објасниш?

• Кои се некои фактори што можат да го поткопаат бракот?

• Зошто не е мудро избрзано да се влета во брак?

• Како влијае духовноста врз бракот?

• Кои фактори го прават еден брак стабилен?

[Прашања]

[Слика на страница 12]

Бракот е повеќе отколку само романтична врска

[Слики на страница 14]

Цврстиот духовен однос со Јехова му помага на еден брачен пар да има успешен брак