Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Врвни точки од книгата Рута

Врвни точки од книгата Рута

Јеховината реч е жива

Врвни точки од книгата Рута

ТРОГАТЕЛНА драма за лојалноста меѓу две жени. Извештај во кој се гледа ценење за Јехова Бог и за неговите подготовки. Приказна што нагласува дека Јехова е вистински заинтересиран за лозата на Месијата. Возбудлива приказна за радостите и тагите на едно семејство. Библиската книга Рута е сево ова, и уште многу повеќе.

Книгата Рута опфаќа период од околу 11 години од ‚времето кога владееле судиите‘ во Израел (Рута 1:1). Настаните што се запишани во неа сигурно се случиле во раниот период на судиите, зашто земјопоседникот Воз, еден од ликовите во оваа вистинска драма, бил син на Рава што живеела во времето на Исус Навин (Исус Навин 2:1, 2; Рута 2:1; Матеј 1:5). Приказната веројатно ја напишал пророкот Самоил во 1090 пр.н.е. Ова е единствената книга во Библијата што го носи името на една жена што не била Израелка. Пораката што е содржана во неа е „жива и врши силно влијание“ (Евреите 4:12).

„КАДЕ ЌЕ ОДИШ ТИ, ЌЕ ОДАМ И ЈАС“

(Рута 1:1 — 2:23)

Кога пристигнуваат во Витлеем, Ноемина и Рута го привлекуваат вниманието на сите. Укажувајќи на постарата од нив, жените од градот прашуваат: „Ма, ова ли е Ноемина?“ На тоа, Ноемина им вели: „Не викајте ме веќе Ноемина, туку викајте ме Мара, зашто Сѐдржителот ме исполни со горчина! Оттука заминав со полни раце, а сега Господ ме враќа со празни раце“ (Рута 1:19⁠-21).

Кога поради гладот нејзиното семејство е присилено да се пресели од Витлеем во Моав, Ноемина е „со полни раце“ во таа смисла што има маж и два сина. Меѓутоа, по некое време откако се населуваат во Моав, умира маж ѝ Елимелех. Подоцна, нејзините два сина се женат со Моавките Орфа и Рута. Поминуваат околу десет години и двата сина умираат без деца, оставајќи ги трите жени сами. Кога свекрвата, Ноемина, решава да се врати во Јуда, вдовиците на нејзините синови тргнуваат со неа. По пат, Ноемина ги тера своите снаи да се вратат во Моав и да си најдат мажи од нивниот народ. Орфа се враќа. Но, Рута останува со Ноемина, велејќи ѝ: „Каде ќе одиш ти, ќе одам и јас, и каде ќе живееш ти, ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог“ (Рута 1:16).

Двете вдовици, Ноемина и Рута, стигнуваат во Витлеем на почетокот на жетвата на јачмен. Искористувајќи една подготовка од Божјиот закон, Рута почнува да доприбира во едно поле што му припаѓа на еден роднина на Елимелех — еден постар Евреин по име Воз. Рута ја стекнува наклоноста на Воз и продолжува да доприбира во неговото поле „додека не ги ожнија јачменот и пченицата“ (Рута 2:23).

Одговорени библиски прашања:

1:8 — Зошто Ноемина им вели на своите снаи да се вратат „секоја во домот на својата мајка“ а не во домот на својот татко? Не е кажано дали таткото на Орфа бил жив во тоа време. Но, таткото на Рута бил (Рута 2:11). Сепак, Ноемина зборувала за домот на мајката, можеби мислејќи дека тоа што им ги спомнала мајките ќе ги потсети на утехата што ја носи мајчината љубов. Ова особено би ги утешило ќерките што биле притиснати од тага поради разделбата со саканата свекрва. Овој коментар можеби укажува и дека за разлика од Ноемина, мајките на Рута и Орфа имале свои домови.

1:13, 21 — Дали Јехова ѝ го загорчил животот на Ноемина и ја предизвикал нејзината тага? Не, и Ноемина не го обвинила Бог за каква и да било неправда. Меѓутоа, со оглед на сѐ што ѝ се случило, мислела дека Јехова е против неа. Се почувствувала огорчено и разочарано. Освен тоа, во тоа време раѓањето деца се сметало за благослов од Бог а неплодноста за клетва. Бидејќи немала внуци, а и двата сина ѝ умреле, можеби Ноемина сметала дека има право да мисли дека Јехова ја понижил.

2:12 — Каква „полна награда“ добила Рута од Јехова? Рута имала син и ја добила предноста да стане алка во најважната семејна лоза во историјата — лозата на Исус Христос (Рута 4:13⁠-17; Матеј 1:5, 16).

Поуки за нас:

1:8; 2:20. И покрај трагедиите што ги доживеала, Ноемина задржала доверба во верната љубов на Јехова. И ние треба да го правиме истото, особено кога доживуваме тешки испити.

1:9. Домот треба да биде повеќе отколку само место каде што членовите на семејството ќе јадат и ќе спијат. Тоа треба да биде мирно и удобно место за одмор.

1:14⁠-16. Орфа ‚се вратила при својот народ и при својот бог‘. Рута не го сторила тоа. Таа ги оставила удобноста и сигурноста на својата родна земја и му останала лојална на Јехова. Тоа што ќе имаме лојална љубов за Бог и ќе покажуваме самопожртвуван дух, ќе ни помогне да се чуваме да не им попуштиме на себичните желби и да не ‚се повлечеме за уништување‘ (Евреите 10:39).

2:2. Рута сакала да ја искористи подготовката за доприбирање што била направена во корист на странците и измачените. Таа била понизна личност. Еден сиромашен христијанин не треба да биде премногу горд за да ја прими помошта што соверниците со љубов му ја даваат или, пак, некоја помош од државата на којашто има право.

2:7. И покрај тоа што имала право да доприбира, Рута побарала дозвола за тоа (Левит 19:9, 10). Тоа било знак дека е кротка. Мудро е ‚да ја бараме кроткоста‘, зашто „кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Софонија 2:3NW; Псалм 37:11).

2:11. Рута покажала дека ѝ е повеќе отколку само роднина на Ноемина. Ѝ била вистински пријател (Пословици 17:17). Нивното пријателство било цврсто затоа што се темелело на особини како љубов, лојалност, соживување, љубезност и самопожртвуван дух. Што е уште поважно, се темелело на нивната духовност — нивната желба да му служат на Јехова и да бидат меѓу неговите обожаватели. И ние имаме прекрасни прилики да развиваме пријателства со вистинските обожаватели.

2:15–17. Дури и кога Воз направил работата да ѝ биде полесна, Рута ‚дособирала сѐ до вечерта‘. Рута била вреден работник. Еден христијанин треба да биде на глас како трудољубив работник.

2:19–22. Ноемина и Рута си воделе пријатни разговори навечер — постарата се интересирала за активностите на помладата — и слободно си ги искажувале мислите и чувствата. Зарем треба да биде поинаку во едно христијанско семејство?

2:22, 23. За разлика од Дина, ќерката на Јаков, Рута сакала да се дружи со обожавателите на Јехова. Колку убав пример за нас! (Битие 34:1, 2; 1. Коринќаните 15:33).

НОЕМИНА ПАК Е „СО ПОЛНИ РАЦЕ“

(Рута 3:1 — 4:22)

Ноемина е премногу стара за да раѓа деца. Затоа ѝ дава упатства на Рута да го направи тоа место неа така што ќе се омажи за откупител, односно ќе стапи во деверски брак. Следејќи ги упатствата на Ноемина, Рута го замолува Воз да ѝ биде откупител. Воз е спремен да ѝ ја исполни молбата. Но, има еден поблизок роднина на кого треба да му биде дадена предност.

Воз не губи време за да ја реши работата. Веќе следното утро собрал десетмина старешини од Витлеем пред роднината и го прашува дали сака да биде откупител. Човекот одбива. Така, Воз станува откупител и се жени со Рута. Од нивниот брак се раѓа син, Овид, дедото на цар Давид. Жените од Витлеем сега ѝ велат на Ноемина: „Благословен да е Господ . . . Тој [син] ќе биде твоја утеха и поткрепа во твојата старост, зашто го роди твојата снаа која те љуби и која ти вреди повеќе од седум синови“ (Рута 4:14, 15). Жената што се врати во Витлеем „со празни раце“ сега повторно има „полни раце“! (Рута 1:21).

Одговорени библиски прашања

3:11 — Како стекнала Рута глас дека е „чесна жена“? Луѓето не ѝ се восхитувале на Рута поради „надворешното плетење на косата“ ниту поради ‚ставањето златни украси ниту носењето горни облеки‘. Не, туку поради „тајната личност на срцето“ — нејзината лојалност и љубов, нејзината понизност и кроткост, нејзината трудољубивост и самопожртвуван дух. Секоја богобојазлива жена што сака да биде на ист глас како Рута мора да се труди да ги негува овие особини (1. Петрово 3:3, 4; Пословици 31:28⁠-31).

3:14 — Зошто Рута и Воз се разбудиле пред да се раздени? Не затоа што во текот на ноќта се случило нешто неморално, па сакале да го сокријат. Очигледно дека постапките на Рута таа ноќ биле во склад со она што обично го правела една жена што си го барала правото на деверски брак. Таа постапила според упатствата од Ноемина. Освен тоа, одговорот на Воз јасно покажува дека тој не видел ништо погрешно во она што го направила Рута (Рута 3:2⁠-13). Очигледно, Рута и Воз станале рано за да нема никакви причини за неосновани гласини.

3:15 — Какво значење има тоа што Воз ѝ дал на Рута шест мери јачмен? Ова можеби значело дека како што по шест дена работа следи ден на одмор, така се приближил и денот за Рута да се одмори. Воз се погрижил таа да има „мирно место“ во домот на својот маж (Рута 3:1; 1:9). Исто така, можеби Рута не можела да носи на глава повеќе од шест мери јачмен. Според некои извори, шест мери е еднакво на 44 литри.

3:16 — Според оригиналниот хебрејски текст, Ноемина ја прашала Рута: „Која си ти, ќерко моја?“ Зошто? Зарем не ја препознала снаа си? Ова е можно, зашто кога Рута се вратила кај Ноемина, можеби сѐ уште било мрак. Меѓутоа, прашањето може да значи и дека Ноемина се распрашувала дали можеби Рута има нов идентитет, дали била откупена.

4:6 — Како можел еден откупител да си го ‚растури‘ своето наследство со тоа што ќе го плател откупот? Пред сѐ, ако оној што западнал во сиромаштија ја имал продадено земјата што ја наследил, откупителот ќе морал да даде пари за да ја купи земјата по цена што се одредувала според тоа уште колку години имало до следниот Јубилеј (Левит 25:25⁠-27). Тоа ќе ја намалело вредноста на неговиот имот. Освен тоа, ако на Рута ѝ се родел син, тој син, а не некој од блиските роднини на откупителот, ќе го наследел откупеното поле.

Поуки за нас:

3:12; 4:1–6. Воз совесно ги следел подготовките на Јехова. Дали ние совесно ги следиме теократските процедури? (1. Коринќаните 14:40).

3:18. Ноемина имала доверба во Воз. Зарем не треба и ние да имаме слична доверба во нашите верни соверници? Рута била спремна да стапи во деверски брак со човек што речиси и не го познавала, човек чиешто име дури не е ни кажано во Библијата (Рута 4:1). Зошто? Затоа што имала доверба во подготовките на Бог. Имаме ли и ние слична доверба? На пример, кога размислуваме за брачен партнер, го следиме ли советот да се мажиме „само во Господ“? (1. Коринќаните 7:39).

4:13–16. Иако била Моавка и поранешна обожавателка на богот Хамос, Рута добила огромна предност! Ова го објаснува начелото дека „не зависи од оној кој сака ниту од оној кој не сака, туку од Бог кој се смилува“ (Римјаните 9:16).

Бог „да ве возвиши во вистинско време“

Книгата Рута го прикажува Јехова како Бог со верна љубов, Бог кој дејствува во корист на своите лојални слуги (2. Летописи 16:9). Кога размислуваме за тоа како била благословена Рута, гледаме дека навистина вреди да ја положиме нашата доверба во Бог со безусловна вера, потполно уверени „дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6).

Рута, Ноемина и Воз положиле потполна доверба во Јеховините подготовки, и имале добри резултати. Слично на тоа, „Бог прави сите негови дела заедно да соработуваат за доброто на оние кои го љубат Бог, оние кои се повикани во склад со неговата намера“ (Римјаните 8:28). Затоа, да го земеме при срце советот на апостол Петар: „Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши во вистинско време; додека сета своја тегобна грижа ја фрлате на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:6, 7).

[Слика на страница 26]

Знаеш ли зошто Рута не ја оставила Ноемина?

[Слика на страница 27]

Како стекнала Рута глас дека е „чесна жена“?

[Слика на страница 28]

Која била ‚полната награда‘ што Рута ја добила од Јехова?