Ги искористивме промените во околностите за да сведочиме насекаде
Животна приказна
Ги искористивме промените во околностите за да сведочиме насекаде
РАСКАЖАЛ РИКАРДО МАЛИКСИ
Кога ја напуштив работата зашто тоа не беше работа за еден христијанин, јас и моето семејство го молевме Јехова да ни помогне да си ја испланираме иднината. Во нашата молитва ја изразивме нашата желба да ја зголемиме службата. Набрзо потоа, нашето семејство започна со едно номадско патување што нѐ одведе до осум странски земји на два континента. Како резултат на тоа, можевме да ја извршуваме нашата служба на најоддалечени места.
РОДЕН сум во 1933 година на Филипините, во семејство што припаѓаше на Филипинската независна црква. Сите 14 членови од нашето семејство припаѓаа на таа црква. Кога имав околу 12 години, го замолив Бог во молитва да ме води кон вистинската религија. Еден мој учител ме запиша на часови по веронаука и станав ревносен католик. Не пропуштав ниедна исповед во саботите ниту, пак, миса во неделите. Но, во мене се родија скептицизам и незадоволство. Ме мачеа прашања околу тоа што се случува кога луѓето ќе умрат, околу пеколниот оган и тројството. Одговорите што ми ги даваа верските водачи беа празни и не ме задоволуваа.
Наоѓам задоволувачки одговори
Додека студирав на факултет, се зачленив во едно братство што ме вовлече во тепачки, коцкање, пушење и други непристојни работи. Една вечер ја запознав мајката на еден мој колега. Таа беше Јеховин сведок. Ѝ ги поставив истите
прашања што им ги поставував на професорите по веронаука. Таа ми одговори на сите прашања користејќи ја Библијата и бев убеден дека она што го кажува е вистината.Си купив Библија и почнав да ја проучувам со Сведоците. Набрзо потоа почнав да одам на сите состаноци на Јеховините сведоци. Следејќи го мудриот совет од Библијата дека „лошите друштва ги расипуваат корисните навики“, престанав да се дружам со моите неморални пријатели (1. Коринќаните 15:33). Тоа ми помогна да напредувам со проучувањето на Библијата и на крајот да му се предадам на Јехова. Откако во 1951 година се крстив, едно време служев како полновремен слуга (пионер). Потоа во декември 1953 година се оженив со Ауреа Мендоза Крус, која ми стана доживотен партнер и верен соработник во службата.
Одговор на нашите молитви
Навистина сакавме да служиме како пионери. Меѓутоа, желбата да му служиме попотполно на Јехова не ни се оствари веднаш. И покрај тоа, не престанавме да го молиме Јехова да ни даде прилики за тоа. Сепак, животот ни беше тежок. Но, ги задржавме на ум нашите духовни цели, и на 25 години бев наименуван за собраниски слуга, претседавачки надгледник во собранието на Јеховините сведоци.
Како што напредував во библиското спознание и подобро ги сфаќав Јеховините начела, увидов дека она што го работам не е работа за еден христијанин (Исаија 2:2-4). Решив да дадам отказ. Тоа се покажа како испит на нашата вера. Како да се грижам за потребите на моето семејство? Повторно му се обративме на Јехова Бог во молитва (Псалм 65:2). Му ги кажавме нашите грижи и стравови, но му ја кажавме и нашата желба да служиме онаму каде што имаше поголема потреба од објавители на Царството (Филипјаните 4:6, 7). Не ни помислувавме дека ќе имаме толку голем број прилики за тоа!
Почнуваме со нашето патување
Во април 1965 година прифатив работа како надгледник за несреќи и спасување на Меѓународниот аеродром Виентиан во Лаос, и се преселивме таму. Во градот Виентиан имаше 24 Сведоци и многу ни беше убаво да проповедаме со мисионерите и малкумината тамошни браќа. Подоцна бев префрлен на аеродромот Удон Тани (Тајланд). Во Удон Тани немаше Сведоци. Како семејство, сами си ги водевме сите седмични состаноци. Проповедавме од куќа до куќа, одевме на повторни посети и водевме библиски студии.
Го имавме на ум советот што Исус им го дал на своите ученици дека треба ‚да донесуваат многу плод‘ (Јован 15:8). Затоа решивме да го следиме нивниот пример и да продолживме да ја објавуваме добрата вест. Набрзо се радувавме на резултатите. Една девојка од Тајланд ја прифати вистината и стана наша духовна сестра. Две лица од Северна Америка ја прифатија вистината и со текот на времето станаа христијански старешини. Продолживме да ја проповедаме добрата вест во северен Тајланд повеќе од десет години. Многу сме среќни што сега во Удон Тани има собрание! Нешто од семето на вистината што го посеавме сѐ уште носи плод.
Но, за жал, моравме повторно да се селиме и се молевме „Господарот на жетвата“ да ни помогне и понатаму да имаме удел во проповедничкото дело (Матеј 9:38). Бевме префрлени во Техеран, главниот град на Иран. Тоа беше за време на владеењето на Шахот.
Проповедаме на тешко подрачје
Кога пристигнавме во Техеран, веднаш ги најдовме нашите духовни браќа. Бевме во една мала група Сведоци, составена од 13 различни националности. Моравме да направиме некои промени за да ја проповедаме добрата вест во таа земја. Иако немаше отворено противење, моравме да бидеме претпазливи.
Поради работното време на заинтересираните лица, понекогаш моравме да водиме
библиски студии на полноќ или подоцна — сѐ до рано наутро. Сепак, бевме многу среќни што гледавме дека нашата напорна работа раѓа плод! Неколку филипински и корејски семејства ја прифатија христијанската вистина и му се предадоа на Јехова.Мојата следна работа беше во Дака (Бангладеш). Таму пристигнавме во декември 1977 година. Тоа беше уште една земја каде што не беше лесно да се извршува нашата проповедничка активност. Меѓутоа, секогаш имавме на ум дека мораме да останеме активни. Со водство од Јеховиниот дух, можевме да најдеме многу семејства што се исповедаа како христијани. Некои од нив беа жедни за свежите води на вистината од Светото писмо (Исаија 55:1). Како резултат на тоа, започнавме многу библиски студии.
Задржавме на ум дека Божја волја е „сите видови луѓе да се спасат“ (1. Тимотеј 2:4). За среќа, никој не се обиде да ни направи проблеми. За да ги совладаме предрасудите, се трудевме да им пристапуваме на луѓето многу пријателски. Како апостол Павле, се трудевме ‚на луѓето од сите видови да им станеме сѐ‘ (1. Коринќаните 9:22). Кога ќе нѐ прашаа зошто доаѓаме, љубезно ќе објасневме, и видовме дека повеќето луѓе беа доста пријатни.
Во Дака најдовме една жена Сведок и ја охрабривме да ни се придружи на христијанските состаноци, а подоцна и во службата. Во тоа време жена ми ја проучуваше Библијата со едно семејство и ги покани на нашите состаноци. Поради верната љубов на Јехова, целото семејство дојде во вистината. Подоцна, двете ќерки помагаа во преведувањето на библиската литература на бенгалски јазик, а и многу од нивните роднини го запознаа Јехова. И голем број други лица што ја проучуваа Библијата ја прифатија вистината. Повеќето од нив сега служат како старешини или пионери.
Бидејќи Дака е град со многубројно население, замоливме некои членови од нашето семејство да ни помогнат во делото на проповедање. Неколкумина прифатија и ни се придружија во Бангладеш. Многу сме радосни и многу сме му благодарни на Јехова што имавме прилика да ја проповедаме добрата вест во таа земја! Од многу мали почетоци, од само едно лице, сега во Бангладеш има две собранија.
Во јули 1982 година, моравме да се спакуваме и да си одиме од Бангладеш. Ги оставивме браќата, а очите ни се наполнија со солзи. Набрзо потоа, добив работа на меѓународниот аеродром во Ентебе, во Уганда, каде што останавме четири години и седум месеци. Што можевме да направиме за да му донесеме слава на големото име на Јехова во оваа земја?
Му служиме на Јехова во источна Африка
Кога пристигнавме на меѓународниот аеродром во Ентебе, еден шофер нѐ однесе мене и жена ми до местото каде што бевме сместени. Додека си заминувавме од аеродромот, почнав да му проповедам на шоферот за Божјето Царство. Тој ме праша: „Вие сте Јеховини сведоци?“ Кога му реков дека сме, ми рече: „Еден од вашите браќа работи на контролната кула“. Веднаш го замолив да ме однесе таму. Се запознавме со братот, на кој му беше многу мило што нѐ гледа, и се договоривме околу состаноците и за служба на теренот.
Во тоа време во Уганда имаше само 228 објавители на Царството. Заедно со
двајца браќа од Ентебе, првата година ја поминавме во сеење на семето на вистината. Бидејќи таму луѓето многу сакаат да читаат, можевме да дадеме многу литература, вклучувајќи и стотици списанија. Ги замоливме браќата од главниот град Кампала да ни помогнат да проповедаме на подрачјето на Ентебе за време на викендите. На моето прво јавно предавање присуствуваа петмина — заедно со мене.Во следните три години доживеавме некои од најсреќните моменти во животот кога видовме како оние што ги поучувавме реагираат и брзо напредуваат (3. Јованово 4). На еден покраински собир, се крстија шестмина наши библиски студенти. Мнозина од нив рекоа дека биле охрабрени да стапат во полновремена служба зашто виделе дека ние служиме како пионери, иако имавме работа со полно работно време.
Увидовме дека и нашето работно место може да биде плодно подрачје. Во една прилика, му пристапив на еден аеродромски пожарникар и му ја кажав надежта од Библијата за живот на рајска Земја. Му покажав во неговата Библија дека послушните луѓе ќе живеат во мир и единство, дека нема повеќе да страдаат поради сиромаштија, затоа што немаат дом, поради војни, болести или смрт (Псалм 46:9; Исаија 33:24; 65:21, 22; Откровение 21:3, 4). Кога го прочита сето ова во својата Библија, неговиот интерес се разгоре. Веднаш беше започната библиска студија. Доаѓаше на сите состаноци. Набрзо му се предаде на Јехова и се крсти. Подоцна ни се придружи во полновремената служба.
Додека бевме во Уганда, двапати избија граѓански немири, но тоа не ги сопре нашите духовни активности. Лицата што зависеа од оние што работеа за меѓународни агенции беа префрлени во Најроби (Кенија) на шест месеци. Ние што останавме во Уганда, продолживме со нашите христијански состаноци и со делото на проповедање, иако моравме да бидеме дискретни и претпазливи.
Во април 1988 година мојата работа таму заврши и повторно се преселивме. Си заминавме од собранието Ентебе со чувство на длабоко задоволство поради духовниот напредок таму. Во јули 1997 година, имавме прилика пак да го посетиме Ентебе. Тогаш, некои од оние со кои што порано ја проучувавме Библијата веќе служеа како старешини. Многу бевме среќни што на Состанокот за јавност присуствуваа 106 лица!
Продолжуваме на необработено подрачје
Ќе можеме ли да најдеме нови прилики? Да, мојата следна работа беше на меѓународниот аеродром во Могадиш во Сомалија. Бевме решени добро да ја искористиме оваа нова прилика да служиме на необработено подрачје.
Нашата проповедничка активност беше ограничена главно на персоналот во амбасадата, на филипинските работници и на други странци. Честопати ги среќававме на пазарот. Исто така, ги посетувавме како пријатели и во нивните домови. Со комбинација на досетливост, снаодливост, остроумност и потполна доверба во Јехова, можевме да им ги кажуваме библиските вистини на другите, а ова роди плод меѓу луѓе од различни националности. По
две години, си заминавме од Могадиш — токму пред да избувне војна таму.Меѓународната организација за цивилно воздухопловство потоа ме испрати на работа во Јангон (Мјанмар). Повторно имавме прекрасни прилики да им помогнеме на лицата со искрени срца да ги дознаат Божјите намери. По Мјанмар, бевме испратени во Дар ес Салам (Танзанија). Беше многу полесно да се проповеда од куќа до куќа зашто во Дар ес Салам имаше англиска заедница.
Во сите земји во коишто работевме, имавме многу малку проблеми во вршењето на нашата служба иако во многу случаи имаше ограничувања на делото на Јеховините сведоци. Поради статусот на мојата работа, која обично беше поврзана со владата или со меѓународни агенции, луѓето не се сомневаа во нашите активности.
Поради моето световно вработување јас и жена ми три децении живеевме како номади. Меѓутоа, мојата работа ја сметавме само како средство за да ја постигнеме нашата цел. Прва цел ни беше секогаш да ги унапредуваме интересите на Божјето Царство. Благодарни сме му на Јехова што ни помогна добро да ги искористиме промените во околностите и да ја имаме прекрасната предност да ја шириме добрата вест насекаде.
Назад од каде што почнавме
На 58 години, решив порано да заминам во пензија и да се вратиме на Филипините. Кога се вративме, го молевме Јехова да ни ги води чекорите. Почнавме да служиме во собранието во градот Тресе Мартирес, во покраината Кавите. Кога пристигнавме, таму имаше само 19 објавители на Божјето Царство. Беше организирано секојдневно да се проповеда и беа започнати многу библиски студии. Собранието почна да расте. Едно време жена ми имаше дури 19 библиски студии, а јас имав 14.
Набрзо, Салата на Царството ни стана мала. Му се молевме на Јехова во врска со тоа. Еден духовен брат и неговата сопруга решија да ни подарат една парцела, а канцеларијата на подружницата ни одобри заем за изградба на нова Сала на Царството. Новата зграда имаше големо влијание врз делото на проповедање, и секоја седмица растеше бројот на присутни. Моментално, патуваме повеќе од еден час во еден правец за да му помогнеме на едно собрание со 17 објавители.
Јас и жена ми многу ја цениме предноста што можевме да служиме во толку многу различни земји. Кога ќе се сетиме на нашиот номадски живот, чувствуваме длабоко задоволство зашто знаеме дека беше искористен на најдобар можен начин — да им помогнеме на другите да учат за Јехова!
[Карта на страници 24 и 25]
(Види во публикацијата)
ТАНЗАНИЈА
УГАНДА
СОМАЛИЈА
ИРАН
БАНГЛАДЕШ
МЈАНМАР
ЛАОС
ТАЈЛАНД
ФИЛИПИНИ
[Слика на страница 23]
Со жена ми, Ауреа