Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Решавање на несогласувањата — кои се користите

Решавање на несогласувањата — кои се користите

Решавање на несогласувањата — кои се користите

ЕД ЛЕЖИ на смртна постела, а Бил толку го мрази што не сака да го види. Пред дваесетина години, Ед донел одлука поради која Бил ја изгубил работата, и тоа му ставило крај на нивното блиско пријателство. Сега Ед сака да се извини за да може мирно да умре. Но, Бил не сака ни да чуе.

Скоро 30 години подоцна, Бил, сега и самиот на умирачка, објаснува зошто не сакал да прости. „Ед не мораше да му го направи тоа на својот најдобар пријател. Едноставно нејќев да се смириме, иако беа поминале дваесет години . . . Можеби згрешив но, ете, едноставно не можев.“ *

Иако меѓусебните несогласувања обично немаат ваков трагичен крај, скоро секогаш се причина луѓето да се чувствуваат навредени и огорчени. Размисли како му е на некој што е на местото на Ед. Кога ќе сфати дека неговата одлука предизвикала штета, тој можеби ќе живее со грижа на совеста, но во него тлее и длабока болка затоа што го изгубил пријателот. Меѓутоа, уште поболно му е кога ќе помисли дека навредениот другар го отфрлил пријателството како да е некоја стара и неупотреблива крпа.

Оној, пак, што е на местото на Бил, си мисли дека тој е невината жртва и затоа можеби е длабоко огорчен и лут. Тој смета дека неговиот некогашен пријател не е толку наивен како што изгледа и дека е можно намерно да го наместил. Најчесто, кога постои несогласување помеѓу двајца, секој од нив е убеден дека е во право и дека другиот е виновен за сѐ. На тој начин, така да се каже, двајца луѓе што порано биле пријатели, сега си објавуваат меѓусебна војна.

Оружјето што го користат не испушта звук — само ќе ја свртат главата на другата страна кога ќе се разминат и се однесуваат како другиот воопшто да не постои ако случајно се најдат во исто друштво. Оддалеку се погледнуваат под око или, пак, се гледаат намќоречки, фрлајќи си погледи полни со омраза. Ако случајно прозборат, користат зајадливи зборови или си дофрлаат навреди што сечат како остар меч.

Меѓутоа, иако изгледа дека веќе немаат ништо заедничко, најверојатно за некои работи размислуваат на сличен начин. Можеби и двајцата си признаваат дека имаат сериозен проблем и дека навистина е жално да раскрстиш со близок пријател. Најверојатно и двајцата чувствуваат болка како од загноена рана и свесни се дека мора да се направи нешто за таа да се залечи. Но, кој ќе го направи првиот чекор за да го поправи нарушениот пријателски однос и да се помири со другиот? Ниеден од нив не е спремен да пристапи прв.

Пред околу две илјади години, дури и апостолите на Исус Христос понекогаш влегувале во вжештени расправии (Марко 10:35⁠-41; Лука 9:46; 22:24). По една таква жестока препирка, Исус ги прашал: „За што се расправавте патем?“ Занемени од срам, сите молчеле (Марко 9:33, 34). Поуките што ги добиле од Исус им помогнале да си ги подобрат односите. Неговите совети, како и советите на некои од неговите ученици, до ден-денес им помагаат на луѓето да ги решаваат меѓусебните несогласувања и повторно да бидат добри пријатели. Да видиме како.

Труди се да го решиш несогласувањето

„Ама што има јас да зборувам со неа! Море, нејќам ни сенката да ѝ ја видам!“ Ако си ги кажал овие зборови во врска со некого, тогаш мора под итно да преземеш нешто. Ова го покажуваат и следните библиски стихови.

Исус поучувал: „Ако, значи, го носиш својот дар на олтарот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред олтарот и оди си; прво помири се со брат ти“ (Матеј 5:23, 24). Исто така рекол: „Ако твојот брат изврши грев, оди и разоткриј ја неговата грешка само помеѓу себе и него насамо“ (Матеј 18:15). Без разлика дали ти си навредил некого или некој те навредил тебе, Исус нагласил дека ти треба да ја потегнеш работата и да разговараш со тоа лице и тоа веднаш. Но, ова треба да го сториш „во дух на благост“ (Галатите 6:1). Целта на овој разговор не е да си го обелиш образот со тоа што ќе изнајдеш еден куп оправданија ниту, пак, да го присилиш другиот да ти се извини. Целта е да се смирите. Дали овој библиски совет функционира?

Ернест е шеф во една голема канцеларија. * Со години неговата работа му налага да се справува со осетливи ситуации и тоа со секакви луѓе, и истовремено да задржи добри односи со нив како со свои колеги. Имал прилика да види колку лесно може да дојде до некој спор. Тој вели: „Одвреме навреме имам несогласувања со другите. Но, кога ќе дојде до вакво нешто, седнувам со тоа лице и разговараме за проблемот. Не чекај — пристапи веднаш. Соочи се со него со цел да се смирите. Ова секогаш функционира — без промашување“.

Алисија има пријатели од најразлични култури, и вели вака: „Понекогаш ќе кажам нешто и ќе почувствувам дека можеби сум навредила некого. Одам и му се извинувам на тоа лице. Ми се случува да се извинувам повеќе отколку што треба бидејќи, дури и другиот да не бил навреден, јас се чувствувам подобро. Тогаш сум сигурна дека нема никакво недоразбирање“.

Да се совладаат пречките

Меѓутоа, не е секогаш лесно две закарани страни да се смират — честопати на патот што води до мир лежат најразлични пречки. Дали некогаш си рекол: „Зошто секогаш јас да бидам првиот што ќе оди да се помирува? Па тој го направи проблемот“. Или, дали некогаш си отишол кај некого за да расчистиш некој проблем, а тој едноставно ти рекол: „Нема што јас да дискутирам со тебе“? Некои луѓе реагираат на ваков начин затоа што биле повредени нивните чувства. Пословици 18:19 вели: „Навредениот брат е појак од цврст град, и расправите се како лостови на тврдина“. Затоа, земи во обѕир како се чувствува другиот. Ако те одбие, почекај извесно време па обиди се пак да му пристапиш. Можеби тогаш ‚цврстиот град‘ ќе се отвори, и можеби „лостовите“ ќе бидат тргнати од вратата што води кон помирување.

Друга пречка за мирот може да биде тоа што некој се плаши да не си го сруши достоинството. За некои луѓе е понижување да му се извинат на својот противник, па дури и воопшто да му прозборат. Нормално е човек да биде загрижен за личното достоинство. Но, дали тоа што ќе одбие да се смири со другиот ќе го зголеми или ќе го намали неговото достоинство? Дали можеби зад маската на загриженоста за личното достоинство, всушност, се крие гордоста?

Библискиот писател Јаков покажува дека кавгаџискиот дух и гордоста обично одат рака под рака. Откако отворено зборува за „војните“ и за „борбите“ што се воделе меѓу некои христијани, тој продолжува: „Бог им се спротивставува на вообразените, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (Јаков 4:1⁠-3, 6). На кој начин вообразеноста, или гордоста, е пречка за мирот?

Гордоста ги наведува луѓето да имаат погрешна слика за себеси и ги тера да мислат дека се подобри од другите. Вообразените сметаат дека имаат право да судат дали нивните ближни се добри или лоши. Во која смисла? Па, кога ќе дојде до несогласување, тие честопати заклучуваат дека нивниот противник е изгубен случај и дека нема шанса да се поправи. Некои луѓе, поттикнати од гордост, сметаат дека оние со кои се скарани воопшто не се вредни за внимание, а камоли за искрено извинување. Па така, оние што се водени од гордост честопати дозволуваат проблемите да си тлеат наместо да ги решат на исправен начин.

Како што една препрека на патот го запира сообраќајот, така и гордоста честопати им става сопка на чекорите што водат кон помирување. Затоа, ако увидиш дека нешто во тебе се буни кога треба да се помириш со некого, тогаш можеби имаш проблем со гордоста. Како можеш да се бориш против гордоста? Така што ќе развиваш особина што е спротивна на неа, а тоа е понизноста.

Стори го токму спротивното

Библијата содржи само пофални зборови за понизноста. „Наградата за понизност е: страв од Господа, богатство, слава и живот“ (Пословици 22:4). Во Псалм 138:6 (NW) читаме како Бог гледа на понизните, а како на гордите: „Јехова е високо, а сепак го гледа понизниот; а надмениот го познава само оддалеку“.

За многу луѓе понизноста е рамна на понижување. Се чини дека вакво гледиште имаат и владетелите во светот. Иако цели нации се подложуваат на нивната волја, политичките лидери немаат храброст понизно да си ги признаат грешките. Вистинска сензација е кога некој на владејачка положба јавно ќе изјави дека згрешил. Кога еден поранешен владин службеник неодамна се извини за својот пропуст во врска со една трагична несреќа, тоа беше ударна вест во весниците.

Забележи како еден речник ја дефинира понизноста: „Да се биде понизен или да не се има високо мислење за себеси . . . спротивно на гордост или надуеност“. Според тоа, понизноста е начинот на кој ти самиот се гледаш себеси, а не како другите гледаат на тебе. Ако човек понизно си ги признае грешките и ако искрено бара прошка, тоа нема да го понижи во очите на другите, напротив, тие уште повеќе ќе го ценат. Библијата вели: „Пред пропаста човечкото срце е вообразено, а пред славата оди понизноста“ (Пословици 18:12NW).

Во врска со политичарите што не се извинуваат за своите грешки, еден предавач вели: „За жал, тие по се изгледа мислат дека признавањето на грешките е знак на слабост. Всушност, слабите и несигурни лица скоро никогаш не велат: ‚Извини‘. Великодушните и храбрите луѓе се оние на кои не им е под достоинството да кажат ‚Згрешив‘ “. Истото важи и за оние што не се политичари. Ако се трудиш да бидеш понизен наместо горделив, ќе имаш многу поголеми шанси да ги средиш несогласувањата со другите. Да видиме како едно семејство ја увидело вистинитоста на ова.

Едно недоразбирање довело до напнатост во односите меѓу Џули и брат ѝ Вилијам. Вилијам толку многу им се налутил на Џули и на нејзиниот маж, Џозеф, што ги прекинал сите контакти со нив. Дури им ги вратил и подароците што Џули и Џозеф му ги имале дадено низ годините. Како што одминувале месеците, огорченоста постепено ја истиснала блискоста што порано постоела помеѓу братот и сестрата.

Меѓутоа, Џозеф решил да ги примени стиховите од Матеј 5:23, 24. Се трудел да му пристапи на својот шура во дух на благост и лично му испратил писма во кои се извинил за навредата што му ја нанел. Ја поттикнувал и Џули да му прости на брат ѝ. Со текот на времето, Вилијам видел дека Џули и Џозеф искрено сакаат да се помират и тој омекнал. Вилијам и жена му се сретнале со Џули и со Џозеф. Сите се извиниле, се изгушкале и ги обновиле пријателските односи.

Ако копнееш да расчистиш некое несогласување што го имаш со некого, стрпливо применувај ги библиските поуки и труди се да се смириш со тоа лице. Јехова ќе ти помогне. Она што Бог му го рекол на древниот Израел, ќе се покаже вистинито и во твојот случај: „О, да внимаваше на Моите заповеди, твојот мир ќе беше како река!“ (Исаија 48:18).

[Фусноти]

^ пас. 3 Врз основа на The Murrow Boys​—Pioneers on the Front Lines of Broadcast Journalism (Момците Мароу — пионери на радио-новинарството) од Стенли Клауд и Лин Олсон.

^ пас. 12 Некои имиња се променети.

[Слики на страница 7]

Извинувањето честопати помага да се обноват мирољубивите односи