Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Синагога

Синагога

Синагога

ВО ГРЧКАТА Септуагинта зборот еклесиа, што значи „собир“ или „собрание“, и зборот синагога (собирање) се користат наизменично. Зборот „синагога“ на крајот добил значење на место или зграда каде што се одржувал собирот. Меѓутоа, не го изгубил сосем своето првобитно значење, зашто Големата Синагога не била некоја голема зграда туку собир на угледни изучувачи на кои им се припишува заслугата за утврдувањето на канонот на Хебрејските списи за Евреите во Палестина. Се вели дека овој собир започнал во времето на Езра или Неемија и дека продолжил сѐ до времето на Големиот Синедрион, околу третиот век пр.н.е. Јаков го употребил овој збор со значење на христијанско состанување или јавен собир (Јаков 2:2).

Не се знае кога точно биле воведени синагогите, но изгледа дека тоа се случило за време на 70⁠-годишното изгнанство во Вавилон, кога немало храм, или набрзо по враќањето од изгнанство, откако свештеникот Езра одлучно истакнал дека е важно да се има спознание за Законот. Во времето на земната служба на Исус Христос секој град во Палестина си имал своја синагога, а во поголемите градови имало повеќе од една. Во Ерусалим имало многу.

Синагогата служела како место за поука, а не за принесување жртви. Жртви се принесувале само во храмот. Изгледа дека службата во синагогите се состоела од фалби, молитви, говори и читање од Светото писмо, како и од излагања и поттикнување или проповедање. Псалмите биле дел од давањето пофалба.

Можеме да прочитаме дека Исус поучувал и проповедал во синагогите низ цела Галилеја. Исто така, и Лука известува дека Павле и Варнава биле замолени да говорат, да проповедаат „после јавното читање на Законот и на Пророците“ (Матеј 4:23; Дела 13:15, 16).

Сличности во христијанството. На првите еврејски христијани не им било тешко да водат организирани, поучни состаноци на кои ја проучувале Библијата, зашто го имале основниот модел од синагогите што им бил добро познат. Има многу сличности. Во еврејската синагога, како и во христијанското собрание, немало одделно свештенство што ги изнесувало сите говори. Во синагогата, сите богобојазливи Евреи имале прилика да читаат и да говорат. Во христијанското собрание, сите требало да дадат јавна изјава и да се поттикнуваат на љубов и добри дела, но на еден уреден начин (Евреите 10:23⁠-25). Во еврејската синагога, жените не поучувале ниту имале авторитет над мажите; исто било и во христијанското собрание. Во 1. Коринќаните, 14. поглавје, се дадени упатства за состаноците на христијанското собрание, и може да се види дека биле многу слични со процедурите во синагогите (1. Коринќаните 14:31⁠-35; 1. Тимотеј 2:11, 12).

Во синагогите имало претседавачки службеници и надгледници, а имало и во раните христијански собранија (Марко 5:22; Лука 13:14; Дела 20:28; Римјаните 12:8). Во синагогите имало служители или помошници, а имало и во христијанскиот облик на обожавање. Постоело и лице што било наречено пратеник или гласник на синагогата. Иако во историскиот запис на раното христијанско собрание нема еквивалент, во пораките што Исус Христос им ги испратил на седумте собранија во Мала Азија постоел сличен назив, „ангел“ (Лука 4:20; 1. Тимотеј 3:8⁠-10; Откровение 2:1, 8, 12, 18; 3:1, 7, 14).

Меѓу другите аспекти во кои синагогата послужила како претходник на христијанското собрание се и следниве: локалните синагоги го признавале авторитетот на Синедриумот во Ерусалим, исто како што христијанските собранија го признавале авторитетот на водечкото тело во Ерусалим, што јасно се гледа од 15. поглавје од Дела. Ниту во синагогите ниту во христијанските собранија не се собирале прилози, а сепак имало подготовка да се даваат доброволни прилози за собранието и слугите во него и за сиромашните (2. Коринќаните 9:1⁠-5).

И синагогата и христијанското собрание служеле како суд. Синагогата била место каде што биле сослушувани и решавани поситните случаи во кои биле вклучени Евреи; а и апостол Павле наведува дека христијаните, наместо да ги решаваат несогласувањата пред световните судови, треба да остават зрелите мажи во собранието да судат за работите во кои се вклучени христијани (1. Коринќаните 6:1⁠-3). Иако во синагогата можело да се одреди некој да биде камшикуван, во христијанското собрание таквите казни биле сведени на укор. Слично на подготовката за Евреите во синагогата, во христијанското собрание најстрогата мерка што можела да се преземе против некој што се исповедал како христијанин била истерување, исклучување или отстранување од христијанското собрание (1. Коринќаните 5:1⁠-8, 11⁠-13).