Животот на младите им е подобар кога го фалат Јехова
„Мојата помош е од Јехова“
Животот на младите им е подобар кога го фалат Јехова
„САКАМ да го извлечам најдоброто од животот!“ Вака ги опишал своите очекувања еден тинејџер. Но, како може еден млад човек да го извлече најдоброто од животот? Библијата дава директен одговор: „Мисли на својот Творец уште во младоста“ (Проповедник 12:1, Радосна Вест).
Давањето фалба и служењето на Јехова не е нешто што треба да го прават само возрасните. Самоил, синот на Елкан и Ана, бил многу мал кога му служел на Јехова во шаторот (1. Самоил 1:19, 20, 24; 2:11). Едно еврејско девојче покажало потполна вера во Јехова кога му предложило на сирискиот војсководач Нееман да оди кај пророкот Елисеј за да се излекува од лепрата (2. Цареви 5:2, 3). Во Псалм 148:7, 12, и на момчињата и на девојчињата им е заповедано да го фалат Јехова. * Кога имал само 12 години, Исус вистински се интересирал за службата на неговиот Татко (Лука 2:41-49). Затоа што биле поучени од Светото писмо, некои деца што го виделе Исус во храмот извикале: „Спаси го, те молиме, Синот Давидов!“ (Матеј 21:15, 16).
Давање фалба на Јехова денес
Денес, многу млади Јеховини сведоци се горди на своите верувања и храбро им ги кажуваат на другите на училиште или на други места. Да разгледаме два примера.
Во Британија, во класот на 18-годишната Стефани, се зборувало за абортусот и за други теми во врска со моралот. Професорот го застапувал гледиштето дека сега абортусот е општо прифатен и дека ниедна млада девојка нема зошто да се противи на оваа постапка. Кога сите во класот се согласиле со неговото гледиште, Стефани почувствувала дека мора да го брани својот став што се темели на Библијата. Прилика за тоа добила кога професорот ја прашал што мисли таа. Иако во почетокот имала трема, Стефани ја искористила можноста да го изнесе гледиштето на Библијата. Ја кажала суштината на Излез 21:22-24 и објаснила дека, ако е неисправно да се повреди неродено дете, тогаш е очигледно дека абортусот не е во склад со Божјата волја.
Професорот, кој бил свештеник, никогаш ги немал прочитано овие стихови. Смелото сведочење на Стефани поттикнало интересни разговори со соучениците на разни теми. Една девојка сега редовно ги зема најновите изданија на Стражарска кула и Разбудете се!, а две други биле на обласниот конгрес на Јеховините сведоци за да гледаат како Стефани се крштава во знак на предание на Бог.
Шестгодишната Варета што живее во Суринам (Јужна Америка) ја искористила приликата да му оддаде слава на Бог кога на учителката ѝ требала утеха од Библијата. Кога се вратила по три дена отсуство, учителката ги прашала учениците дали знаат зошто не доаѓала на работа. Тие рекле: „Бевте болна, нели?“ „Не“, одговорила таа. „Почина сестра
ми и многу сум тажна. Затоа треба да бидете мирни.“Истото тоа попладне, додека мајка ѝ се одмарала, Варета била зафатена листајќи низ постарите списанија и читајќи ги насловите. Дошла до Стражарска кула од 15 јули 2001 со наслов „Постои ли живот по смртта?“ Целата возбудена, ја разбудила мајка си и ѝ рекла: „Мамо, мамо, гледај! Најдов списание за смртта за да ѝ го дадам на учителката!“ Ѝ го испратиле списанието на учителката заедно со едно писмо од Варета. Во него пишувало: „Ова е специјално за Вас. Во Рајот пак ќе ја видите Вашата сестра зашто Јехова никогаш не лаже. Тој ветил дека ќе направи рај, но не на небото, туку на Земјата“. Учителката била многу благодарна за библиската утеха што ја нашла во овие статии.
Поставете темел за иднината
Јехова е „среќниот Бог“ и сака и младите да бидат среќни (1. Тимотеј 1:11). Неговата Реч вели: „Момче, уживај додека си младо, нека ти се радува срцето во младоста твоја“ (Проповедник 11:9, Радосна Вест). Јехова гледа зад моменталните околности и ги увидува идните последици, како од доброто така и од лошото однесување. Затоа неговата Реч ги поттикнува младите: „Спомнувај си за својот Создател во деновите на својата младост, пред да дојдат лоши денови и пред да пристигнат годините, кога ќе речеш: ‚Не ми се милеат‘ “ (Проповедник 12:1).
Да, Јехова сака младите потполно да се радуваат на животот, кој е скапоцен дар. Но, со тоа што ќе си спомнуваат за Бог и ќе го фалат, младите можат да имаат смисловен и исполнет живот. Дури и кога ќе се соочат со тешкотии, можат со уверување да речат: „Мојата помош е од Јехова“ (Псалм 121:2, NW).
[Фуснота]
^ пас. 4 Види го Календар на Јеховините сведоци за 2005, март/април.
[Истакната мисла на страница 9]
„Фалете го Господа [Јехова, NW] од земјата . . . момчиња и девици“ (ПСАЛМ 148:7, 12).
[Рамка на страница 8]
ЈЕХОВА ГИ ПОДДРЖУВА МЛАДИТЕ
„Ти Си, Господи, моја надеж, Господи, надеж од мојата младост“
(Псалм 71:5).
„[Бог] ти го исполнува животот со добрини, твојата младост се обновува како на орелот“
(Псалм 103:5).