Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Какво влијание има Исус Христос врз тебе лично?

Какво влијание има Исус Христос врз тебе лично?

Какво влијание има Исус Христос врз тебе лично?

ВО СКЛАД со она што го разгледавме во претходната статија, можеме ли воопшто да се сомневаме дека учењата на Исус извршиле силно влијание врз целото човештво? Сепак, она што е важно за нас е да се запрашаме: „Какво влијание имаат учењата на Исус врз мене лично?“

Исус поучувал за најразлични работи. Скапоцените поуки што ги содржат неговите учења можат да влијаат врз секое поле и од твојот живот. Да  видиме сега како поучил Исус да се постават приоритети во животот, да се изгради пријателство со Бог, да се воспостават добри односи со другите, да се решаваат проблеми и да не се прибегнува кон насилство.

Постави си приоритети во животот

Брзото темпо со кое живееме денес ни одзема толку многу време и енергија што честопати не останува место за духовните работи. Размисли за еден младич во своите 20⁠-ти години, кого ќе го наречеме Тони. Иако ужива да разговара на духовни теми и многу го цени она што го учи од таквите дискусии, тој се жали: „Едноставно немам време редовно да водам вакви разговори. Работам шест дена во седмицата. Недела ми е единствениот слободен ден. Откако ќе ги завршам сите работи што чекаат на мене, веќе сум мртов уморен“. Ако се наоѓаш во слична ситуација, можеш да извлечеш корист од поуките што ги дал Исус во Проповедта на гората.

Тој им се обратил на мноштвата што се собрале да го слушаат со следниве зборови: „Престанете тегобно да се грижите за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете. Зарем не значи душата повеќе од храната и телото повеќе од облеката? Внимателно набљудувајте ги птиците небесни, бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат; а сепак вашиот небесен Татко ги храни. Зарем вие не вредите повеќе од нив? . . Затоа, никогаш немојте тегобно да се грижите и не велете: ‚Што ќе јадеме?‘ или: ‚Што ќе пиеме?‘ или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто по сето ова желно тежнеат нациите. Зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа. Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:25⁠-33). Што учиме од ова?

Исус не сакал да каже дека треба да ја занемариме грижата за нашите телесни потреби и за потребите на членовите на семејството. „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни“, вели Библијата, „тој се одрекол од верата и полош е од оној без вера“ (1. Тимотеј 5:8). Сепак, Исус ветил дека, ако ги ставиме важните работи на прво место и ако духовните работи ни бидат приоритет во животот, тогаш Бог ќе се погрижи да ни бидат задоволени и другите потреби. Поуката што Исус овде ја дава е да си поставиме приоритети. Ако го послушаме неговиот совет ќе бидеме среќни, зашто „среќни се оние што се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

Изгради пријателство со Бог

Оние што се свесни за своите духовни потреби сфаќаат дека мора да изградат добар однос со Бог. Како воспоставуваме добар однос со некого? Зарем не го правиме тоа така што се трудиме подобро да го запознаеме? Мораме да одвоиме време за да дознаеме какви гледишта, ставови, способности и таленти има тоа лице, што сака и што не сака. Истото ова важи и кога станува збор за градењето пријателство со Бог. Треба добро да знаеме каков е тој. Кога му се молел на Бог во врска со своите апостоли, Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Да, за да бидеме блиски со Бог, мора да го запознаеме. Единствен извор кој може да ни помогне да го запознаеме Бог е неговата инспирирана Реч, Библијата (2. Тимотеј 3:16). Мораме да си одвоиме време да го проучуваме Светото писмо.

Меѓутоа, знаењето само по себе не е доволно. Во истата молитва, Исус рекол: „Тие [неговите ученици] ја држеа твојата реч“ (Јован 17:6). Не само што треба да стекнуваме спознание за Бог туку треба и да постапуваме во склад со тоа спознание. Како инаку би можеле да станеме Божји пријатели? Дали можеме да очекуваме нашето пријателство со некое лице да станува сѐ поцврсто ако намерно се однесуваме на начин што се коси со неговите размислувања и начела? Значи, треба да дозволиме Божјите гледишта и начела да го водат секој чекор во нашиот живот. Да разгледаме каква врска имаат две од тие начела со нашите односи со другите луѓе.

Воспостави добри односи со другите

Во една прилика Исус раскажал кратка приказна за да даде една важна поука во врска со меѓучовечките односи. Приказната била за еден цар што сакал да ги среди сметките со своите слуги. Меѓу нив бил и еден слуга што имал огромен долг и немало никакви шанси да го исплати. Господарот наредил тој човек, заедно со жена му и децата, да бидат продадени за да се исплати долгот. Тогаш должникот паднал на колена и молел: „Биди стрплив со мене и сѐ ќе ти отплатам“. Трогнат од сожалување, господарот му го поништил долгот. Но, кога тој роб излегол откај царот, наишол на еден друг роб кој нему му должел само мала сума пари, и упорно навалувал да му ги врати. Иако вториов роб молел за милост, првиот роб дал да го фрлат в затвор додека не му го отплати она што му го должел. Кога царот чул за ова, се разлутил. „Зарем не требаше и ти да бидеш милосрден кон својот сороб како што јас бев милосрден кон тебе?“ — прашал тој. Потоа заповедал овој роб што не сакал да прости да го фрлат в затвор сѐ додека не отплати сѐ што должел. На крајот, Исус кажал која е поуката од оваа приказна: „На сличен начин и мојот небесен Татко ќе постапи со вас ако секој од срце не му прости на својот брат“ (Матеј 18:23⁠-35).

Како несовршени луѓе, ние правиме многу грешки. Никогаш не можеме да му го отплатиме на Бог огромниот долг што ни се насобрал поради тоа што му грешиме. Сѐ што можеме да правиме е да бараме да ни прости. Јехова Бог, пак, е спремен да ни ги прости сите наши пропусти под услов и ние да им простуваме на нашите браќа кога тие ни грешат нам. Ова навистина е силна поука! Исус ги учел своите следбеници да се молат: „Прости ни ги долговите, како што и ние им простивме на нашите должници“ (Матеј 6:12).

Сечи ги проблемите во корен

Што се однесува до познавањето на човечката природа, Исус навистина бил експерт. Советот што го дал за тоа како да се решаваат проблемите допирал до нивниот корен. Да ги разгледаме следните два примера.

„Чувте дека на оние од древни времиња им беше речено: ‚Не убивај; а кој ќе изврши убиство, ќе одговара пред судот‘ “, рекол Исус. „Меѓутоа, јас ви велам дека секој кој постојано се гневи на својот брат, ќе одговара пред суд“ (Матеј 5:21, 22). Со овие зборови Исус покажал дека убиството не се сведува само на насилна постапка — коренот на овој проблем оди многу подлабоко. Тој лежи во ставот што се развива во срцето на убиецот. Ако луѓето не им дозволат на чувствата на огорченост или гнев да се насоберат во нивните срца, тогаш нема воопшто да постојат злосторства со умисла. Колкаво крвопролевање ќе се избегнело ако луѓето го применеле ова учење!

Забележи како Исус продира до сржта на еден друг проблем што исто така предизвикува голема болка. Тој му рекол на мноштвото: „Сте чуле дека било речено: ‚Не врши прељуба‘. А јас ви велам дека секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. Ако твоето десно око те наведува на спрепнување, извади го и фрли го од себе“ (Матеј 5:27⁠-29). Поуката што ја дава Исус овде е дека проблемот, всушност, не е во самото неморално однесување туку во она што му претходи на таквото однесување — неморалните желби. Ако едно лице решително одбие да негува неисправни копнежи и ако ги ‚отфрли‘ од својот ум, тогаш ќе може успешно да го надмине и потенцијалниот проблем со неморалното однесување.

„Врати го својот меч на неговото место“

Ноќта кога Исус бил издаден и уапсен, еден негов ученик извлекол меч за да го одбрани. Исус му наредил: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите кои се фаќаат за меч, од меч и ќе погинат“ (Матеј 26:52). Следното утро, Исус му рекол на Понтиј Пилат: „Моето царство не е дел од овој свет. Ако беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36). Дали ова учење е непрактично?

Како гледале првите христијани на она што го поучувал Исус во врска со тоа да не се прибегнува кон насилство? Во книгата Ставот на првите христијани кон војната (The Early Christian Attitude to War) се вели: „Бидејќи [со учењата на Исус] примената на насилство и повредувањето на другите се забранувале како нешто неисправно, јасно [било] дека не е дозволено ни да се учествува во војна . . . Првите христијани точно се придржувале кон она што го кажал Исус и сфатиле дека неговите учења налагаат, во буквална смисла, да бидат нежни и да не даваат насилен отпор. Нивната религија била тесно поврзана со мирот; тие остро ја осудувале војната поради крвопролевањето што е вклучено во неа“. Историјата ќе била потполно поинаква ако сите оние што тврдат дека се христијани навистина и живееле според ова учење!

Можеш да извлечеш корист од сите учења на Исус

Учењата на Исус што ги разгледавме се прекрасни, едноставни и моќни. Луѓето можат да извлечат корист ако ги познаваат тие учења и ако ги спроведуваат во пракса. *

На Јеховините сведоци во твоето место ќе им биде мило да ти помогнат да видиш како можеш да извлечеш корист од најмудрите учења што некогаш биле изречени од некој човек. Од сѐ срце те покануваме да стапиш во контакт со нив или да пишеш на адресата наведена на 2. страница од ова списание.

[Фуснота]

^ пас. 22 Книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел, издадена од Јеховините сведоци, содржи систематски преглед на учењата на Исус.

[Слика на страница 5]

„Вашиот небесен Татко ги храни“

[Слика на страница 7]

Учењата на Исус можат да имаат корисно влијание врз твојот живот