„Пим“ сведочи дека Библијата е историски точна
„Пим“ сведочи дека Библијата е историски точна
ЗБОРОТ „пим“ се појавува само еднаш во Библијата. Во деновите на цар Саул, Израелците морале да ги острат своите метални алати кај филистејските ковачи. „А цената на острењето беше по еден пим за рала, за мотики, за трозаби алатки, за секири и за зацврстување на остени за бикови,“ вели Библијата (1. Самоил 13:21, NW).
Што е тоа пим? Ова останало загатка сѐ до 1907 од н.е. кога во древниот град Гезер бил ископан камен тег од еден пим. Раните преведувачи на Библијата имале тешкотии да го преведат зборот „пим“. На пример, во преводот King James Version стихот од 1. Самоил 13:21 е преведен вака: „Тие имаа турпија за мотиките, плуговите, вилите, секирите и за да ги острат остените.“
Денес научниците знаат дека еден пим било мерка за тежина што отприлика одговара на 7,82 грама или околу две третини од шекел, основната хебрејска единица за тежина. Филистејците им ги остреле алатите на Израелците по цена од една грутка сребро што тежела еден пим. Мерниот систем со шекели престанал да се користи во 607 пр.н.е., кога пропаднало царството Јуда и неговиот главен град, Ерусалим. Според тоа, на кој начин мерката пим сведочи дека хебрејскиот текст е историски точен?
Некои научници тврдат дека текстот од хебрејските списи, вклучувајќи ја и книгата Прва Самоил, датираат од хеленистичко-римската ера, па дури и велат дека се напишани меѓу вториот и првиот век пр.н.е. Затоа се тврди дека „тие . . . ‚не се историски точни‘, дека имаат мала или речиси никаква вредност за да можеме да си го претставиме ‚библискиот‘ или ‚древниот Израел‘, кој е само производ на современата еврејска и христијанска литература.“
Меѓутоа, укажувајќи на мерката пим спомната во 1. Самоил 13:21, професорот по блискоисточна археологија и антропологија Вилијам Г. Девер, вели: „Не е можно таа да била ‚измислена‘ од писатели кои живееле во хеленистичо-римската ера, неколку векови откако овие мерки исчезнале и биле заборавени. Всушност, овој мал дел од библискиот текст . . . не бил разбирлив сѐ до 20 век од н.е., кога биле откриени првите археолошки примероци, на кои на хебрејски бил напишан зборот пим.“ Професорот продолжува: „Ако сите библиски приказни се ‚измислица на литературата‘ од хеленистичко-римската ера, како тогаш оваа приказна се нашла во хебрејската Библија? Секако, некој можеби ќе приговори дека случајот со пим е ‚само ситница.‘ Тоа е вистина; но како што е добро познато, ‚ситниците ја прават историјата.‘ “
[Слика на страница 29]
Мерката за тежина од еден пим изнесувала околу две третини од еден шекел